Двасет и деветтата недела по Педесетница (Недела на Светите Праотци)– Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола

На 27.12.2020 г., во Дваeсет и деветтата недела по Педесетница (Недела на Светите Праотци), кога го празнуваме споменот на Светите маченици Тирс, Левкиј, КалиникФилимон, Аполониј, Аријан и други, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослушение на протоерејот Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Зар не се излекуваа десетмина? Каде се деветмината? Како не се најдоа да се вратат и другите и да Му заблагодарат на Бога, туку само овој туѓинец?“ (сп. Лука 17, 17-18).

Возљубени во Господа, од денешното Свето Литургиско Еванелие, слушнавме како Спасителот Господ Исус Христос, минувајќи од Галилеја преку Самарија за Јудеа, кога наближил до едно село, кон Него од далеку со силен глас почнале да викаат десетмина лепрозни, велејќи Му: „Исусе Сине Божји, смилувај се на нас“ (сп. Лука 17, 13), а Господ без да се приближи и допре до нив, како што тоа го правел при други прилики, им рекол да одат кај свештениците и од нив да побараат потврда дека се излекувани. Па така, кога тие кога тргнале по патот за да одат во градот кај свештениците, веднаш почувствувале дека се излекувани, и еден од нив веднаш со трчање се вратил кај Господа Исуса Христа, паднал пред Неговите нозе, заблагодарувајќи му на Бога, а Господ Исус Христос (му) рекол: „Зар не се излекуваа десетмина? Каде се деветмината? Како не се најдоа да се вратат и другите и да Му заблагодарат на Бога, туку само овој туѓинец?“ (сп. Лука 17, 17-18).

Браќа и сестри, еве него Господ го излекувал не само од телесната лепра, како што слушнавме во денешното Свето Евангелие, туку и од духовната болест т.е. од гревовната состојба, која сите ние луѓето ја имаме и поседуваме, во различна мера.

Лепрозните луѓе, кои боледувале од лепра, целото тело им било како една огромна рана. Нивното лице им било набабрено и отечено, им паѓале веѓите, клепките и косата, а исто така полека им се распаѓала и кожата, и ноктите, и прстите од рацете и нозете, па така во најтешки болки го завршувале својот живот.

Ете, заради тоа што оваа болест била заразна, како што и денес е заразна оваа тешка болест Kovid-19, луѓето морале да бидат изолирани и да немаат никаков допир со луѓето. Оние што сакале да им укажат помош, обично доаѓале на местото каде што биле изолирани, и им ниселе храна.

Ззамислете, браќа и сестри, покрај сите тие страдања и болки што ги поднесувале овие десетмина лепрозни, откако се излекувале, не дошле да Му заблагорарат на Господа, освен оној другородец, кој бил самарјанин

Лепрозните луѓе, оделе кај свештениците, за свештениците да потврдат дека се здрави и дека можат да живеат во заедница со здавите луѓе.

Веднаш се поставува прашањето, браќа и сестри, каде сме ние денеска, во споредба со овие луѓе, кои што се наоѓале во ваква тешка состојба.

Денес сите ние луѓето, не само во нашата Татковина Македонија, туку и во целиот свет, сме во една слична лепрозна состојба, како последица на вирусот Kovid-19, од кои многумина од луѓето се заразени и страдаат, или пак, страдаат и боледуваат нивните најблиски, или не дај Боже, починале и преминале од овој во оној свет.

Па затоа, се поставува прашањето каков треба да биде нашиот однос и каков треба да биде нашиот живот во вакви состојби.

Во Стариот Завет, кога народот правел големи зла дела и разни нечистотии, Господ им испраќал разни казни, но честопати знаел и да му се смилува, не со друга намера, туку за „да се одврати од својот пат и да остане жив (сп. Јез. 33, 11).

Светиот пророк Исаија, пак, вели: „Чуј и послушај народе! Чуј и послушај небо! Чуј и послушај замјо! И волот го познава стопанот свој, и ослето (магарето) – јаслите на господарот свој, а Израиолот не Ме познава, Мојот народ не разбира“ (сп. Иса. 1, 2-3).

Истото тоа се случува и денес, браќа и сестри. Зар Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој го создал човекот по својот образ, не се грижи ли за спасението на човечкиот род. Зар Отецот од преголема љубов кон човекот, не благоволи Неговиот Единороден Син, да излезе од Неговите прегратки? Зар од преголемата љубов кон човечкиот род, Синот Божји, не слезе ли од небесата на земјата, за да стане човек, заради нас и нашето спасение. Христос Спасителот, не поживеал ли со луѓето, не беше ли тепан, шамаран, плукан, биен по плеќите, неправедно осуден, не Му беше ли на главата ставен трнов венец и распнат на Крстот, заради нас и заради нашето спасение. Не воскресна ли во третиот ден според Писмото, и не се Вознесе ли на небесата во четириесетиот ден, за да ја вознесе нашата падната човечка природа со Своето Тело. Ете, сето тоа го направи Господ Исус Христос заради нас и заради нашето спасение.

Но Господ, Кој промислува за нас грешните и недостојните, не ни го дал ли ова сонце, кое е на небото, да нè подсетува на Троичниот Бог т.е. на Отецот Небесен, Кој е Отец на Светлините, и на Христос, Кој е Светлина од Светлина, Вистинкиот Бог од Бога вистински, и на Светиот Дух, Кој излегува од отецот, како што топлината излегува од сенцето и доаѓа во светот, давајќи му живот на светот. Ете, сето тоа Господ ни го дал. Нас Господ нè создал по Својот лик, по Својата икона, да бидеме ние икона Божја т.е. како што Троичниот Бог е Отец, и Син и Дух Свети, така и нам ни дал триедина душа, која е составена од ум, разум и волја.

Ете, сето тоа Господ нам ни го дал, грижејќи се за нас и за нашето спасение. А ние што треба да направиме? Од нас Господ ништо друго не бара, браќа и сестри, освен да Му воздадеме на Бога она што Нему Му прилега, како што Самиот Он вели во Своите две најголеми Заповеди: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сиот свој ум, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ (сп. Лука 10, 27). Само тоа го бара Господ од нас, но ние ниту го возљубуваме Господа, ниту Му благодариме на Бога, ниту Бога Го прославуваме.

Ние секогаш, кога ќе се најдеме во немаштија, страдања, маки, потешкотии, болести, жалости и.т.н., бараме од Бога да ни помогне да не одминат тие страдања, потешкотии и немоќи, а потоа Го забораваме Бога.

Откако тоа што го баравме, ќе го добиеме, обично ретко кој од нас знае да Му заблагодари на Бога, зашто Господ тоа нам ни го дал од Неговата преголема љубов, туку мислиме дека тоа што сме се избавиле од страдањата и потешкотиите, сме го направиле со наша сила или можеби ни помогнале нашите блиски, заборавајќи на зборовите на псалмопевецот: „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение“ (сп. Псал. 145, 3), бидејќи нашата надеж треба да биде во Бога, Кој го создал небото и земјата.

Ако ние правиме нешто добро во овој живот, да не заборавиме дека секое добро и секој дар, е од одозгора, од висините, доаѓа од Отецот, Кој ги создал небото и земјата. Никакво добро не може да се случи, освен со Божја помош. И затоа монасите и монахињите, кога примаат монашки постриг, владиката ги прашува дали ќе бидат послушнии т.е. дали се одрекуваат од овој свет и од својата волја, а тие одговараат: „Да, со Божја помош владико“. И ние секогаш, кога правиме добри дела, треба да велиме дека истите ги  правиме со Божјата волја, а злото, секако го правиме под влијание и дејство на сатаната, по нашата човечка волја.

Па така, браќа и сестри, да си спомнеме дека денеска во оваа недела, им оддаваме спомен на Светите Праотци. Кои се Светите Праотци? Светите Праотци, се сите Светители, почнувајќи од нашите прародители Адама и Ева, па сè до Светиот Јосиф, свршеникот на Пресвета Богородица. Светите Праотци, се сите оние старозаветни праведници, кои живееле свет живот во Стариот Завет и верувале во Месијата, Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, кој на нашите прародители Адам и Ева, им бил ветен преку првото Евангелие. И ние денеска кога нив ги прославуваме, треба да си споменеме дека нашиот живот треба да го уподобиме на нивниот живот. Па затоа кога ќе си спомнеме за старозаветните патријарси, да си спомнеме за Светиот патријарх Авраам, кој е образец на гостопримството, бидејќи немало човек, кој ќе поминел покрај неговиот дом, а да не го прими во својот дом и да не го угости. Ете, заради своето гостопримство, во својот дом  Го примил и Бога Света Троица т.е. Отецот, и Синот, и Светиот Дух, како Тројца Патници, кои му ја соопштиле радоста за раѓањето на неговиот син Исак. Замислете каква вера имал Светот пратријарх Авраам, кој одлучил и својот син да го жртвува, како што Отецот Го жртвувал Својот Единороден Син, заради нас и заради нашето спасение, Христа нашиот Бог и Спасител.

Да си споменеме, браќа и сестри, и за Исака и Јакова, и за другите старозаветни патријарси, кои многу пострадале за Верата, како што пострадал и Светиот пророк Даниил, кој се согласил да биде фрлен во лавовска пештера, но заради неговата силна вера, не претрпел никаква штета од лавовите.

Да си спомнеме и за трите момчиња, кои не сакаа да се поклонат на идолот, излиен од злато, па затоа беа фрлени во огнената печка, каде огинот го угасија со росата на благодатта. Да си спомнеме и за старозаветните праведници: Јефтај, Самсо, Варах, како и за старозаветните Судии и Пророци, кои пророкуваа за доаѓањето во тело на Христа нашиот Бог и Спасител. Меѓу старозаветните праведници се и четирите големи пророци, кои се праслика на четирите Евангелисти, а дванаесетте мали пророци, кои се праслика на дванаесет Апостоли. За сите нив да си спомнеме, браќа и сестри, бидејќи тие иако беа во разни незгоди, страдања, во пештери и пустини, од ништо не се исплашија, туку со силната вера што ја имаа во Бога, победија дури и цареви. Тие острицата на мечот ја затапија, бидејќи целосно се надеваа на Господа, како што вели и Светиот апостол Павле дека од љубовта Божја не може да го одврати ни оган, ни меч, ни глад, ни страдања, ни голотија, ниту било што во овој свет, зашто „живееме ли, умираме ли, Христови сме“(сп. Рим. 14, 8).

Па така, и ние денес прославувајќи ги во оваа недела Светите Праотци, да си спомнеме дека треба да Му заблагодариме на Бога, за сè што Господ нам ни дал. Да не заборавиме дека дури и животите знаат да заблагодарат, ако им направиме добро. Да си спомнеме за еден пример на благодарност од житијата на Светите, кога еден човек, кој отишол да лови животни, видел едно мало лавче, кое во ногата имало забодено голем трн, па овој се смилувал над него и му го извадил трнот од ногата, а лавчето кога пораснало, било уловено и однесено во арената во Рим, каде христијаните биле фрлани пред ѕверовите за да бидат изедени.

И ете, дошло времето токму тој што го спасил тоа лавче, да биде фрлен пред тој голем лав. Па така, кога лавот скокнал да го јаде својот некогашен спасител, го препознал, и наместо да го изеде, иако бил гладен, почнал да се умилкува околу него.

Ете, ова е пример дека дури и животните знаат да благодарат, а ние луѓето не знаеме. Вакви примери имало и при други прилики, како што е случајот со еден војвода од времето на кралот Филип, кој бил испратил да преговара со Грците во врска со војните, па овој кога се враќал, откако успешно ја завршил својата улога како дипломат, настрадал во морето поради силна бура. Тогаш еден човек, кој имал голема плантажа со маслинки, скокнал во морето, жртвувајќи го и својот живот, за да го спаси овој дипломат, кој откако по две недели се опоравил, се вратил во кралството. Тогаш царот, заради успешната мисија, го прашал што сака да му даде, а овој му одговорил да му ја даде плантажата со маслини на човекот кој го спасил. Овој човек кога дознал што се случило, побарал средба кај кралот Филипа, кој го прашал што е проблемот, а овој му кажал дека го спасил од бурата во морето неговиот војвода, жртвувајќи го својот живиот, а тој за возврат од тебе побара да ми го земе имотот. Тогаш царот наредил да го фатат војводата и на челото да му втиснат жиг (како стоката што ја жигосуваат) на кој пишувало: „Неблагодарен гостин“. Така и нам ќе ни биде втиснат жиг, ако сме неблагодарни кон Бога за сè што ни дал.

Секоја Божествена Литургија, браќа и сестри, е благодарење. Кога ние на Божествената Литургија пееме: „Твоя од Твоих“ т.е. од Твоите Дарови што си ни ги дал Господи т.е. Лебот и Виното, ние истите Ти ги принесуваме на Светиот Престол, а Ти преку Твојот Свет Дух, ги претвораш во Тело и Крв Христови. Токму затоа Господ рекол: „Кој не го јаде Моето Тело и не ја пие Мојата Крв, нема да има живот вечен“ (сп. Јован 6, 53).

По молитвите на Светите Праотци, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар