Недела на Сите Македонски Светители – Света Архиерејска Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско, во Охрид

На 04.10.2020 г., во Седумнаесеттата недела по Педесетница (Недела по Воздвижение на Чесниот Крст), кога го празнуваме Соборот на Сите Македонски Светители, споменот Светиот апостол Кодрат, Светиот свештеномаченик Ипатиј, епископ Ефески и Андреј презвитер и споменот на Свети Димитриј Ростовски, Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сосолужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Неговото Преосвештенство Епископот Хераклејски г. Климент, архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов, свештениците Димче Азески и Ѓорѓи Блажевски и протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско во Охрид.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името на Отецот и Синот и Светот Дух!

Високопреосвештени Владико Тимотеј, Преосвештени Епископе Клименте, Високопреподобен архимандрите, Високопречесни протоереи и протоѓакони, драги браќа и сестри!

Денес е голем и спасоносен празник за нашата Света Македонска Православна Црква, зашто денес во оваа прва Недела во месец октомври по нов стил, ги славиме Сите Македонски Светители.

Кога зборуваме за Македонските Светители, мораме најнапред да се потсетиме дека првиот, кој го проповедал Словото Божјо во Македонија, кого го славиме како наш духовен родител, е Светиот апостол Павле, чиј ученик е Светиот апостол Тимотеј, чие име го носи и вашиот надлежен епархиски Архиереј.

Свети апостол Павле, заедно со Светите апостоли Лука, Сила и Андреј Првоповиканиот, а според некои и Свети апостол Матиј, кој бил избран со ждрепка (на местото од Јуда), го проповедале Словото Божјо и последниов го положил својот живот во нашата Света земја. Токму затоа Свети апостол Павле ќе рече на Коринтјаните: „Словото Божјо најнапред се заврза во Македонија“, потсетувајќи ги дека Македонците им ги отстапиле на Апостолите, не само своите души, туку и своите материјални богатства и добра, кои ги сметале за Божји дар, според првото блаженство: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството Небесно“ (сп. Мат. 5, 3).

А кои се бедни по дух, браќа и сестри? Тоа се светителите, кои ништо не сметале за свое, па дури и она што го проповедале, не го сметале за нивна заслуга и труд, како што ќе рече Светиот апостол Павле: „Не сум недостоен да се наречам Христов апостол, оти ја гонев Црквата Божја, но повеќе се трудев од сите нив, не јас, туку Божјата благодат, која е во мене“ (сп. 1. Кор. 15, 9-10). Никој од Светите Апостолите, браќа и сестри, кои проповедале во нашата Света земја, не говореле од себе, туку говореле од Светиот Дух.

Па така, браќа и сестри, и Светиот апостол Павле, дошол во Македонија, не по своја желба. Обично, кога Свети апостол Павле патувал некаде, тој ги планирал своите патувања, но неговото второ патување во Македонија, не било негов план, туку бил Божји план. Некои толкувачи на Делата Апостолски, за она место каде што се говори дека на Свети апостол Павле во Троада му се јавил Македониц, кој му рекол: „Дојди кај нас во Македонија и помогни ни“ (сп. Дела 16, 9), велат дека човекот, кој му се јавил, не бил само Македонец, туку бил ангелот на Македонскиот народ.

Па токму затоа, кога видел дека тоа не е негов план и програма за патување, туку дека е Божји повик, веднаш се оѕвал на поканата на Македонецот, од Троада да дојде во Македонија, во градот Филипи, каде ја основал првата црковна општина.

Во градот Филипи, Свети апостол Павле, проповедал покрај реката Зигакт, каде жените обично ги переле своите алишта, меѓу кои била и Света Лидија Македонка, од градот Тиатат, која се занимавала со продавање на ткаенини. Ете, се вели дека нејзе Господ и го отворил умот за да го разбере Словото Божјо.

Света Лидија, браќа и сестри, е онаа, која во својот дом ги прими Светите Апостоли, велејќи им: „Ако ме сметате за верна, не смеете да го одминете мојот дом“. Па така, Светиот апостол Павле, кој не милувал да престојувал во домовите на луѓето, не можел да ја одбие, зашто како што кажува понатаму, таа целосно им ја предала својата душа, по примерот на Марија, сестрата на Марата, за која Христос вели: „Марија го избра подобриот дел, кој нема да ѝ се одземе“ (сп. Лука 10, 41).

Браќа и сестри, така словото се заврза во Македонија, зашто нашата Света Македонска земја, не ја освети некој друг, туку Самиот Бог, преку Светиот Дух, Кој Го проповедаа Светите Апостоли, кои своите животи ги положија за нашата Света Православна Вера. Ете, тие ја просветлија и осветија Македонија.

Меѓу Апостоли, кои проповедале во Македонија, исто така се споменуваат: Сосипатер, Гај и Аристарх, кои  самиот Светиот апостол Павле ги нарекува Македонци, а не Елини или Јудејци. Понатаму, браќа и сестри, нив ги наследвуале, епископи, кои биле избрани од Апостолите, кои се нарекуваат Македонски, како што се епископите Убан и Роман и.т.н.

Понатаму, почнувајќи од првите три црковни општини во Филипи, Солун и  Бер, словото се расширило насекаде во Македонија. Божја волја беше таква нашата земја Македонија да стане Света. Зошто велиме света? Затоа што нашата Татковина Македонија, не ја одмина ни Мајката Божја, Пресвета Богородица, која во 9 век ја основа Светата монашка заедница и држава Света Гора, која е украс на сето православие, каде постојано се случуваат големи чуда и продолжува да се пренесува делото на Светите Отци од првите векови, како што се:  Свети Василиј Велики, Свети  Григориј Богослов, Свети Јован Златоуст, Свети Атанаси Велики, Свети Кирил Александриски, Свети Кирил Ерусалимски, Светите Григориј Ниски, кои живееле во таканаречениот златен периот на Црквата. На таков начин, нашата Света Православна Вера, се шири преку делото на Светите Отци.

Ете, ние за наша среќа, меѓу Светите Отци го имаме Светиот Гаврил, епископот велички, кого го канонизиравме пред три години, чие Свето тело денеска се наоѓа во манастирот Свети Гаврил Лесновски. Кога говориме за Светите Отци на Македонската Православна Црква, треба да знаеме дека сите тие по род не биле Македонци, туку доаѓале од различни краеви на светот во оваа Света и благословена земја Македонија, каде наоѓале прибежиште за да го шират Словото Божјо.

Да си спомнеме и за градот Охрид, кој всушност е духовна престолнина на нашата Света Православна Црква, именувана Охридска Архиепископија и Јустинијана Прима или Прва, која била основана од царкот Јустинијан, кој е од нашиот Македонски род, од селото Таврисион или Таор, кој бил цар на Ромејската држава, кој ја основал Црквата Јустинијана Прима или Прва, која всушност е и Црква на овие наши Македонски простори.

Ние не смееме да заборавиме дека на овие наши Македонски простори сме имале Црква од најрано време т.е. од времето на Свети апостол Павле, кога домот на Света Лидија, станал првата црква во Македонија и Европа.

На овие наши Македонски простори, браќа и сестри, делувале и работеле и многу други Свети луѓе. Вториот значаен и суштествен дел на нашата Света Црква, е времето на Светите браќа Кирил и Методиј, кои по потекло се од Солун, од мајка македонка, а од татко грк. Но христијанската вера, не се врзува за нацијата, туку се врзува за Христа нашиот Бог и Спасител. Па така, учениците на Светите браќа Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум, Охридските Чудотворци, најмногу делувале тука, во Охрид и охридско, па затоа познатиот Охридски Архиепискот блажениот Теофилакт, составувачот на опширното житие на Свети Климент, ќе рече: „Свети Килмент, е вториот Павле, вториот Свет апостол, кој ја просветлил Македонската земја“, зашто во тоа време, Македонците или словените, иако биле крстени, во нивните души и срца, длабоко не бил втемелен и проткаен  духот на нашата Света Православна Вера, зашто Словото Божјо им се проповедало на непознат, туѓ, грчки јазик.

И така, Охрид станува школа, скоро рамна на Магнаурската школа во Цариград, која од своите средини произвела врвни Свети луѓе т.е. и епископи, и учители на Црквата, а таму се школувал и Светиот Кирил Солунски, братот на Свети Методиј, кој бил прогласен за логотет т.е. за еден од најучените луѓе.

Па така, браќа и сестри, кога ќе се запрашаме, кои се оние, кои го проповедале Словото Божјо во нашата Света Македонска земја, ќе видиме дека покрај Апостолите и епископите, има и многу други светители и подвижници, кои го проповедале Евангелието во тогашните познати градови т.е. епископски столици или катедри во Македонија, како што се: Хераклеја (денешна Битола), Скупи (денешно Скопје), Стоби, Баргала (денешен Штип), Солун, и друг свети места и градови во Македонија.

Ние, браќа и сестри, треба да си споменуваме за сите Божјите угодници и наставници, кои го проповедале Словото Божјо во нашата Света Македонска земја, чиј број е неизброив. Зошто? Затоа што знаеме дека проповедници во оваа земја не биле само Светите апостолите Павле, Лука, Сила и Тимотеј и други, не била само ни Света Лидија, првата христијанка во Македонија и во Европа, не биле единствени ни епископите Урбан, Роман и оние кои биле учесници на Помесните и Вселенските Собори на нашата Света Православна и Апостолска Црква, туку тука биле и проповедале и Светите Рамноапостолни браќа Кирил и Методиј, со нивните Свети Ученици, Климент и Наум, Охридските Чудотворци.

Во нашата Света земја Македонија, проповедале и Светите маченици од првите векови на Црквата Христова, како што се: Свети Димитриј Мироточиви Солунски, Светите Петнаесетте Тивериополски или Струмички свештеномаченици, потоа да си спомнеме, и за мачениците од времето на турското владеење, како што се:  Света Злата Мегленска, Света Акилина, Света Васа, Света Лиоклида, Света Кирана и други маченички и маченици, како: Свети Ѓорѓи Кратовски, Свети Јован Јанински, Свети Спасо Радовишки, Светите солунски маченици Александар, Давид и.т.н.

Меѓу светителите, имаме и светители епископи, кои го проповедале Словото Божјо, како што е Свети Григориј Палама, кој го развил и надополнил учењето за исихазмот т.е. за тоа дека Божјата Светлина, е Самиот Свет Дух, но таа Божја Светлина, е и Синот и Отецот, Кој е Отец на Светлините, и од нив ни се дава несоздадената светлина (благодатта).

Ете, меѓу Македонските светители, имаме и исповедници, како што е Светиот Теофил Струмички.

Ние, браќа и сестри, имаме и светители, кои сеуште не се канонизирани од нашата Света Црква, но во најново време ние канонизиравме светители, како што се:  Светите Четириесет Битолски преподобномаченици, Светите Пречистански маченици, на кои споменот им го празнуваме на Илинден. Имаме и многу голем број светители, кои се именуваат Охридски, како што се: Свети Еразмо Охридски, блажениот Теофилакт Охридски, Светиот Григориј, епископ Охридски, и безброј други Охридски светители, на нашата Македонска Православна Црква – Охридската Архиепископија, која е продолжение на онаа митрополија или Архиепископија, која била на малиот остров, Свети Ахил, во Преспа, а потоа пренесена во Охрид, бидејќи Охрид станал царско седиште.

Браќа и сестри, еве спомнавме дека имаме светители, и од средниот век, а и од поново време, како што е преподобниот наш отец Јоаникие Ракотински, кој по потекло е Охриѓанец. Меѓу новоканонизираните светители, ќе го спомнеме Светиот свештеномаченик Кипријан Слепченски и Светиот Гаврил епископ Велички, кој е најмладиот светител на нашата Света Православна Црква. Сите овие светители покажале силна вера и врвна љубов, зашто тие најнапред ја  проповедале љубовта во Троичниот Бог, според зборовите на Христа: „Возљуби Го Бога со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум, со сета своја помисла, и ближниот како себеси“ (сп. Мат. 22, 37-39).

Тие, браќа и сестри, исто така покажале дека ние треба да им се молиме, како на наши застапници пред Бога, а дека треба ним да им се молиме, ни говори Спасител Господ Исус Христос, Кој му кажува на еден цар: „Ти треба да се молиш на пророкот, односно на Светиот патријарх Авраам, зашто само преку неговите молитви, ќе дојде твоето спасение“.

Исто така, Господ на пријателите на Светиот праведен Јов, кои се огрешиле против него, им рекол: „Молете Му се само Нему, зашто неговиот лик е пред Мене“, бидејќи тој, е оној што може да ве спаси, инаку ќе бидете погубени“. Тоа е доволен доказ дека преку молитвите на светителите, кои се наши застапници пред престолот на Севишниот, заедно со Мајката Божја, Пресвета Богородица, можеме да добиеме спасение за нашите души.

Да се помолиме, браќа и сестри,  и за сите оние, кои  денес страдаат од оваа тешка болест, која со силата на Севишниот можеме да ја победиме и да издејствуваме од Бога спасение за нашите души.

По молитвите на Сите Македонски Светители и Подвижници, како што се Свети Јоаким Осоговски, Гаврил Лесновски, Јован Рилски, Прохор Пчински, и на сите Свети маченици, кои пострадаа за нашата Света Православна Вера, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар