Пустинскиот Цвет

Извадоци од подготвениот за печат зборник „Пустински цвеќиња“  колекција со записи од усните раскажувања на монахот Александар / Блум / за неговиот живот во Светата земја и Синај.

Мустафа

Во пустината, во близина на манастирот на Свети Харитон, се наоѓа малото арапско село кое го носи името Хизма. Жителите се муслимани, потомци на разбојници и не чувствуваат посебна радост, кога јас, православниот монах минувам низ нивното село. Кон мене, исто се однесува и во соседното село – Аната. Мустафа беше еден од најбогатите во Хезма. Имаше големо стадо кози – околу 150 глави. Бидејќи во пустината е тешко да се најде паша за животните, тој редовно ги пасеше козите по манастирското земјиште и дури за нив кршеше раззеленети гранки од маслиновите овошки. Се однесуваше сосема безмилосно кон манастирските дрвја кои и така беа сосема малку, без да обрнува  внимание на моите протести. Не помогаше ништо – ниту закани, ниту молби. Тој продолжуваше да биде безчувствителен.

Конечно трпението сосема ми се исцрпи и јас решив да и се обратам на Витлеемската полиција. Но кога тргнав да ја исполнам намерата и одев низ пустината, во срцето слушнав  глас: „Јас сум Судијата, остави го тоа на Мене“. Јас сепак не го послушав тој внатрешен глас, па продолжив на патот кон полицијата, која се наоѓаше во христијанскиот кварт на Витлеем. Полицајците ме сослушаа многу внимателно, но ми откажаа помош, кревајќи раменици ми рекоа: „Господ да го суди“. И навистина, што можеа да направат за да ми помогнат? Но, Господ веќе имаше казна за злоделата. По мојата посета на полицијата, Мустафа ме мразеше уште повеќе. Тој замисли ново, ужасно злосторство – одлучи да ме убие. Во утринските часови, уморен од вчерашните настани, јас излегов од пештерата и седнав на каменот до влезот. Отворив книга со житија на познатати пустеници и почнав да ја читам. Тоа беше прекрасно утро, сонцето едвај се беше кренало над хоризонтот. Мир и спокој исполнуваа се наоколу. Одеднаш, доловив некаков силен блесок. Го кренав погледот и видов едно парче злато кое блескаше на сончевите зраци. Ја оставив книгата, направив неколку чекори напред и се наведнав, за да го подигнам сјајното парче. Но, јас бев погрешил. Парчето злато се покажа дека е парче скршено стакло. Сончевите зраци паѓаа врз него, така што тоа разлеваше наоколу златен отсјај.

Одеднаш, зад мене се слушна силен тресок. Јас затреперив и погледнав наоколу. Што се случило? На местото каде што седев и пред една минута читав книга, лежеше огромен камен. Погледнав брзо на горе и го видов Мустафа. Тој, стоеше на карпите, зјапаше во мене и силно се смееше.Како што дознав подоцна, Мустафа се искачил над мојата пештера и го истркалал надолу големиот камен, мислејќи дека ќе падне врз мојата глава. Но, во последен момент, мојот ангел-чувар ми го сврти погледот на друга страна, каде што блескавото стакло ја заскокотка мојата љубопитност и ме натера да застанам и да го разгледам. Па така, мојот  ангел ме спаси од сигурна смрт. Во потрага по подобро пасиште, Мустафа го тераше своето стадо на дното на една  длабока клисура покриена со сува, груба трева. На спротивниот крај на клисурата, во близина на моето живеалиште, имаше голема пештера во која тој го чуваше своето стадо ноќе. Еднаш, кога стадото се враќело од пасење, го нападнал волк кој убил и ранил многу кози. Овој настан го исплаши Мустафа до смрт, а освен тоа, тој претрпе голема загуба: за еден ден тој загубил 30 кози, а 35 беа повредени. Неговиот имот, кој главно се состоеше од кози, значително се намали. Потооа, селаните велеа дека Севишниот го казнил за навредите кон православниот монах. По овој случај, Мустафа престана да ме следи и повеќе не се појави со стадото на манастирскиот имот. Тој беше толку уплашен од Божјата казна, што цела година не се осмели да влезе во клисурата.

Советот на мајка Вера

Од време на време, морав да ги дополнувам манастирските резерви. Обично, за таа цел одев во Ерусалим, врвејќи пеш низ пустината. Патот ми минуваше низ арапското село Аната, чии жители се однесуваа кон мене непријателски. Кога ги среќавав, тие ми испраќаа злобни погледи и шепотеа проклетства. Децата, облечени во валкани партали, бегаа од мене, фрлаа со камења и викаа: “Бегај  одовде, глупав монаху!” Сето тоа ја исполнуваше мојата душа со тага. Животот на монах-пустиник во такво непријателско опкружување, беше опасен и јас одлучив да се посоветувам со мајка Вера – подвижничка од православниот женски манастир на Елеон. Мајка Вера беше мудра и имаше богато животно искуство.Таа беше родена во Бесарабија. Иако беше на 103 години, секој ден таа пеш поминуваше  седум километри – од Елеонската гора до Ерусалим, каде што во храмот на Гробот Господов секојдневно читаше, повеќе од осумдесет години, акатист на Христовото Воскресение. Иако во поодминати години, таа беше храбра и радосна. Нејзиното лице не беше убаво, но зрачеше со мир и добронамерност. Во нејзината уста имаше само еден заб. Страдаше од силни болки во нозете поради постојаното одење во Ерусалим. Кога и ги открив своите маки, таа рече: “Треба да се спријателиш со нив”. “Но, тие ме мразат!” Извикав. Таа рече: “Одиш во Ерусалим за да купуваш производи. Зошто не ги купуваш од нивната селска продавница? “” Тоа е невозможно! – Се бранев – Таму сè е валкано. ” “Може ли компирот да биде валкан, или оризот, солта? Или јајцата? Впрочем, можеш да ги измиеш. ” Таков беше советот на мајка Вера. И јас решив да го применам.

Следниот ден, отидов во селото и се упатив кон единствената продавница. Како и секогаш, толпа мали деца ме следеа, фрлаа камења по мене и ме опсипуваа со погрдни зборови. Возрасните стоеја настрана и ме гледаа непријателски. Одев со цел и не обрнував внимание на ништо. Кога застанав пред продавницата, сопственикот ме погледна непријателски. Но, откако реков дека сакам да купам нешто од неговата стока, на лицето му се појави насмевка. Тој ги избрка децата, ме покани да влезам и ми понуди кафе! Јас ги купив производите што ми беа потребни, а тој беше многу задоволен. Селото беше сиромашно, луѓето живееја во голема беда, а трговијата беше лоша. Од тој ден станав редовен купец. Купував разни намирници и разговарав со сопственикот, кој често ме частеше кафе. Постепено, се зближив со него. Наскоро и другите жители го променија својот став кон мене, бидејќи секогаш бев љубезен и пријателски расположен со нив. Сега, кога одам во селото, тие ме поздравуваат со насмевки. На крајот на краиштата, јас воспоставив пријателски врски со бедуините и Арапите. Наскоро почнаа да разговараат со мене, па дури и ме покануваа на гости, да преноќевам или да купам нешто од кај нив. Тие ги ставаат малите деца во моите раце да ги благословам. Благодарение на советот на Мајка Вера, сè одеднаш се промени. Бев многу благодарен за нејзините мудри упатства.

Украдено мантија

Се случи нешто во Ајн-Фара, што на посебен начин докажа како, по првичните тешкотии, мојот однос со жителите на Аната се изглади. Откако ја исправ мојата мантија ја ставив да се исуши. Двајца Арапи пристигнале ноќта и ја зеле. Јас јасно видов сè на месечевата светлина, но не покажав дека ги забележав за да не предизвикам конфликт. Кога пак повторно отидов да пазарам во Аната, видов дека детската облека беше крпена со парчиња од ткаенината на мојата мантија. Го прашав еден од локалните жители – Радуан, со кого станавме пријатели, зошто луѓето го сторија тоа. Тој одговори дека пришиените парчиња од мантијата на детските алишта,  ќе ги заштитат децата од зли духови.

Извор: www.pravoslavie.ru

Монах Александар Блум

Превод: Весна Апостоловски