Велики Четврток – Света Архиерејска Василиева Литургија во митрополитскиот храм „Свети Великомаченик Георгиј“, во Битола

На 16.04.2020 г., во Четвртокот од Страсната седмица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган  Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во митрополитскиот храм „Свети Великомаченик Георгиј“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Сине Божји, прими ме за учесник на Твојата Тајна вечера, зашто нема да ја кажам тајната на твоите непријатели, ниту целив ќе ти дадам како Јуда, туку како разбојникот Те исповедам, спомни си за мене Господи во Царството Твое“.

Браќа и сестри, Господ Бог, од Својата преголема љубов кон човекот, т.е. кон човечкиот род, од Своите Свети прегратки, го испрати Својот возљубен Син и наш Спасител, Господ Исус Христос, да дојде во светот за да го спаси, зашто „Бог толку го возљуби светот и човекот, така што и Својот Единороден Син го даде, та секој што ќе поверува во Него да нè погине, но да има живот вечен“ (сп. Јован 3, 16).

Господ, браќа и сестри, се грижи за човечкиот род. За тоа, пак, дека Господ премногу се грижи за човечкиот род, ни говори и Свети Јован Богослов кој вели дека Господ не дошол за праведниците во овој свет, туку за грешниците. А за тоа Господ ни раскажал повеќе  параболи, меѓу кои и онаа парабола за загубената овца, во која се вели дека Господарот ги оставил деведесет и деветте овци и тргнал да ја бара загубената овца. Пастирот потрошил многу време додека ја нашол загубената овца, бидејќи тој болно го доживува губењето на неговата овца, па затоа така ревносно ја бара. Откако ја нашол загубената овца, тој почнал да се радува со огромна радост и ја носи назад во своето стадо, а потоа ги повикува пријателите и им вели: „Радувајте се со мене, оти ја најдов загубената овца“ (сп. Лука 15:4-6).

Господ кажал исто така и други параболи, како што е и параболата за загубенатта драхма, односно за една пара, која во тоа време се нарекувала драхма. Имено, Господ вели дека една жена имаше пари и ги пребројуваше, но при една прилика забалежа дека една пара или една драхма и беше загубена. Се вели дека таа целиот дом го преврте чистејќи и метејќи, барајќи ја загубената драхма, па кога ја најде драхмата, премногу се израдува и ги повика комшивките, пријателките и другарките свои и им рече: „ Радувајте се со мене, оти ја најдов загубената драхм“ (сп. Лука 15, 9).

Спасителот наш Господ Исус Христос, дошол во овој свет да го побара, да го најде и да го спаси загубеното. Кое е тоа загубено? Загубеното е самиот човек, првосоздадениот човек од Бога, односно Адам и Ева, а преку нив и целиот човечки род. Па така, кога ќе размислиме колку голема љубов покажал Господ кон човечкиот род, ние скоро ништо не Му возвраќаме, за таа преголема љубов што нам ни ја покажал.

Ете, колку болно Спасителот го чувствувал и го чувствува отпаѓањето на човечкиот род од Него, отпаѓањето на Адама и Ева, кои ги создал за вечен живот и ги поставил во рајот и им даде само една заповед, да не јадат од забранетиот плод. Но тие ја прекршиле единствената заповед, и ете, заради тоа дошол гревот во човекот, односно гревот дошол преку Адама и Ева, наследно во сите луѓе. Единствениот кој може да нè избави од гревот и смртта, која е последица на гревот, е Самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.

Денес е Велики Четврток и на овој голем и спасоносен празник, ние си споменуваме што се случило на овој ден. На овој ден, Спасителот Господ Исус Христос, Кој на дело покажал дека нè дошол да Му служат, туку да послужи, одлучил на Велики Четврток да се препаше со крпа околу половината и им наредил на Неговите Ученици да седнат, а Он ним (на еден по еден) им ги миел нозете.

Христос Спасителот наш сакал да покаже дека дошол да им послужи на луѓето во светот, а не да Му служат. Видете, колку голема понизност покажал Спасителот наш, со цел нам да ни укаже, како ние треба да бидеме понизни едни кон други.

Ете, пак, кога дошол да му ги измие нозете на Свети апостол Петар, овој рекол: „Не, мене нема никогаш да ми ги измиеш нозете Господи“ (сп. Јован 13, 8), а Господ Му рекол: „Ако не ти ги измијам нозете, знај дека не ќе имаш удел во Царството Мое, во Царството Небесно“ (сп. Јован 13, 8). Тогаш Свети апостол Петар ја сфатил својата грешка и рекол: „Тогаш Господи, не само нозете, туку и главата и целото мое тело измиј го и очисти ме“ (сп. Јован 13, 9).

Браќа и сестри, кога биле миени нозете на Апостолите, во еден тропар, се вели дека тогаш Апостолите се просветлувале, но истовремено, еден од Неговите ученици, односно Јуда, се помрачувал, зашто тој бил обземен од среброљубие. Па така, тој отишол во Синендрионот, за да поразговара за тоа, што ќе му дадат првосвештениците и старешините, за да им Го предаде Христа нашиот Бог и Спасител. Од тогаш, браќа и сестри, откако отиде Јуда во Синендрионот, целиот се промени, односно тој повеќе не мислеше ништо за своето спасение, не мислеше за Христа нашиот Бог и Спасител, не мислеше да направи некое добро дело, туку да го предаде Својот Учител и наш Спасител, Господа Исуса Христа.

Па така, Господ Исус Христос, кога ги кажал оние параболи за загубената овца и за загубената драхма, Он истото тоа еве го кажува и на Неговите Свети Апостоли, односно го предупредува Јуда и му вели пред сите ученици: „Еден од вас ќе Ме предаде“ (сп. Мат. 26, 21). Тогаш сите се прашуваат и Го прашуваат Господа: „Кој е тој?“ Секој поединечно прашува: „Да не сум јас Господи?“ (сп. Мат, 26, 22). Кога дошол редот на Јуда и тој рекол: „да не сум јас“, тогаш Христос му вели: „Ти рече!“ (сп. Мат. 26, 25). Причесната Господ Исус Христос ја востановил токму на Велики Четврток, со зборовите: „Ова е Моето Тело, (покажувајќи на Лебот) кое за вас се прекршува“ (сп. Лука 22, 19), а потоа покажал на Чашата и рекол: „Ова е Мојата Крв на Новиот Завет, која за вас и за мнозина  се пролева за прошка на гревовите“ (сп. Лука 22, 20). Ете, во тој момент натопил од Светиот Леб во Светата Чаша и му дал на Јуда и го причестил, а во тој момент сатаната влегол во Јуда. тогаш Господ му рекол: „Тоа што ќе го правиш, прави го што е можно побргу“ (сп. Јован 13, 27). Тогаш Јуда заминал и отишол да Го предаде Христа. Тој во храмот, на првосвештениците им вели предадов праведна крв, и им ги фрлил парите (тиресетте сребреници) во храмот, а тие му рекле: „Ти, мисли му за тоа“. Потоа првосвештениците рекле дека не е добро тие пари да се стават во црковната каса и со нив да се помагаат сиромасите, оти се за крв дадени туку се договориле со тие пари да купат нива, на која ќе ќе се погребуваат туѓинци, а таа нива и до ден денес се именува крвна нива.

Јуда, откако му ја предал душата на сатаната, не бил повеќе во состојба да се покае за својот грев, па затоа отишол на тајно место, и на една врба направил јамка и се обесил, затоа што така сатаната му рекол.

Браќа и сестри, во врска со предавството на Господа Исуса Христа од страна на Јуда, се случува уште една друга работа. Имено, станува збор за три копја што Господ длабоко ги доживеал, кои биле забиени длабоко во Неговото срце.

Првото копје што било забодено во Спасителот е напуштањето на Јуда на Светата дружина – Апостолите. Јуда, напуштајќи Го Христа и Апостолите, станува жртва на сатаната, на ѓаволот.

Второто копје е тоа што Јуда оди и се обесува т.е. се самоубива, наместо да се покае за својот грев. А третото копје, е копјето што го забодел во Господа Исуса Христа, Светиот апостол Петар, кога рекол дека Христа никогаш нема да го предаде, а Господ му рекол: „Додека петел не запее, ти три пати ќе се одречеш од Мене“ (сп. Лука 22, 34). Тоа се случило кога, Спасителот, Господ Исус Христос, бил изведен на суд кај Ана и Кајафа. Тогаш Свети апостол Петар од љубопитност дошол во предворјето, каде што луѓето се грееле, бидејќи било ладно, за да види каков ќе биде крајот на Господа. Тогаш Светиот апостол Петар го прашале: „Да не си и ти еден од Неговите ученици?“ (сп. Лука 22, 58), а тој одрекол дека е Христов ученик. Потоа некоја жена му вели: „Ти си од Неговите ученици“ (сп. Лука 22, 56), а апостол Петар повторно одрекол, а потоа кога му рекле дека и зборот, односно говорот те издава дека си ученик на Овој што е сега на суд т.е. Спасител, тогаш Свети апостол Петар и по трет пат се одрекол од Господа Исуса Христа и тогаш по трет пат запеал петел.

Тогаш Свети апостол Петар, се сетил на Христовите зборови: „додека петел три пати не запее, три пати ќе се одречеш од Мене“ (сп. Лука 22, 34).  Потоа Христос нашиот Спасител кога излегува од судницата на Ана и Кајафа, бил потребен само еден поглед упатен кон Свети апостол Петар, со кој бил прекорен за откажувањето на Господа Исуса Христа. Свети апостол Петар наеднаш длабоко почувствувал дека згрешил и направил голем грев, па затоа излегол надвор, се потпрел на ѕидот и горко плачел за својот грев што го направил, односно за тоа што се одрекол од Христа.

Свети Климент, папата Римски, кажува дека Свети апостол Петар, секогаш кога наутро ќе слушнел петел да пее, ронел огромен број солзи за својот грев, зареди одрекувањето од Христа нашиот Бог и Спасител.

И еве сега, браќа и сестри, го имаме она што е најбитното, што се случило на овој ден, а тоа е создавањето на Светата Тајна Евхаристија, Приносот или Причесната. Имено на Тајната Вечера се случило најголемото чудо, Христос нашиот Бог и Спасител, покажал на лебот што бил на Трпезата и рекол: „Ова е Моето Тело, кое за вас се прекршува за прошка на гревовите“ (сп. Лука 22, 19), а потоа покажал на Чашата во која имало Вино и рекол: „Ова е Мојата Крв на Новиот Завет, која за вас и за мнозина се пролева за прошка на гревовите“ (сп. Лука 22, 20). „Ова правете го за Мој спомен“, им рекол Спасителот на Апостолите. Господ Исус Христос на зборовите на Апостолите кои жалеле дека Христос ќе замине од нив, бидејќи им кажал дека Тој за три дена, откако биде распнат на Крстот ќе Воскресне од мртвите, а потоа ќе се Вознесе на небесата им вели: „Нема да ве оставам да бидете сираци, зашто јас ќе бидам со вас до крајот на светот и векот“ (сп. Јован 14, 18).

Како е Христос присутен до крајот на светот и векот? Присутен е токму преку Светата Тајна Евхаристија – Причесната, зашто од тогаш до денес и до крајот на светот, а и во Царството Небесно ќе биде Литургијата т.е. Приносот, Телото и Крвта на Христа нашиот Спасител, овде земната, а во Царството Небесно, небесната Литургија. На секоја Божествена Литургија, на овој Свет Престол, односно на секој Свет Престол се случува тоа најголемо чудо, кога Светиот Дух, за време на Канонот на Евхаристијата слегува и благословениот Леб го претвора во Тело, а благословеното Вино во Крв Христова. Тоа не е материјално Тело, тоа е духовно, под вид на Леб, Тело Христово, но, исто така и тоа не е материјално, тику духовно, под вид на Вино и Крв, Христова. Ние духовно  ги примаме и Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, и токму затоа Господ рекол дека до крајот на светот ќе биде со Своите Ученици и Апостоли, а и со сите нас.

И во Откровението Христово се вели дека вечна ќе биде Божествената Литургија, односно Светата Трпеза Христова и ништо друго нема да се случи поинаку, освен продолжена Света Литургија во Царството Небесно, во вечниот живот, по Страшниот Христов Суд.

Па затоа да се помолиме на овој Свет ден, Господ да Го испрати Својот Свет и спасоносен благослов, за преку него да се всели во нас Божјата благодат, та и ние да разбереме и сватиме дека сме Божји чеда и учесници во Тајната Евхаристија во веки веков. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар