Што означуваат подготвителните недели пред Великиот пост?

Великиот пост во православната традиција – можеби е најистакнатиот период во целиот богослужбен круг во Правосалвната Црква. Токму затоа, не случајно ние говориме дека Великиот пост сам по себе не е толку значаен, туку неговата смисла е во тоа што, тој нè води кон – Светлото Воскресение Христово, кон Господовата Пасха. А Пасхата Господова – е најголемиот христијански празник, кој во црковните химни се именува како „Празник над празниците“ и „Торжество над торжествата“.

За важноста и духовната големина на Великиот пост, говори и фактот, дека овој пост има свои посебни подготвителни недели. Во црковната традиција Неделата – е мала Пасха. Постојат четири подготвителни недели (седмици) пред Великиот постот, а тие се: Недела на митарот и фарисејот, Неделата на блудниот син, Недела месопусна и Недела сиропусна.

Ако обрнеме внимание кон смислата на содржината на богослужбените химни на овие недели, ние ќе ја увидиме главната суштина на Великиот постот и кон што не подготвува нас верните. Великиот постот е подготовка на христијанинот за средба со Воскреснатиот Спасител, Господ наш Исус Христос, а тоа значи дека таквата подготовка од страна на човекот, треба да биде многу темелна. Постот, нам ни ги дава потребните образи (обрзци) и ни кажува како да се сретнеме со Воскреснатиот Христос.

За да се сретне со Христа, човекот мора духовно да се подготви за таквата средба. На пример, ако ние  очекуваме некои гости, тогаш сигурно ќе се подготвуваме да се сретнеме со нив: го средуваме домот, се обидуваме да подготвиме нешто за нив, со цел да им биде пријатно во нашиот дом. На ист ваков начин, треба да го устројуваме и нашиот духовен живот. Ако сакаме да го пуштиме Христос во нашиот живот, ние треба да се подготвиме за тоа на одреден начин, односно да се подготвиме за средба со Бога. Што можеме ние да направиме за Бога? Какви би сакал Бог нас да нè види? Имено, Великиот пост со своите подготвителни недели одговара на ова прашање.

Главната преграда, која некогаш го одвоила човекот од Бога и која сеуште го спречува човекот да му се приближи на Создателот,  – е гревот. Според Светите Отци,  – гревот е ѕид кој го одделува човекот од Бога и кој не и дава на Божјата благодат  да го осветли човечкото срце. За жал, овој ѕид го гради самиот човек. Бог е секогаш подготвен да ни излезе во пресрет, но ние многу често, како Адам и Ева, се обидуваме да се сокриеме од Него. Всушност, постот е тоа средство, кое според зборовите на Свети Јован Златоуст, го води човекот на патот кон Бога и го руши ѕидот на гревот создаден помеѓу Бога и човекот.

И така, гревот – е главната причина која нè одделува од Бога. Тогаш, како можеме да го совладаме гревот во себеси? Црковната традиција, со помош на подготвителни недели за Великиот пост, ни одговара дека гревот можеме да го победиме со помош на добродетелите.

Првата таква добродетел – е смирението. За тоа говори првата подготвителна Недела – Неделата на митарот и фарисејот. Фарисеите биле почитувани духовни водачи во еврејското општество, кои го исполнувале Старозаветниот Закон, покажувајќи се пред луѓето како праведни. Ете, еден од овие фарисеи, доаѓајќи во храмот, почнува да се моли и заблагодарува на Господа дека не е грешник како другите луѓе. Тука фарисејот ја манифестира најопасната страст, која предизвика пад не само во човечкиот свет, туку и во ангелскиот свет – а тоа е гордоста. Светите Отци учат: доброто дело направено со гордост, ја губи својата вредност и значење. Таквата молитва не може да биде прифатена од Бога. „Бог се противи на горделивете, а на смирените им дава благодат”, е речено во Соборното послание на Светиот апостол Јаков (Јак. 4, 6). Па така, Бог ја испраќа Својата благодат врз друг човек, кој се моли  во задниот дел од храмот, односно врз митарот. Митар, според нашето разбирање, е даночен цариник, кој собира данок, а во Евангелскиот текст станува збор за даночен цариник, кој собира данок во корист на друга држава, односно во корист на Римската Империја. Не е тешко да си замислиме, каков бил односот кон таквите собирачи на даноци меѓу Евреите. Евреите ги мразеле и презирале митарите, сметајќи ги како предавници на татковината и верата. Во Талмудот постоело и правило, дека  допирањето до митарите, е еднакво на осквернувањето. И ете, таквиот митар, доаѓајќи во храмот, застанал на крајот од храмот и со наведната глава удирајќи се во гредите, почнал да се моли: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“ (Лука 18, 13). Ова Евангелие завршува со зборовите: „Тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат.” (Лука 18, 14). Според мислите на Светите Отци, смирението –  е првиот чекор на патот кон Бога.

Втората подготвителна недела пред Великиот постот е посветена на параболата за блудниот син. Еден богат човек имал два сина. Еден ден, неочекувано помладиот син одлучил да го замоли татка си да му го даде делот од наследството, па откако го добил, отишол „во далечна земја“, каде што потрошил сè што имал. По некое време, откако потрошил сè, наоѓајќи се во тешки околности, блудниот син се сетил како живеел во домот на својот татко, дека ништо не му недостасувало, па затоа решил: „Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници“ (Лука 15, 18-19). Кога се приближил кон родителскиот дом, неговиот татко, здогледајќи го, притрчал да го пресретне својот „блуден“ син и прегрнувајќи го почнал до го целива со зборовите: „Овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде“ (Лука 15, 24).

Со оваа парабола, Светата Црква ни ја покажува меѓусебната врска на човечката душа и Бога. Бог ни дава сè за наше добро, но за жал, нам сето тоа не ни е доволно. Ние сакаме да живееме среќно, но без Бога. Ние го изгонуваме Него од нашите животи. Но сепак, Он не се одвраќа од нас. Бог нè љуби и секогаш нѐ чека. Штом ние ќе пројавиме желба да се вратиме при Него, штом ќе ги пројавиме првите знаци на покајание, Он веднаш ни излегува во пресрет. Па така, втората важна добродетел, којa нè води кон Бога е покајанието.

 

Извор: https://pravlife.org