Свети апостоли Петар и Павле – Света Архиерејска Литургија во Смилево

На 12.07.2019 г., кога го празнуваме споменот на Светите Апостоли Петар и Павле, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на  протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Тони Смутковски и  протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот посветен на „Светите апостоли Петар и Павле“, во село Смилево.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Нивниот глас се слуша по целата земја, а нивната проповед до краиштата на вселената!“ (сп. Псал. 18, 4)

Вака, старозаветниот пророк говори за денешните славеници, односно за врховните апостоли на нашата Света Православна Црква, за Светиот Апостол Петар и Светиот Апостол Павле. Имено, овие Свети Апостили и ученици на Господа наш Исуса Христа, најмногу се истакнале меѓу сите Свети Апостоли. Првиот, Свети Апостол Петар, се истакнал со својата вера, бидејќи прв го исповедал Христа за Бог и Спасител, а вториот, со неговата силна ревност, во нашата Света Православна Вера.

Свети Апостол Петар, браќа и сестри, е роден во градчето Витсаида и е брат на Свети Апостол Андреј, кој е првоповиканиот од Апостолите од страна на Господа Исуса Христа, да го следи во Неговата мисија и во Неговата проповед.

Ете, овој Божји угодник и Апостол, кој е од Симеоновото колено, пред да биде повикан во мисија на Црквата Божја и пред да го исповеда Христа нашиот Бог и Спасител, се именувал како Симон, зашто кога Господ Исус Христос, ги запрашал Апостолите, за кого луѓето Ме сметаат Мене, тие рекле: „ Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои за Јеремија или за еден од пророците” (Мат. 16, 14).

Потоа Господ повторно ги прашува Апостолите за кого го сметаат тие, а во името на сите Апостоли, Свети Апостол Петар извикал со силен глас: „Ти си Христос, Син на живиот Бог!“ (Мат. 16, 16), на што Христос му возвратил со зборовите: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата“ (Мат. 16, 17).

Апостол Петар, браќа и сестри, исто така знаеме и дека се одрекол од Господа Исуса Христа, во дворот на Кајафа, кога го прашале дали и тој е еден од Христовите ученици, и тогаш се потврдиле зборовите на Христа нашиот Бог и Спасител дека: „уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене“ (Мат. 26, 34).

Потребен бил само еден поглед, упатен кон Свети Апостол Петар, за Апостолот горко да заплаче, наслонувајќи се на ѕидот. И не само тогаш, браќа и сестри, туку според кажувањето Свети Климен епископ Римски, Свети Апостол Петар, сиот свој живот, секое утро кога ќе слушнел петел да пее, горко плачел, за тоа што се одрекол од Христа. Но Христос нашиот Бог и Спасител, Кој не дошол за праведниците на овој свет, туку за грешниците, ете, овој грев на Светиот Апостол Петар, му го опростил, откако три пати сега, по Воскресението, на брегот на Генисаретското езеро го запрашал: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?” (Јован 21, 15). Првиот пат Свети Апостол Петар рекол: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам” (Јован 21, 15). Христос му одговара: „ Паси ги овците Мои!“ (Јован 21, 15), односно верните луѓе што сум ти ги дал. Потоа Христос по втор пат го прашува, дали го љуби, а Светиот Апостол Петар одговара: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам“ (Јован 21, 16). И кога по трет пат го прашува, пак Господ му вели: „Паси ги јагнињата Мои, паси ги овците Мои!” (сп. Јован 21, 16), а потоа Господ му кажува со каква смрт ќе го заврши животот, велејќи му: „кога беше помлад, сам се опашуваше и одеше каде што сакаше; но кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те опаше и поведе на каде што нејќеш“ (Јован 21, 18), односно му укажал со каква смрт ќе го заврши животот, т.е. дека ќе биде распнат како Христос на Крст. Но Апостол Петар не сакал да биде распнат со главата нагоре, бидејќи се чувствувал недостоен да биде распнат како неговиот Учител, па затоа бил распнат со главата надолу.

И ете, Светиот Апостол Петар, браќа и сестри, кој е еден од најпламенитите ученици на Христа нашиот Бог и Спасител, Светото Евангелие го проповедал насекаде во светот, во Азија и Африка, во Киликија и во Јудеја, односно во земјата на Евреите, а најпосле и во Рим.

Во Рим, Светиот Апостол Петар, ги поминал најнепријатните денови со Симон Магиониарот, кој со дејството на ѓаволот правел чуда, а себеси се претставувал дека е Бог. Ние и денеска имаме такви слични лажговци, односно магионичари, гледачи и бајачи, кои го лажат целиот свет, претскажувајќи им на луѓето што ќе им се случело, односно каква среќа или несреќа ќе ги снајде. Сето тоа è од ѓаволот, браќа и сестри, како што тоа го правел Симон Магионичарот, така и тие истото тоа го прават, но не само тие, туку и оние што јавно лажат, кога ќе ги излажат луѓето јавно, кога ќе зборуваат за лагата дека е вистина, и кога ги замајуваат луѓето.

Денеска се наоѓаме во најтешка состојба, кога луѓето се толку излажани, што почнуваат да веруваат дека лагата е вистина, а вистината лага. Тие што не веруваат на лагата, колку и да е таа убаво претставена за луѓето, тие луѓе се на правиот пат и ќе го наследат Царството небесно.

Затоа, браќа и сестри, гатачите, бајачите, претскажувачите, лажговците и сите оние што не зборуваат чесно и достојно и кои не мислат за доброто на Црквата Божја, за народот Божји, за верата наша Света православна, за својата Татковина и за сè што е наше Свето, немојте да им верувате и немојте да подпаднувате под нивните лаги, зашто тогаш нема да го наследите Царството Небесно.

Да си спомнеме и за другиот Апостол, за Светиот Апостол Павле, кој се нарекувал Савле, пред да стане Христов Апостол, кој бил ученик на познатиот еврејски учител Гамалил.  Апостол Павле, пред да поверува во Христа, ги гонел христијаните, а бил присутен и на каменувањето на првомаченикот и Архиѓакон Стефан.

Кога тргнал за Дамаск да ги гони христијаните, од коњ го турнал Спасителот наш Господ Исус Христос, во вид на силна Светлина, и затоа ние во Символот на верата го исповедаме Христа, дека е Светлина од Светлина, вистински Бог, од Бога вистински.

Апостол Павле, препознал дека тоа не е обична или сончева светлина, туку дека Тоа е вистинскиот Бог, Кој му се противи, затоа што ги гони христијаните. Затоа Апостолот му се обраќа со зборовите: „Кој си Ти Господи“ (Дела 9, 5), а Христос му одговара: „Јас сум Христос, Кого што го гониш ти“ (Дела 9, 5). Потоа апостол Павле го прашува Господа што треба да прави, а Господ му вели да оди во Дамаск, кај првосвештеникот и апостол Ананиј, да го крсти и да му прочита молитва, за да прогледа. После тоа Свети Апостол Павле прогледал, а потоа три години бил во Арабија, каде се подготвувал за својата апостолска мисија и се покажал најревносен од сите Апостоли.

Во денешниот Свет Апостол, слушнавме дека Свети Апостол Павле вели оти имал многу големи страдања. Бил гонет, мачен и малтретиран, три пати бил тепан со стапови, три пати доживеал бродолом, бил суден, а потоа вели и дека страдал при патувањата по морињата, престојувајќи ден и ноќ во длабочината на морето. Тој секаде страдал заради Христа нашиот Бог и Спасител.

Најпосле Свети Апостол Павле го проповедал Евангелието на незнабошците, односно на сите во целиот свет што не верувале во Бога.

Апостол Павле имал две мисионерски патувања во Македонија. Во Троада му се јавил човек Македонец и му рекол: „Дојди кај нас во Македонија да ни помогнеш“ (сп. Дела 16, 9). По ова видение, Апостол Павле дошол во Македонија и ја организирал првата Црква во градот Филипи, каде ја крстил првата христијанка во Македонија и во Европа, а таа е Света Лидија.

Апостол Павле потоа основал и други Црковни општини, во Солун, во Бер, и конечно како граѓанин на Римската Империја, на Римското Царство, барал да му се суди во Рим пред Царот, односно пред Императорот. Тогаш со Римската Империја управувал Нерон, кој бил пријател со Симон Магеоничарот, и ете истиот тој наредил да бидат убиени Светите Апостоли Петар и Павле.

Кога овие Свети Апостоли сакале да излезат од Рим, за да продолжат да ја проповедаат Христовата наука, им се јавил Христос нашиот Бог и Спасител, на улицата Via Apia Vekia, и таму кога го видол Христа нашиот Спасител, Свети Апостол Петар му рекол: „Каде одиш Господи#, а Христос, му одговара на Свети Апостол Петар, „одам во Рим повторно да страдам“, сакајќи да му укаже дека е дојдено времето ти да страдаш, и тогаш Светите Апостоли Петар и Павле, се вратиле и биле осудени со смртна казна. Свети Апостол Петар да биде распнат на Крст стрмоглаво, а Свети Апостол Павле да биде посечен со меч.

Се поставува прашањето, со што ние денеска ќе го оправдаме нашето страдање, нашите измачувања, нашите таги и нашите скрби, браќа и сестри? Еве ви пример, какви скрби, какви таги, какви страдања и какви искушенија поднеле овие Божји угодници, Светите Апостоли Петар и Павле. Тие тоа не го поднеле за нешто друго, туку исклучиво за да го задобијат Царството Небесно и да бидат негови жители. За да го постигнат тоа, морале многу да пострадаат. Христос кога дошол каj Своите ученици им рекол: „ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат“ (Јован 15, 20).

Ете, и тие биле гонети како Христос нашиот Бог и Спасител.

Затоа, браќа и сестри, ние да не се жалиме за нашите маки, за нашите страдања, за нашите искушенија, за болките кога боледуваме, кога нашите блиски и пријатели се болни, туку да веруваме дека болестите, болките, страдањата, маките и потешкотиите ни се даваат за наше спасение, ако со трпение ги поднесеме и веруваме дека Христос ќе ни ги прими во Царството Небесно како награда. Па затоа и ние да ги прославиме овие Божји угодници, Светиот Апостол Петар и Светиот Апостол Павле, онака како што се опеани во нивниот тропар, бидејќи таму е кажано, дека тие како врховни апостоли, го проповедале Словото Божјо, по целата вселена, молејќи се за нас за прошка на гревовите и за  спасение на нашите души. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар