Четврток од Првата недела во Великиот пост

На 05.03.2020 г., во Четвртокот од Првата недела во Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи Големо повечерие со читање на последниот дел од Канонот на Свети Андреј Критски, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

Ирмос: Од бессемено зачнување – раѓање неиска-жливо. Од Мајка безмажна – нетлен Пород, зашто рождеството Божјо природите ги обновува. Затоа сите поколенија, како Мајка Богоневестна, православно Те величаме.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
Смилувај се, Сине Давидов, спаси и помилуј ме, Ти, Кој со збор бесомачните ги исцели. Со умилен глас речи ми како на разбојникот: “Амин! Вистина ти велам, со Мене во рајот ќе бидеш, кога ќе дојдам во славата Моја!”
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
Едниот разбојник Те хулеше, а другиот како Бог Те славеше, обата на крстови висејќи. Но, о, Милосрден, како Твојот верен разбојник, кој во Тебе Бога Го позна, и мене вратата на славното Царството Твое отвори ми ја.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
Сета твар трепереше распнат гледајќи Те, гори и камења од страв се распаѓаа, земјата се колебаше, пеколот се разголуваше и светлоста дневна се помрачуваше, гледајќи Те Тебе, Исусе, со тело прикован.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
Не барај од мене плодови достојни на покајание, зашто силата моја во мене исчезна. Дарувај ми секогаш срце скрушено и смирение на духот, за Тебе да Ти ги принесам како жртва пријатна, единствен Спасителу.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
Судијо мој и Познавачу мој, кога повторно со ангелите ќе дојдеш на светот да му судиш, поштеди ме тогаш, гледајќи ме со Твоето милосрдно око, и уштедри ме мене, Исусе, кој секоја човечка природа во гревот ја надминав.
 Преподобна мајко, Марие, моли Го Бога за нас!
Сите ги восхити со твојот чудесен живот, ангелските чинови и сите луѓе, живеејќи како бесплотно и натприродно битие. Така одејќи, Марие, со нозе невештаствени, Јордан го мина.
Преподобна мајко, Марие, моли Го Бога за нас!
Смилостиви Го, Преподобна мајко, Создателот, та сите кои те славиме, избавени да бидеме од маките и несреќите кои не напаѓаат од сите страни; та избавувајќи се од искушенијата, непрестано да Го величаме Господа Кој те прослави.
 Преподобен оче Андрее, моли Го Бога за нас!
Андрее чесни, и оче преблажени, пастиру Критски, не престанувај да се молиш за оние кои те воспеваат; за да се избавиме од секој гнев и неволја, и пропаст, и од безбројните прегрешенија, ние кои верно го почитуваме споменот твој.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Отецот да Го прославиме, Синот да Го возвеличаме, на Духот Божествен верно да Му се поклониме, на неразделната Троица, Единица по суштина, како на Светлина и со Светлина, како на Живот и со Живот, Кој оживува и просветува секого и сѐ.
И сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Чувај го народот свој, Пречиста Богородителке, зашто со тебе тој верно царствува, и во тебе се утврдува, и со тебе победувајќи, секое искушение го победува, и противниците ги совладува и напредува во послушание.
Иромос: Од бессемено зачнување – раѓање неискажливо. Од Мајка безмажна – нетлен Пород, зашто рождеството Божјо природите ги обновува. Затоа сите поколенија, како Мајка Богоневестна, православно Те величаме.