Велики Вторник

И така, бидете будни, оти не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки (Мат. 25, 13).

Ноќта во вторникот Спасителот Христос ја поминал во Витанија, а утрото отишол во Ерусалимскиот храм и поучувал во храмот (Мат. 24, 1). Првосвештениците и старешините, слушајќи ја Неговата проповед, разбрале дека Он говори за нив, и сакале да го фатат и да го убијат. Но се плашеле да го нападнат јавно, бидејќи народот го почитувал Него за пророк (Мат. 21, 46), се восхитувал од Неговото учење (Марко 11, 18), и го слушал со сладост (Марко 12, 37).

Од Евангелските поуки, изговорени од Спасителот наш Господ Исус Христос во вторникот, Црквата заради поучување на верните во овој ден ја избрала параболата за десетте девојки, со цел да не поттикне на молитва и будност во оваа Велика Седмица. Со параболата за десетте девојки, Црквата не повикува на постојана подготвеност за средбата со Небесниот Жених, со чистота, милостина и правење на други добри дела, кои се изобразени преку елејот, подготвен од мудрите девојки.

Парабола за десетте девојки

„Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилници и излегоа да го пречекаат младоженецот. Петте од нив беа мудри, а петте – неразумни. Неразумните, како ги зедоа светилниците свои, не понесоа со себе елеј; а мудрите, заедно со светилниците, зедоа во садовите свои и елеј; и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. А на полноќ се чу викање: »Ете, младоженецот иде, излезете да го пречекате!« Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилници. Неразумните, пак, им рекоа на мудрите: »Дајте ни од елејот ваш, зашто нашите светилници гаснат.« Мудрите им одговорија и рекоа: »Да не би да не ни стигне и нам, и вам: подобро отидете кај продавачите и купете си!« А кога отидоа тие да купат, пристигна младоженецот и спремните влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија. Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: »Господаре, господаре, отвори ни!« А тој им одговори и рече: »Вистина, ви велам: не ве познавам!« И така, бидете будни, оти не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки“ (Мат. 25, 1-13).

Бидете будни!

Драги браќа и сестри, приближувајќи се кон деновите од Своите страдања, Господ бил особено близок и искрен со Своите ученици. „Не ве нарекувам веќе слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели, оти ви кажав сè што сум чул од Мојот Отец“ (Јован 15, 15), – им говорел Спасителот на Апостолите. Он со посебна јасност им навестувал за тоа, дека Он треба да пострада, и на таков начин да го подготви за Своите страдања: „Знаете дека по два дни ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде предаден на распјатие“ (Мат. 26, 2). Гледајќи го стравот кој ги опфатил Апостолите, Он ги утешувал учениците со ветувањето, дека нема да ги остави.

Но Господ исто така, не го скрива од нив и тоа, дека и нив, а и сите христијани воопшто, ги очекува исто страдање: „Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат. Ако светот ве мрази, знајте дека Мене светот уште пред вас Ме замрази. Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази“ (Јован 15, 20, 18 и 19).

И повторно, гледајќи ги натажени, Господ ги утешува: „Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот. Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека. Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои“ (сп. Јован 16, 33; 14, 16; Мат. 28, 20; Јован 14, 27).

Господ ги замолува своите ученици,  да пребиваат во Него и да ги исполнуваат Неговите заповеди, бидејќи без Него тие не можат да направат ништо: „Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене. Ако останете во Мене, и зборовите Мои во вас, тогаш, што и да посакате, барајте, и ќе биде. Одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 15, 4, 7; 14, 2-3).

Господ ги утешува Апостолите, откривајќи им, дека после маките ќе следи радост, која ним им е подготвена во Царството Небесно. Бидејќи Неговите ученици ги интересирало прашањето, кога ќе биде доаѓањето на Господа на земјата, Спасителот им ја најавуваа таа Божествена вистина, дека на крајот од светот Он ќе дојде со голема слава да им суди на живите и мртвите, и сите кои верувале во Него искрено и со покајание ќе ги удостои да се насладуваат во Неговото Царство, а неверниците, и оние кои не се покајале, ќе бидат осудени на вечни маки.

Кога ќе биде тоа? (Мат. 24, 3) – го запрашале учениците. Господ им одговорил дека, за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, а само Мојот Отец (Мат. 24, 36). На таков начин, Светото Писмо не ни го открива времето на Второто пришествие, чувајќи го во голема тајна, за ние секогаш да се пребиваме во чистота, и да бидеме подготвени во секое време да се сретнеме со Господа.

Затоа Господ ги предупредува учениците: „Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ. Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки: јадеа, пиеја, се женеа, се мажеа, сè до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и дојде потопот, па ги погуби сите. Така ќе биде и во денот, кога ќе се јави Синот Човечки. И така, бидете будни“ (Мат. 24, 42; Лука 17, 26-27 и 30; Мат. 25, 13).

Во нашево време, повеќе од било кога, треба да го помниме ова предупредување, бидејќи повеќето од луѓето дремат и спијат. Душевниот сон – не е телесен сон, кој го зајакнува телото, туку напротив, тој претставува нездрав сон во кој луѓето исполнети со суета, и мислат дека живеат вистински живот, а всушност живеат живот без Бога. За да ја разбереме подлабоко оваа опасност, и за да се пробуди нашата совест од духовната дремка, Господ ја раскажал параболата за десетте девојки, која ние ја слушнавме во денешното Евангелие.

Оваа парабола не поучува и не повикува да се украсуваме со добродетелите, кои го одржуваат нашиот духовен живот. Неразумните девојки, пресретнувајќи го Женихот, не понеле со себеси елеј за своите светилници – односно добри дела. Мудрите девојки заедно со своите светилници зеле и садови со елеј, односно добри дела, за да го сретнат достојно Женихот. Така и ние треба да бидеме постојано подготвени за средбата со Господа, бидејќи не го знаеме ни денот, ни часот на крајот. Да бидеме трезвени, за да влеземе во Небесната одаја со мудрите девојки, и да се удостоиме за вечните блага подготвени од Господа. Амин!

Архимандрит Кирил (Павлов)

Извор: http://pravoslavie.ru