Света Архиерејска Божествена Литургија во манастирот Свети Атанасиј – Смолево

На 15.05.2019 г., кога го празнувавме преносот на моштите на Светиот Атанасиј Велики, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Златко Костовски, свештеникот Николче Неделковски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Атанасиј“, во Смолево.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“. (Мат. 5, 16).

Денеска, браќа и сестри, го прославуваме Светиот Атанасиј Велики, односно пренесувањето на неговoто Свето тело, коe е храм на Светиот Дух. Ние во Светото Писмо читаме дека Бог е дивен во Своите свети (Псал. 67, 35) и дека не дозволува нивните тела да се распаѓаат.

Денеска, исто така ги прославуваме и Светите Борис и Глеб, кои по мајка се Македонци, а по татко Руси. Нивни татко е рускиот цар Владимир, кој ја покрстил Русија и е основачот на Руската Православна Црква.

Денес исто така се прославува и Светиот  бугарскиот цар Борис Михаил, кој ги покрстил Бугарите.

Браќа и сестри, Светиот Атанасиј се родил кон крајот на третиот век, во 296 година. Уште од детството го возљубил Христа, а Господ на чудесен начин направил чудо со него.  Имено, кога Свети Атанасиј си играл со другите деца, се претставувал како епископ и ги крштевал некрстените, а сето тоа тој ден го видел Александрискиот Архиепископ Александар, кој кога ги запрашал децата што играат, тие одговориле дека играат крштевање и дека Свети Атанасиј бил владиката што ги крштевал некрстените деца. Потоа Архиепископот Александар проверил и увидел дека Свети Атанасиј правилно ја изговара формулата при крштевање и го признал крштевањето кое го правел.

Потоа Архиепископот Александар се погрижил за понатамошното духовно растење на Свети Атанасиј.

Архиепископот Александар заедно со Свети Атанасиј, кој тогаш бил во ѓаконски чин, присуствувал на Првиот Вселенски Собор во 325 година во Никеја, каде Свети Атанасиј се покажал во вистинска светлина, познавајќи го прекрасно учењето на нашата Света Црква.

Свети Атанасиј е исто така и човекот што го напишал Символот на верата.

Ете еден ѓакон кој одлично ја знаел верата и живеел според неа, при толку многу присутни Свети Отци на Вселенскиот Собор, се прославил како најголем познавач и бранител на верата. Затоа овој светител се смета за еден од столбовите на нашата Света Православна Црква.

Во времето кога живеел Свети Атанасиј имало еден многу учен свештеник, кој погрешно учел за верата. Тој свештеник бил Ариј, а Свети Атанасиј со него имал големи искушенија, бидејќи требало да го разобличи неговото погрешно учење за верата. Во тоа време имало и цареви кои го подржувале и следеле погрешното учење на Ариј. Тие верувале дека Христос нашиот Бог и Спасител не бил Бог и Спасител, односно не ја признавале Неговата Божествена Природа и говореле дека Христос е само обичен човек, роден од жена, а не Богочовек.

Христос нашиот Спасител е Бог и човек, односно во Неговата Личност има две природи и две волји: Божја и човечка. Ете такво е учењето на нашата Света Православна Црква. Заради ова учење Свети Атанасиј бил гонет од епископот Евсевиј Никомидиски и од царевите Констанциј, Јулујан и Валент и бил принудуван да се спасува и крие во бунари, гробишта, пештери, пустини и насекаде. Бил многу измачуван и биен, а по четириесет години од епископската служба, мирно меѓу своите верни чеда го завршил својот живот.

Браќа и сестри, неможе оној кој го напишал Символот на верата, да не биде прогонуван и измачувн, бидејќи она што тој го напишал требало да го потврди и со својот живот.

Веднаш се поставува прашањето: каде сме ние денес по две илјади години од проповедањето на Светото Евангели? Дали ние имаме напреднато во христијанското учење или сме се уназадиле? Наназад одиме, браќа и сестри! Наместо нашата вера да расте и да се усовршува, ние поради нашето невнимание и негрижа за нашето спасение, немаме никаков интерес за вечните и спасоносни работи.

Ние, како што вели народната поговорка, сме гости на овој свет и  порано или подоцна ќе го напуштиме. Но ние мислиме само за тука и живееме онака како што рекол богатиот во Евангелието: „Душо, имаш многу добра, приготвени за многу години;  јади, пиј и весели се!“ (Лука 12, 19). Господ уште вечерта му кажал на богатиот, дека ќе умре и дека  неговата душа ќе ја земат демоните. А тоа што го спечалил на кого ќе остане? Еве и ние да се запрашаме, тоа што сме го спечалиле на кого ќе остане? Сме се труделе можеби многу, а исто така е погрешно и тоа, што многу родители се грижат да им остават големи материјални богатства на децата, односно куќи, вили, ниви, лозја, возила и многу други работи. Кога на децата сè ќе им дадете, тие тогаш ќе тргнат по погрешниот пат, бидејќи тие нема со тоа да се задоволат. Ќе бараат да се пијанчат, ќе бараат ноќен живот, исполнет со страсти и пороци и на крај ќе посегнат и по дрогата.

Се смеевме за тоа што правеле децата на богатите, кога се прогласивме за суверена држава. Еве тоа денес ни дојде пред врати! Денес околу десет проценти од децата на нашиот народ се жртви на дрогата.

Сите овие нешта се последица на тоа што ние не обрнуваме внимание на она што е суштествено, а суштествено нешто е верата.

Ние денес неколку пати ги опоменавме некои од браќата кои се дојдени тука не за молитва, туку за да си прават муабет надвор, да влезат во храмот и молитвено да учествуваат во Литургијата. Треба да знаеме дека сè она што го говори свештеникот, треба набожно да го слушаме, а потоа и длабоко да го примиме во душите и срцата и да го спроведеме во нашиот живот. Ако нашите верници доаѓаат во храмот во празничните и неделните денови и присуствуваат на литургиите, тогаш можеме да речеме дека сме на правиот пат да го наследиме Царството Небесно.

Во раната Црква, кога живеел Свети Атанасиј, браќа и сестри, за верата се зборувало насекаде. На пазарите не се правеле било какви муабети, како што ние денес за жал разговараме за било што, само не за верата. Едноставните или простите луѓе, она што ќе го научеле за верата, го ставале во својот ум, срце и душа и го проповедале со својот живот. Должноста на секој од нас е да ја научи верата и да живее според неа.

Свети Климент нашиот патрон  вели: „оној што има очи и гледа кај треба да стигне, но нема нозе и не може таму да стигне, личи на  човекот што ја знае верата, но не ја спроведува со својот живот и дела“ .Ние немаме никаква корист ако ја знаеме верата, а не живееме според неа. Свети Климент уште додава: „оној што има нозе и може да стигне секаде, а нема очи, односно не ја знае верата, тој како слеп човек ќе заврши во некоја урнатина, бидејќи не ја знае целта“.

Од нас се бара да ја научиме верата и да ја спроведеме во нашиот живот. Младите денес се постојано присутни на социалните мрежи и се во тек со сите настани. Тие преку интернетот можат да научат многу нешта за верата. За верата можеме да научиме и преку читањето на православна литература, а ако некој од повозрасните незнае да чита, тогаш нека ги замоли своите внуци да им читаат, па така преку заедничко здружување на бабите и дедовците со внувите  и на мајките и татковците со децата, полесно ќе ја научат верата.

Литургијата, браќа и сестри, не завршува тука. Ние треба да настојуваме благословот што го примивме од Бога во нашите души и срца, да го проповедаме на другите. Дали тоа го правиме? Не! Излегуваме од Црквата и веднаш зборуваме за Јанко, Петко, Трајко и за тоа како тој и тој бил лош и недобар. На сите им ги знаеме маните и гревовите, а нашите ги криеме. Ако постапуваме на ваков начин, тогаш за нас нема спасение.

Оставете ги луѓето и немојте да им судите. Секој од нас треба себеси да се суди, а не другите.

Во тој дух, браќа и сестри, да се помолиме на Светиот Атанасиј Архиепископот Александриски, кој ни ја изложи нашата Света Православна вера во симболот на верата. Ако Свети Атанасиј напишал толку многу томови на книги, ние барем дел од нив да прочитаме и да се поучиме. Амин! Христос Воскресна! Навистина Воскресна!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар