Успение на Пресвета Богородица – Празнична Вечерна во манастирот Трескавец

На 27.08.2018 г., во предвечерието на празникот на Успението на Мајката Божја, Пресвета Богородица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Празнична Вечерна богослужба во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, – Трескавец.

Блажени се непорочните во патот нивни, зашто одат според законот Господов.

Живот си Ти, Христе, и во гроб се положи; и Мајката на Животот (во гроб) се полага: необична е глетката и за ангелите и за луѓето.

 Блажени се оние кои ги пазат сведоштвата Негови и од сè срце Го бараат.

Те величаме, Богородице Чиста, и го почитуваме твоето Свето Успение, и на твојот чесен гроб му се поклонуваме.

Благословен си Ти, Господи! Научи ме на Твоите наредби.

Твоето чесно тело, Дево, ниту во гробот не ја позна распадливоста, туку со телото си преминала од земјата кон небесата.

Душата моја лежи во прав: оживи ме според зборот твој.

Ангелските воинства, откако слетаа, со страв стоеја околу тебе, Чесна Владичице, гледајќи го твоето претставување.

Колку се дните на Твојот слуга? Кога ќе извршиш суд над моите гонители?

Иако се пресели од земјата на небесата, Дево, сепак се радува сета земја, и го слави твоето преселување.

Погледај кон мене и помилуј ме, како што се постапува со оние, кои го сакаат Твоето име.

Народите сите, на твоето погребение, Дево, песна му принесуваат.

Го чекав спасението од Тебе, Господи, и Твоите заповеди ги засакав.

Со песни го славам, Боже мој, Твоето снисходење и човекољубие.

Време е, Господи, да се дејствува: Твојот закон го разурна.

Како гулабица, ранета од љубов, Дево, го облетуваш престолот Божји, откако го облета од гнездото, кое што е на земјата.

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Да му се поклониме на Отецот, и на Неговиот Син, и на Светиот Дух, на Света Троица во една суштина, извикувајќи со серафимите: Свет, Свет, Свет си, Господи.

И сега и секогаш, и во вечни векови. Амин!

Кога си Го родила Животодавецот, ти си преминала кон живот што не старее; а на учениците радост наместо жалост си им дала, Дево, која си воскреснала, како и Господ, по три дена.