Промовирана книгата „Силата на Словото“ на Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар

На 21.12.2019 година, во храмот Рождество на Пресвета Богородица, во Битола, се одржа промоцијата на книгата „СИЛАТА НА СЛОВОТО“ на Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и новозеландски г. Петар.

Промотори на книгата беа aкадемик д-р Ѓорѓи Поп Атанасов и проф. д-р Јордан Плевнеш.

На промоцијата присуствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Високопреосветените Митрополити, Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Повардарски г. Агатангел, Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Кумановско-осоговски г. Јосиф, Преосветениот Епископ Хераклејски г. Климент, деканот на Богословскиот факултет проф. д-р Ѓоко Ѓорѓески, како и многу други гости, свештеници, монаси, академици, професори и верници.

„И ќе ви дадам пастири според своето срце, кои ќе ве пасат со знаење и благоразумност„ (Ерем. 3, 15).

ПРЕДГОВОР

Едицијата СИЛАТА НА СЛОВОТО е наменета првенствено за нашите млади македонски свештеници, како помагало при изготвувањето на проповеди за нивната пастирска служба, но и за нашите верници, со цел да им се доближат словата на Митрополитот Преспанско – пелагониски и администраторот Австралиско – новозеландски г. Петар (Каревски), импровизирано изговорени при разни поводи и настани.
Првиот дел од оваа едиција споделува и осветлува само еден скромен дел од Господовите, Богородичните и светителските празници од огромната долгогодишна ораторска продукција на Неговото Високопреосвештенство.
По повод јубилејот 50 години од возобновувањето на Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија и 35 години од неговото раководење со Преспанско – пелагониската епархија, се одлучивме за оваа пишана рожба.
Да се пишува за Митрополитот г. Петар, претставува огромна чест и несекојдневен предизвик. Станува збор за ревносен свештенослужител, скромен и внимателен духовник, неуморен мисионер, мудар архиереј, вљубеник во најсветото – во Мајката Црква и Татковината. Тој е исклучителна личност. Еден и единствен. Бестрашен и храбар борец за Православието.
Скоро четири децении завзема посебно место во високата ерархија на Македонската православна црква. Иако самиот никогаш не би го признал тоа, но тој е исклучителен пастир на нашето време. Тој со несекојдневна сила на убедување нè учи да ја примаме Христовата Светлина, која не ослепува, туку ги просветлува сите. Неговите изговорени слова од црковниот амвон, со својата архипастирска љубов и проникнувачка мудрост ги лекуваат нашите душевни рани и го разбиструваат нашиот духовен вид. Тие грижливо нè учат како да ја чуваме и негуваме нашата Православна вера и Црква и да стрепиме над секое сениште и искушение кое се надвиснува над нашата бесценета и древна Татковина – Република Македонија.
Прибирањето на изустените слова и говори на Неговото Високопреосвештенство, бараше многу време и труд, бидејќи архиерејот секогаш практикува да беседи усно од дверите, или од некое друго место, без да има пред себе предходно напишан текст во материјална форма.
Едицијата содржи беседи, проповеди за Господовите, Богородичните, светителските празници, неделни проповеди, слова за позначајни јубилеи и настани, Божикни и Велигденски посланици, предавања, еден дел е посветен на беседите изговорени при осветување на градби, а на крајот е поместено поглавие со слова за упокоените.
Се надеваме дека барем малку успеавме да ви доближиме еден мал дел од богатата ризница на изговорени слова на Митрополитот г. Петар, бидејќи верниците во храмовите очекуваат да ги слушнат вистинските зборови Господови, кои лечат и исцелуваат, храбрат и просветлуваат.
Предговорот ќе го завршиме со прекрасните зборови од псалмите кога Бог го изведуваше Својот народ од Египет: Не нам, Господи, не нам, туку на Твоето име дај му слава, заради Твојата милост, заради Твојата вистина (Псал .113, 9).

(Од приредувачот м-р Билјана Петковска)

ТАКА СЛОВЕШЕ, СЛОВИ И ЌЕ СЛОВИ ВЛАДИКАТА ПЕТАР ОД МАКЕДОНИЈА ДО ВЕЧНОСТА

 

(Беседа по повод четириесетгодишнината од замонашувањето на Владиката Петар и неговата книга Силата на Словото)

На 19 јуни 2019 година, се навршија четириесет години oд замонашувањето на Владиката Петар во предворјето на храмот „Свети великомаченик Ѓеорѓи“, кога првиот Mакедонски архиепископ од возобновувањето на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Доситеј, му го поставува прашањето: Како Ви е името Брате? Петар – одговорил новородениот монах.

Од тогаш Гласот и Духот на новородениот монах станува безвремен во Љубовта на Божјиот Син и Спасител на човештвото – Исус Христос, и за него е отворена Вечноста на Божјата Мајка – Пресвета Богородица, како името на овој храм во Битола, во која ја промовираме капиталната книга на Христовата светлина во современа Македонија – Силата на Словото.

Силата на Словото на Владиката Петар го Претвора времето од 40 во 140 години, од 400 во 1400 години и од таму до 4000 години, бидејќи Владиката Петар поседува моќ за повик низ вековите и знае да ги соедини светите зборови со зборовите на старозаветните пророци со новозаветните христољубиви визионери што беа овекковечени од Љубовта на Свети Апостол Павле што поминува низ Македонија за да ја христијанизира Европа, и кога неговите зборови ги слуша македонката Лидија, првата христијанка на Европа и го кани да проповеда во нејзиното родно место, на зборовите на Апостолот дали има црква таа одговара: „Црква за Вашиот проповед ќе биде моето срце.“

Теолошката поетика на овие проповеди за Господови, богородични и светителски празници, во многу нешта наликува на силата на двете парадигми на Светите солунски браќа, Рамноапостолите Свети Кирил и Методиј, кои со „Цивилзацијата на љубовта“ и „Носталгијата по едниството“ ги пренесоа зборовите од солунските села Сухо и Високо, од Солун, преку Рим и Моравија и Владивосток, и по догмата на тријазичниците на хебрејски, грчки и латински, ги воведоа црковнословенските зборовни трезори во 33 словенски јазици од кои Прличев, или како што беше наречен „Вториот Хомер“ во Атина, ја пишуваше Пансловенската граматика, барајќи ја основата таму каде што е токму во Македонија.

Беседите на Владиката Петар ја трансформираат Географијата во Историја, Хемијата во Алхемија, Физиката во Метафизика, и кога ја слушаме неговата интерпретација, всушност не обзема една моќна и интерконтинентална тревога, бидејќи, Владиката Петар е еден од најголемите оратори од Антиката до денес на македонско тло. Затоа, независно каде беседи на Балканот, во Европа, во Австралија и Нов Зелад, во Америка и Канада, тој знае да ги соедини зборовите и како на филм да помине пред тие што го гледаат и тие што го слушаат, бесмртната секвенца на Вечната Љубов: „Прекрасен е примерот на Мајката Божја, која му вели на Богомладенецот и Спасител од Витлеем –  како јас, Тебе Сине Мој, чедо мое, Те сместив во мојата утроба! Како јас Те држам Тебе во моите раце, Ти, Кој во Твоите раце го држиш целиот свет, целата Вселена и се што постои.“

Инспиративните извори на моќта на Словото на Владиката Петар, тргнуваат токму од целата Вселена, за да ја означат Македонија во нејзините балкански и Европски граници, но и да ја прикажат како светски феномен, бидејќи изустените слова и говори на Неговото Високопреосвештвенство, слегуваат во нас, и како верници и како негови следбеници, и како негови современици, не уверуваат во фактот дека „Никој не е умрен за Господа Бога, и дека сите засекогаш се живи.“

Слично на Исусовите параболи, сликите кои ги создаваат текстовите во кнгата „Силата на Словото“, со виножитна аура, не пренесуваат во митските точки на Македонија, како што е црквата на Свети Петар и Павле на островот Голем град во Преспа, кога Свети апостол Петар извикал со силен глас „Ти си Христос – Син на живиот Бог“, и патува тогаш островот Голем град со црквата со светлосна брзина по меридијаните, како што патуваат битолските маченици од нашиов славен град, во архивата на Цивилизацијата на Љубовта, независно од жестината со која им биле отсечени главите во 1375 година, тие патуваат со силата на реториката на Владиката Петар, која може да се споредува со римските говорници Кантилиен и Цицерон, бидејќи да се докаже она што се афирмира, да се влезе во мирогледот на слушателите и во нив да се разбудат емоиците кои извираат од нивната душа, тоа е Ars Bene Dicendi на авторот што вечерва го промовираме.

Кој знае почнувајќи од Аристотел дека сликите се основа на мислата, знае да ги поврзи во духовно единство Logos Pathos и Ethos кои во случајов на Владиката Петар изобилуваат со елоквенција, имагинација и меморија и затоа битолските маченици и преспанската фасцинација влегуваат во општохристијанската европска археологија, и Преспа и Битола се издигнуваат рамо до рамо со куќата од Тибинген и Седумте уметности на слободата: Геометрија, Логика, Аритметика, Граматика, Музика, Физика и Реторика.

Бидејќи во беседите и проповедите на Владиката Петар, Македонскиот јазик го има него како еден од врвните оратори што ја наоѓа својата инспирација кај учителот на Светите Кирил и Методиј – Патријахот Фотиј и неговото дело „Мириобиблион“, чиишто мисли допираат и ќе допираат  до врвовите на Европската реторика, низ примерот на Жан-Жак Русо: „Човекот се раѓа слободен, а насекаде е во окови.“

Низ словата на Владиката Петар, кои се посветени на покојните протопрезвитера Петра Каревска и Даница Каревска, ќе проблеснат спомените на неговото село Богомила и Попот Богомил основачот на Богомилското учење, и импресивното слово за Свети Атанасиј Александриски, кое често пати ќе ни прозвучи автобиографски, знаејќи ги сите искушенија низ кои минувал и минува Владиката Петар, низ пророчката реченица – Athanasius contra Mundum, во кои сликите од неговите богословски академии во Призрен, Белград и одбраната на неговата академска теза во Рим „Теологијата на Свети Климент Охридски во неговите напишани дела“, ќе ни откријат слично на големите книжевни потфати на Фјодор Михалјович Достоевски и Албер Ками, кои потсетувале на Страшниот суд и го поставувале прашањето зошто Европа е најскапата гробница на светот? Што е мистеријата на светото молчење на Исус пред крикот: „Боже, Боже – Зошто ме остави“?

Оваа ноќ во Битола, во храмот Пресвета Богородица, во овој град што беше 64 пати бомбардиран  за време на Првата светска војна, и беше наречен „Балканскиот Верден“, ја промовираме книгата Силата на словото, и со тоа Македонија го дава својот придонес во Светската Цивилизација на бескарајната Љубов на Исуса Христа, што ја објасни аргентискиот писател Ернесто Сабато: „Во тунелот на светската историја, само носителите на духовната светлина, заслужуваат да бидат наречени Носители на Цивилизација“.

проф. д-р Јордан Плевнеш

 

На крајот од промоцијата со свој говор се обрати и Митрополитот г. Петар, кој интегрално ви го пренесуваме.

Ваше Блаженство, Ваши Високо Преосвештенства, Преосвештени Владико, ваши високи преподобија, архимандрити и игумени, чесни  отци, монаси и монахињи, почитувани професори на Богословскиот факултет, предводени од деканот, драги браќа и сестри.

Најнапред сакам да Му се заблагодарам на Бога, бидејќи од сето ова што до сега го слушнав, ништо не е мое, туку сè Му припаѓа на Бога, т.е. ако има нешто добро, тогаш тоа е од Бога, а ако има нешто лошо, мое е, бидете сигурни во тоа.

Ќе ве ожалостам вас почитувани промотори, што така високо зборувавте за мене,  бидејќи сè што кажавте,  е дело на благодатта Божја што е во мене, се разбира ако ја има, како што вели Свети апостол Павле,  а ако во сето ова има нешто лошо, тоа е мое.

Јас сум прв по старост на години и по хиротонија во Светиот Синод, но последниот од постарите архиереи што се осмелив од она што сум го кажал импровизирано во проповедите, да го пренесам тука (во книгата). Пред мене таков подвиг направија дедо Тимотеј и Неговото Блаженство, дедо Стефан, а секако и другите браќа архиереи имаат направено и напишано многу подобри работи, за кои сум сигурен дека не грешам.

Сакам благодарност да укажам и на промоторите на ова дело, на академик  д-р Ѓорѓи Поп Атанасов и проф. д-р Јордан Плевнеш, а исто така и на претставувачот (на книгата), протопрезвитерата м-р Билјана Петковска.

Посебнa благодарност упатувам и до оние што постојано мора да ме трпат, кога сум незгоден и непријатен. Им благодарам и на оние што најмногу ме напаѓаат во животот, оти ако не ме напаѓаат, кој знае колку поголем грешник ќе бев. Сè додека луѓето ме напаѓаат, мислам дека добро ми прават, бидејќи ме спречуваат да направам некој голем грев. Грешен сум, како што вели Свети апостол Павле, т.е. најгрешниот од сите, и ако така не се чувствуваме и не постапуваме, тогаш сме на лошиот пат, а не на правиот и вистинскиот, Кој е Христос нашиот Бог и Спасител.

Ете, во тој дух благодарност упатувам и до моите соработници во Миторполијата, до мојот заменик протоерејот стафровор Никола Грамбозов, до оние што се трудат ова што сум го кажал со зборови, да го стават на хартија.

Така во тој дух би сакал да укажам на тоа дека многу повеќе сакам да ми укажувате на грешките, пропустите и слабостите, отколку да ме пофалувате, зашто кога пофалуваме некого, пофалбата останува тука на земјата, а не на небесата. Затоа повеќе сакам да ме критикувате, за преку критиките да се поправам и да бидам подобар.

Ви се заблагодарувам на сите вас присутни, возљубени браќа и сестри, што укажавте трпение да се прмомовира ова дело, со надеж дека во идната година ќе се објават и останатите томови.

Да се помолиме Господ да ни ги прости сите гревови, особено на мене грешниот и недостојниот и да нè помилува, (да се спасуваме).

За многу години нека е оваа наша средба. Амин!

 

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар