Пренос на моштите на Свети Николај Мирликиски – Празнична Вечерна во Боримечка

На 21.05.2019 г., во предвечерието на празникот на преносот на моштите на Светиот Николај Мирликиски Чудотворец, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи празнична Вечерна Богослужба во храмот посветен на „Свети Никола“, во Боримечка.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Дивен е Бог во Своите свети“ (Псал. 67, 35).

Браќа и сестри, дивен е и овој наш светител, Светиот Николај, Архиепископот Мирликиски Чудотворец.

Свети Никола живеел во четвртиот век, по раѓањето во тело на Христа нашиот Бог и Спасител. Овој Божји угодник, многу му угодил на Бога со правењето на многубројни добри дела на луѓето, а се покажал и како вистински пастир, кој ревносно се грижел за своите духовни чеда.

Многумина кои биле во животна опасност заради клевета од другите, Свети Никола ги спасувал, а спасил и тројца невини граѓани, на кои со меч требало да им бидат отсечени главите.

Од житието на Свети Никола дознаваме дека тој исто така направил добро дело и кај едно семејство, кое заради големата сиромаштијата, таткото неможел достојно да ги омажи ќерките и бил подготвен да ги отдаде на недостоен и неморален живот. Свети Никола, кришум во три наврати им фрлал пари во нивниот двор, и така ги спасил од сиромаштијата.

Свети Никола, браќа и сестри, е оној кој се застапувал и кој покажал голема ревност за чистотата на верата, на Првиот Вселенски Собор во Никеја, во 325 година, каде биле собрани 318 Свети Отци, чии спомен го празнувавме вчера.

Првиот Вселенски Собор бил свикан, заради еретикот и изопачувачот на нашата Света Православна вера, познатиот Александриски свештеник Ариј, кој погрешно учел за Христа нашиот Бог и Спасител, за тоа дека  Христос не е Бог, туку дека е само човек. Во историјата на Светата Црква после Ариј, се појавиле и многу други ереси и еретици кои ја изопачувале верата и затоа во Црквата имаме уште други шест Вселенски Собори, кои биле свикани за одбрана и зачувување на чистотата на нашата Света Православна вера.

На Првиот Вселенски Собор, кој го свикал Светиот цар Константин, Свети Николај му удрил шамар на Ариј, бидејќи неможел да го поднеси неговото погрешното учење. Според каноните, ако некој удри свештено лице, му се одзема чинот. Па така, заради тоа дело,  Свети Никола бил отстранет од Соборот и му бил одземен архиерејскиот чин.

Веднаш, уште истата ноќ откако така одлучиле Светите Отци на Вселенскиот Собор, на првите архиереи кои го воделе Соборот им се јавиле Самиот Господ Исус Христос, Kој стоејќи близу до светителот му го подавал Евангелието, а од другата страна Пресвета Богородица, која на рамената му го ставила архиерејскиот омофор. Спасителот Христос и Пресвета Богородица, му го вратиле чинот на Свети Николај, заради неговата ревност која ја покажал за одбрана на верата, а не заради тоа дека сакал да се тепа.

После овој настан, Свети Никола продолжил како вистински пастир да се грижи со голема љубов за своето стадо.

Па така, од четвртиот век по Христовото раѓање, па сè до крајот на единаесеттиот век, моштите на Свети Никола биле извор на исцеленија на сите болни од разни болести.

Во времето кога муслиманите од Арабија тргнале да ги освојуваат православните земјите и кога дошле до градот Мир, во областа Ликија, во денешна Мала Азија или Турција, Свети Никола му се јавил на некој чесен свештеник од градот Бари – Италија и му заповедал моштите да бидат пренесени од Мир во Бари, кој во тоа време бил православен град. Пренесувањето на неговите Свети мошти се случило во 1087 година, и затоа овој празник што го празнуваме вечерва и утре, се однесува на преносот на моштите на Свети Николај, од градот Мир, односно од областа Ликија, во градот Бари.

Ова пренесување на Светите мошти на Свети Никола било едно прекрасно движење за сите православни христијани. Луѓето масовно излегувале на улиците и со голема набожност ги целивале неговите Свети мошти, кои мироточеле и испуштале благоухание, и од кои многумина добивале исцеление од  различни болести од кои боледувале.

Некои православни христијани денешниот празник го слават кога се слави споменот на Свети Талалеј, и го нарекуваат Свети Никола летен. Оваа традиција на славење, на Свети Никола на денот на Свети Талалеј се појавила уште во периодот на пренесувањето на моштите на Свети Никола, односно се смета дека неговите мошти поминале низ Македонија на празникот на Свети Талалеј и луѓето од преголема почит кон Свети Никола, заборавиле на празникот на Свети Талалеј.

Денот на пренесувањето на моштите на Свети Никола е денешниот ден.

На почетокот кажавме дека Свети Николај е голем светител на нашата Света Црква. Многу од светителите кои живееле свет живот, Господ ги прославил со нетленост (нераспадливост) на нивните тела, како што е случајот со Свети Никола, Свети Димитриј Солунски и Света Петка Параскева, чие нетлено тело денеска се наоѓа во Романија, во градот Јаши.

Сите овие примери на Свети луѓе се доказ дека Господ е „дивен во Своите свети“ (Пасл. 67, 35) и не дозволува  нивните тела да се распаднат.

Преку устата на Свети апостол Павле, треба да  се поучиме дека нашите тела се создадени, не за распаѓање и срам пред луѓето, туку се создадени да бидат храм на Светиот Дух. Ако човекот живее свет живот и ако во него е присутна Божјата благодат која ни се дава преку Светите Тајни: Крштение, Миропомазание, Исповед, Венчание, Елеосвештение, а особено преку Причесната, тогаш таа Божјата благодат која е сила Божја, односно несоздадени енергии, ги прави телата да бидат храмови на Светиот Дух. За тоа сме сите ние повикани! Ниеден православен христијанин не е повикан да живее на земјата недостоен и грешен живот, туку секој еден, од најмалите деца до највозрасните, се повикани да станат свети. По молитвите на Свети Николај, Архиепископот Мирликиски Чудотворец, Господи Исусе Христе помилувај не и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар