Зошто е опасно да живееме раслабено?

Христос Воскресна!

Секоја недела, драги браќа и сестри, Црквата преку Светото Евангелие нè поттикнува да го подобриме нашиот живот, и ни предлага различни начини за надминување на пречките кон тој пат.

Сите ние го слушнавме расказот за раслабениот човек, кој триесет и осум години лежел при Овчата бања, каде еднаш во годината слегувал Ангел Господов и ја раздвижувал водата. Кој прв од болните луѓе ќе слезел во бањата, добивал исцелување.

Раслабениот човек, на кого Христос обратил внимание, немал помошник, кој би му помогнал пред другите луѓе да влезе во бањата, и да се излекува.  Но овој болен човек, не ја изгубил својата надеж, бидејќи имал големо трпение. Тој трпеливо чекал, и се надевал дека некогаш прв ќе влезе во бањата. Но Христос го исцелува него со силата на Својот збор, и му вели: „Ете, сега си здрав и не греши веќе“ (Јован 5, 14).

Овој евангелски расказ јасно ни покажува, дека причината за болестите е гревот. „Огревовената душа е причина за телесните болести“, – говори Свети Јован Златоуст.

Имено поради гревот нашите прародители Адам и Ева го изгубиле рајот, и почнале да го живеат овој живот, исполнет со страдања и искушенија. И секој пат, кога ние грешиме, ние ги отвораме вратите на својата душа и тело, за ангелот на смртта.

На некого му се покачува притисокот, некој страда од болка во ‘рбетот, некого го боли срцето или главата, други страдаат од заболувања на црниот дроб или бубрезите, а да не говориме колкумина умираат во несреќи?!

Денес Црквата ни дава јасен сигнал: ако не сакаш да бидеш болен, не греши, не нарушувај го законот Божји!

За жал, денес гревовите, дури и најгнасните, во повеќето случаи стануваат норма и начин на живот за повеќето луѓе. Кој денес го смета гневот за грев?

Дали забележувате дека гневот на нашите браќа по вера и крв, веќе долго време е прогласен за највисока доблест? А што да говориме за различните видови на разврат, крадење, гордост, пијанство и.т.н. Тие густо се навлезени во нашиот живот, а медиумите внимателно ги распространуваат.

Како да се заштитиме од гревот? Од примерот на исцелувањето на раслабениот човек од страна на Спасителот, е јасно дека главната причина, за тоа што човекот лесно паѓа во грев, е неговата опуштеност, односно состојбата, кога ние престануваме да внимаваме на себеси, колку јадеме и колку пиеме, што гледаме и што слушаме, во што се облекуваме, и како комуницираме со другите.

Додека сме биле деца, за нас се грижеле нашите родители, а сега кога сме возрасни, сакаме целосна слобода, и малкумина од нас се контролира себеси во погоре наведениве работи. Позната ни е фразата со која денешниве луѓе живеат: „Живеј го животот и насладувај се, од ништо не се откажувај, и не жали за ништо, бидејќи еднаш се живее!“

Оваа духовна раслабеност, не води кон ништо добро. Колку луѓе поради тоа загинуваат? Смртноста веќе одамна ја надминува стапката на раѓање. Повикот на Црквата кон покајание, кон промена на својот живот од грешен кон свет, го применува ограничен број на луѓе. Но и тие луѓе кои го слушаат тој повик, лукавиот дух се обидува да ги одтргне од борбата со гревот, и да ги насочи кон борба за политички права и слободи. И тогаш, како што пророкува цар Давид, ние „таму ќе се уплашиме  од страв, каде што нема страв“ (Псал. 13, 5).

Како да се ослободиме од раслабеноста? Немало човек, кој би му помогнал на раслабениот, прв да влези во бањата. Него го исцелува Самиот Христос. Од духовната раслабеност никој не може да не спаси, освен нашиот Бог и Спасител. Само е потребно целосно Нему да му се довериме.

Преподобен Амвросиј Оптински, на луѓето кои се жалеле поради духовна раслабенст и здодевност, на поетски начин им говорел: „Здодевноста е внука на унинието, и ќерка на мрзливоста. За да ја оддалечиш од себеси подалеку, во молитвата не биди мрзлив, и тогаш ќе помине здодевноста, а ќе дојде ревноста. А ако кон ова додадеш смирение и трпение, ќе се ослободиш од многу зла“.

Колку и да ни е тешко, ние не треба да ги занемаруваме утрените и вечерните молитви, и да земаме учество во празничните и неделните богослужби, и регуларно барем еднаш или двапати во месецот, да се Исповедаме и Причестуваме со Светите Христови Тајни.

А ако ние се обидеме секојдневно да правиме колку е можно повеќе добри дела за луѓето кои не опкружуваат, ближни и далечни, тогаш ние многу брзо ќе се исцелиме од раслабеноста, и ќе станеме победници над гревот и смртта во овој живот, и ќе го наследиме вечниот живот во Царството Божјо. Амин!

Христос Воскресна!

Aрхимандрит Маркел (Павук)

Извор: http://pravlife.org