Недела на Свети Григориј Палама – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“, во Ресен

На 20.03.2022 г., во Втората Недела од Великиот Пост (Недела на Свети Григориј Палама), кога го празнувавме споменот на Светите Седум Херсонски свештеномаченици: Василиј, Ефрем, Евгениј, Елпидиј, Агатодор, Етериј и Капитон, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“, во Ресен.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Синко, ти се проштеваат гревовите твои!“ (сп. Марко 2, 5).

Браќа и сестри, слушнавме од денешното Литургиско Свето Евангелие, како Господ лекувал од секакви болести, кога бил во еден дом, каде имало насобрано многу народ.

Ете таму, во Капернаум, имало и еден фатен човек, односно парализиран, кој не можел никако да се излекува, а неговите пријатели, кои многу го сакале, одлучиле да отидат и да го однесат (парализираниот) кај Господа Исуса Христа, за да Го излекува.

Тие, не можејќи од народот да се пробијат во просторијата, односно во собата каде што бил Господ Исус Христос, се качиле на кровот и го отвориле, а болниот, заедно со постелата на која лежел, го спуштиле пред Христа нашиот Бог и Спасител.

Господ кога ја видел нивната силна вера, му рекол на болниот: „Синко, ти се простуваат гревовите твои, земи ја постелата твоја и оди си!” (сп. Марко 2, 5).

Тука,  меѓу народот, имало книжници и фарисеи, кои почнале да негодуваат во своите срца и души, велејќи си: „Кој е овој да опростува гревови“ (сп. Марко 2, 7), а Господ, Кој ги знае човечките души, срца, мисли и помисли рекол: „Зошто така мислите во своите души? Што е полесно да му кажам на болниот: ти се простуваат гревовите или да речам: земи ја постелката своја и оди?“ (сп. Марко 2, 8-9). Спасителот Христос потоа додава: „Зар не знаете дека Синот Божји има власт на земјата да ги простува гревовите“ (сп. Марко 2, 10). Тоа го кажал, затоа што тие Него не Го сметале за Син Божји, Кој е Единороден, Кој од небесата, од прегратките на Отецот, слегол на земјата, заради нас и заради нашето спасение и се воплотил од Света Дева Марија и станал човек, во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот.

Ете, браќа и сестри, кога ќе си спомнеме за овој голем настан, за ова големо чудо, ние веднаш си поставуваме прашање, дали ние сме грешни или не? Денеска, зборот „грев или гревовност“, на некој начин е ставен во таква состојба, како гревот да не е ништо.

Луѓето од една страна велат, па добро сите ние сме грешни, а Господ е милостив и ќе ни прости. Да, Господ е милостив и ќе ни прости, но Господ без наша (вистинска) вера и покајание, не може да ни прости! Ако немаме вера, а таа вера треба да биде исполнета со дела, како што вели Светиот Јаков, брат Господов дека: „верата без добри дела е мртва“ (сп. Јак, 2, 20), што значи, нашата гревовна состојба и нашите гревови, нема да ни бидат простени, ако ние не веруваме во Бога и ако не се покаеме за нашите гревови. Што значи, прво и основно, е човекот да покаже покајание, а покајанието се состои во тоа, ние длабоко да размислиме, колку и какови гревови имаме, да се исповедаме, да престанеме да грешиме, и спротивни на гревовите добри дела да направиме.

Свети Јован Богослов вели дека сите ние сме грешни, односно „ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себете, и вистината не е во нас“ (сп. 1. Јован 1, 7). Што значи, сите ние сме грешни, зашто е кажано, никој не е без грев, освен Единиот Бог, па дури и Мајката Божја, Пресвета Богородица, го носела првородниот грев од нашите прародители Адама и Ева, но не направила свои лични гревови. Мајката Божја, е единствената од сите луѓе, од сите суштества на земјата, која не направила лични гревови, па токму затоа се удостоила да Го роди Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа, но го носела во себе првородниот грев на нашите прародители Адам и Ева, кои го направиле поради нивната непослушност, јадејќи од забранетиот плод.

Браќа и сестри, кога грешиме, ние се наоѓаме во една состојба на заспаност на нашата душа, а духовно заспиваме тогаш, кога се наоѓаме во гревови и во гревовна состојба.

Душата човечка постојано копнее по Бога, и нема човек, кој што не верува во Бога. Оние што ќе речат дека не веруваат во Бога, тие си создале нов бог, односно си создале свој идол. Тие всушност веруваат во лажен бог, кој им го нуди сатаната, па така, како што вели Спасителот наш Господ Исус Христос: „Кој сака повеќе, татко или мајка, браќа или сестри, жена или деца, ниви, имот и.т.н.“, односно сè друго што сакаме повеќе од Бога, тоа е всушност идолопоклонство, тоа е создавање на нов бог и откажување од вистинскиот Троичен Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Што е всушност гревот, браќа и сестри? Гревот е оддалечување од Бога. Гревот е всушност нарушување на нашата љубовна врска со Бога. Како што првите луѓе, нашите прародители Адам и Ева, кои го љубеле Бога, сè додека не згрешиле, сè додека не ја погазиле единствената заповед да не јадат од забранетиот плод, тие биле во постојана љубовна врска и разговор со Бога, но кога згрешиле, веднаш ја почувствувале нивната оддалеченост од Бога. Затоа Адам се криел зад дрвото, оти ја нарушил љубовната врска со Бога. Затоа, Адам и Ева биле истерани од рајот за да се покајат. Ако тие се покаеле за гревовите што ги направиле, секако дека ќе останеле во рајот, бидејќи заради покајанието ќе се очистеле и повторно ќе се врателе во единство со Бога. Но токму заради непокајанието, заради тоа што Адам вината ја фрлил на Ева, односно на Бога, велејќи Му: „Жената, што Ти ми ја даде, таа згреши и јадеше, па ми даде и мене да јадам“ (сп. 1. Мој. 3, 12), а жената ја фрлила вината на змијата, односно на сатаната, кое било најлукавото животно, ете, заради тоа биле истерани од рајот.

Браќа и сестри, токму заради тоа, ние на некој начин духовно заспиваме. Ние знаеме дека имаме телесни потреби и телесен глад, односно нема човек, кој кога ќе огладне, да не посака да јаде. Дури и Спасителот наш Исус Христос, кога бил во пустината и постел четириесет дена и четириесет ноќи, ништо не јадејќи и не пиејќи, на крајот и Он огладнел, а тоа е доказ дека бил вистински човек, покрај тоа што бил и вистински Бог, односно Богочовек. Кога Спасителот огладнел, сатаната пристапи да го искушува, да му нуди леб, односно дека камењата што биле таму, ќе ги направи лебови и.т.н., а Господ вели дека „човек не живее само од лебот, туку и од секое слово што излегува од устата на Бога“ (сп. Мат. 4, 4).

Па така, Господ укажува на следното дека постои не само телесен глад, туку дека постои и духовен глад. Телесната глад, е глад за телесна храна, а се појавува и телесна жед, а тоа е кога телото има потреба од вода или пијалаци, но има и духовна жед, а тоа е желбата да се биде со Бога, Кој е Бог на љубовта, како што вели Светиот Јован Богослов дека „Бог е љубов“ (сп. 1, Јован 4, 8), и токму нарушената љубовна врска со Бога, е опасноста ние да не го заслужиме Царството Небесно.

Епископот Свети Андреј Критски, браќа и сестри, кој се подвизувал во Јорданската пустина, кога бил таму во една пештера, го напишал Големиот Канонот, кој ние го читаме во овие Велигденски пости, каде што тој дава прекрасен изблик на неговата душа и срце, а тоа значи и на нашите души и срца, за неговата гревовна состојба, односно далеку повеќе за нашата гревовна состојба, за да нè поттикне нас да размислуваме дека ние не можеме да бидеме толку неодговорни за душата, а многу одговорни за телото. Ние постојано мислиме само за материјалните нешта, а многу малку за духовните нешта. Господ ни дал шест дена да работиме, а седмиот ден да Му го посветиме Нему на Бога, а ние шест дена само за телото мислиме, а еден ден (неделата) кој ни е даден да Му го посветуваме на Бога, ние и тоа не го правиме. Ние не сакаме да мислиме за душата, за нашата гревовна состојба и за Царството Небесно.

Кога оној млад човек законик, Го прашал Спасителот наш Господ Исус Христос со зборовите: „Што треба да направам за да имам живот вечен?“ (сп. Мат. 19, 16), Господ му рекол, „Возљуби Го Бога со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум, со сета своја помисла и ближниот како себеси“ (сп. Лука 10, 27).

Ете, тоа е она најбитното, ако сака човек да се спаси, но тоа не може да биде поинаку, освен духовно да се пробудиме. Затоа во својот покаен Канон, Светиот Андреј Критски, се обраќа во една од тие песни, односно во кондакот и вели: „Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш, крајот се приближува, ќе се збуниш. Затоа разбуди се, за да те поштеди Христос Бог, Кој е насекаде и се исполнува“.

Ете, тоа е таа опасност, кога ние духовно спиеме. А кога ние спиеме духовно? Ние, спиеме духовно, кога постојано мислиме само за материјалните и преодни нешта во овој свет. Ние духовно спиеме кога грешиме, кога прељубодејствуваме, кога блудничиме, кога се караме, кога ги клеветиме браќата свои, кога мислиме зло на другиот, кога спремаме одмазда на некого, кога одговорните во општеството не водат грижа за луѓето, за правдата Божја да стигне до секого, кога ние свештенослужителите не се грижиме доволно за своите верници, кога пастирот не е вистински пастир, како што денеска слушнавме од второто Евангелие, во кое се велеше дека вистинскиот пастир не е како наемникот, кој кога ќе виде дека волкот доаѓа, тој го напушта стадото, ги напушта овците, туку вистинскиот пастир, ја полага душата своја за овците свои, а таков бил и денешниот славеник, Свети Григориј Палама, Архиепископот Солунски, кој ние го славиме и кој се грижел за своето стадо, верните.

Спијат духовно, браќа и сестри, исто така и професорите и наставниците, кои предаваат на факултетите, во средните училишта и на оние до деветто одделение, кога како наставници, професори и учители, не се грижат за децата правилно да ги воспитуваат, туку и меѓу нив се јавуваат такви, како што слушаме по радијата и телевизиите, дека дури и на грев ги поттикнуваат дечињата, таканаречените „професори педофили“, кои блудствуваат со деца.

Слушнавме и слушаме, како денеска, а особено во оние таканаречени напредни земји, децата уште од најрана школска возраст, во градинките и во прво одделение, ги прашуваат за кој пол ќе се одредат, дали сакат да бидат машки или женски, дали ќе живеат вака или така, дали мажи со мажи ќе се женат, жени со жени ќе се мажат и.т.н.

Тоа е она најстрашното што денеска ни се случува, браќа и сестри. Токму затоа, ние треба длабоко да размислиме и да не гледаме површно на тоа и да велиме дека Господ е милостив и сè ќе ни прости. Да, Господ е милостив и ќе ни прости, но ние прво треба да ги осознаеме нашите гревови, треба да размислиме од детството до последниот час од нашиот живот, сè што сме им згрешиле, на родителите, браќата, сестрите, пријателите, учителите, на оние кои ги сакаме но и на оние што сметаме дека ни се непријатели, бидејќи за христијанинот не може да постои непријател, освен сатаната со неговите ангели (демоните).

Луѓето се наши браќа и ние не треба да ги мразиме луѓето, како што и лекарите не ги мразат болните, туку ги мразат болестите во луѓето. Така и ние, грешната состојба на секој човек, односно неговиот грев треба да го мразиме. Ние треба прво нашиот грев да го мразиме, а луѓето никако не треба да ги мразиме. Ете, токму така треба да се однесуваме.

Па затоа, должноста на секој православен христијанин, во овие пости, е да поразмисли длабоко за својата гревовна состојба, да дојде во храмот и да побара прошка од Бога, исповедувајќи ги своите гревови пред свештеникот, и да направи спротивни на гревовите добри дела.

Гревовите ќе ни се простат, само ако се покаеме, а тоа значи ако го признаеме гревот и одлучиме дека нема повеќе да ги правиме тие гревови, како што вели Свети Климент, Охридскиот Чудотворец „да не се враќаме како кучињата на блујаниците“, односно на гревовите, откако сме се покајале, откако сме постеле, откако сме се исповедале кај свештеникот, зашто тогаш втората состојба на нашата греовност, ќе биде полоша од првата.

Токму затоа, ние треба да се покаеме за нашите гревови, да побараме прошка за гревовите, а исто така, браќа и сестри, да пролееме и многу солзи за нашите гревови, зашто оние гревови кои не се оплакани, не можат да бидат ни опростени.

Да се помолиме на Светиот Григориј Палама, Архиепископот Солунски, на кој споменот му го празнуваме, кој ни ја кажал прекрасната молитва на срцето и умот, односно умносрдечната молитва, која  е најкратката молитва од сите молитви и која ние можеме насекаде и во секое време да ја кажуваме. Кога ќе ни биде нешто досадно, да не скита умот, по фантазии или по вакви или онакви работи, туку тогаш да ја кажуваме таа молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот!“ Амин. Нека е честит празникот и за многу години.

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар