Јуда и Петар – две истории за предавство

Еден од дванаесетте апостоли, Јуда, се одделува од Господа уште пред да одлучи да го предаде. Јуда не поверува на Христовото слово во своето срце, или како што самиот Господ потенцира во евангелските стихови: „Зборовите што ги зборувам се  дух и живот. Но, има некои од вас кои не веруваат. Зашто Исус на почетокот знаеше кои се неверни и кој ќе Го предаде “(Јован 6, 63–64).

Веројатно Јуда го следел Христа со надеж дека тој е политичкиот водач што го очекуваат многу Евреи. Како што се множело учењето на Господа Исуса Христа кон народот – да не собира богатство, туку милост и простување, тој се чувствува измамен од сопствените очекувања. Така Јуда останува поразен од страста кон среброљубието и одлучува да оди каи непријателите на Господа Исуса Христа и да го предаде.

Во среда Јуда конечно го напушта Христа. Дури и пред времето на Тајната вечера, тој ја прогласи својата подготвеност да Го предаде пред првосвештениците: “… Еден од дванаесетте, наречен Јуда Искариот, отиде кај првосвештениците и рече:„ Што ќе ми дадете за да ви Го предадам?“ И му дадоа триесет сребреници. Од тој час Јуда бараше погодно време за да го предаде.“ (Мат. 26, 15-16).

Јуда не беше предодреден да стане предавник, како што тврдат некои – дека без неговото предавство, спасителното дело на Господа Исуса Христа не би се остварило. Злосторот можел да се случи и без неговото учество, бидејќи Судскиот совет веќе ја донел одлуката Христос да биде запрен и погубен. Синедрионот само бараше погоден момент да Го фати и да го предаде на римската власт. Јуда со својот предлог само го забрзал исполнувањето на планот на првосвештениците.

Тој (Јуда) во два наврати запаѓа во стапицата на ѓаволот – прво, со предавство, и второ, со своето самоубиство. Јуда не си спомнал на љубовта Божја ниту пред, ниту пак по предавството. Ако дозволеше Божјата љубов да го исполни неговото срце, Јуда ќе ја спознаеше силата на покајанието и бескрајната Божја милост и коленичејќи во подножјето на Крстот ќе ги исповедаше своите гревови пред сите.

Но, ајде да погледнеме кон другата историја за предавство,  која ни е откриена од светото Евангелие во последните денови пред Христовото распнување на Крстот. Ова е историјата на Светиот апостол Петар, која ни говори како предавникот може да се излекува и да се спаси. Ѓаволот го поттикнува човекот на предавство, а потоа му шепоти дека ја изгубил надежта за спасение. Но, за разлика од Јуда, Петар само еднаш паѓа во стапицата на нечестивиот, кога се одрекува од Спасителот.

Петровиот пад не може да се смета за „безопасен“, затоа што јасно е посочено од Спасителот Христос во ноќта на Тајната вечера:„ Симоне, Симоне! Ете сатаната побара да те посее како пченица; но Јас се молев за тебе, за да не загине верата твоја; и некогаш, кога ќе се обратиш, утврди ги браќата свои“. Тој му одговори:„Господи, јас сум подготвен да одам со Тебе и во затвор и во смрт!“. Но, Тој рече:„ Ти велам, Петар, нема да пропее петел, пред ти три пати да се одречиш дека не Ме познаваш“(Лука 22, 31-34).

Од разговорот помеѓу Светиот апостол Петар и Господ Исус Христос учиме да не се потпираме на сопствените сили. Само Божјата Милост преку небесната благодат нè спречува да паднеме. Петар, точно според претскажаното од Спасителот, три пати се одрекува од Него: „Но Петар рече:„Човеку, не знам за што ми зборуваш.“ И веднаш, уште додека говореше, петелот запеа. Тогаш Господ се сврти и го погледна Петра, а Петар веднаш се сети на зборовите на Господа, како што му кажа:„ Дури и пред петел да пропее, ти три пати ќе се одречеш од Мене. И кога излезе надвор, горко заплака“(Лука 22, 60-62).

Тука Светиот апостол Петар прави различен избор од тој на Јуда. Тој плаче со солзи на покајание! Само така, нашиот Отец повторно ќе не прифати како Свои синови.

Извор: https://www.pravoslavie.bg/

Превод: Никола Атанасовски

 

 

 

 

 

 

 

 

Превод од бугарски јазик:

Никола Атанасовски