Свети Кипријан Слепченски прогласен за покровител и патрон на градот Демир Хисар

Едногласно донесена одлуката за прифаќање на предлогот и поддршка на иницијативата за прогласување на Свети Кипријан Слепченски за светител – заштитник, покровител и патрон на градот Демир Хисар.

Во конференциската сала, во СОУ „Крсте Петков Мисирков“, вчера, 27.4.2018 год. (петок), се одржа свечениот дел од редовната 11-та седница на Совет на Општина Демир Хисар. По претходно донесената иницијатива од страна на академци, професори и магистри – почитувачи и пријатели на манастирот Слепче, едногласно беше донесена Одлуката за прифаќање на предлогот и поддршка на иницијативата за прогласување на Свети Кипријан Слепченски за светител – заштитник, покровител и патрон на градот Демир Хисар… На седницата присуствуваше Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар, каде што имаше свое излагање… „Мината година Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија го одбележа јубилејот 50 години од својата афтокефалност и како еден од поважните настани се случи и канонизацијата на Свети Кипријан, Слепченски. Овој монах и игумен на манастирот Слепче, кој маченички ќе пострада 1780 год. несомнено е еден од најзнаменитите личности во историјата на манастирот од периодот на доцниот среден век. Во негово време манастирот Слепче го доживува својот последен голем економски и духовен подем како континуитет на претходната традиција од времето на 16 и 17 век.“ – истакна проф. д-р Сашо Цветковски.  Исто така, проф. д-р Сашо Цветковски додаде за самиот чин на канонизацијата сестринството наслика икона на Свети Кипријан Слепченски, подготви житие и служба и акатис на новомаченикот Свети Кипријан.

Oдлуката на Совет за прогласување на светител – заштитник, иницијативата ја дадоа група од 10-тина академици и универзитетски професори на УКИМ, меѓу кои и сега покојниот академик и прв министер за култура во независна РМ, Цветан Грозданов. Градоначалникот Стојановски упати благодарност до иницијаторите, до проф. д-р Сашо Цветковски, кој се обрати со предлог инцијативата, со историското значење и важност на св. Кипријан, Слепченски, личност која ја одбележува и пошироката историја на Демирхисарско во тој период. „Нека ни е честит изборот на патронот-заштитник на нашиот град, Свети Кипријан Слепченски. Посакувам да понатаму градот Демир Хисар и целата општина ја прати среќа, да ја прати здравје и благосостојба под покровителство на нашиот од денес Свети Кипријан, Слепченски.“ – на своето обраќање пред присутните рече градоначалникот на Општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски.  . . На свечената седница освен членовите на Советот, присуствуваа и преставници на политички партии, директори на Јавни претпријатија и Установи, раководители од општинската администрација, гости, соработници и почитувачи на манастирот Слепче.

Извор: http://www.demirhisar.gov.mk