Воздвижение на Чесниот Крст Господов – Света Архиерејска Литургија во Ресен

На 27.09.2019 г., кога го празнуваме Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст Господов, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на игуменот Спиридон (Поповски), протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Кирил и Методиј“, во Ресен.

 На Божествената Лирургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Крстот за Јудејците е соблазна, а за Елините (Грците) е безумство, а пак за повиканите и верните, е сила и спасение“ (сп. 1. Кор. 1, 23).

Нашата Света Црква, денес го прославува овој двоен празник, посветен на Крстот Христов, односно, го празнуваме Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, на Кој бил распнат Спасителот наш Господ Исус Христос. По наоѓањето на Чесниот Крст, од страна на славната царица Света Елена, мајката на Светиот цар Константин, истиот бил подигнат од патријархот, за да му се поклонат сите оние, што верувале во него. Во овој ден, се празнува и споменот на враќањето на Крстот Христов од Персиското ропство, Кој бил таму однесен, од Персискиот цар Хозрој, кој ги победил Евреите (Израилскиот народ), и во плен го однел дел од народот, а исто така, и Крстот Христов.

Царот Ираклиј, четиринаесет години подоцна, во 628 година по Христовото раѓање во плот, успеал да го победи царот Хозрој, и да го вратил Крстот Христов, повторно во Ерусалим. Кога дошло време самиот цар да го носи Крстот Христов, по истиот пат, по кој врвел Христос, носејќи го на Своите плеќи Крстот, откако невино бил осуден од страна на Пилат, да биде распнат на Крст, како што слушнавме од денешното Свето Литургиско  Евангелие, патријархот одеднаш забележал дека ангели го застанале царот и не му дозволувале понатаму да го носи Крстот, а тоа било затоа што царот бил облечен во царските облеки, а Христос нашиот Бог и Спасител, кога го носел Крстот на Голгота, бил облечен во изветвени облеки и бос. Царот ја послушал пораката на патријархот, ги слекол царските облеки, облекол парталави алишта и бос продолжил да го носи Крстот на Христа нашиот Бог и Спасител, на Голгота.

Браќа и сестри, токму кога се враќаат мислите и спомените за оваа Жртва над сите жртви, односно за распнувањето на Крст, на Спасителот наш Господ Исус Христос, ние треба длабоко да размислиме и да констатираме дека, Спасителот наш Господ Исус Христос, – е Синот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, Кој е создател на светот, како што читаме од Светото Писмо, во кое се вели дека „преку Него е создаден светот, и ништо што беше создадено, не беше создадено без Него“ (сп. Јован 1, 3).

Па ете, Оној Кој го создал светот, Он е предвечниот Лик и Архетип на човекот, бидејќи човекот е создаден според Христовиот Лик. Човекот е создаден според Божјиот Лик, како што читаме во Светото Писмо, дека е создаден според Ликот и подобието Божјо, а ликот Божји е во душата на човекот. Како што Бог е Троичен, Отец, и Син и Дух Свети, така и човекот, има троедина душа, составена од ум, разум и волја. Подобието му е дадено на  човекот, за човекот да може се усовршува до Божјото совршенство, како што рекол Спасителот Господ Исус Христос, „бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец Небесен“ (сп. Мат. 5, 48).

И така, браќа и сестри, од преголемата љубов кон човекот, кон човечкиот род и кон човечкото создание, Синот Божји, доброволно посакал да стане човек, доброволно посакал да се воплоти , доброволно посакал себеси да се унижи и да стане човек со тромо тело како што е нашето, да се роди понижено во пештера, да биде положен во јасли, да биде гонет заедно со Неговата Мајка, Пресвета Богородица, и нејзиниот вереник Јосиф, и веднаш по Неговото раѓање, да биде однесен во Египет, сè додека не умре, оној што ја барал душата на Младенецот, а тоа бил царот Ирод. Христос нашиот Спасител растел како сите деца, но Светот Дух не бил во Него, туку врз Него, зашто Отецот, и Синот и Светиот Дух, се едно, браќа и сестри. Токму заради тоа, Синот Божји одлучил да прими човечко тело, да се изедначи во сè со нас луѓето, освен во гревот.

Ете, откако примил човечко тело и се изедначил со нас луѓето во сè, освен во гревот, Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, живеел меѓу луѓето, и ги поучувал во Неговата Света наука, како што читаме во Светото Писмо, и како што знаеме од Светото Предание и од учењето на Светите Отци. Потоа Спасителот Господ Исус Христос доброволно  посакал да страда и да биде распнат на Крст, и со Својата Света Крв да го очисти гревот на луѓето, и повторно да ги врати во заедница со Бога.

Од денешното Свето Евангелие, браќа и сестри, слушнавме како Спасителот Господ Исус Христос по неправедната пресуда од Пилат, тргнал да го носи Крстот на Голгота, и како поради изнемоштеност од страшните маки кои ги претрпел, паѓал под товарот на Крстот. Сето ова го гледале римските војници кои ја предводеле поворката, а исто така и народот по улиците, меѓу кои бил присутен  и некој човек по име Симон Киринеец, кого го натерале да го земе Христовиот Крст и да го носи до Голгота. Кога Христос бил доведен на Голгота, тогаш почнало Неговото приковување на Крстот, односно Неговото распнување.

Распнувањето на Крст кај Евреите, била најсрамната казна, со која биле казнувани престапниците. На оние кои биле распнувани на Крст, обично за да не се мачат, им ги прекршувале колената, за побрзо да умрат. Кога Спасителот наш Господ Исус Христос бил распнат на Крстот, Он од Крстот, како што читаме во Светото Писмо, изговорил седум реченици, од кои ќе спомнеме неколку. Првата реченица била: „Боже Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил?” (Марко 15, 34). Всушност, овие зборови, не се однесуваат на Христа нашиот Бог и Спасител, туку на човечкиот род, кој мислел дека Господ го оставил и повеќе не се грижи за него, за човечкиот род, кој заради гревот, заради првородниот грев, заради тоа што нашата прамајка Ева и нашиот прататко Адам згрешиле, со тоа што јаделе од забранетиот плод, од дрвото на познавањето на доброто и злото, преку кои всушност дојде, гревот и смртта во човекот, како што вели Свети апостол Павле: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме“.

Па ете, требаше да дојде другиот, новиот Адам, Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, да прими човечко тело и да биде распнат на Крст. Ете, токму заради тоа, заради нас, ги изговорил Господ овие зборови.

Веднаш потоа ги изговорил зборовите; „Боже, прости им, оти не знаат што прават!” (сп. Лука 23, 34). Овие зборови се однесуваат на Неговите непријатели, односно на Евреите, кои го распнале Господа наш Исуса Христа, Кој заради нас доброволно дошол да страда и да не избави од гревот и смртта.

Ете понатаму, Спасителот Господ Исус Христос, страдајќи на Крстот, ожеднел, и како што кажува старозаветниот пророк, наместо да му дадат вода, оние што го распнале, му дале „со осунѓер натопен“ оцет, за да пие од него, на Оној што во пустината им даде вода, а тие на Крстот му даваат да пие оцет.

Понатаму, браќа и сестри, Спасителот Господ Исус Христос, гледајќи ја Својата Мајка, Пресвета Богородица, и се обраќа со зборовите: „Жено“, а тоа кај Евреите значело, многу повеќе, од било како да и се обрати синот на мајката. Подостоинствено било, синот на мајката да и рече жено, отколку мајко, и токму затоа е употребен овој израз „Жено“, што го кажал Спасителот од Крстот, кога и рекол на својата Мајка „Жено, ете ти син!” (сп. Јован 19, 26), покажувајќи на Свети Јован Богослов, Неговиот Свет апостол, кого неизмерно го љубел, и кому му рекол: „Синко, ете ти мајка!” (сп. Јован 19, 27).

Светиот апостол Јован Богослов ја зел на чување како своја мајка, Мајката на Спасителот наш Господ Исус Христос, Пресвета Богородица.

Понатаму Спасителот на Крстот вели: „Се сврши!” (сп. Јован 19, 30). Што се сврши? Браќа и сестри, со овие зборови заврши Неговото страдање, и токму затоа Спасителот вели: „Отче, во Твоите раце Го предавам Својот дух!” (сп. Лука 23, 46). Со овие зборови завршува животот на Господа Исуса Христа на Крстот, односно неговиот живот на земјата како човек, но не и на небесата.

Кога апостолите му велеле на Христа да не ги остава, Он им рекол  дека никогаш нема да ги остави, односно дека ќе биде со нивв секогаш до крајот на светот.

Како Христос нашиот Бог и Спасител, останал секогаш и со Своите Свети Апостоли, и со сите Негови последователи т.е. православните христијани, до крајот на светот и векот? Спасителот Христос останал преку Светата Тајна Евхаристија – Пичесната.

Си споменуваме, дека на Велики Четврток, Спасителот Господ Исус Христос кога ја направил Тајната Вечера, покажал на Лебот, го благослови и рекол: „Земете, јадете, ова е Моето Тело, кое за вас се прекршува за прошка на гервовите” (сп. Мат. 26, 26), а потоа покажувајќи на Чашата со вино, односно на Виното рекол: „Ова е Мојата Крв на Новиот Завет, Која за вас и за мнозина се пролева, за прошка на гревовите“ (сп. Мат, 26, 28). Потоа вели: „Ова правете го за Мој спомен!” (1. Кор. 11, 24).

Па така, правејќи го благословениот Леб во Тело, и благословеното Вино во Крв Христова, на секоја Божествена Литургија, на Светиот Престол, тука се случува тоа чудо, и насекаде во православниот свет, така што, нема час или минута, бидејќи секаде е различно времето каде што се служат Светите Литургии во Православната Црква, да не се повторува ова чудо, односно дека Христос на секоја Божествена Литургија, е присутен преку Своето Тело и Крв, преку кои ние православните верници се осветуваме и стануваме Христови, ако подготвени пристапуваме кон нив, и се причестуваме со нив.

Која е подготовката, за достојно да пристапиме кон Светата Причест? Подготовката која треба да ја прават православните христијани е постот, молитвата и подвизите, кои се предвидени во текот на годината, но исто така, треба да бидеме и измирени со сите луѓе, бидејќи човек кој не може да му прости на оној кој му згрешил, тој не може да се нарече христијанин и Христов последовател,

Спасителот Христос, се моли на Својот Отец, дури и за оние кои го распнаа на Крстот со зборовите: „Отче, прости им, оти не знаат што прават! (сп. Лука 23, 34). Нашата Православна Вера, е вера на простување и измирување. Оној кој не може да прости, тој воопшто не треба да доаѓа во Црква и да се причестува. Ако пристапи да се причести, оној што не го разликува Телото Христово од обичниот леб, и Крвта Христова од обичното вино, оној што не проштева и оној што не се исповедал и не се подготвил достојно да ги прими Телото и Крвта Христови, тој подобро е да не пристапува, бидејќи ќе постапи слично како Јуда, кој откако ја примил причесната го предал Христа нашиот Бог и Спасител.

Веднаш се поставува прашањето, кога сме достојни да ги примиме Телото и Крвта Христови, односно Причесната? Достојни сме тогаш, кога сме се подготвиле добро со молитва, пост, подвизи, и со нејадење пред Светата Причест и.т.н.

Тогаш, кога ќе застанеме да ги примиме Телото и Крвта Христови, односно Причесната, и се почувствуваме дека сме најгрешни од сите луѓе, дека нема погрешен човек од нас, тогаш оној што ќе се причестува, слободно нека пристапи да се причести, бидејќи тој тогаш се измирил со сите луѓе.

До Христовиот Крст, браќа и сестри, имало распнато двајца разбојници, едниот од Неговата десна, а другиот од неговата лева страна. Оној што бил од Неговата лева страна, цело време хулел на Господа и велел: „Ако си Ти Христос, спаси Себеси и нас!” (сп. Лука 23, 39), а оној другиот од десната страна говорел: „Спомни си на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!” (сп. Лука 23, 42), а Господ откако видел дека тој има добро срце, иако пред тоа бил разбојник, му рекол: „Вистина ти велам; уште денес ќе бидеш со Мене во рајот!” (сп. Лука 23, 43).

Па и ние да се помолиме, браќа и сестри, денес на овој празник, кој го празнуваме во спомен на наоѓањето на чесниот Крст на Спасителот наш Господ Исус Христос, од Светата царица Елена, и во спомен на враќањето на Крстот од Персиското ропство, во времето на царот Ираклиј, кој од ропство го донел Крстот, и истиот бил воздигнат на високо место, каде што му се поклониле сите оние што биле присутни, како ние денеска што се поклонивме пред Светиот Крст. Оние кои беа присутни уште од почетокот на богослужбата, видоа како го изнесовме Светиот Крст, украсен со многубројни цвеќиња, и како сите со стравопочит се поклонивме пред него, и Го целивавме.

По молитвите на Сите Свети, и на Мајката Божја, Господи Исусе Христе, Сине Божји, со силата на Твојот Чесен и Животворен Крст, спаси нè и помилувај нè нас грешните. Амин! Нека е честит празникот, и нека им е честито името на оние што го носат името на Чесниот и Животворен Крст.

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар