Седма недела по Пасха (Недела на Светите Отци на Првиот Вселенски Собор) – Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ – Битола

На 13.06.2021 година, во Седмата недела по Пасха (Недела на Светите Отци на Првиот Вселенски Собор), кога го празнуваме споменот на Светиот апостол ЕрмаСветиот маченик Ермиј и споменот на Светиот маченик Философ, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган  Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос“ (Јован 17, 3).
Оваа недела, браќа и сестри, е посветена на Светите Отци од Првиот Вселенски Собор, кој се одржал во 325 година по Христа, за времето на славниот цар Константин, кога се појавило едно страшно учење за Христа нашиот Бог и Спасител од нечестивиот свештеник на Александрија Ариј, кој погрешно учел дека Христос не е Син Божји – рамен по божество со Бога Отецот.
Православното учење, браќа и сестри, е дека Логосот, Синот Божји, е предвечен и совечен со Отецот и Светиот Дух, Кој од Него (од Отецот) постојано се раѓа, а во времето се родил како човек од Пресвета Богородица.
Ете, тогаш е свикан овој собор, за да се утврди нашата вера во Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Од денешното Свето Евангелие, слушнавме како Господ наш Исус Христос, кога се молел во Неговата првосвештеничката молитва, се молел Апостолите што Отецот Му ги дал да бидат едно со Него, со зборовите: „Оние кои си ми ги дал, сите едно да бидат, како што сме ние“ (сп. Јован 17, 11).
И од таму се поставува прашањето за Богопознанието т.е. како ние можеме да Го познаеме Бога? На Божествената Литургија на Свети Јован Златоуст, читаме и пееме дека Бог е неискажлив, неспознатлив, недостапен и невидлив. Како може таквиот Бог да се види или какво е нашето знаење за Бога? Ние не можеме да Го видиме Бога, ако Бог не ни се открие. Ние не можеме да Го видиме Бога, без Него, без Неговата Божествена сила или Неговите Божествени енергии, кои се Божјата благодат, која е дејство, а не суштина на Бога. Ние, браќа и сестри, не Го гледаме Бога преку Неговата суштина, туку Го гледаме преку Неговите дејствија и енергии, преку благодатта Божја, зашто во Символот на Верата се вели дека Синот Божји е Светлина од светлина, а некаде пред крајот на Божествената Литургија во задамвоната молитва, свештеникот се моли и вели дека Отецот е Отецот на Светлините, зашто од Него извираат, зрачат и сјаат сите светлини, бидејќи, и Отецот е светлина, и Синот е светлина, и Светиот Дух е светлина, ама не создадена т.е. не светлина која ние можеме да ја почувствуваме и допреме со нашите телесни сетила, туку истата можеме да ја почувствуваме со нашите души, со нашите срца, со нашиот ум, со нашата волја, со разумот и.т.н.
Па од таму, се поставува прашањето за знаењето за Бога. Некои од Светите Отци, особено Светиот Исак Сириски и Свети Григориј Палама, кој живеел во XIV век, даваат појаснување за знаењето. Кај Светиот Исак Сириски, имаме појаснувања дека постојат три вида на знаење. Првото знаење, е телесното знаење, кое е во границите на човечката мудрост или со интелектот на човекот, за она што ние размислуваме, измислуваме, истражуваме и постојано нешто правиме и создаваме, но кое е исклучиво во границите на природното и природата, а не надвор од границите на природното и на природата. Со тоа човечко телесно знаење или мудрување, ние се грижиме за земните, материјалните и преодните работи, за она што ни е потребно т.е. за грижата околу телото, за грижата околу положбата во која се наоѓаме, односно за сè што е преодно и земно, а не за духовното. Тоа знаење се постигнува преку интелектот, и истото не оди подалеку од границите на природата и природното. Но има уште едно друго знаење, кое се вика душевно знаење. Душевното знаење, е кога човекот ќе почне да размислува за својата душа дека таа не е исто што и телото.
Душата е живо, нематеријално и слободно суштество од Бога дадено, која му дава моќ и живот на телото и е носител на нашата волја и чувства. Кога ние ќе почнеме да мислиме за душата и да ја храниме со духовна храна, а духовната храна е Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, тогаш ние на тој начин покажуваме дека водиме грижа за душата, а таа грижа што ја правиме за душата се вика душевно знаење, и во областа на душевното знаење човекот почнува да се лекува. Треба да знаеме дека луѓето во Црквата Христова не се делат на добри и лоши, на морални и неморални. Не, браќа и сестри. Луѓето во Црквата Христова се делат или разликуваат по тоа дали се свесни дека се болни т.е. дали сакаат да се лекуваат и исцелат, кога ќе сфатат дека се болни. Лекувањето всушност е последниот степен од духовното усовршување или растење во верата.
Кои се излекувале во Црквата Христова? Оние што постанале светители. Светителите практично се луѓе што целосно се излечиле. И веднаш се поставува прашањето за каква болест станува збор. Станува збор за тоа дека човек е Бога од создаден, не за умирање, туку за живот вечен. Кога Господ го создал првиот човек Адам и од неговото ребро ја создал нашата прамајка Ева, им дувнал во носот душа и рекол: „Ете, човекот стана душа жива“ (сп. 1. Мој. 2, 7).
Која душа е жива. Душата, браќа и сестри, по природа е смртна, но по благодат не е смртна. Што значи тоа? Од каде нам ни доаѓа животот? Животот ни доаѓа од Бога. Надвор од Бога нема живот. Вистинскиот живот, е животот со Бога. Оној што не се соединува со Бога, што не е во заедница со Бога, тој не живее. Токму затоа и Ангелот Божји, за престојателот на Црквата во Сард вели: „Иако си жив, знам дека си мртов зашто ги знам твоите дела“ (сп. Откр. 3, 1). Што значи претстојателот на таа Црква т.е. епископот или владиката на таа Црква, бил душевно жив, ама духовно мртов, бидејќи не живеел во согласност со Светите Закони и Божјите Заповеди. Душата кога не е со Бога, иако е жива, таа мртва, зашто животот во Бога, е само кога ние сме во заедница со Бога, кога постојано со мислите, чувствата и желбите, мислиме на Бога и живееме со Бога.
Па така, гледано од тој аспект, покрај душевно знаење, рековме дека постои и духовно знаење. Но духовното знаење, не се постигнува како што учел фолософот Варлаам, кој бил современик на Свети Григориј Палама, кој мислел дека богопознанието може да се постигне преку интелектот т.е. преку разумот, заборавајќи дека нашите прародители Адам и Ева, кога згрешиле, духовно умреле. Умот, преку кого нашите прародители Го гледале Бога, кој е око на душата, без кого не може Бог да се види, се разболел т.е. им се помрачил, и неговата улогата ја презел разумот, кој всушност само ги обликува или објаснува или артикулира нештата на умот, односно гледањето на Бога. Па така, кога разумот сакал да стигне до Бода, но бидејќи е неприродно Господ да се гледа преку разумот, туку се гледа преку умот, тој се возгордеал, како сатаната што се возгордеал, па себеси се прогласил за Бог, но кога видел дека не е бог, богови ги направил, и сонцето, и месечината, и ѕвездите, и сите земни сили, па и некои предмети, па затоа Свети апостол Павле вели дека луѓето полудеа и Бога го заменија со земните и материјалните нешта и станаа идолопоклоници. Кога умот се разболел, неговата улога ја презел разумот и тој не можел да стигне до Бог, па така настанува таа болест кај нас луѓето присутна со првородниот грев, да не може Бога да се види поинаку, освен како што вели Спасителот Господ Исус Христос во едно од блаженствата: „Блажени се чистите по срце, зошто тие ќе Го видат Бога“ (сп. Мат. 5, 8), бидејќи средиштето на човечкото мислење и човечкото знаење, е разумот, а средиштето на Божјото или божественото знаење е срцето.
Многу Свети Отци, умот и срцето скоро ги поистоветуваат, зашто мислите прво влегуваат во умот, а веднаш потоа се спуштаат во срцето, и така на некој начин, умот и срцето се поистоветуваат.
Никој не може да Го види Бога, како што се вели во една од молитвите на Божествената Литургија на Свети Јован Златоуст дека е Бог неискажлив, неспознатлив, невидлив и недостижен. Не може Господ да се искаже, бидејќи е недостижен и невидлив. Он не може да се види и доживее ни со телесните очи, ни со телесните сетила, туку се доживува само со духовните сетила.
Духовните сетила т.е. духовните очи, умот и срцето, треба да се здрави, за да можат да Го видат Бога, а за да бидат здрави, треба прво да се очисти срцето од секаква нечистотија, односно од грешни желби, грешни чувства, грешни похоти и грешни страсти, а умот да се просветли, не примајќи грешни мисли, помисли и фантазии.
Кога ние духовно напредуваме? Тогаш, откако ние ќе го чистиме срцето од грешните желби, чувства, похоти, страсти и грешните дела, тогаш ние преминуваме во вториот степен на прочистување на нашата душа, а тоа е преку прочистувањето или просветлувањето на умот. Што е просветлувањето на умот? Тоа е да не дозволиме во умот да влегуваат грешни мисли. Мислите кои не се наша сопственост, туку ни се праќаат од два извора, едните т.е. добрите се од Бога, кои ни се праќаат преку нашиот ангел чувар, а другите од сатаната. На тој начин, ако ние немаме запалена сијалица, како што кога е запалена сијалицата, не можат мувите и нечистите инсекти да ја опогануваат, туку си ги подгоруваат крилцата, така и грешните мисли, ако совеста ни биде светла, тогаш нема да дозволиме тие грешни мисли да влезат во умот.
Оној што не дозволува да има грешни мисли и помисли, а грешни помисли се кога на поимот за грешната мисла, ќе се додаде и слика, па потоа се појавува и фантазијата, а фантазијата е практично кога човек ќе почне да си разговара со мислите и си прави филмови, како што филмаџиите прават еден куп филмови, па од тие филови ќе видите еден куп глупости. Во ниеден од тие филмови што претежно ги гледаме и во западниот и во источниот свет, нема нешто чесно, бидејќи во нив обично е внесен блудот и неприродните гревови како што се хомосексуалноста, а сето тоа е дел на ѓаволот. Што значи кога ние разговараме, размислуваме и правиме еден куп филмови, тогаш ние дозволиле нашиот ум да падне или да се зароби под страстите, а страстите се неизбежни, и тие ни се дадени од Бога, но не како грешни, туку како добри.
На пример страста за продолжување на родот човечки, е дадена од Бога за да се раѓаат децата, но човекот таа страст ја искривоколчил во човечко телесно задоволување на мажот и жената во бракот или во предбрачните. Но таа страст од почетокот не била дадена заради уживање, туку заради продолжување на родот. Така, истото е и со страста да се мрази, која не е дадена од Бога да се мрази човекот и Бог, туку да се мрази гревот и ѓаволот, но ние обратно ги преобразивме т.е. од добри, во лоши страсти. Преобразување на страстите во нашата гревовна состојба, е токму во тоа, да ги направиме од грешни во свети, од нечесни во чесни и од недостојни во достојни страсти. И верата е онаа која нам ни се дава, односно верата е за почетници и за оние што напреднале духовно.
За почетничката вера зборува Светиот апостол Јаков, брат Господов, кога вели: „Верата без добри дела е мртва“ (сп. Јак. 2, 20). Тоа значи дека верата треба да биде со добри дела, а Свети апостол Павле, пак, вели дека верата е над законот, и не ги спомнува добрите дела. Зошто? Верата, во која има видение на Бога, која е совршена, е верата на бестрастието. Преку верата во која ние сме го очистиле срцето и сме го просветлиле умот, ние веќе влегуваме во третата фаза или третиот степен, а тоа е обожувањето, кое не е работа која ние лично ја постигнуваме. Ние само треба да правиме сè што сме должни да правиме, а потоа како награда од Бога, ја добиваме благодатта Божја, тие Божествени енергии, кои нам ни се даваат, за преку нив да можеме да Го видиме Бога, бидејќи кога умот е просветлен, тогаш чистото срце може да Го види Бога.
Гледањето на Бога, никогаш, браќа и сестри, не е надвор од човекот. Гледањето на Бога е во самиот човек, во неговото срце. Значи, го очистивме ли срцето, дадовме ли простор и можност да Го гледаме Бога, Го просветливме ли умот, дадовме ли можност да можеме преку умот да Го гледаме Бога, тогаш на тој начин ние можеме да дојдеме до богопознанието, за кое ни говори и Свети Исак Сириски, а особено Светиот Григориј Палама, како што на Варлаам во тоа време му се спротивставил.
Варлаам, браќа и сестри, не верувал дека постои благодатта Божја, како несоздадена енергија, преку која Свети Григориј Палама успеал преку методот на исихазмот, на тихувањето и постојаната молитва: „Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај ме мене грешнио“т, да ја долови, односно да ја согледа и да ја види Божјата благодат, а да се види Божјата благодат, значи да се види Бог, Кој ни се открива. Значи ние не можеме да Го видиме Бога, ако не Го откриеме, т.е. ако не ни се открие.
Светите Апостоли на гората Тавор, успеале да Го видат Бога до некаде, како што читаме или пееме во тропарот, якоже можаху т.е. колку што можеа ја гледаа таа светлина од Бога т.е. благодатта Божја, но не беа со неа целосно исполнети. Конечно, Светите Апостоли целосно беа исполнети со благодатта Божја на роденденот на Црквата, на Духовден, на Педесетница, кога во вид на огнени јазици, Светиот Дух слезе врз нив. Тогаш Светиот Дух ги исполни и тие од плашливи Ученици Христови, кои се криеја и заклучуваа по Христовото Воскресение, поради страв од Јудеите по Педесетница, тргнаа и го освоија светот со својата проповед и ги спасија луѓето.
Ете, боговидението го доживеале и старозаветни пророци, како што е Мојсеј, кога бил на гората Синај, како и Светиот пророк Исаија, Светиот пророк Илија, и други старозаветни пророци. Но Светот Дух особено се излеал на Педесетница.
Богопознанието уште еднаш да констатираме и да потврдиме дека не може да се види поинаку, освен со чисто срце, просветлен ум и со примање на Божјата благодат, која кога изобилно ќе се прими, уште се вика и обожување, зашто за тоа и сме создадени. Токму затоа и Спасителот наш Господ Исус Христос ќе рече: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец, Кој е на небесата. Бидете свети, како што Сум Јас Свет“ (сп. Мат. 5, 48). Па затоа и пееме на една литургиска песна на Литургијата: „Единствен Свет е Христос нашиот Бога и Спасител“, откако претходно подигнувајќи Го Агнецот, велиме: „Светиња е на Светите“, говорејќи за верните кои светоста ја добиваат од Бога, а верните на тоа веднаш протестираат и велат: „Не, ние не сме свети, единствен Свет е Господ Бог“, а преку Неговата Светост и ние постануваме Свети“. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар