Големо осветување на храмот „Света Великомаченица Параскева (Петка)“ во село Илино

На 14.09.2019 г., кога го празнуваме црковното новолетие и споменот на Светиот Исус Навин и преподобниот Симеон Столпник, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, игуменот Спиридон (Поповски), протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев, протоѓаконот Драган Георгиевски и ѓаконот Константин Сековски,  изврши Големо осветување на храмот „Света Великомаченица Параскева (Петка)“, во село Илино.

После Големото советување, беше отслужена Света Божествена Литургија.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Се зарадував кога ми рекоа да одиме во домот Господов“ (сп. Псал. 122, 1), вели Светиот славен пророк и цар Давид. Па така, браќа и сестри, и ние треба секогаш да се радуваме, кога ќе ни кажат да одиме во домот Господов, во храмот Божји, каде што е најголемата Светиња, Светињата на Светињите, односно Телото и Крвта на Спасителот наш Господа Исуса Христа, кои на Божествената Литургија од леб и вино, се претвораат во Тело и Крв Христови, тука на овој Свет престол, односно на секој Свет престол, во секој храм, на Евхаристискиот Канон.

Имено, Светата Божествена Литургија, браќа и сестри, е јавна Божја служба, во која се говори за Божјиот домострој, од постанокот, па сè до крајот на светот, вклучувајќи го и Есхатонот, односно животот во идниот век, во Царството Небесно, на оние што ќе бидат во него. Па така, браќа и сестри, да се биде во храмот Божји, е голема работа, бидејќи ние на тој начин се избавуваме од гревот и смртта, доколку подготвени пристапуваме во храмот Божји, на Божествената Литургија.

Да не заборавиме дека сето она што го кажал Светиот пророк Давид за храмот, се однесува на старозаветниот храм. Ако така се изјаснил или така кажал Светиот цар Давид за старозаветниот храм, колку повеќе ние треба да се радуваме и веселиме, кога влегуваме во новозаветните Божји храмови, кои се исполнети со Божјата благодат, зашто ние сме сведоци на тоа дека храмовите што се осветуваат, не можат да бидат осветени, ако во нив нема Свети мошти, а Светите мошти се делови или честички од телата на светителите или мачениците на нашата Света Православна Вера, бидејќи се вели дека Црквата Божја почива на телата или храмовите на мачениците, како што Светиот апостол Павле, вдахновен од Бога рекол: „Не заборавајте дека телата ваши се храмови на Светиот Дух“ (1. Кор. 6, 19). Човекот, браќа и сестри, е создаден не за умирање, туку за живот вечен, а живот вечен е да ги исполнуваме Божјите Заповеди, зашто Спасителот Господ Исус Христос рекол: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот“ (сп. Јован 14, 6). Друг живот, без Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, не постои. Живот без Бога не е живот, туку смрт и умирање. Секој човек, кој живее без Бога, треба да си спомне на зборовите кажани во Светото Откровение на Свети Јован Богослов, кога Господ преку устата на пророкот на предстојател на една апокалиптична Црква, му вели: „Иако си жив, знам дека си мртов, зашто ги знам твоите дела“ (сп. Откр. 3, 1). Човек може да биде жив телесно, но ако е духовно и душевно мртов, тој не е жив, браќа и сестри.

Ете, ние свештенослужителите, заедно со вас верниците, осветувајќи го овој Свет храм, не треба да заборавиме дека секоја Божествена Литургија, е всушност јавна Божја служба, на која ние го преповторуваме сето она што ни е дадено од Бога, т.е. од Христа нашиот Бог и Спасител. Да не заборавиме дека Божествената Литургија почнува со првиот дел наречен Проскомидијата, на која се говори за раѓањето на Спасителот наш Господа Исуса Христа, на која се подготвува Агнецот Божји, а тоа е Христос нашиот Бог и Спасител, Кој како јагне Божјо, треба да биде заклан заради нас грешните и недостојните. После подготовката или раѓањето во Тело на Синот Божји, следува, браќа и сестри, сето она што е таму прикажано т.е. од Неговата десна страна се поставува Мајката Божја, Пресвета Богородица, како што вели старозаветниот пророк: „Од десно на Тебе седи царицата“, а понатаму се вадат честичките за Светите Ангели и Небесните Сили, за Свети Јован, Претеча и Крстител Господов, за Светите пророци, за Светите апостоли, за Светите маченици и за светителот во чија чест се принесува Божествената Литургија.

На Божествената Литургија ние имаме и честички кои се вадат за живите, бидејќи Црквата Христова, е Црква на живите, но не само на оние кои се на земјата, туку и на починатите, бидејќи и тие се живи членови на Црквата, но не на оваа Црква, која тука воинствува, туку на онаа што торжествува, на Небесата.

Црквата Божја тука на земјата воинствува и се бори со сатаната и неговите ангели (демоните), а Црквата небесна торжествува, бидејќи Го слави Бога Троичниот, Отецот, и Синот и Светиот Дух. Да не заборавиме дека кога се прави малиот вход, а имавте можност да го видите тоа кога свештените лица излегуваат водени напред од оној што ја носи запалената свеќа, што го претставува Светиот Славен Пророк и Претеча Јован Крстител, како претходник на Христа нашиот Бог и Спасител, кој заедно со Светите Апостоли, и нивните последователи епископите, одат и го проповеда Словото Божјо низ целиот свет.

На големиот вход, браќа и сестри, се случува големото чудо, а тоа е одењето и носењето на Крстот на Голгота, од страна на Спасителот наш Господ Исус Христос, на кој треба да биде распнат, и со распнувањето, т.е. со пролевањето на Својата Света Крв, да нè избави од гревот и смртта. Потоа Агнецот Божји се поставува тука на овој Свет престол, на Кој треба да биде заклан заради нас и заради нашето спасение, а понатаму следуваат и сите други настани од Божествената Литургија.

Ете, кога го знаеме сето ова, особено претварањето на лебот и виното во Тело и Крв Христови, со кои се причестуваме, односно соединуваме со Христа, ние како православни христијани треба да знаеме дека надвор од Црквата, нема спасение. Па затоа треба да бидеме свесни за идниот живот по смртта, т.е. дека ќе дојде Страшниот Суд, Второто Христово доаѓање, Општото Воскресение и животот во Царството Небесно на оние што ќе се спасат, а оние што нема да се спасат, ќе бидат во вечната геена, (вечниот неизгаслив оган).

Ете така, браќа и сестри, да Му заблагодариме на Бога за подигнувањето и осветувањето на овој Свет храм, кој го подигнаа оние ктитори, кои беа спомнати во повелбата што беше положена во Светиот престол, заедно со Светите мошти на светителите. Исто така, да не заборавиме дека оној што на Бога дава едно, добива стоструко. Сè е добро да правиме, но секако меѓу најдобрите дела е кога ние градиме Цркви и манастири, со цел тука да се собираме и тие да не бидат празни, туку полни, и тука да се лекуваме од нашите болести, а нема човек роден на земјата, кој не боледува. Најнапред се разбира  боледуваме од првородниот грев, што сме го примиле од нашите прародители и по нашата слаба човечка природа и другите гревови што лично ние сме ги направиле во текот на животот, како и оние на претците. А лекувањето е следно, т.е. вистинско и длабоко покајување преку голема анализа и размисла за сите гревови што сме ги направиле, откако знаеме за себе, па сè до моментот кога се исповедаме. Преку исповедта, преку советот добиен од духовникот, односно свештеното лице, браќа и сестри, ние се ослободуваме од нашите гревови, и ако искрено сме се покајале и одлучиле повеќе да не ги повторуваме гревовите, и да направиме спротивни на гревовите добри дела, односно ако сме лажеле, секогаш понатаму да ја говориме вистината, ако сме краделе, да го вратиме украденото и да дадеме на оние кои имаат потреба од тоа, т.е. на сираци, сиромаси, вдовици, болни и.т.н. Исто така, ние не треба да заборавиме дека секој оној што сака да стапи во брачна заедница, било тоа да е машко или женско, треба истото да го направи со Божји благослов во храмот Божји, односно врз нив да се изврши Светата Тајна Венчание. Оние кои не се крстени и миропомазани, треба да дојдат во храмот Божји, за врз нив да се изврши Светата Тајна Крштение и Миропомазание.

Ние, преку Крштението,  браќа и сестри, се очистуваме од првородниот грев и од личните гревовите што сме ги направиле, а и од гревовите наследени од родителите и претците.

Преку Миропомазанието или преку печатот на Светиот Дух, во нас се вселува Божјата благодат и даровите на Светиот Дух, односно верата, трпението, љубовта и.т.н. Преку Светата Тајна Венчание, брачните другари, се усовршуваат за духовно растење во животот, т.е. на некој начин се преобразуваат, бидејќи стануваат родители, раѓаат и воспитуваат деца, подигнуваат пород,  внуци, правници и.т.н.

Исто така, браќа и сестри, да не заборавиме дека секој што бил болен, треба да постапува според зборовите на Светиот апостол Јаков, кој вели: „Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика презвитерите (свештениците) црковни, та да се помолат над него, и нека го помажат со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат“ (сп. Јак. 5, 14-15). Но Тајната над сите тајни, браќа и сестри, е Светата Тајна Евхаристија или Причесната, зашто како што кажавме, на овој Свет престол и на секој Свет престол, кога се служи Света Божествена Литургија, но и на Светиот Антиминс, кој е малата или подвижната Црква, ние го доживуваме сето она што се случило, а тоа е Светата Тајна Евхаристија, кога Христос на Тајната Вечера, го претворил Лебот, во Негово Свето духовно Тело, и Виното во Негова Света духовна и спасоносно Крв, и оние што пристапуваат да се причестат, ако се исповедале и ако се ослободиле барем од големите и смртни гревови, како и ако им простиле на оние што ним им згрешиле и ако побарале прошка од оние на кои тие им згрешиле, тогаш, браќа и сестри, преку Причесната се очистуваат од гревовите.

Па така, уште еднаш упатувам благодарност на ктиторите на овој Свет храм и на оние што дале свој прилог, а и на сите вас што денеска дојдовте заеднички да се помолиме на овој голем и спасоносен ден, т.е. на осветувањето на овој Свет храм.

По молитвите на Светата Великомаченица Параскева (Петка) Римјанка, на која и е подигнат овој Свет храм, и на Светиот Симеон Столпник, на кого денеска споменот му го празнуваме, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин! Честит нека е празникот и за многу години, и нека е благословено Големото осветување на овој Свет храм!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар