Патот на вистината до вечноста – Интервју со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Петар

Интервојуто е интегрален текст запишан од аудио запис на 08.09.2020 година.

Интервјуто со Митрополитот г. Петар (М.П) го водеше новинарот Слободан Томиќ (С.Т).

            С.Т. Почитувани гледачи, ми претставува голема чест и задоволство, по повод Третиот Македонски Илинден – 8 септември, во наредните минути наш гостин да биде Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Петар, со кого ќе поразговараме за актуелните збиднувања во Македонија поврзани со Kovid-19 пандемијата, како и духовни совети за справување со истата.

М.П. Моето длабоко жалење, е што ние во нашава Татковина Република Македонија, не водиме сметка за тоа дека нашата држава Република Македонија, е држава, која е создадена од страна на државотворниот Македонски народ и другите народи, кои учествувале во нејзината државотворност, а тоа практично покрај Македонците, се и другите народи, кои учествувале во државотворноста на Македонија, особено на Вториот Илинден, кога е создадена државата Македонија во манастриот Свети Прохор Пчински.

Имено, ние не го негираме учеството на другите народи во државотворноста на нашата држава, но секој треба да знае кој колку учествувал во државотворноста, и кои и колку биле присутни во државотворноста и.т.н.

Од таа гледна точка, ние треба да разбереме и сфатиме дека ние Македонците, како државотворен народ во Рапублика Македонија, треба да се обединиме по својата основа, а основата е на нашата Македонска Православна Црква, која е главниот фактор на обединување на Македонскиот народ во текот на сите војни, почнувајќи од востанијата т.е. од државотворноста на државата Макадонија на овие Македонски простори од античко време, па натаму, како што следувало т.е. во времето на Јустинијан, во времето на Самуил Македонски, во времето на Македонските Востанија и Балсканските и Светските војни. Овој наш Македонски народ, заедно со другите народи, кои учествувале во неговата државотворност, за време на Втората Светска Војна, се основоположниците на државотворноста. Другите учествувале толку, колку што учествувале, а за тоа постојат историски документи и факти, со кои историчарите можат да посведочат.

Па така, во сите тие периоди, најголемиот број од народот бил Македонскиот православен народ и другите православни народи што биле во Македонија. Од таа гледна точка, ние прво треба да имаме едно обединување на Македонскиот православен народ во целиот свет. Ете, тоа е едно од обединувањата на Македонскиот народ. Второ обединување на Македонскиот народ и на другите кои се чувствуваат Македонци, но не припаѓаат на Православната Вера, но припаѓаат на Македонската нацијата, нив не ги исклучуваме и не сакаме да ги исклучиме, доколку се чувствуваат како Македонци, без оглед од нивното потекло и происход т.е. дали потекнуваат од родители Македонци или од некоја друга националност. И трето обединување треба да биде по патриотска или Татковинска линија, а тоа е сите народи и народности т.е. и верници, и неверници, и атеисти, кои држава Република Македонија си ја чувствуваат како нивна држава, без огледа дали живеат во неа или живеат во дијаспората. На овие три основи треба да стане обединувањето на нашиот Македонски народ, а потоа ќе треба да се направат стратегии за националниот интерес т.е. национална стратегија на Македонскиот народ, и по татковинска основа, и по национална основа, и по верска основа.

Во тој дух и во таа смисла сметам дека сите ние Македонците треба да се почувствуваме дека сме еден народ. Кога некој ќе рече дека е Македонец, под истото се подразбира дека тој е Македонец, а негов јазик е Македонскиот јазик. И со тоа да се заврши приказната со нас Македонците т.е. не ме интересира дали мојата определба како Македонец, е од античко време или од времето после античкиот период или од времето на словените или од времето на комунизмот и.т.н. Македонец е секој оној, кој ќе рече дека е Македонец и се чувствува како Македонец, а другото прашање е второстепено и е работа на неговите чувства. Но секој од нив има право да рече дека е Македонец и не може никој да му го оспори тоа право да се нарекува Македонец. Но исто така, некој може да се нарече Македонец, а да припаѓа од друг происход, односно Албанец или Србин или Бугарин или Романец или Влав. Во тој дух сакам да кажам, нагласам и укажам на тоа дека по таа основа треба да биде обединувањето. Сега кога веќе зборуваме за 8 Септември, денот на Македонската Република, треба да нагласиме дека ние сме Македонци, на англиски Macedonians, а понатаму, какви Македонци, секој нека си објаснува.

По прашањето на оние луѓе кои биле отстранети од Македонија или протерани, или оние кои се принудени да ја напуштат Татковината, тоа го велиме не само за бегалците кои бегале од Македонија, туку и за сите оние, кои заради состојбите во кои што живееме, немаат можност на дело да ги изразат нивните способности, па мораат да заминат од разни научни побуди, а некои и од економски, нив треба да ги вратиме во Татковината или да воспоставиме врска и конекција, за сите да бидеме сплотени.

С.Т. За волјата на вистината, за доброто на сите Германци, во 2018 година, во Германија се направи една голема коалиција меѓу демохристијани и демократи, која е неприродна, кои ден денеска се во коалиција. Во една прилика јас напишав една колумна за да се обединат Македонците во една заедничка стратегија за подобра иднина на сите. Меѓутоа, да бидам искрен, новинарска забелешка -дијалог на глуви. Дали таа пуста желба за власт и фотелја, го засенува разумот? Вие рековте од друга страна дека имаме луѓе Македонци, кои се грижат за Македонскиот идентитет и јазик, и кои се жртви на прогон. Од друга ситуација, цело е кога имаш сè, а тоа е кога Македонскиот народ интегрира во тоа големо друштво без Европската Унија и.т.н., а од друга страна, заборавајќи ги националните вредности, односно ставајќи ги своите лични и партиски интереси, и конечно каде што омразата го има главниот збор, односно растави, па владеј. Еве ако може на сите овие прашања да дадете еден сублимат.

            М.П. По прашањето омразата, која е присутна кај нас, ќе кажам дека омразата треба да биде присутна само по прашањето на гревот т.е. треба да го мразиме гревот и злото. Гревот и злото треба да се мразат, а не луѓето. Тоа го кажавме и пак остануваме на тоа. Сè додека има омраза кон луѓето, не може да се смени тоа. Треба менување на целиот државен систем, а истото се однесува и за Црквата, односно строго придржување до црковните закони, и проблемот е решен.

По прашањето на омразата меѓу луѓето, рековме дека ако сакаме единство во државата, откако ќе се направи една национална стратегија, кај нас во Македонија, од која не смее никој да отстапува, зборувам пред сè за Македонска национална стратегија, за Македонскиот национален идентитет и ентитет, за сите што живеат во Македонија и по основ на Татковината се чувствуваат Македонци. Третата стратегија треба да биде економска стратегија, која ќе се темели не на некои искривоколчени однесувања, туку исклучиво на работи кои се корисни и кои нема да бидат предмет на злоупотреба на човечкото битие.

Имено, ние не можеме да дозволиме заради тоа што треба да имаме големи приходи во државата или големи пари, да го форсираме негувањето на некој бизнис, кој е штетен и опасен по луѓето, како што се наркотиците, и истиот неконтролирано да се шири. Ние економските производи прво тука во Татковината треба да ги трошиме, а потоа следуваат другите, кои на некој начин ги купуваат или разменуваат од другите држави. Ќе ви кажам пример од Шведска, каде кога бев при една прилика и влегов во една продавница каде што се продаваа различни продукти, видов дека таму од некаде имаше донесено големи и убави јаболка, бидејќи тие имаат увоз и извоз, но сосема малку имаше домашни јаболка, па луѓето доаѓаат и ги купуваат најнапред домашните производи. Прво домашниот производ го купува, а откако ќе заврши домашниот производ, после го купува другиот производ. Што значи тоа е националната стратегија што се однесува до сите. Ние не можеме да дозволиме ако нашиот Македонец, кој си ја сака Татковината, производите кои тука ги произведува да скапуваат и да бидат уништувани, а ние да ги купуваме тие што се увезени и во полоша состојба. Значи мора да се научи водењето сметка за националната и економска стратегија во секој поглед, а не само во поглед на тоа ние да увеземе повеќе производи, на штета на домашните.

С.Т. Јас кратко би ве замолил да ми дадете едно објаснување повторно за фотелјата, која е сласт и власт во секој случај и која навистина не звучи убаво за ушите и не се хигиенски за менталната матрица. Како да се надмине оваа лоша ситуација, каде априори пред сè ја ставаме пустата желба за владеење, за оправдување со душите и чувствата на народецот по секоја цена, а на штета на волјата на народот?

            М.П. Мислам дека во целиот разговор што го водевме, е сè доволно кажано. Тука сакам да нагласам дека среброљубието, сластољубието и властољубието, се големи гревови. Тие гревови се на некој начин ќерки на гордоста. Ние треба да се ослободиме од нив, односно човек што сака пари или бара богатство, треба да бара богатство за да помага на сиромаси, сираци, вдовици, болни и на они што имаат потреба. Работодавците да вработат многумина невработени, а не да им ја цицаат крвта и потта, туку да им ја дадат заслужената награда според потребите кои ги имаат. Значи на човекот богатството не треба да му значи ништо друго, освен преку него да си ја спаси душата т.е. да го наследи рајот. Тоа е правиот начин на сите бизнисмени и богаташи, парите да не им бидат идол т.е. Господ да не им биде во парите и во богатството, туку парите и богатството да им бидат средство за спасение на душите.

На прашањето како ние треба да го раководиме нашиот имот што го поседуваме, јас како одговор го давам примерот на Светите праведни Јоаким и Ана, кои заработувачката што ќе ја добиеле во текот на годината, ја делеле на три дела. Првиот дел од неа го оставале за својата издршка, за да пречекаат гости и пријатели, вториот дел го давале на сиромаси, сираци, вдовици, билни, а третиот дел го давале на храмот т.е. на Црквата. Значи имотот го делеле на три дела и немале никаков проблем.

Значи ако правилно го распоредуваме имотот, што го поседуваме, кој Господ ни го дал, тогаш нема да имаме никаков проблем, но ние никогаш правилно не го распоредуваме, па од таму доаѓаат тие проблеми. Имотот и богатството треба да се користат рационално според потребите.

Во однос на сластољубието, ние не треба да се насладуваме во животните наслади. Сластољубие е кога човек ќе се прејаде и опие од премногу сласт за јадење и пиење, а последицата од премногу јадење и пиење, е болест на телото т.е. ќе се јави крвен притисок и други работи. Свети апостол Павле вели: „Не опивајте се со вино од кое произлегува блуд“. Значи не е забрането да се пие, туку да не се опива. Исто така во однос на воздржувањето, ние не треба да уживаме во телесните наслади. Нам ни е дадено т.е. на мажот и жената им е дадена страста за љубовта во смисла за продолжување на родот, а не за животни наслади, за мажот и жената телесно да се насладуваат, па поради насладите и пород да немаат. Да не зборуваме за оние другите, кои се од другата сфера, кои противприродно се насладуваат со своите тела или оние што ги продаваат своите тела. Ние сластољубие треба да гледаме во тоа што ќе направиме добри дела. Сласта е ако некому си направил добро дело, па гледаш дека тој човек е радосен и ти заблагодарува, а и ти се радуваш во својата душа дека си направил добро дело т.е. си помогнал, ама тоа не го искажуваш никому, за Господ да ти го прими како награда во Царството Небесно. А кога станува збор за власта или властољубието, веднаш ќе кажам дека тоа е страшна работа. Власта не треба да се прими со цел за да раководиме со луѓето, да ги заплашуваме, малтретираме, за да се покажеме дека сме силни, туку напротив, за со љубов да управуваат, било да е тоа во Црквата или во државата. Што значи, оној што е на власт, треба да го земеме примерот од Христа нашиот Бог и Спасител, Кој вели: „Не дојдов да Ми служат, туку да послужам“.

Ако Христос им ги миел нозете на Апостолите, и ние владиците треба да покажеме таков однос, и кон свештениците, и кон монасите, и кон верниците. Исто така, ако некој сака да биде управител во државата, истиот треба да биде слуга на својот народ. Претседател ли си на држава, биди слуга на својот народ т.е. на сите да им најдеш начин и пат како ќе им помогнеш, ако се скарани, ќе ги смириш, но никако да (не) држиш страна. Оној што управува штом држи страна, тој не е добар управник. Да управуваш со народот, значи да земеш врз себе голема одговорност и да си правичен т.е. твојата правда да биде усогласена со Божјата правда. Не е ли усогласена со Божјата правда, туку ти си тераш по своја правда, тогаш ти не си правичен човек. Исто така, оној што управува, никогаш не треба да е горд со тоа што управува.

Оние управници, кои управуваат со државата, дали се тоа премиери, претседатели, (градоначалници) или пратеници, треба секогаш да се запрашуваат дали правилно раководеле со државата т.е. дали бркале свои лични интереси или не. Ако се најде таков човек, кој не бркал лични интереси, него секогаш ќе го избираат, и тој ќе биде тој не само триесет години на власт, туку ќе го направат и цар да биде, но за жал, таквите луѓе се многу ретки.

Според  тоа, какви сме, такви луѓе ќе донесеме на власт. Кој управува со нас, тоа говори какви сме ние. Значи од нас луѓето зависи кој ќе управува со државата, од нас зависи, кој утре ќе стане свештено лице, владика и.т.н., но сето тоа ни се враќа. Ако ние владиците не постапуваме правилно, утре нам ќе ни се врати тоа како бумеранг т.е. генерациите што ќе дојдат по нас, нема да ја водат Црквата по правиот и вистинскиот пат, а за сето тоа одговорноста ќе падне на нас, затоа што ние не сме го држеле принципот на раководење на Црквата во согласност со учењето на Светите Отци, Светото Предание, Светото Писмо и Каноните на Вселенските и Помесните Собори.

С.Т. Еве само ќе напоменам дали вие сте еден од најсамокритичните Високодостоинственици, кој секогаш знаете да ја кажете грешката во самиот клир. Прашањето е дали солта ја губи моќта?

            Во Светото Писмо се вели дека солта е за да осоли, а тоа значи да ја заштити храната од распаѓање. Солта на Црквата се владиците и свештениците, кои треба да ја осолат духовната храна на верниците. Ако ние не ја осолиме духовната храна, тогаш очигледно ќе се расипе духовната храна. Ако јас како владика, со мојот живот, со мојата вера, со поуките, проповедите и со службата што ја извршувам, не го покажувам тоа на дело, тогаш значи дека солта станала блуткава и ја изгубила силата. Господ Исус Христос во Светото Писмо вели: „Ако солта ја изгуби силата, таа повеќе не е за ништо, освен да се фрли и да се изгази“. Солата што ја изгубила силата, треба да се фрли и изгази. Сите ние и владиците, не само во нашата Црква, туку и во целото православие, заедно со свештениците и верниците во семејствата, каде солта во семејството, се таткото и мајката, треба да се запрашаме дали сме ја изгубиле силата на солта т.е. духовната храна во воспитувањето и учењето на децата во согласност со Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци. Ако таа сол ја загубила силата, тогаш за ништо не е. Очигледно дека кај нас во голема мера е загубена солта, па затоа ние треба да поработиме малку повеќе, за солта да си ја добие својата сила, која што ќе ја штити духовната храна на верниците.

С.Т. Владико Петар живееме во време на светска пандемија, позната како Корона или Kovid -19. Исто така, сведоци сме на фактот дека Црквите сè повеќе се празни, а од друга страна имаме ситуација кога верници, кои се заболени од Kovid-19, ги посетуваат храмовите, што претставува опасност. Можете ли да ни кажете нешто токму околу ваквиот начин на однесување на верниците и за можната изолација?

            М.П. Ако имаме веронаука, ќе напредуваме, како што напредуваат земјите кои што  имаат веронаука. Еве една споредба со вирусот кај нас и вирусот Kovid-19 во Грузија. Последните сознанија се дека во Грузија има 19 или 39 починати од Kovid-19, на четири милиони народ. Ние во Македонија сме милион ипол, од кои сите не сме православни, туку има и неправославни. Во Грузија сега вкупно заразени има околу 200 души, а кај нас дневно се заразуваат околу двеста души. Што значи таму Црквата не престана верниците да ги собира во храмот. Сите во храмот си доаѓаат каде нормално се одвиваат сите работи, но тие имаат многу висока свест. Во што се однесува тоа? Грузиската Православна Црква, на секој што е болен од Kovid-19, му вели: „Се разболе ли од вирусот, веднаш оди во изолација или самоизолација и лекувај се. Црквата не им вели: „Ако си болен од Kovid-19, доаѓај во Црквата, туку им вели да се лекуваат во изолација, а Црквата ќе дојде кај нив т.е. свештеникот ќе дојде кај верниците за да ги причести и исповеда и.т.н.

По однос на ова прашање, ние имаме примери во Светото Писмо од времето на Господа Исуса Христа. Тогаш имало некоја болест како денес Kovid-19, а тоа било лепрата. Во тоа време сите лепрозни т.е. заболени од таа заразна болест, биле во изолација, но не во домашна, туку во изолација надвор од населените места, за да не се мешаат со другите. Еднаш кога Христос минувал покрај тие места, каде во изолација биле десетмина лепрозни, тие повикале кон Него со силен глас: „Исусе Сине Давидов помилувај нè нас грешните“, и Господ се смилувал над нив и ги излекувал. Потоа што им рекол? Одете кај свештениците да ве проверат дали сте оздравени, и кога тие ќе ви дадат потврда дека сте оздравени, тогаш ќе бидете во заедница(та) со останатите луѓе. Ете, истото тоа го практикува и Грузиската Црква. Исто тоа треба и ние да го практикуваме, а ако го практикуваме, нема да имаме никакви проблеми со заболувањето и проблемот е решен? Проблемот е што се крие болеста т.е. секој од секого крие дека е болен, а некој дури и намерно ја пренесуваат болеста и никој не се изолира. Во однос на тоа дека болеста се пренесувала преку Причесната, такво нешто можат да кажат само ненормални луѓе т.е. неверници. За нас тие се ненормални, бидејќи се неверници. Човек што не верува, па дури и владика да е, ако мисли дека таа болест се пренесува преку Причесната, тој е неверник и истиот треба да се одлачи (изопшти) од Црквата. Но надвор од Црквата, надвор од Причесната, која е Самиот Христос, Неговото Тело и Неговата Крв т.е. духовно Тело и Крв на Христа нашиот Бог и Спасител, Кој е Лекарот над лекарите, Кој лекува, а не заразува, можеме ли да се заразиме? Овие работи треба да се знаат. Затоа во државата треба да се воведе веронауката од прво до средно училиште, за да се знаат овие битни и спасоносни работи.

Ако имаме веронаука во образованието, тогаш ние ќе немаме такви појави, како што денеска од вернците слушаме по телевизиите дека одат во Црква за да запалат свеќа. Во Црквата не се доаѓа само за да се запали свеќа, во Црквата се доаѓа да се следи богослужбата, без разлика дали е тоа утринска, Литургија или вечерна богослужба. Во нашата Македонска Православна Црква сега на Македонски литературен јазик, се преведени сите богослужбени книги од страна на нашата Епархија и од Синодот, а преведени се и служебникот, часословот, требникот, така што скоро сите богослужбени книги се преведени и верниците можат на Македонски литературен јазик да ги следат богослужбите.

С.Т. Владико Петар, Македонија е држава која има дијаспора, која е оддалечена од матицата. Како да ја вратиме матицата од дијаспората?

            М.П. Ние во почетокот имавме погрешен пристап и приод кон нашата дијаспора. Тука зборувам од аспект на држава и од аспект на Црква. Во тоа време Црквата во дијаспората беше на некој начин под силно влијание на државата, па така, Црквата т.е. Црковните претставници, кога зборувам за претставниците, мислам на владиците, кои во тоа време целосно ја подржуваат тогашната државна политика по однос на нацијата, односно на прво место беше истакнуван југословенизмот, а за Македонската кауза, за Македонскиот етност и идентитет, многу помалку се зборуваше.

Но очигледно е дека некои луѓе од тогашната државна власт имаа голем респект кон Црквата, бидејќи знаеја дека Црквата беше фактор на единство на народот преку верата, голем фактор била во сите востанија и војни во Македонија, почнувајќи од Карпошовото 1689, Разловечкото 1876, Македонското 1878, Крушевското 1903 и други, па и од Првата и Втората Балканска и Првата и Втората Светска Војна. Црквата беше факторот и до 1991 / 92 година, кога станавме суверена држава, кога повеќе знаеја да ја вреднуваат или барем да признаат дека Црквата беше фактор, иако ја угнетуваа, односно ја држеа под своја контрола (комунистичките власти). Од друга, пак, страна Црквата не поведе доволно грижа и сметка да ги преобрази верниците во дијаспората да ја сакаат верата и да станат добри познавачи и практиканти на верата и на животот во Црквата, па од тие причини нам таму ни се изродија две три групи на луѓе, едни кои се тепаат во градите со нивните таканаречени национални (патриотски) чувства дека тие се големи Македонци, а други, пак, испаднаа дека се подражатели на тогашната југословенска политика, која всушност не водеше сметка ниту за македонското национално добро, а уште помалку за црковното. Од тие причини нам дијаспората и денеска ни е поделена. Ние мораме да признаеме дека имаме поделба во дијаспората на луѓе, кои црковно се веќе освестени и живеат според верата или се трудат да живеат според верата т.е. признаваат дека треба духовно да се лекуваат, односно да се усовршуваат во верата, и луѓе кои од Црквата не гледаат ништо друго, освен бизнис, и тоа добар бизнис, кажувајќи дека биле претседатели, директори или благајници на таа и таа црковна општина, сакајќи преку тие функции да ги задоволат желбите и апетитите, кои не ги оствариле кога биле тука во Македонија. Ние треба  прво на ова да поработиме во Црква, а ако успееме да ја извршиме таа преродба, тогаш сме на правиот и вистински пат. Факт е дека нам дијаспората ни е многу битна од повеќе аспекти. Првиот и основен аспект дека дијаспората ни е битна, е затоа што најголемиот дел во Македонската дијаспора се православни Македонци т.е. околу 95 посто, ако не и повеќе. Втората работа, е дека тие луѓе не траба да ја прекинат врската со својата Татковина, иако веќе генерациски не се врзани со Татковината, но се врзани преку својот татко, дедо, прадедо, прапрадедо и.т.н., и таа врска треба да се воспоставува, а тоа ќе се постигне, ако тие доаѓаат тука во Македонија и си го научат Македонскиот јазик. Имам сознанија за две личности т.е. две сестри, од кои едната, доаѓаше тука во Македонија на два три месеци и одлично го научи Македонскиот јазик, а другата сестра, воопшто немаше дојдено и не го научи добро Македонскиот јазик т.е. го знае, ама не го говори добро, што е мал хендикеп за неа тоа по прашањето на јазикот. Што значи мора да ги носиме децата од дијаспората тука, за да си го учат јазикот и да си ги видат огништата на дедовците и прадедовците. Селата мора да оживет. Еве Корона вирусот т.е. Kovid-19, донекаде ги оживе селата.

С.Т. Со Корона вирусот луѓето се враќаат во селата. Кажете нешто повеќе за тоа.

            М.П. Вирусот Kovid-19, даде можност да оживеат селата. Еве јас живеам горе на Пелистер (Трново – Магарево) и гледам дека селата веќе оживуваат, говорам конкретно за Трново и Магарево. Ете, оние викендици, кои веќе се распаѓаа, сега се купаваат, а се прават и нови. Луѓето веќе сè повеќе се присутни во викендиците, отколку долу во градот, бидејќи почнаа да разбираат и сфаќаат дека животот не е толку спокоен во урбаните средини, каде што е присутна цивилизацијата, колку што е во руралните места, како што се селата.

Македонија е мала, па побргу ќе стигнете од едниот крај на Македонија до другиот крај, односно побргу ќе стигнете од Табановце до Света Богородица т.е. да излезете од Србија и да влезете во Егејска Македонија, отколку од Драчево да стигнете во Ѓорче Петров, кога е густ собраќајот. Ете, ако Македонија е толку мала и толку бргу се стигнува, сите треба да си ги обноват своите селски куќи и да се вратат на дедовските огништа.

Ете истото тоа ние треба да го направиме и со дијаспората т.е. да дојдат нашите иселеници и да си ги видат и обноват дедовските и прадедовските куќи, да ги обноват црквите во селата, таму каде што не се обновени и да почне животот во селата. Во урбаните населби не може да има таков живот и таков спокој како што има во селата. Затоа да си ја прибереме нашата дијаспората, за да не биде како онаа поговорка: „Далеку од очите, далеку од срцето“ т.е. ако е во Австралија, а не дојде во Македонија, тој ќе може од таму да помага, ама ќе ги подзаборави своите роднини, но ако дојде во Македонија и ги види татковските огништа и ако вложи едена четвртина од имотот во Македонија, тогаш Македонија ќе биде совршена земја, по однос и на материјалните богатства.

Истото тоа при една прилика му го кажав на еден наш бизнисмен или стопанственик од Австралија, кој велеше дека во Македонија вистински нема власт и живот, на што му  одговорив дека за тоа се виновни Македонците од дијаспората. Ме прашува како? Му велам: „Ако вие сакате Македонија да биде преродена земја, треба да се вратите во Македонија и вие да бидете на власт во Македонија. Ме прашува како? Му одговарам: „Половината од својот имот заложи го и внеси го како имот или инвестиции во Македонија, и со него вработи барем пет до десет души. Па така, ако половината од Македонците се вратете од дијаспората, а тоа се околу двеста илјади души, и вработите по пет мина, тогаш вие ќе управувате со државата, бидејќи ќе вработите еден милион луѓе. На таков начин вие Македонија ќе ја дигнете економски.

Ми вели: „Да, тоа е многу добро, ама јас имам семејство, внуци“. Јас му велам: „Тогаш да не се залажуваме и да кажуваме прикаски дека сме големи патриоти, ако не сме подготвени тоа на дело да го покажеме, а на дело се покажува со тоа што ќе инвестираме во Македонија, прво за Црквите и манастирите, а потоа за нашите дедовски и прадедовски огништа. Само на таков начин ќе и помогнеме на Македонија и ќе ги сродиме децата со нивните роднини од Македонија, Австралија, Европа, Америка, Канада и од цел свет каде што не има нас Македонците.

Се сеќаваме што се случи кога се распадна Русија, односно СССР, и кога еден милион Евреи се вратија од Русија во Израел? Тие тогаш станаа партија со еден милион, која сигурно го сочинуваа (Израел) скоро една четвртина повратниците Евреи од СССР.

С.Т. Ваше Високопреосвештенство, какви Македонци сме ние?

            М.П. Повторно ќе кажам дека оставаме секој да се чувствува и да си искажува што е, но најбитно е да се чувствува дека е Македонец. Понатаму, како секој ќе ја развива својата мисла за неговото потекло или приврзување, е лична работа. Јас лично како човек тоа го имам кажано и во мојата магистерска работа, каде што зборувам за потеклото на нас Македонците. Тоа на некој начин, го допираат и многу слависти, кои пишуваат за потеклото на Свети Климента, кој себеси во натписот на проповедите се става како епископ словенски, оти тогаш во времето на славиниите преовладувала словенската кауза, а се знае дека славинии имало дури и на Пелопонез. Што значи, во времето на славиниите, во цела Грција, повеќе се зборувало словенски, отколку грчки. Но тоа се јазични работи, кои се менувале.

Личното моето мислење (таму, во Магистерскиот труд сум се изјаснил), е, дека ние Македонците според моето длабоко убедување, сме една симбиоза од античките Македонци и Македонските Словени. Значи симбиоза т.е. народ кој што тука постоел и кој не исчезнал, без оглед како бил именуван т.е. дали Грци, Илири, Мизијци, Тракијци и.т.н., битно е дека тој народ си бил тука, во времето на Античките Македонци и не исчезнал, а кога дошле, ако дошле, словените, тој со нив направил еден нов комплот, нов сплет т.е. симбиоза на еден народ. Тоа е моето лично мислење и јас секогаш останувам на тоа и секогаш сум го кажувал тоа, но кога ќе треба да се каже која ми е нацијата, јас велам: „Мојата нација е Македонска“. Ако така се чувствува секој Македонец и така кажува и се однесува, проблемот е надминат. Ние сме Македонци и нашиот јазик е Македонски.

Во однос на тоа дали некој нашиот јазик ќе го врзува со словенскиот јазик или со словенските јазици, или, пак, со грчкиот, тоа не е наш проблем. Ние ако со нашиот Македонски јазик направиме споредба со местото на зборовите во реченицата со грчкиот јазик и со некои од словенските јазици, ќе видиме дека грчкиот ни е поблизу, бидејќи целосно се поклопува местото на зборовите во реченицата со грчкиот јазик. Значи ние сме Македонци, нашиот јазик е Македонски и нашата нација Македонска. Тоа треба да се расчисти и знае.

Во однос на именувањето на нашата Македонската Православна Црква, веднаш ќе кажеме дека нашата Црква треба да се именува со имињата, кои биле присутни на овие простори каде што сме сега ние. На овие простори во близина на Скопје, било седиштето на Јустинијана Прима, и ние не треба да бегаме од тоа, туку напротив, тоа треба да го потенцираме дека ние сме наследници на Јустинијана Прима, која во 602 година, престанала да функционира како институција и организација, а не како заедница, туку како организација, бидејќи таа понатаму продолжува да функционира и во времето на Свети Климент. Доказ за тоа се архиепископите во Охридската Архиепископија, кои се потпишувале како Архиепископ(и) Охридски и на Јустинијана Прва.

Понатаму во комунистичкиот период кога ние сме се ослободиле, односно почнувајќи од Издеглавје  на дваесет и први септември 1943 година, кога се формира и првото верско повереништво на слободната територија на Македонија, после се ослободуваат и другите места, како Прилеп, кој е првиот град што се ослободил, Куманово и.т.н. Што сакам да кажам? Зборот ми е дека кога ние во тој период сме се ослободиле, односно сме ја добиле нашата самостојност од Српската Црква т.е. Одлука или Томос дека сме самостојна Црква, а не автономна. Да бидам искрен, дури не пишува ни автокефална, туку стои само самостојна, а за тоа дали сме самостојна или не сме самостојна, се гледа од нашиот Устав, кој во тоа време бил признаен од Српската Црква. Во самата таа Одлука или Томос, за нас се вели дека Уставот на Српската Црква повеќе не важи за Епархиите во тогашна народна Република Македонија. Што значи, ако не важи Уставот на Српската Православна Црква, значи ние се раководиме по наш Устав, а ако се раководиме според наш Устав, тоа значи дека ние имаме своја законодавна, извршна и судска власт, бидејќи во самиот Устав стои кој им суди на Архиереите на Македонската Православна Црква, а тоа е Синодот на МПЦ. Е сега дали Синодот на МПЦ ќе позајмува од другите Цркви некои архиереи за судење, тоа е друго прашање, но нашиот Устав ни го признава Српската Црква, односно тие ни рекоа: „Не сте вие повеќе под нашиот Устав“.

Тогаш во тоа време, двете Цркви во тогашна Југославија, требаше да бидат обединети преку една личност т.е. преку Патријархот, како што Тито, претседателот на Југославија, ги обединуваше петте Републики. Така, по тој принцип, Патријархот треба да биде Патријарх на двете Цркви т.е. на Српската, и на Македонската Православна Црква, а така и се потпишуваше Патријархот Герман, како Патријарх Српски и Македонски, и Патријарх на Српската и Македонската Православна Црква, за кое нешто имаме и документи.

Така што во тој поглед, нашата автокефалноста или нашата самостојност, е дадена од страна на Српската Црква.

Еве, сега дојдоа други времиња, кога имаме големи расколи, за потоа да дојдат големи обединувања. Се надевам(е) дека ние ќе ја добиеме нашата автокефалност од таму, од каде што сите ја добивале, а тоа е Цариградската Патријаршија.

Цариградската Патријаршија и дала автокефалност, и на Руската, и на Српската, и на Романсакта, и на Бугарската Црква, и на сите други понови Помесни Православни Цркви, зашто автокефалноста на другите Цркви, се решавала на Вселенските Собори, а по завршетокот на Седмиот Вселенски Собор, практично давањето на автокефалност, преминало во компетенција на Цариградската Патријаршија. Па така, Цариградската Патријаршија, е таа што дава автокефалност по Вселенските Собори на сите Помесни Православни Цркви.

Се надеваме дека од таму и ние ќе добиеме автокефалност, а мое претчуство е дека по нашата автокефалност, можеби ќе дојде и целокупно обединување на целото Православие, кога ќе се надмине тој јаз помеѓу Руската и Цариградската Патријаршија. Обединувањето на православието ќе се случи, ако Православната Црка се раководи според Светото Писмо, Светото Предание, учењето на Светите Отци, а исто така и според каноните на Вселенските и Помесните Собори.

С.Т: Дедо Владика ви благодарам за гостувањето!