Христовата Црква во овој свет е заради нас и нашето спасение. Кога велиме „нас“, мислиме на сите луѓе кои сакаат да бидат христијани. А христијанин се станува со крштението – доброволно и слободно.
Христијаните, како и сите луѓе, можат да работат многу работи професионално, па со самото тоа е јасно дека можат на истиот начин да се занимаваат и со спорт. Црквата Христова, според тоа, на професионалните спортисти гледа како на свои деца, свој народ. Меѓутоа, како и во другите професии, кои подразбираат големи психофизички напори, несомнено постои загриженоста, кога е во прашање, на пример, употребата на допинг средства или кога немилосрдните сопственици на клубовите бараат резултат по секоја цена. Човекот е сложено битие, но битие кое има свои граници. Интересно е тоа, што немаат право на успех оние кои земаат некои дополнително средства, како и тоа – дека без оглед на дрскоста на многумина – сепак победуваат најдобрите и оние кои имаат најмногу од човечкото, витешкото. Сеуште победуваат тимот и духот на заедницата, и личностите на исклучителните спортисти. Доказ за тоа е што многу послаби тимови, во кои владее и присутен е таквиот дух, победуваат многукратно појаки и побогати тимови од себеси.
Сеуште во спортот има многу убави работи да се видат и на многу работи може да се научиме од спортот и спортистите, зашто спортот во својата основа е вежба, аскеза на телото, и секако на духот, зашто сето тоа е нераскинливо поврзано. Не би требало сè да оди во правец на современо гладијаторство и навистина треба да бидеме тажни за состојбата на нашиот спорт, пред сè, за фудбалот. Ние сме спортска нација, и тоа е несомнено. Неверојатен е успехот на нашите тенисери во поново време, успех кој води до една парадоксална ситуација: На оние од големите и богати земји им се тресат колената пред нашите насмеани деца, кои можеби немале толку добри услови за развивање на својот талент, но го имале и го сочувале она што е најпотребно. Зар тоа не е дух кој носи радост? И ете, поради тој дух, тие го освоија светот. Но ние мораме да направиме нешто, за во нашите тимови да се врати тој дух.
Голем проблем на современиот професионален спорт е нечесното работење, т. е., наместените игри, од една страна, и хулиганството кои добива алармантни размери, од друга страна. Кај некои народи тоа е изразено повеќе, кај некои помалку, и тоа е тема за која би можело многу да се зборува, зашто укажува пред сè на (не)способноста на поедини држави да се спротивстават на тоа. Ова хулиганство води кон една длабока омраза меѓу навивачите на противничките тимови, омраза која се пренесува од генерација на генерација навивачи и е причина на многу зла, за кои сме сведоци. Единствен лек е добрата, поштена, квалитетна, витешка и полна со човечност, игра на самите спортисти, која во навивачите би можела да побуди слични особини и да ја изгасне омразата.
Она што на луѓето често им паѓа во очи, е што многу спортисти се изјаснуваат како големи верници. Но, тоа не е новост. Уште во седумдесеттите години се појавуваа во весниците вести во кои својата вера ја исповедаа Пеле, Бекенбауер, Еузебио, а подоцна и многу други. Во времето на атеизмот, кој во тие години владееше кај нас, за сите нас тоа беше право чудо. Тоа што поединци од нив отворено се изјаснуваат како верници, во никој случај не треба да се сфати како експонирање. Тие луѓе едноставно дишат со христијанско здравје, радост и нормалност, и не се срамат да покажат што се, кои се и како веруваат.
На лицата на спортистите сеуште можете да ја видите онаа детска невиност и отвореност, но и оној чисто монашко-аскетски израз. Тие секојдневно се изложени на огромни психовизички напори, да би на крај, во утакмицата да играат само единаесет од нив, или пет (зависно кој спорт е во прашање). Со тоа, пред сè, се гради карактер, а потоа се одржува и физичката кондиција. Тие никогаш ништо не прават сами за себе, секогаш се насочени едни кон други и секогаш се одредуваат едни во однос на други. Од нив се очекува да изградат добар однос кон соиграчите, кон тренерот и судиите, да имаат честит однос кон противникот, кого не смеат ниту да го потценат, ниту да го преценат и, на крај, да бидат спремни на тоа, педесет или сто илјади навивачи, во еден миг, аплаузот да го претворат во свирење. Всушност, зар не е така некако и во животот, некогаш со послаб, а некогаш со појак интензитет?
Спортистите, значи, се луѓе, кои ако имаат отворени очи, можат побрзо и појасно да ја согледаат скапоценоста на Божјата помош и милоста Божја. Во тоа е нивната голема предност. Но, тие многу лесно можат и да се слизнат во амбисот на неверојатните искушенија кои со себе ги носат славата, парите и лошото друштво. Тоа е бремето кое им се наметнува на тие млади луѓе и ги оптеретува. Има многу од нив кои биле добри, па дури и најдобрите меѓу нив, но не го издржале тој неподнослив притисок на парите, моќта и минливата слава и побарале утеха таму, кај што ја нема – в дрогата. И тука почнува, како што велел Дучиќ „тонењето на една слава“.
Голема е помошта на овие млади луѓе, во кои често живее дух на вистинска вера и побожност, но чиј живот бара голем напор, и тоа не само физички, туку и психички и духовен, би можел да биде свештеникот, духовникот. Барселона, на пример, има своја школа и интернат, која има свој свештеник и духовник, славниот Реал има свој духовник итн. Има многу млади свештеници, одлични спортисти, кои со својот совет и молитва би можеле да им помогнат на клубовите и играчите, кои денес, сè почесто се во рацете на бескрупулозни луѓе, манипуланти, кои не се ништо друго, освен современи гладијатори. Резултатот на тоа е, наместо здравје, таквото занимавање со спортот може да донесе болест. Не само на спортистите, туку и на милиони невини деца кои тие им се образ за живот.
Факт е дека сите ние сме по малку такви, да се молиме на Бога само кога ќе ни затреба нешто. Но Господ е човекољубив и милостив, не е ситничар како нас. На нашиот искрен повик, Тој одговара секогаш, и тоа точно во време и начин кој е најдобар за нас. Неретко, она што го бараме за нас не е добро, а често не сме го ни заслужиле она што го бараме. Кога станува збор за спортот, треба да бидеме свесни дека се моли и посакува победа и оној од другата страна, а со тоа, можеби работел и се трудел повеќе и подобро од нас.
Никогаш не смееме да забораваме дека на стадионите, и меѓу играчите и меѓу навивачите се луѓе, а човекот е сложено битие, по зборовите на Св. Григориј Богослов „макрокосмос во микрокосмос“. А Христови се зборовите дека „никој не знае што има во човекот, освен Духот Божји Кој живее во него“. Секако дека има вера на стадионите, но прашањето е колку и како таа е артикулирана. Некогаш, доволна е верата на еден да победи илјадници неверни. Што се однесува на навивањето, суштината во тоа е да не навиваме за тимови, туку за луѓе, личности. Како и во сè друго, и во спортот луѓето кои се личности и кои својата работа ја извршуваат одговорно и добро, привлекуваат други луѓе.
Човекот и битие на играта и во играта најлесно и најдобро се открива. За жал, колку сме постари, сè помалку играме и сметаме дека тоа е погрешно. Треба да сфатиме, дека играта не е начин „да го убиваме времето“, туку простор за нашата креативност во која созреваме како личности. Затоа, спортот, кој во својата суштина е игра, треба да го сочуваме од сите закани кои пред него ги поставува времето во кое живееме.
Владика Григорије, Захумско-Херцеговачки