Раѓање на Свети Јован Крстител – Света Архиерејска Литургија, во Слепче

На 07.07.2021 г., кога го празнуваме Раѓањето на Светиот Јован, Претеча и Крстител Господов, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, игуменот Серафим (Јончевски) и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Јован Крстител“, во Слепче.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Споменот на праведниот, ние недостојните, достојно да го почитуваме“.

Овие зборови, браќа и сестри, се однесуваат на денешниот славеник, Светиот Славен Пророк, Претеча и Крстител Јован, кој е најголем човек роден од жена, според Христовите зборови, а најголема родена од жена, е Пресвета Богородица, Мајката на Господа Исуса Христа. И колку што ни е познато, само најголемата родена од жена т.е. Пресвета Богородица, и најголемиот роден од жена, Свети Јован Крстител, покрај денот на нивната почивка, го празнуваме и денот на нивното раѓање.

Преку старозаветниот пророк, за Свети Јован Крстител, е кажано дека ќе дојде Ангел во тело, кој што ќе оди пред Христа нашиот Бог и Спасител и ќе ги израмни патиштата за Неговото доаѓање и Неговата проповед.

Свети Јован Крстител, браќа и сестри, е роден од престари родители. Негов татко, е првосвештеникот Захариј, а негова мајка е Света Елисавета, а Свети Јован Крстител, се родил кога Захариј имал сто години, а Света Елисавета деведесет години.

Светите родители на Свети Јован Крстител, Захариј и Елисавета, биле бездетни, па затоа Му се молеле на Господа да им даде чедо, зашто луѓето што немале деца, меѓу Еврејскиот народ се сметале дека се многу грешни т.е. се мислело дека заради нивната грешност, Господ не им давал деца. За да го отстрани Господ нивниот прекор, Светиот Захариј, заедно со својата сопруга Елисавета, усрдно се молеле, Господ да им подари чедо. Тие живееле во градот Хеврон, кој се наоѓал на два часа од Ерусалим.

Светиот Захариј, браќа и сестри, бил првосвештеник, па таа година нему му се паднал редот да служи во Ерусалимскиот храм, бидејќи само еднаш во годината се случувало, првосвештеникот да влезе во најсветиот дел од храмот Божји т.е. во Светињата над Светињеите и да служи. Овој пат редот да служи му се паднал на Свети Захариј, па кога влегол во најсветиот дел, каде што никој никогаш не смеел да влегува, освен еднаш годишно првосвештеникот, каде што бил Ковчегот на Заветот, маната што ја јаделе Евреите во пустината и Ароновиот жезол, па кога влегол внатре се исплашил, , бидејќи видел дека од десната страна на Кадилниот олтар, стои човек, односно Божјиот Ангели Гаврил, кој му рекол: „Не бој се, Захарија, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован, што значи благодат Божја. . И ќе бидеш радосен и весел, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање. Тој ќе биде силен пророк и ќе ги подготви патиштата за доаѓањето на Месијата“ (сп. Лука 1, 13-14).

Па така, после овие зборови што ги слушнал Захариј, од Ангелот Божји, прашал како ќе биде тоа, оти е стар, а и неговата сопруга е во одминати години, кога жените во тие години не раѓаат. Архангелот му рекол: „Сѐ додека не ти се роди синот ќе онемеш“ (сп. Лука 1, 20).

А народот, кој се молел во храмот Божји, додека Светиот Захариј бил во олтарот, знаел дека тој има некое видение, бидејќи откако излегол од олтарот, сакал со знаци да им објасни што се случило, но не можел да им објасни. После овој настан, Светиот Захариј се вратил во својот дом во Хеврон, а по извесно време неговата жена Елисавета, зачнала син во својата утроба, не од телесна похот, туку поради Божјата волја. Се вели дека додека Света Елисавета се молела на Бога и таела шест месеци, при неа дошла Пресвета Богородица, на која веќе и било кажано од Архангелот Гаврил во Назарет, дека ќе Го роди Синот Божји, Логосот Божји, Кој вечно од Отецот исходи и е во прегратките на Бога Отецот, а Кој заради нас и нашето спасение слегол на земјата, се вселил во нејзината Света утроба, за да го спаси човечкиот род од гревот и смртта, и повторно да го приведе во заедница со Бога.

Кога Пресвета Богородица пристигнала кај Светата Елисавета, која била нејзина роднина, Света Елисавета вдахновена од Светиот Дух рекла: „Како е можно, кај мене да дојде Мајката на мојот Господ“ (сп. Лука 1, 43), а во меѓувреме, нејзиниот син, Свети Јован Крстител, кој бил во нејзината утроба како шестмесечно дете, заиграл во нејзината утроба, затоа што го препознал Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа, Кој само пред малку бил зачнат во утробата на Мајката Божја, Пресвета Богородица. Тогаш, рекла: „Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога Спасителот мој“ (сп. Лука 1, 46-47). И така со овие зборови, браќа и сестри, се поздравиле Пресвета Богородица и нејзината роднина Света Елисавета.

А потоа се родил Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител Господов, a по три месеци по неговото раѓање, се родил Спасителот Господ Исус Христос.

Во тоа време, браќа и сестри, злобниот и лош цар Ирод Идумејски, кој се плашел дека неговото царството ќе му го земе некој друг, бидејќи од пророците било претскажано за доаѓањето на Месијата т.е. на Царот Небесен, на Христа нашиот Бог и Спасител. Ете, од ова се плашел царот Ирод, па затоа кога мудреците дошле да Му се поклонат на новородениот цар, тогаш Ирод ги повикал и им рекол: „Отидете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да отидам и јас да Му се поклонам“ (сп. Мат. 2, 8). Неговата цел, била да го убие Христа нашиот Бог и Спасител, зашто за него било пророкувано дека е Царот Божји, Месијата и Спасителот на светот.

Мудреците не се вратиле кај него, туку по друг пат заминале во своите земји, па токму затоа Ирод одлучил да ги убие сите младенци од две години надолу во Витлеем и околината. Ирод исто така, сакал да го убие и Свети Јована, Пророк, Претеча и Крстител Господов, па затоа испратил војници во неговиот дом, па кога виделе дека домот е празен и не го нашле, тогаш отишле во Ерусалимскиот храм, за да им каже неговиот татко Захариј, каде е младенецот, но тој им рекол дека незнае каде е детето и неговата мајка. Тогаш тие се упатиле во блиската пештера во планината, а разгневен царот, наредил да го најдат детето по секоја цена и да го убијат. Но неговата мајка, Света Елисавета, се помолила на Бога да се отвори планината и да ги затскрие во својата утроба, и на тој начин, со Божја помош, се спасиле од војската.

Подоцна, според преданието се вели дека таму потекол нов извор со вода и изникнало тропско растение, кое давало плод и од кое се хранеле Свети Јован и мајка му четириесет дена, по смртта Светот Захариј, таткото на Свети Јован Крстител, кој бил убиен меѓу олтарот и храмот, каде неговата крв се згрутчила, за спомен дека на тоа место била пролеана праведна крв. По четириесет дена, по смртта на неговиот татко, умрела и Света Елисавета, мајката на Свети Јован Крстител, па така, понатаму Господ почнал да се грижи за Свети Јована во пустината.

Црковниот писател вели: „Само Бог знае како тоа дете растело во пустината и како се хранело“. Секако, браќа и сестри, дека Господ го хранел со небесен леб, а дивината практично него го исчеличила во едена прекрасен и нескршлив човек, кој бил подготвен да го даде својот живот за правдата и за брачната заедница, која била нарушена од царот Ирод.

Па така, Свети Јован откако наполнил дваесет годишна возраст, дошол во пределите на реката Јордан, каде со силен глас викал кон фарисеите и садукеите, кои биле учени луѓе: „Породи змиини, кој ви кажа да бегате од гневот што доаѓа на вас?“ (сп. Мат. 3, 7), а на војниците им велел да не бараат повеќе од она што ним им е дадено, односно да бидат задоволни со својата награда и со својата плата. Свети Јован Претеча, браќа и сестри, велел:  „Ете, секирата е при коренот на дрвото, и секое дрво што не раѓа добар плод се сече и се фрла во оган“ (сп. Мат. 3, 10), што значи и секој човек, споредувајќи го со дрвото, кој не прави добри дела, ќе биде посечен и фрлен во огнената геена.

Па така, Свети Јован Крстител, по неговото раѓање, како што слушнавме од денешното Светото Евангелие, уште од Архнгелот Гавриил, бил наречен со името Јован. Неговиот татко, Светиот Захариј, го знаел  тоа, но бидејќи не поверувал, онемел, па кога во осмиот ден се обрежувале децата, а кај нас се крштевале, и им се ставало име, кога сакале да му го дадат името на татка му Захарија, неговата Мајка, Света Елисавета рекла: „Јован ќе му биде името“ (сп. Лука 1, 60), а присутните рекле: „Како е можно, никој нема во твојот род, кој се вика со такво име (сп. Лука 1, 61), бидејќи правило или пракса било децата да го имаат името на родителите, дедовците и бабите, (како и кај нас порано), но овде има исклучок, зашто Господ кажал преку Ангелот Божји т.е. Архангелот Гаврил, дека името ќе му биде Јован. Тогаш го прашале Свети Захариј, а тој побарал една штичка, на која напишал дека името му е Јован, а потоа му се одврзал јазикот и проговорил и со устата. И така овој Божји угодник, Светиот Захариј, се исполнил со Светиот Дух и пророкувајќи, говорел: „А ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа за да му ги приготвиш патишта за Неговото доаѓање, зашто на народот што седи во темнина и смртна сенка, треба да му изгрее голема светлина“ (сп. Лука 1, 76),  а големата светлина или Сонцето на правдата, е Христос нашиот Бог и Спасител, за кого Свети Јован пророкувал и кажува дека е Оној, Кој доаѓа по него, и е поголем од него.

Ете, кога дошло времето Спасителот Господ Исус Христос да биде крстен од Свети Јована Крситет, Свети Јован го одбивал велејќи: „Како можам јас да Го крстам Мојот Господ, како можам јас да ја положам раката на Мојот Господар“ (сп. Мат. 3, 140. Исто така, кога Неговите ученици му велеле дека голем број од неговите ученици го напуштаат и одат по Исуса Христа, Свети Јован рекол: „Тој треба да расте, а јас да се смалувам“ (сп. Јован 3, 30).

Таква смиреност и понизност покажал Свети Јован Крстител, кој кога одбивал да Го крсти Спасителот, Господ му рекол: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“ (сп. Мат. 3, 15).

Па така, Свети Јован ја исполнувал секоја правда, не плашејќи се од никого, па ниту од царот, кого јавно го изобличувал, затоа што незаконито живеел со жената од неговиот брат Филип.

Ете, како што некогаш бил гонет Светиот пророк Илија, затоа што во тоа време им се спротивставил на Езавела и на царот Ахав, заради убиството на човекот Нееман, кој не им го дал лозјето што го наследил од неговиот татко. Но Свети пророк Илија, кој бил најсилниот страрозаветен пророк, кој бил голем подвижник, но се знае дека јадел масло и место, а Свети Јован Крстител, никогаш не вкусил ни масло, ни месо, па ниту пиел жесток пијалок, зашто за него било кажано дека нема да вкуси ни вино, ни секер т.е. жесток пијалок.

Па така, Свети Јова Крстител, се разликува од сите старозаветни пророци и според неговиот подвижнички живот, затоа што немал никаква облека, освен една наметка од камилски влакна, која ја носел, а околу половината бил опашан со појас. Додека бил во пустината, јадел  само див мед и скакулци.

Ете, таква карактерна личност бил Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител. Заради неговата силна и бујна природа да се спротивстави на секого, па и на царот и царицата, заради правдата Божја, заради светињата на брачната заедница, заради која го прекорувал Ирода, за тоа што ја зел жената на својот брат Филипа, што го чинело и неговиот живот. Затоа, браќа и сестри, бил фрлен во темница во затвор, од каде викал и ги избличувал царот и царицата за нивното незаконско живеење.

И ете, при една прилика, кога Ирод го прославувал својот роденден, на гостите и нему му угодила ќерката на Иродијада, Саломија, со своето играње на масите. Тогаш Ирод рекол: „Што и да побараш ќе ти дадам“, дури ако побара и половина од неговото царство.

По советот од мајка си, Саломија со трчање отишла кај Ирода и побарала да и биде дадена на табла главата на Свети Јован Крстител, а царот наредил џелат да му ја отсече главата на Свети Јован Крстител и на табла да и ја предаде на Саломија, а Саломија и ја предала на својата мајка Иродијада, која со игла го бодела јазикот и велела: „Овој јазик зборуваше против мене“.

Но, браќа и сестри, на оној начин, на кој што ги правиме гревовите, на истиот начин и ќе го завршиме нашиот живот, ако не сакаме да се покаеме и да се спасиме. Затоа треба да ги исповедаме гревовите, во противно, завршетокот ќе ни биде како што бил на Ирода и на Иродијада, кои биле протерани од Римскиот цар, откако Атрета, неговиот дедо од првата жена, се кренал против него, затоа што ја оставил неговата ќерка.

Па така Ирод бил протеран во Шпанија, кај градот Толед на реката Сикорис. Таму девојката Саломија, ќерката на Иродијада, се лизгала по реката на мразот, кој се скршил и две санти мраз и ја притиснале главата, односно вратот, и таа како некогаш што им угодила на гостите играјќи на масите, сега со движење н нозете барала да го допре дното на реката, но не можела, и така во тоа движење како игра, практично и била пресечена главата од сантите мраз. Поминал некој човек, кој се сожалил над девојката, ја зел нејзината глава, ја ставил на табла, и како што некогаш Саломија на Иродијада и ја предаде главата на Свети Јован Крстител, сега нејзе и ја предаде човекот главата на нејзината ќерка Саломија.

Ете, браќа и сестри, како завршила трагедијата на овие луѓе. Сега нам ни останува да размислиме како да го прославиме Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител.

Прославувањето на светителите ние треба да го направиме на следниов начин. Имено, за него црковниот поет прашува и вели: Kако да те наречам, пророк ли? Да, браќа и сестри, пророк, бидејќи во Светото Писмо и во Светото Предание се вели дека тој е поголем од сите пророци, како што и Господ рекол: „Најголем човек роден од жена“.

Како да го наречеме, маченик ли? Да, и повеќе и од маченик, зашто ретко кои маченици, така маченички за правдата, го завршувале својот живот.

Како да го наречеме него, браќа и сестри, Ангел Божји? Ангел земен, зашто тој живеел на земјата, а веќе старозаветниот пророк пророкувал за него дека ќе биде ангел во тело, па затоа Свети Јован, на некои икони, се слика со ангелски крилја, а тоа значи дека живеел ангелски живот на земјата.

Па така, како што живеел Свети Јован Крстител, така и ние треба да живееме. Ако тој толку многу постел, ние барем да постиме онака, како што ни наложува нашата Света Црква. Ако Свети Јован Крстител покажал такво смирение, со тоа што рекол дека не е достоен да Му ги одврзе дури ни ремењата на обувките на Христа нашиот Бог и Спасител, ние барем да покажеме смиреност пред браќата и никого да не унижуваме и од никого повеќе да не се возвишуваме.

Ако Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител, го жртвувал својот живот за брачната заедница, за бракот, кој бил разрушен, поради неверстото на Иродијада и Ирода, братот на Филипа, да се потрудиме ние, браќа и сестри, брачните заедница, како што ни проповеда нашата Светата Црква, да ги правиме и да ги доживуваме како Свети Заедници, зашто денеска е факт дека многу брачни заедници завршуваат со разводи т.е. од оние што се венчаваат во Црквата, повеќе од педесет насто се разведуват. Тоа всушност е само доказ дека брачните другари, заборавиле на заклетвата што ја положиле пред Бога кога се венчавале, дека и во добро и во зло, до крајот на својот живот, ќе бидат верни едни на други.

По молитвите на Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар