Покана за чествување на Свети Нектариј Битолски

Вечерва, на 17 декември, кога го славиме споменот на Свети Нектариј Битолски, заштитникот на градот Битола, со почеток во 17.00 часот, во Соборниот храм „Свети Великочаченик Димитриј“, ќе се отслужи Празнична вечерна богослужба. После Вечерната богослужна, со почеток во 19.00 часот, во организација на Општината на градот Битола, во салата на Театарот ќе се одржи Свечена Академија во чест на Свети Нектариј Битолски, заштитникот на градот.

Утре, на 18 декември, празнувањето ќе продолжи со Утринска богослужба, која ќе започне во 07:00 ч., а потоа ќе се отслужи Света Божествената Литургија, на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар.

После Светата Божествена Литургија, во 10.30 часот, од пред храмот Св. вмч. Димитриј, ќе тргне и ќе се изврши свечена Литија со моштите на „Свети Агатангел Битолски“, а во чест на нашиот патрон и Заштитник на градот Битола – Свети Нектариј Битолски.

За значењето на Литијата

Литијата е православен обред кој се извршува во форма на торжествена поворка од страна на свештенослужителите и верниците, проследена со црковни химни, икони, крстови, рипиди и други свети предмети, со цел да се отдаде почит кон Бога и Неговите светии и да се испроси Неговата благодат и милост.

Литија, во превод од грчки, означува усрдно сенародно молење. Една од особеностите на литијата е тоа, што таа се извршува околу храмот, манастирот или градот. Зошто? На ова прашање, свети Симеон Солунски одговара на следниот начин: „Потребно е да се знае, дека сите литии, се извршуваат надвор, или во притворот, или околу обителта, или градот, а се извршуваат во спомен на нашето отпаѓање, дека ние, отпаднатите грешници се наоѓаме надвор од Едем, и дека сме должни да се научиме на смирение и да размислуваме дека сме недостојни за светите места – рајот и небото, и да се угледаме на митарот, кој според длабокото смирение на својата гревовност стоеше во далечината, и на Адама, изгонетиот од рајот“. Осветување на сите стихии на природата е првата побуда за извршување на Литијата. Свети Симеон Солунски говори: „На патиштата и на раскрсниците ние извршуваме молитва, за да ги очистиме сите патишта, осквернети со нашите гревови. Ги подигаме од храмот светите икони, ги изнесуваме чесните крстови, а понекогаш каде што има, и светите мошти на светиите, за со нив да се осветат луѓето и сè што им е потребно во животот, – дом, вода, воздух и самата земја, како изгазена и осквернета од стапалата на грешниците. Сето тоа го правиме со една цел, населениот град и целата земја да станат причасници на Божествената благодат, да го отфрлат од себеси сè она што е штетно и погубно; се молиме, да биде милостив кон нас Оној, Кој се воплоти за нас и прими облик на слуга, Кого го претставуваат божествените икони и образите на Неговите светии“.

Свети Филарет Московски вели: „Кога земаш учество во Литијата, помисли, дека одиш под водство на светиите, чии икони со нас одат, и се приближуваш кон Господа. Земната светиња ја повикува Небесната светиња“.

Литијата има библиско потекло. Во Стариот Завет, старозаветните праведници често извршувале торжествени и сенародни поворки со песни, труби и свети предмети. Сведоштво за тоа наоѓаме со свештените книги на Светото Писмо. Првите праобрази на Литијата ги наоѓаме во Стариот Завет и тие се: патувањето на синовите Израилеви од Египет во Ветената Земја; потоа, патувањето на Израилскиот народ заедно со Ковчегот на Заветот, при што се случило чудесното разделување на реката Јордан; торжественото седумкратно обиколување околу ѕидините Ерихонски со Ковчегот на Заветот, при што се случило чудесното паѓање на непристапните ѕидови на градот Ерихон од гласот на свештените труби; а исто така и сенародното пренесување на Ковчегот Господов од царевите Давид и Соломон. Овие примери од животот на избраниот народ, кои ние ги наоѓаме во Светото Писмо, се пример за востановување на благочестивите Литии или поворки во христијанската црква. Исто така, и Самиот Спасител Господ наш Исус Христос ни покажал пример на торжествена поворка, кога Он влезе во Ерусалим во придружба на многуброен народ кој му воскликнуваше: „Осана на Давидовиот син“ (Мат. 21, 9).

Во првите векови од своето постоење, христијанската Црква, не можела слободно да ја исповеда својата вера, а уште помалку да извршува сенародни свечени Литии. Во тоа тешко време за христијаните, тие поворки се ограничувале на случајни пренесувања на мошти на маченици, кои се извршувале ноќе. Така на пример, телото на свештеномаченикот Кипријан, епископот Картагински, било пренесено ноќе, со торжествена Литија со светилки, во домот на Макробиј. Во 290 год., телото на маченикот Бонифациј било пренесено од Тарс во Рим, а римската сестра Аглија, кај која што тој бил слуга, му излегла нему во пресрет со торжествена Литија, со мноштво на свештеници и народ кои пееле духовни химни.

Посебен развој во христијанската црква, Литиите добиле во Ерусалимската црква, каде се извршувале за време на празничните денови.

Со текот на времето, литиите добиле широка примена и развој во Византија.

Свети Јован Златоуст организирал, против аријаните, ноќни Литии по улиците на Константинопол. За таа намена специјално се правеле крстови, кои торжествено биле носени по градот заедно со светите икони. Луѓето носеле и запалени свеќи.

Подоцна во борба против ереста на Несториј, специјални Литии организирал и свети Кирил Александриски. Исто така, Литии биле организирани и за избавување од масовни епидемии, поплави, суши, несреќи, ропства и.т.н. Може да се каже дека, секој голем настан од животот на Црквата бил проследен со заедничка молитва и Литија.

Литиите во Православната Црква, од древни времиња, според својата појава биле разнообразни и се карактеризирле како: умилителни, покајни, благодарствени и торжествени.

Првите, умилителни Литии, посебен развој добиле на Исток. Тие биле извршувани со посебна подготовка и посебно торжество од страна на христијаните, при посебни настани од животот на Црквата или државата, а исто така и во случај на опасност за Православието.

Другите Литии, кои се извршувале при изградба на храм или негово обновување, носеле благодарствен характер.

Во историјата на Источната Православна Црква, ние имаме примери и на покајни литии кои се извршувале: за време на суши, поплави, земјотреси, пожари и.т.н.

Литијата може да има и торжествен характер и да да се извршува во чест на некој торжествен настан од животот на Црквата. Таквите Литии се извршуваат еднаш годишно, во чест на некој светител или во чест на некоја чудотворна икона на Божјата Мајка.

Од сите наброени видови на Литии, ние гледаме, дека човекот осознавајќи ја својата немоќ, Го повикува на помош Бога и Неговите угодници.

Така и ние, чествувајќи го споменот на нашиот сограѓанин и заштитник на градот Битола, да му оддадеме достојна почит на Светителот, просејќи го неговиот благослов, со чист ум и срце, да можеме да испросиме од Бога: „…благорастворување на воздухот, времиња мирни, и благосостојба на светите Божји Цркви“, кои се народот Божји, пеејќи ја химната:

„Како ѕвезда зороносна си изгреал на Атос. Си го осветлил карејскиот скит, те воспита, градот Битола, оче наш Нектарие. Просветли ги сите што со љубов те чествуваат и непрестајно моли се за сите нас. Слава Му на Христа, Кој те прославил, слава Му што те облагодатил, слава Му на Оној што преку тебе, ни даде нам исцеление“.
(Тропар, глас 1. )