Сретение Господово – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп

На 15.02.2019 г., кога го празнувавме празникот Сретение Господово, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Илчо Смилески, Златко Костовски, Дејан Секулоски, Сотир Гочевски,  Роберт Илиески, Веле Спиркоски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свето Благовештение“, во Прилеп.

На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

После Божествената Литургијата, беше одржано годишно Свештеничко собрание.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Сега го отпушташ со мир Владико Својот слуга, според Твоите зборови“.

Денес е голем празник, браќа и сестри, Сретение Господово. Откако се случило Сретението на Господа наш Исуса Христа, со човекот врз кој бил Светиот Дух, кој бил преведувач на Светото Писмо – Септуагинтата, превод на седумдесетмината што го преведувале Стариот Завет, и кога дошол до местото на пророк Исаија, каде што пишувало: „ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му дадат името Емануел, што значи со нас е Бог“ (Иса. 7, 14), тој во тој момент не можел да сфати како девица ќе зачне, и сакал да напише жена, и одеднаш раката му била сопрена од ангел Господов кој му рекол: „нема да умреш, додека не го видеш Оној што ќе се роди од девојка“. Па така Светиот Симеон живеел над 100 години, за да го види Спасителот наш Господ Исус Христос. Тогаш во Храмот чреден бил таткото на Светиот Јован Крстител, пророкот Захариј, а одстрана стоеле Светиот Симеон – Богопримец и пророчица Ана. И одеднаш Свети Симеон го зел од рацете на Пресвета Богородица Богомладенецот, кој имал само 40 дена, и искажал едно пророштво: „Еве Овој лежи, за многумина во Израилот да се подигнат и паднат“ (Лука 2, 34), и дека Он ќе биде знак против кого ќе се зборува, односно знак на противречност, зашто едни него славејќи Го, ќе ги исполнуваат неговите заповеди и тие ќе бидат благословени и радосни, а други зашто нема во него да поверуваат, ќе го презрат.

Некаде кон крајот на 5 век, овој празник почнал свечено да се празнува, но за жал кај нас не толку свечено. Службата е прекрасна. Знаеме дека според Мојсеевиот закон, Мајката Божја, го донела Младенецот во Храмот во 40-от ден, како што пишува во законот Мојсеев, по очистувањето на родилката, но тоа не се однесувало на Мајката Божја, зашто таа е чиста и пречиста. Таа го родила Господа на натприроден начин, и со тоа покажала голема смиреност, за да покаже како сите жени и девојки треба да бидат смирени, онака како што таа била смирена, а од тоа очистување немала потреба. Ниту Господ кој е Бог и човек – Богочовек, немал потреба од благословот на старецот Симеон, туку тој имал потреба како Законодавец да го исполни она што било од Него кажано, за другите да видат, дека Оној што е над законот, што ги создава законите ги почитува, и дека оние за кои се создадени законите Божји, треба уште повеќе да ги почитуваат.

Во тој поглед ние имаме благослов. Благословот е од Бога, а извор на балгословите се Синот Божји – Господ наш Исус Христос, и Мајката Божја, која во својата света утроба го зачнала, носела, и го родила нашиот Спасител. И Бог кога ги создал Адам и Ева им рекол: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата“ (1. Мој. 1, 28) . Што значи и самото создавање на првите луѓе е со Божји благослов, со Божји благослов е и венчавањето и сите свети тајни кои ни се дадени за наше спасение.

Имаме и многу благословувања како што бил благосовен Авраам од царот Салимски кој рекол: „нека е благословен Авраам во сите векови“. И ете од него и неговата жена Сара – нероткиња се исполнил благословот Божји, и се создал народ поброен од песокот морски. Благослов добиле и Исак и неговите синови: Јаков и Исав. Се знае дека благословот доаѓал по Божјо допуштение преку родителите на децата, и деца кои примаат благослови од своите родители, а родители кои тоа го почитуваат согласно, со Светото Писмо и Светото Предание, таму има благослов и радост вечна за спасение на душите.

Нашите постари ништо не правеле без благослов Божји, зашто е речено дека благословот на таткото ги развеселува домовите на децата, а клетвата на мајката ги разурнува до основи. Што значи, децата треба многу да внимаваат дали ќе ги кршат заповедите Божји, и дали ќе го исполнат благословот од нивните родители, но затоа е и речено дека нетреба мајките да колнат кога ќе згрешат децата, зашто не знаеме кога благословот или клетвата може да се исполни, па потоа да се каат родителите дека наместо благослов изрекле клетва на своите деца. Знам една стара жена, која, кога ќе и згрешеа децата ќе и дојдеше веднаш да проколне и наднаш ќе се сетеше дека прави грешка и ќе речеше: „Господ да ве благослови, наместо Господ да ве казни!“ Што тоа второто го слушаме по тие турските серии итн. Не треба да има клетви, зашто Господ рекол, не колнете се ни во небото ни во земјата.

Мајката Божја сè исполнила за да ни покаже пример нам, како треба да бидеме и ние смирени и послушни, зашто преку послшанието се добива Божјиот благослов. Таа имала еден Син и него го жртвувала, а која мајка денес се одрекува од своите деца и му ги посветува на Бога. Многу ретки се тие. Ретки се оние родители кои кога нивните деца решиле да бидат посветени, и по Божја промисла треба да отидат во манастир, да му служат на Бога целиот живот, да им дадат благослов, туку веднаш се противат на тоа. А забораваме дека при Големата Молитва, свештеникот ако се машки ги носи во олтарот, ако се женски пред иконостасот, пред иконата на Мајката Божја да каже дека не е нејзино туку дека и припаѓа на Мајката Божја, ако е машко пред иконата Христова, и тогаш кумот го остава кај свештеникот и свештеникот од пред иконата и го предава на мајката да знае дека таа го прима детето од Бога ако е машко, ако е женско од Пресвета Богородица.

Ете тоа е мајчината љубов која ја покажаја Пресвета Богородица, за која и рекол Светиот Симеон: „и тебе меч душата ќе ти ја прободе“ (Лука 2, 35), претскажувајќи и ги страдањата на нејзиниот Син, кога ќе биде Христос прободен со копје на Крстот.

А зборовите за младенецот означуват дека за едни Христот ќе биде радост вечна, а тоа се однесува за оние што ги исполнуваат неговите заповеди, а другите кои против Него се кренале како во Новиот така и во Стариот завет, Он ќе биде знак против кого ќе се говори. Но Христос не дошол да раздели како што се вели во Светото Писмо дека е „меч кој дошол да раздели татко од син, мајка од ќерка“, тоа се однесува на татко кој верува, и син што не верува, и кои не ве веќе заедно,, туку се разделени.. Но сепак тој не дошол да раздели, туку да обедини и токму по зборовите да биде „еден Пастир и едно стадо“ , тоа значи дека и грешниците кои не веруваат да се покајат и да тргнат по вистинскиот и прав пат кој е Самиот Спасител Господ Исус Христос кој рекол: „Јас сум Пат Вистина и Живот“ (Јован 14, 6).

Треба да доаѓаме на литургијата за и ние да се сретнеме со Христа и како што рекол Светиот Симеон: „Сега отпушти го Владико, твојот слуга според Твоите зборови, зашто моите очи го видоа Твоето спасение“ зашто и сите старозаветни луѓе ќе се спасат ако поверувале во Месијата, а новозаветните ако поверувале во Христа и ако умираат со надеж на Воскресението.

Дај Боже и ние со таква вера и со таква надеж како Свети Симеон да го завршиме нашиот живот на земјата, та и ние да речеме по примерот на Светиот Симеон: „Сега отпушти го Владико Твојот  слуга според Твоите зборови“. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар