Догмата на Православната црква

Во просторот на Православната црква не може да говориме за развој на догмите, бидејќи за истата не постои еволуција на догмата, и со тоа не постојат догматски вистини на верата. Бог е Самовистина, откриена во конкретни настани во историјата и животот на Црквата, и не постои ниту едно искуство по Педесетница (со слегувањето на Духот се заокружува откровението на Троичниот Бог) што ќе го зголеми знаењето на Црквата за Бога.

Догмата на Црквата не е догматизам и идеологија, туку настан на откровението Божјо, и има непроменлив карактер поради нејзината спасоносна содржина, како откровение Божјо во светот заради нас луѓето и заради нашето спасение, согласно Символот на верата.

Важно е да знаеме дека догмите на Вселенските собори претставуваат формулација на животот и верата на Црквата, односно формулација на настаните на откровението Божјо, согласно нивното забележување од страна на Пророците и Апостолите во Светото Писмо.

Догматското учење на Црквата, коешто поседува отворен систем, може со текот на времето да се збогатува и обновува, само доколку тоа значи движење од еден во друг вид на појаснување на догмата, на секогаш истото и непроменливо откровение на Троичниот Бог, согласно потребите на епохата во којашто живее и делува Црквата.

Асс. мр. Докторанд Борче Грамбозов, Православен Богословски факултет, Скопје