Тринаесетта недела по Педесетница – Света Архиерејска Божествена Литургија во Гевгелија

На 19.09.2021 г., во Тринаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на чудата на Св. Архангел Михаил, Светиот маченик Ромил и единаесет илјади војници, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, како и бројно свештенство од МПЦ-ОА, беше извршен чин на преосветување на храмот „Свети Кирил и Методиј“, во Гевгелија, по што беше отслужена Света Божествена Литургија.

На Божествената Литургија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Петар, кон верниот народ  се обрати со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Се зарадував кога ми рекоа да одиме во домот Господов“ (сп. Псал. 122, 1).

И јас се зарадував, браќа и сестри, на поканата од Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Агатангел, да дојдеме на денешното мало осетување на овој свет храм, кој прв пат како параклис е изграден во 1882 година, а во оваа форма е изграден во 1994 или  1995 година. Морам да кажам дека храмовите кај нас во Македонија, кои се градени во времето на преродбата, претежно се посветени на Светите Браќа Кирил и Методиј, и нивните Свети ученици Климент и Наум, Охридските Чудотворци, зашто Светите браќа Кирил и Методиј, се нашите Македонски просветители, но исто така и Сесловенски.

За жал, ние Македонците отидовме дури и до таму, да си го промениме името на државата, само за да им угодиме на другите. Ние треба да си го чуваме нашето Свето име Македонија и името на нашата Македонската Православна Црква.

Не само овој храм, туку и многу други храмови во нашата Татковина Македонија, се посветени на Светите Браќа Кирил и Методиј, како што е храмот „Свети Кирил и Методиј“, во Ресен, потоа храмот „Свети Кирил и Методиј“ во Прилеп, кој е именуван Параклис и.т.н.

Имено, во времето на Отоманското владеење, на територијата на Македонија, не било дозволено да се осветуваат и подигнуваат храмови посветени на Светите Браќа Кирил и Методиј, зашто што Грците не биле многу расположени да се градат храмови во честа на Светите Браќа Кирил и Методиј. Грците првпат почнале да градат храмови на Светите Браќа Кирил и Методиј, дури по Втората Светска Војна т.е. од 50-те години па натаму.

Делото на Светите Браќа Кирил и Методиј, браќа и сестри, е епохално, па ако ние денеска направиме еден преглед, колкав е бројот на православните христијани, ќе видиме дека поголем е бројот на православните христијански народи, кои во Православната Вера ги  вовеле Светите Браќа Кирил и Методиј, отколку сите други останати. Ете, затоа тие се нарекуваат рамноапостолни.

Денес од денешното Литургиско Свето Литургиско Евангелие слушнавме за параболата која Господ ја кажал за Божјото лозје, кое е всушност Црквата Христова. Домаќинот, кој лозјето го дал на лозарите, кое е всушност Старозаветната Црква, која била дадена на Еврејскиот народ, кој што требало правилно да раководи со словото на Божјата вистина. Но Еврескиот народ не го направил тоа, туку напротив, ги убивал пророците и служителите на Црквата Божја. На крајот домаќинот рекол: „Ќе го испратам Мојот Син, можеби од Него ќе се засрамат и ќе ми ги дадат плодовите“ (сп. Лука 20, 13), но тие рекле: „Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово“ (сп. Мат. 21, 38), односно Црвата Негова, како што и денес многумина сакаат да ја присвојат Црквата Христова.

Ете, токму заради тоа треба да посочиме и појасниме што е Црквата Божја? Некои велат дека Црквата Христова е институција, која ја сочинуваат владиците, свештениците или, пак, само верниците. Не, браќа и сестри, Црквата Божја, е Божја заедница, која е возглавена од епископот во Епархијата, околу кого се собрани свештениците, монасите и верниот Православен народ. Црквата, е Божја заедницата. Па така, токму според оваа жива Црква, храмовите се нарекуваат Црква Божја, а не обратно т.е. ние да се нарекуваме Црква според храмовите, зашто Господ определил место каде што ние треба ние да се собираме на заедничка молитва, да биде храмот, Црквата.

Храмот Божји, браќа и сестри, е место за молитва. Ако некој рече дека ние можеме насекаде и на секое место да се молиме, и тоа е точно, но тоа е приватната молитва на секој православен христијанин, но молитвата над сите молитви, се случува во храмот Божји на Божествената Литургија, на која практично на овој свет престол, кој што го измивме и евангелисавме, како што нашиот народ вели, во кој ги положивме Евангелистите и повелбата за малото осветување. ете тука треба да се молиме.

Прекрасно е возобновен овој храм, браќа и сестри, кој има прекрасни фрески и иконостас и тоа е за секоја пофалба. Им благодариме на сите оние, кои што придонесоа за неговото украсување. Овој храм, е физички храм, а душата на храмот, е Божјата благодат или Божествените несоздадени енергии. Без благодатта Божја, храмовите се исто како обични домови или како што нашите тела без душата се трупови или лешеви. Ако во храмот Божји, не е Божјата благодат, која почнува да делува кога во храмот ќе се положи камен темелник, а под него се ставаат Светите мошти на светители или маченици, кое нешто нè потсетува на зборовите на Светиот апостол Павле, кој вели: „Зар не знаете дека вашите тела се создадени да бидат храмови на Светиот Дух“ (сп. 1. Кор. 6, 19). Нашите тела, браќа и сестри, се храмови на Светиот Дух, ако ние ги очистуваме срцата од сите пороци т.е. од грешните желби, похоти и страсти, и ако ги просветлуваме нашите умови, не дозволувајќи во нив да влегуваат грешни мисли, помисли и фантазии. Овие два степени на духовно растење, нас нè водат кон обожување. Обожувањето, е третиот степен на духовното совршенство, кое го достигнале светителите, за кои ние честопати говориме, како што се и денешните светители, Светиот Ромил, кој со 11.000 илјади војници пострадал во Лаодикија, потоа Светиот Евдоксиј и преподобниот Давид, на кои ние денеска споменот им го празнуваме.

Ние светителите ги празнуваме, затоа што тие своите тела ги направиле храмови на Светиот Дух.

Храмот Божји, е создаден за молитва и ние само во храмот Божји, можеме да ја искажеме најсилната молитва.

Ние Македонците, не потекнуваме само од Словените, туку и од старите древните Македонци, на кои Словото Божјо им го проповедал Светиот апостол Павле, кој имал видение во Троада, каде му се јавил Македонец и му рекол: „Дојди кај нас во Македонија да ни помогнеш“. Па така, Свети апостол Павле, дошол во Македонија т.е. во Филипи, во првиот град на тогашната Римска провинција. Таму на реката Зигакт, каде што жените ги переле алишта, Светиот апостол Павле им проповедал, а една од тие жени по име Лидија, која била просветлена, ги разбрала зборовите на Свети апостол Павле и се крстила и станал првата христијанка Македонка, а можеби и во цела Европа, која ги повикала Апостолите и им рекла: „Ако ме сметате за верна, не смеете да го одминете мојот дом“. Свети апостол Павле, кој не сакал да живее во домовите на луѓето, бил принуден, да престојува во нејзината куќа, која станала првата Црква во Македонија и Европа. Ете, кај нас во Македонија, од тогаш се шири Православието. Но во времето на Светите Браќа Кирил и Методиј, а особено во времето на Свети Климент, Охридскиот Чудотворец, ние доживуваме реевангелизација или повторно воскреснување на Верата, затоа што во тоа време на нашите простори, Евангелието се проповедало на неразбирлив грчки јазик, а тоа е време на таканаречена тријазична ерес, која проповедала дека Евангелието треба да се проповеда само на грчки, еврејски и латински јазик. Но еве, како што кажавме, денес најголемиот број христијани е меѓу словенските народи.

Понатаму да кажеме дека после молитвата, битната работа за кое се создадени храмовите, е Словото Божјо т.е. проповедта, која се извршува во храмот Божји, по читањето на Апостолот и Светото Евангелие. Што всушност се случува кога се чита Апостолот? Знајте дека преку Апостолот, говорот Апостолите на нашата Црква, а преку паримиите, говорат пророците, зашто е кажано дека Светиот Дух говори преку пророците, како што читаме во Символот на нашата Света Црква. Преку Евангелието, пак, не зборува ѓаконот, свештеникот или Епископот, туку говори Самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.

Немојте, браќа и сестри, во храмот Божји да доаѓате заради владиката Петар или заради владиката Агатангел или заради овој или оној свештеник или ѓакон, туку заради Христа Спасителот. Кој поинаку мисли, греши и треба да се поправи. Доста ни се поделби во нашата Света Црква и на нашиот народ.

Јас деновиве кажав нешто на телевизија, па оние кои се нарекуваат антиваксери, кои се против вакцината, создадоа една афера или ујдурма против мене, сакајќи да се претстават како големи христијани, ама нивниот говор на омраза, говори дека во нив нема ништо христијанско, бидејќи нивното кажување не соодветствува со духот на православните христијани. Тие сакаат да и направат само зло на Црквата Божја.

Покрај Словото Божјо, кое ни се проповеда во храмот Божји, во храмот се извршуваат и Светите Тајни, почнувајќи од Светата Тајна Крштение, Миропомазание, Светата Тајна Исповед и Покајание, Светата Тајна Венчание, Светата Тајна Маслосвет, која се извршува над болните, Светата Тајна Свештенство, за оние кои примаат свештени чинови т.е. ѓаконски, свештенички и епископски, и Тајната над сите Свети Тајни, Светата Евхаристија т.е. Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небесата и прими човечко тело, во сè еднакво на нашето, освен во гревот,  за да нè избави од гревот и смртта и да нè врати во единство со Бога.

Ете тоа, Телото и Крвта Христови, е суштината на Црквата Христова, браќа и сестри. Да се помолиме на Спасителот наш Господа Исуса Христа, Кој заради нас и заради нашето спасение, благоволи да се роди во пештера. Кога Христос се роди, што се случило? Се случил попис, како што денеска нè попишуваат. Тогаш се случил попис, а и денска се случува попис. Морам да кажам збор два за пописот. Пораката која сакам да ја кажам, е исклучиво христијанска и се однесува на православните христијани т.е. не само на Македонците, туку и на православните Срби, кои во Република Македонија се околу 40.000, Власи, православните Роми, православните Албанци, бидејќи Шкретите, се првославни Албанци во Македонија, православните Грци и.т.н.

Во што е проблемот? Во графата за вероисповед или религиозна заедници, стои христијани, што никогаш досега немало таква графа. Под христијани спаѓаат и православни христијани, и римокатолици, и протестантите т.е. Евангелистите, Методистите, Адвентистите и.т.н., јас ги нарекувам (протестантите) сите исти.

Попишувачите кои доаѓаат во домовите, ги прашуваат луѓето: „Христијани ли сте вие?“, и ги запишуваат како христијани. Целта им е да се намали бројот на православни Македонци и другите православни т.е. Власи, Срби, Роми, Албанци, Грци, во Македонската Православна Црква. Затоа протестираме и укажуваме. Има уште време, па вие кои не сте се попишале, реагирајте на ова, а вие што сте се попишале, ако ве измамиле, реагирајте и барајте да ве запишат како православни христијани.

По молитвите Светите рамноапостолни Кирил и Методиј и на Сите Свети, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар