Благовештение на Пресвета Богородица – Света Архиерејска Божествена Литургија, во Прилеп

На 07.04.2022 г., на празникот Благовештението на Пресвета Богородица, Митрополитот Преспанско-пелагониски  и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослужение на протоереите Влатко Ристески, Илчо Смилески, ереите Миланчо Стојановски, Емилијан Зелнички и протоѓаконот  Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Денес е почетокот на нашето спасение, и откривање на вековната тајна: Синот Божји син на Дева станува, а Гавриил благодат благовестува. Затоа и ние заедно со него да ѝ запееме на Богородица: Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе!“ (Тропар на Благовештение).

Сликата, браќа и сестри, пред да и биде соопштена оваа радост на Пресвета Богородица, во тогашното општество и во целиот свет, била страшна. Не мислам дека денешната слика, е подобра од таа на тогашниот свет, кога правдата и верата, чесноста и вистината, како што вели Марко Аврелиј „како да одлетале на небесата, а да не постојат на земјата“.

Исто така, еден друг познат римски философ во тоа време, Сенека ќе рече: „Не можам со убави зборови да ја затскривам општата болест, што е присутна во општеството“. Таа болест, која билa присутна во општеството, е расипаноста на луѓето , кои биле подложни на сите пороци, а и ние денес не сме подобри од нив, односно не можеме да речаме дека не сме порочни.

Ете, таква била сликата во општеството, но и денешната слика, е слична во сите општества во светот, по прашањето на верата, чесноста, правдата и вистината.

Ете, во тоа време, како што пророкувале старозаветните пророци дека кога ќе се исполни времето ќе дојде Месијата, Синот Божји, зашто добро знаеме дека Господ го беше создал човекот, односно нашите прародители Адам и Ева, кои ги поставил во рајот и им дал сè што им било потребно, односно бил во постојана врска и разговарал со нив. Но поради првородниот грев на нашите прародители Адам и Ева, се вели дека тие беа истерани од рајот и токму заради тоа, ним им беше дадено ветувањето (благата вест – првото евангелие): „И еве поставувам непријателство помеѓу тебе и жената (1. Мој. 3, 15) односно меѓу семето на сатаната и семето на Пресвета Богородица, т.е. на Оној што ќе се роди од Пресвета Богородица.

Господ помеѓу ѓаволот и Месијата, поставува непријателство и вели дека Синот Божји ќе и застане не главата на сатаната, односно ќе го уништи, а овој ќе го касне за петицата, односно дека сатаната ќе се одмазди со тоа што ќе Го распне на Крст Спасителот наш Господа Исуса Христа.

Ете, такво било времето, такви биле состојбите, кога Отецот благоволил да ги отвори Своите прегратки, Синот Божји да се воплоти, кога го испратил Архангелот Гаврил, кој дошол во собата (одајата) каде што била Мајката Божја, Прествета Богородица, која многу сакала да ги чита пророчките книги, и токму кога ја читала Книгата на пророк Исаија, т.е. четиринаесетиот стих од седмата глава, каде што се вели: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син и ќе му стави име Емануил“ (Иса. 7, 15), во тој момент Мајката Божја, Пресвета Богородица, размислувала колку  е прекрасна таа девојка, што ќе се удостои да го прими во својата утроба Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.

Иако била Најсовршена, Најчиста, Најсвета и Пресвета, ете, Пречистата Богородица, себеси не се сметала дека е достојна да го роди синот Божји, но Ангелот и пристапува и ѝ вели: „Радувај се благодатна, Господ е со тебе. Ти ќе зачнеш и ќе родиш син и ќе му ставиш име Емануил, што значи со нас е Господ“ (сп. Лука 1, 28, 31).

И еве, браќа и сестри, овде, на оваа Света икона, во овој Свет храм, (од мојата десна страна) можеме да го видиме Благовештението на Мајката Божја, Пресвета Богородица, како таа го слуша најрадосниот глас, односно најрадосната и блага вест, па затоа и овој празник се вика Благовештениие.

Токму во тој момент, кога ангелот и ја соопштува оваа најрадосна вест за човештвото и за Мајката Божја, ако погледнете на иконата, ќе видите како од горе, од небесата во зрак слегува Светиот Дух во вид на гулаб и ја осенува Пресвета Богородица, како што пееме во една црковна песна, односно во богородичниот на првиот глас, каде се вели: „Кога Ангелот Гаврил Ти соопштуваше тебе, Дево, радувај се, истовремено со гласот се воплотуваше Владиката на сите. Значи во утробата на Мајката Божја, зачна  од Светиот Дух“ и се случи до тогаш најголемото чудо – воплотувањето   т.е. вочовечувањето Божјо.

Синот Божји, Месијата, Кој им беше ветен на нашите прародители, еве се јавува сега не во некои нејасни виденија, туку се јавува во тело. Синот Божји станува човек, заради нас и заради нашето спасение.

Кога ги слушнала овие зборови. на Светиот Архангел Гаври, Мајката Божја се вчудовидела, но Ангелот ја утешува и ѝ вели: „Не бој се Марија, она што ќе го родиш е Свето“ (сп. Лука 2, 30), а таа пак се вчудовидува и прашува: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?“ (сп. Лука 2, 34), а ангелот и одговара:  Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде Свето и ќе се нарече Син Божји“ (сп. Лука 2, 35).

Мајката Божја, браќа и сестри, доколку не се согласела да го прими во својата Света утроба Второто Лице на Света Троица, Синот Божји, Господ наш Исус Христос, не можело да дојде спасението на човечкиот род. Но во оној момент, кога Мајката Божја се согласила, не принудена, по својата слободна волја да го прими во својата утроба Синот Божји, тогаш во тој миг и момент, во нејзината утроба се зачнал Синот Божји, Господ наш Исус Хростос, а Пресвета Богородица рекла: „Еве ја слигинката Божја, нека ми биде според зборовите твои“ (сп. Лука 2, 38).

Еве, браќа и сестри, каква голема радост се случила тогаш. Но оваа голема радост,  е присутна и денес, зашто тоа не е нешто на кое ние само се сеќаваме, туку тоа ние и го доживуваме живо и длабоко во нашите души и срца, зашто ние длабоко веруваме дека почетокот на нашето спасение, е всушност моментот кога Пресвета Богородица зачнала безсемено од Светиот Дух и кога ни го родила нашиот Спасител Господа Исуса Христа.

Затоа за Пресвета Богородица, се вели дека таа исто така, е и Врата Небесна. Поради тоа и на овие врати, на Царските Двери, е насликан Ангелот Божји како и ја соопштува веста на Пресвета Богородица, за раѓањето на Синот Божји, Господ Исус Христос.

И така, како што овие врати претставуваат простор и место за влегување во најсветиот дел во храмот, така и Пресвета Богородица, е вратата преку која во светот влезе Синот Божји, Самиот Бог, Спасителот наш Господ Исус Христос.

Бог стана човек, Синот Божји стана Син човечки заради нас, и заради нас беше распнат на Крст и погребан, и воскресна во третиот ден според Писмото.

Бог, браќа и сестри, кога беше зачнат во утробата на Пресвета Богородица, се случи необично чудо. Какво е тоа чудо, или како е можно бесмртниот да се всели во утробата на Пресвета Богородица и по природа да прими наше човечко тело? Како е можно бесмртниот да прими смрт, да стане смртен? Зошто Христос станал смртен? Он станал смртен заради нас и заради нашето спасение, како што читаме во симболот на нашата Света Православна Вера и Црква.

И ете, токму во тоа е и големата Тајна. Еве, Превечниот станува човек, т.е Бог станува Богочовек, не за нешто друго, туку за човекот што паднал со првородниот грев, (како што вели Свети апостол Павле: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние грешиме и умираме“) да стане бог по благодат.

Ете, Вториот Адам, Синот Божји, Господ Исус Христос, доаѓа да го воскресне човекот, односно да го избави од гревот и смртта и повторно да го врати во единство со Бога. Во тоа е и тајната но овој голем и спасоносен празник.

Браќа и сестри, заради сето ова, Господ нашиот Спасител, стана човек и се изедначи со нас луѓето во сè, освен во гревот. Па токму затоа и ние стануваме (исто) со Христа, како што при Крштението говориме дека ние се распнуваме и умираме со Христа, но со Христа нашиот Бог и Спасител и ќе воскреснеме.

Мајката Божја, Пресвета Богородица, го примила Синот Божји во својата утроба, односно Оној што не можат да го сместат сите простори и вселената, Кој е повисок од сите височини, а ете, Мајката се издигна на сите височини и Го примила во својата уторба.

Тука во Светиот олтар, има фреска на Мајката Божја која се нарекува „Поширока од небесата“, каде е изобразен во нејзината утроба Најширокиот, Највисокиот, Најпространиот, Кого не може ништо да Го опфати, ни вселената. Ете, Он благоволи, Мајката Божја да Го смести во нејзината Света утроба. Тоа е и Тајната на овој голем и спасоносен празник.

Сега, ќе се прашаме, браќа и сестри, што правиме ние денеска, односно каде сме ние, кога имаме ваков прекрасен пример на совршена девственост. Дали девственоста, не само на жените, не само на девојките, не само на вдовиците, туку и на мажите, и на вдовците и на момчињата, денес се запазува? Не, браќа и сестри! Нам девственоста на Пресвета Богородица, треба да ни биде пример, како треба ние да живееме.

Ете денеска, исто така се поставува прашањето, што станува со нашата интелигенција, со учените луѓе, односно дали тие ја разбираат тајната на овој празник? Дали тие сватија дека треба да го следат примерот на Мајката Божја, која дење и ноќе била во храмот Божји и се молела на Бога. Дали тие барем во неделите и на големите празници, ги полнат нашите цркви?

Па тогаш, по што се разликуваме  ние од незнабошците и многубошците, ако денеска живееме ист или полош живот дури и од нив? Еве, ќе си дозволам да кажам и некои примери, кои некои можеби и погрешно ќе ги толкуваат, после ова мое кажување.

Еден познат фудбалер Кака, кој е христијанин, но не знам на која христијанска вера или секта и припаѓа, но тоа сега не е битно, тој пред да се ожени, во медиумите кажа: „Јас нема да се оженам и да земам девојка, пред да влезам во чист брак со неа, односно девствен“. (Оваа изјава ја дал во медиумите при стапувањето во брак со неговата избраница).

Ете, и во денешно време имаме млади луѓе, како познатиот фудбалер Кака, кој бил опколуван, кој знае од колку девојки, но ја сочувал својата чистота и чист влегува во бракот и тоа јавно го објавува во целиот свет. А ние пак, од друга страна слушаме кај нас, за некоја си Небесна или  на грчки Уранија, која вели дека Господ бил многу ригорозен кон жените и ги казнувал жените. Невиден голем срам, браќа и сестри. Па зар има поголема радост од оваа (Благовештенската)! Дали некое суштество, добило на земјата поголема чест од Пресвета Богородица, која била девојка (Богородица)? Секако не! Како можат луѓето да кажуваат такви глупости, кои можеби ни еден збор не научиле или не прочитале од Светото Писмо, а се крстени. Ако е Небесна, сигурно е крстена, да веруваме.

Исто така, браќа и сестри, младите денеска наместо да се угледаат на Пресвета Богородица и на нејзината чистота и девственост, тие за жал стануваат полоши и од многубожците.  Денеска насекаде се полни кафулињата и сите други места, како што се концертите на пејачите и пејачките, каде што постојано се случуваат најнедостојните работи, каде младите, кои ги гледаат и слушаат, завршуваат во блудни дејствија, браќа и сестри. Тоа е факт и од тоа нема бегање. Мора да прифатиме дека ние христијаните денеска не живееме вистински христијански живот. Колку и да е болна вистината, мораме да ја кажеме. А еве ја тука Пресвета Богородица, каде што нејзе, и на челото и на рамењата и се поставени знакови, кои всушност ја означуваат девственоста. Тоа е она што го викаме, сонцето наше од виргина, а вергина значи чесна, невина и девствена (Пречиста).

Зошто се тие три знаци? Затоа што таа и пред раѓањето, во раѓањето и по раѓањето, била, è и останала Дева-Богородица. (Богородичен 7 глас).

Браќа и сестри, затоа и ние денеска, да не должам понатаму, треба да се угледаме на овој прекрасен пример на Мајката Божја, Пресвета Богородица, од која, и преку неа ни дојде нам почетокот на спасението, преку неа ни се јави нам и Самиот Син Божји во Тело, зашто нашиот живот, нашата Православна Вера, не е ништо друго, туку вера на јавувањата, како во Стариот, така и во Новиот Завет. Но врвното јавување, е јавувањето на Бога во Тело, Спасителот наш  Господ Исус Христос (Воплотеното Слово), Второто Лице на Света Троица, односно зачнувањето во утробата на Мајката Божја, Пресвета Богородица. Нејзе, слава и чест во сите векови. Амин!

Честит нека е празникот и за многу години! Честито нека е името на оние што го празнуваат денешниот празник и што го носат името на овој празник!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар