Недела на Самарјанката – Света Архиерејска Литургија во Битола

На 17.05.2020 г., во Петтата недела по Воскресението Христово, посветена на Самарјанката, кога го празнуваме споменот на Светата маченичка Пелагија ТарсискаСветиот свештеномаченик Силуан, епископ ГаскиПреподобниот Никифор и Светите Баташки новомаченици, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Кирил Трајковски, Гоце Велјановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола. 

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Дојдете вие што сте гладни и ќе ви дадам леб на животот и вие што сте жедни, и ќе ви дадам жива вода во вечен живот“.

Денеска, браќа и сестри, е недела посветена на жената Самарјанка. Од Светото неделно Литургиско Евангелие, слушнавме за средбата што ја имал Спасителот наш Господ Исус Христос со оваа жена. Имено, Спасителот Господ Исус Христос, тргнал со Своите ученици и апостоли од Ерусалим за Галилеја и минувал низ оваа самарјанска земја, а земјата на Самарјаните, била земја на непријатели на Евреите, зашто царот Синехирим IV, кој всушност ги раселувал луѓето, многу евреи испратил во Вавилон и Либија, па раселил и други народи во Самарија. Во Самарија, исто така, имало и многубошци, кои се измешале, но тие, браќа и сестри,  не биле носители на верата во Месијата, во Спасителот наш Господа Исуса Христа.

И еве токму близу до градот Сихар, каде што бил кладенецот или бунарот, што му го дал Јаков на својот син Јосифа, ете таму, на пладне, околу дванаесет часот, Неговите ученици отишле во градот Сихар да купат нешто за јадење, а Господ останал покрај овој извор, кладенец или бунар, и тука дошла една жена Самарјанка да наполни вода. Кога таа дошла тука, Господ нејзе и се обратил и ѝ рекол: „Дај Ми да пијам вода!” (сп. Јован 4, 7). А жената Самарјанка му одговорила: „Како е можно Ти, бидејќи си Евреин, да бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш вода?” (сп. Јован 4, 9). Зар незнаеш дека ние не сме во добри односи со Евреите т.е. со Јудеите и дека ние не се сакаме и не се дружиме со вас. Тогаш Господ и рекол: „Кога ти би го знаела дарот Божји, ти би посакала од Мене и Јас би ти дал вода жива, која тече во живот вечен” (сп. Jован 4, 10).

Тогаш жената се изненадила од овие зборови и започнал разговорот меѓу неа и Господа Исуса Христа, каде таа Му кажала на Спасителот дека нема маж, а Господ и рекол: „Петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж“ (сп. Јован 4, 17). Тоа никој не го знаел, освен Спасителот Господ Исус Христос, Кој ги знае мисли, чувства, желби, похоти, страсти и нашите дела.

Кога оваа жена видела дека овој човек знае сè за нејзиниот живот, за кое скоро никој не знаел, таа на тоа се изненадила и рекла: „Навистина, ти си изгледа пророк“ (сп. Јован 4, 19). Тогаш Господ и појаснил дека оние што веруваат, треба да веруваат во Бога и да Му се молат со дух и вистина, а таа прашала: „Каде треба да се молат луѓето, дали на планината Геризим или во Ерусаким“ (сп. Јован 4, 20), а Господ и рекол дека оние што се вистински молитвеници, односно оние кои вистински се молат, тие треба да се молат со дух и вистина. Значи Господ е Дух, а оние што му се молат, треба да му се молат со дух и вистина на вистински начин.

Кога таа ги слушнала сите овие зборови од Спасителот наш Господа Исуса Христа, најверојатно се изненадила и поверувала дека Он е Месијата, Спасителот на светот, Господ Исус Христос, за кога проповедале старозаветните пророци и претскажувале за Неговото доаѓање, кое било најавено со првото Протоевенгелие на нашите прародители Адама и Ева.

И ете, таа возбудена од сето она што го слушнала од Господа Исуса Христа, ги оставила стомните на бунарот, на изворот, на кладенецот и со трчање отишла во градот Сихар и им кажала на нејзините сограѓани дека се сретнала со Месијата, со Синот Божји, а тие, браќа и сестри, посакале да се сретнат со Господа и Господ останал два дена во градот Сихар и им проповедал на овие луѓе кои верувале во Вистинскиот Бог во Месијата, Спасителот наш Господа Исуса Христа, наспроти Гадаринците, кои биле Евреи и кај кои отишол Господ, откако им го излекувал болниот, кој бил обземен од нечисти духови т.е. оној што живеел во гробиштата, кој ги плашел и ги напаѓал.

Кога Спасителот го излекувал него, односно кога ги истерал демоните од него, тој тогаш тргнал со него, а свињарите, (да си спомнеме за тоа чудо со гадаринецот), отишле и им кажале на нивните граѓани, а овие кога слушнале дека Господ Исус Христос ги истерал демоните од тој човек што живеел на гробиштата. Бидејќи демоните го замолиле Господа, да им дозволи да влезат во свињите, целото крдо свињи, откако демоните влегле во нив, не можејќи да ги поднесат демоните, се стрчале низ стрмнината и скокнале во езерото и сите се издавиле.

Замислете, браќа и сестри, на овие гадаринци им биле поважни свињите, кои не смееле според еврејскиот закон да ги одгледуваат и не смееле да јадат свинско месо, но заради трговијата, заради тоа што нивните срца им биле приврзани кон материјалните богатства, ги продавале на други што јадат свинско месо. Ете тие, наместо да Го повикаат Господа и да Му се заблагодарат што им го излекувал овој бесомаченик, тие Му рекле: „Оди си од нас Господи“ (сп. Лука 8, 37) и Господ ги напуштил, бидејќи не сакал на сила да остане во нивниот крај и да им го проповеда Евангелието, односно благата вест за доаѓањето на Месијата и за сè она што го проповедал Спасителот Господ Исус Христос.

Еве, овде имаме спротивно на тоа, односно Самарјаните Го повикале Господа да остане со нив, и Он останал два дена.

Ова чудо што Го направил Господ Исус Христос, е навистина големо чудо, бидејќи пред жената Самарјанка ја покажал Својата сила како Бог, кој сè знае и сè може. Ете, токму оваа жена која пред тоа била голема грешница, се просветлила на овој извор, на овој кладенец на Јакова и поверувала во Христа нашиот Бог и Спасител и Господ нејзе и дал жива вода.

Која е таа жива вода, возљубени? Живата  вода, која Господ и ја дал на таа жена, е Неговото спасоносно учење.

Живата вода е Светиот Дух, што нам ни се дава преку Светите Тајни, бидејќи човечките тела се создадени да бидат храмови на Светиот Дух, а Светиот Дух се вселува, ако телата и душите се очистат од телесната, духовната и душевната нечистотија. Само во чисти тела, во чисти души и во чисти срца, се вселува Светиот Дух. Па токму затоа, вселувањето на Светиот Дух во оваа жена, направил пресвртница во неа, односно од грешница која имала петмина мажи, а и шестиот не и бил вистински маж, бидејќи со него блудствувала, ете таа станала светителка, односно нашата Света Црква ја прогласила за светителка и споменот и се празнува на дваесетти март по стар стил.

Оваа жива вода, за која говори Спасителот Господ Исус Христос, се добива само ако имаме силна вера во Спасителот, во Христа нашиот Бог. Сите оние во Стариот Завет, кои верувале во Месијата, во Спасителот Христос, во Синот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, а бил ветен уште на нашите прародители Адам и Ева по направениот првороден грев, дека Бог ќе им го испрати Месијата, Спасителот, Синот Божји, за спасение на светот. Па ете, Синот Божји, Кој е совршен дух, Кој предвечно се раѓа од Отецот, по благоволението на Отецот, доброволно посакал да стане човек, да се изедначи со луѓето во сè, освен во гревот, да дојде меѓу луѓето, да поживее меѓу нив, да проповеда, да ги научи за верата, да им ја открие вистината за постоењето на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, за Царството Небесно и за сè она што проповедал и што напишале Светите Евангелистии, Матеј, Марко, Лука и Јован и Светите Апостоли што ги напишале Посланијата и Евангелистот Јован, кој го напишал Откровението.

И ете, откако сето тоа Господ им го проповедал на луѓето и им соопштил дека оние кои веруваат во Троичниот Бог, кои имаат вера со добри дела, бидејќи верата брз добри дела е мртва, тие ќе се спасат и ќе бидат наследници на Царството Небесно.

Ете, браќа и сестри, токму затоа заради неверувањето во Бога и старозаветниот пророк Исаија вели: „Овој народ мене само со устите Ме почитува и со устите негови Ме именува, а срцето негово е далеку од Мене“ (сп. Иса. 29, 13). Вака вели Светиот пророк Исаија, за народот Израилски, кој бил богоизбран народ, но во одделни времиња се откажувал од Бога.

И ние, возљубени браќа и сестри, сме избран народ. Ние Македонците сме народ, кој две илјади години, е христијански православен народ на овие наши македонски простори, а Света Лидија Македонката, е првата жена крстена во Европа. Но и ние сме нешто слични на Евреите, кои само со устите понекогаш Го фалиме и споменуваме и почитуваме Бога, а со нашите души и срца сме далеку од Него.

Оваа Божја маченичка, Света Фотина, Самарјанката, напуштила сè и тргнала да го проповеда словото Божјо насекаде, и најпосле, маченички го завршила својот живот, а нејзината мисија е евангелска мисија, слична на апостолите, кои го проповедале словото Божјо во целиот свет. Ете, таа нека ни биде вистински пример.

Ајде и нашите православни жени нека се угледаат на Света Фотина, а Фотина значи Светлана, зашто била просветлена и осветлена од Светиот Дух, Кој се вселил во неа. И нашите православни жени, нека ги остават стомните по нејзиниот пример, односно грижите за телесната жед и за телесната глад и наслади и не се посветат, како што вели Господ: „Кој е жеден, нека дојде и Јас ќе му дадам живот вечен“ (сп. Јова 7, 37), а тоа значи дека жедни се оние кои имаат желба да го научат словото Божјо, учењето Христово, Христовата наука, и да живеат според него. Сите што се жедни за Неговото учење, треба да дојдат тука во храмот Божји, на Божествената Литургија и да се поучуваат во верата. Не дека дома не треба да учиме и да се молиме, бидејќи секаде  молитвата наша, Господ ќе ја прими, но не е никаде толку силна молитвата, како што е силна на Божествената Литургија, бидејќи на Божествената Литургија се случува најголемото и спасоносно чудо т.е. на Светиот престол, каде служиме, благословениот Леб се претвора во духовно Тело на Христа нашиот Бог и Спасител, а благословеното Вино, во духовна Крв, на Спасителот наш Господа Исуса Христа и оние што со вера пристапуваат, кои  се подготвиле за примања на Светата Причест, како раните христијани, кои биле подготвени на секоја Божествена Литургија да се причестат, зашто секој што не бил подготвен за причесна, кога ќе најавел ѓаконот или свештеникот, вие што сте огласени излезете, излегувале од храмот, а тие што биле верни (подготвени) задолжително се причестувале.

Ние денеска на прсти ги броиме тие што се причестуваат, оти или навистина неподготвени доаѓаат во храмот за причесна или пак незнаат дека Причесната, е Самиот Христос, Кој ни се да дава за живот вечен т.е., за прошка на гревовите.

Кога ѓаконот или свештеникот ќе рече: „Со страв Божји, вера и љубов пристапете“, тие треба да дојдат да се причестат, но тие не пристапуваат. Спасителот, пак, Господ Исус Христос рекол: „Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, тој ќе има живот вечен“ (сп. Јован 6, 56). Кој не го јаде Телото Христово и не ја пие Неговата Света Крв, односно кој не се исповедал, кој не се покајал за гревовите, кој не им опростил на оние што му згрешиле и не побарал прошка од оние на кои тој им згрешил, тој нека не пристапува, додека не се очисти со покајание и исповед, кај својот духовник свештеникот, а коа тоа ќе го стори, да пристапи со вера, како најгрешен од сите и Господ ќе му ги прости гревовите и ќе ја насели неговата душа, таму каде што се населени душите на праведниците. Амин!

Христос Воскресна! Навистина Воскресна!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар