Вознесение Христово – Архиерејска Вечерна во Крушево

 

На 05.06.2019 г., во предвечерието на празникот Вознесение Христово, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи празнична Вечерна Богослужба во манастирот посветен на овој свет празник во Крушево.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Си се вознел во слава, Христе Боже наш, и си ги зарадувал учениците со ветувањето на Светиот Дух, а со благословот си ги уверил дека Ти си Син Божји, Избавителот на светот“. (Тропар на Вознесение Христово)

Браќа и сестри, вечерва и утре нашата Света Црква го прославува овој голем спасоносен и величествен празник, Христовото Вознесение, народно именуван – Спасовден. Зошто? Така се именува, бидејќи Спасителот наш Господ Исус Христос се вознел на Небесата на Спасовден.

Имено, до вечерва ние четириесет дена го славевме Христовото Воскресение. Христос по Воскресението, според Светото Писмо и Светото предание се јавил дванаесет пати.

Он најнапред според Светото Предание и се јавил на Мајката Божја, Пресвета Богородица, потоа и се јавил на Марија Магдалина, се јавил на  Жените Мироносици, на Апостолите Петар и Јован, на Апостолите без Тома, а потоа и на Апостолите со Тома. Христос се јавил и на петстотини браќа во Галилеја како што претскажал, а се јавил и на двајцата Негови ученици и апостоли Лука и Клеопа, кои кога патувале за селото Емаус, разговалале со Христа и не го познале. Но кога го поканиле да дојде во селото и да јаде со нив, Христос на трпезата ги благословил лебот и виното и ги претворил во Негово Пречисто Тело и Крв и веднаш исчезнал. Он исчезнал, бидејќи немало потреба од Неговото присуство, Он бил присутен преку Неговото Свето Тело и Света Крв, односно преку Причесната.

Ете после толку јавувања, дошло време Спасителот наш Господ Исус Христос да се Вознесе на Небесата. Тоа се случило на Елеонската или Маслинската Гора, каде што биле собрани Неговите ученици, а со нив била и Мајката Божја, Пресвета Богородица.

За да биде малку појасно, ќе погледнеме на иконата на Христовото Вознесение и конкретно ќе видиме за што станува збор, односно како иконописецот со своите бои и уметничко сликање го објаснил Вознесението Христово.

Христос нашиот Спасител на иконата е насликан со наметка која е во светла боја, а под наметката неговата облека е црвена. Вака е насликан, бидејќи Христос заради нас и нашето спасение пострада на земјата и ја пролеа Својата Света и спасоносна Крв. Црвената облека, покрај Крвта Христова, исто така ја означува и љубовта која Он ја покажал кон нас.

Се знае, браќа и сестри, зошто Синот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, слезе од Небесата. Он слезе за да стане Син Човечки. Христос стана Син Човечки заради паднатиот Адам, кој заедно со нашата прамајка Ева не ја исполнија единствената Божја заповед, бидејќи јада од забранетиот плод. Заради нивната непослушност тие паднаа во грев, а преку нивниот грев падна и нашата човечка природа. Од падот на Адама и Ева, никој не можел да ја спаси и подигне човечката природа, освен Самиот Бог, Синиот Божји, кој по благоволението на Отецот, доброволно се согласи да се понижи Себеси и да слезе од Небесата, да прими човечко тело, кое е еднакво со нашето, освен во гревот и да поживее со луѓето, проповедајќи им го спасоносното учење.

Христос, домостројот на спасението го завршува со Својата смрт и Воскресение, и со тоа ни гарантира дека и ние ќе воскреснеме од мртвите, кога Он повторно ќе дојде да им суди на живите и мртвите. Тоа е потврдено со Неговото Вознесение, кое ние го гледаме на празничната икона. Христа нашиот Спасител го придружуваат два ангела. Неговото Тело не е повеќе како она пред Воскресението, подложено на болки и страдања.

Неговото Тело е продуховено и лесно се движи нагоре без никаков проблем. Тоа нема потреба ни од јадење, ни од пиење, а исто така не чувствувало и никакви болки. Со тоа Господ ни укажува дека исти такви ќе бидат и нашите тела, кога ќе воскреснеме, при Неговото повторно доаѓање во светот, кога Он ќе им суди на живите и на мртвите.

Покрај овие два ангела кои се облечени во црвено, долу имаме два бели ангели, односно тоа се истите ангели, кои на Жените Мироносици им ја соопштиле радосната вест за Воскресението Христово. Тие на Мироносиците им рекле: „Не бојте се; знам дека Го барате Исуса распнатиот; не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ, па отидете бргу и кажете им на учениците Негови, дека Он воскресна од мртвите. И ете, ќе отиде пред вас во Галилеја“ (Мат. 28, 5-7).

Еве овие два ангела, се сега на земјата, за разлика од оние два ангела кои ја вознесуваат горе на Небесата, човечката природа на Христа нашиот Бог и Спасител, но истовремено и нашата човечка природа.

Ете тука е Мајката Божја, Пресвета Богородица, која со нашиот Спасител Христос прави една вертикала, а апостолите  заедно со Маслинаката  Гора, прават хоринзотала, односно прават Крст.

Тука, браќа и сестри, на оваа икона некои од апостолите се облечени во зелена боја, која го претставува Светиот Дух, бидејќи кога Христос се Вознесувал на Небесата, за да ја вознесе и прослави нашата човечка природа, тогаш ангелите им рекле на присутните: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото” (Дела 1, 11).

Со овие зборови, ангелите укажуваат дека Христос ја завршува Својата мисија на земјата, а со Своето Вознесение Он ја прославува нашата природа.

Христос се вознесува на Небесата, за да им го испрати Светиот Дух на Своите ученици.

А Светиот Дух, браќа и сестри, слегува на Педесетница, односно по педесет дена од Христовото Воскресение. Затоа ние од вечерва и утре, па сè до Духовден не го читаме и пееме тропарот на Светиот Дух, „Цару Небесен, Духу на Вистината“, бидејќи го очекуваме ветувањето на Христа, дека ќе ни го испрати Светиот Дух од Небесата.

Затоа сакам да укажам на овие нешта, бидејќи се нажалувам кога ќе слушнам на телевизија, како новинарите ги прашуваат нашите верници, кој и каков празник прославуваат, а тие не можат ни два збора да кажат за празникот. Тоа се случува, бидејќи нашите верници недоволно внимаваат на она што се пее и говори на богослужбата. А богослужбата, односно стихирите на богослужбата се пееја и на Македонски и на Црковнословенски. Оние што внимаваат на текстот и содржината од стихирите, можат да научат многу работи за празникот, бидејќи ова што ви го кажувам, сè беше тука испеано, а беше прочитано и во паримиите.

Ако ние целосно внимаваме на богослужбите, тогаш ние нема да се срамиме кога ќе не прашаат луѓето да кажеме нешто за верата.

Затоа, браќа и сестри, Христос нашиот Спасител ни го предал учењето за верата, за ние да се поучиме, а тоа е запишано во Светото Писмо и Светото Предание.

За да се поучиме во верата, нашата Црква издава многубројна црковна литература, но луѓето денес не сакаат да читаат, и многу ретко го прават тоа. Најинтересни им се телефоните и само со нив се занимаваме. Дома никој со никога не разговара и не се поучува, туку секој си разговара со мобилните. И затоа никој ништо не знае за верата, ни повозрасните, ни помладите, со мали исклучоци процентуално. Затоа обратете внимание и настојувајте на полезен начин да ги употребувате мобилните, бидејќи преку нив можете да пристапите до различни православни сајтови и да се поучите во верата.

Со оваа проповед сакав да ви укажам, која е суштината на денешниот празник. Суштината на празникот е Вознесувањето и прославувањето на паднатата човечка природа на Небесата од страна на нашиот Спасител Господ Исус Христос. А Христос откако се Вознесе на Небесата, го испрати Светиот Дух врз Светите Апостоли, односно ја востанови Црквата, бидејќи Духовден е – Раѓањето на Црквата. Од Педесетница па понатаму, делото во Црквата го има Светиот Дух и Он е оној Кој сè осветува, Бог Троичниот, Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар