Преподобен Исак Сирин – За гордоста

Искушенијата, какви што по Божјо допуштање доаѓаат на бесрамните луѓе, кои во мислите свои се надмени пред благоста Божја и со својата гордост ја разжалостуваат, се следни: очигледни демонски искушенија кои ја преминуваат границата на душевната сила; одземање на силата на мудроста која луѓето ја поседуваат; жешко чувство на блудните мисли во себе, кое им доаѓа по Божјо допуштање заради смирување на нивната гордост; лесната раздразливост; желбата да се постави се по своја волја, преку препирање со зборови, осудување, презир на срцето (срцето кое ги презира сите и ги запоставува); целосна заблуденост на умот, хула на Божјото име, будалштини, достојни за потсмев, или подобро кажано солзи, мисли; и тоа што луѓето ги запоставуваат, што нивната чест станува ништожна, и што јавно и тајно, на ралични начини, им се нанесува срамота и потсмев од демоните; желбата да општат со светот и да му се обраќаат, непрестајно да зборуваат и неразумно да празнословат, секогаш за себе да бараат нешто ново, а исто така и лажните пророштва и ветувања, кои далеку ја надминуваат силата. Тоа се душевни искушенија.

Во телесните искушенија спаѓаат: болестите од кои човекот секогаш боледува, заплеткани и тешко разрешливи настани, секојдневни средби со лоши и безбожни луѓе; или пак човекот паѓа во рацете на насилникот или неговото срце ненадејно и без никаква причина чувствува страв; или често трпи страшни за телото и погубни падови од карпа, од високи места или нешто слично; или, најпосле, чувствува  во она што му помага на срцето со Божествената сила и надежта во верата; кратко кажано, се што е невозможно и што ја надминува силата, ги стигнува и самите нив и оние кои им се блиски. Сето тоа, што го изнесовме и набројавме, спаѓа во искушението гордост.

Тие се зачнуваат во човекот тогаш кога тој ќе почне самиот себе, во сопствените очи, да изгледа мудар. Нему сите овие несреќи му се случуваат сразмерно со тоа колку такви горди помисли усвоил. Според тоа, по видот на своите искушенија заклучува за патиштата префинети за својот ум. Ако согледаш дека некое од овие искушенија е поврзано со претходно наведените искушенија, знај дека, колку што ги имаш, толку во тебе продрела гордоста.

Слушни уште и за другиот начин (т.е. за начинот да се изведе заклучок за искушенијата): секоја таква околност и секое страдање, ако не е придржувано со трпение, служи на двојно мачење, зашто трпеливоста во човекот ја одвраќа несреќата, додека малодушноста е мајка на мачењето. Трпението е мајка на утехата и некоја сила која обично се раѓа од широкоградноста. На човекот му е тешко во своите страдања да ја открие таа сила без Божјиот дар, кој се здобива со непрестајна молитва и пролевање на солзи.

Кога на Бог му е угодно човекот да го изложи на поголеми страдања, му допушта да падне во рацете на малодушноста. Таа во човекот раѓа сила на мрзливост која го обзема, во која тој чувствува потиштеност на душата и тоа е вкус на геената; тука на човекот му се наведува дух на бесомачност од кој произлегуваат илјада искушенија; збунетост, раздразливост, хула, жалење на судбината, изопачени помисли, преселување од една земја во друга и сл. Ако се запрашаш што е причина за сето ова, ќе ти кажам: твојата мрзливост, бидејќи не се потруди да се исцелиш од тоа. Постои еден лек за тоа и само со негова помош човекот во својата душа брзо наоѓа утеха. Каков е тој лек? Смирение на срцето. Без него никој не може да ја сруши преградата (силата) на овие зла: Наскоро ќе открие дека го надвладеале несреќи.

Немој да се гневиш на мене затоа што ти ја зборувам вистината. Ти не бараше смирение на својата душа. Но, ако сакаш, навлези во неговата област и ќе видиш дека тоа ќе те ослободи од твоето зло, бидејќи по мерата на твоето смирение ти се дава трпение во несреќите, а по мерата на трпението ти се олеснува теретот на твоите страдања и добиваш утеха; по мерата на утехата се зголемува твојата љубов кон Бога, а по мерата на љубовта, се зголемува и твојата радост во Духот Свет. Милосрдниот Отец наш кога ќе благоизволи на Своите вистински синови да им го олесни искушението, Он не ги лишува од тие искушенија туку во искушенијата им дава трпение. Сите овие богатства тие ги примаат со раката на трпението поради своето усовршување на својата душа. И нас по благодадта Своја, да не удостои Христос Бог во благодарноста на срцето, да го претрпиме секое зло од љубов спрема Него! Амин!

Извор: https://otacmilic.com

Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог