Вие сте Тело Христово, а пооделно членови (1 Кор. 12, 27)

Христос е глава на големото тело кое е наречено Црква. Тој го создава тоа тело и, поединечно, секој член на Телото; Тој е Градителот и Тој е единствениот Kој го знае планот на таа зграда. Тој не дозволува еден член во овој објект да биде несразмерно голем или мал. Тој им дава соодветна мерка на секого и сè. Така, Тој дава некому пет таланти, на друг двa, а на трет еден. Тој мери, а Светиот Дух ја излева Својата благодат соодветно. Никој не треба да се лути или да е завидлив. Никој не треба да се лути, бидејќи ако некој има добиено помалку, ќе треба помалку да одговори за тоа. Никој не треба да биде завидлив, бидејќи ако некој има добиено повеќе, тоа не е негово, туку на Бога. Ако некој има многу, многу и ќе се бара од него, како што се вели во божествената парабола за талантите. О, браќа мои! Секој еден од нас да бидеме свесни за мерката на нашиот подарок и нашата одговорност. Нека секој од нас го почитува својот дар и дарот на нашиот ближен, зашто сите дарови се од Бога и се Божји. О, Господи Исусе, големиот Дарителу на разни дарови, Твоја да биде славата и пофалбата засекогаш. Амин.

Свети Николај Велимирович

Превод: Дамјан Божиновски