Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 44-то

Мај 6/19, 1970г.

Св.праведен и многустрадален Јов

Почитуван д-р [Џон] Џонстон,

Навистина Христос Воскресе!

Голема благодарност за Вашето писмо, приложената статија, и двете сметки од петнаесет долари. Вишокот од Вашата претплата го приложивме за мисионерско-библиотечниот фонд; за  претплата во трите библиотеки на адресите кои сте ги пратиле.

Длабоко сочувствуваме со Вас во Вашата тешка ситуација и се молиме наскоро да се најде решение за Вашата неизвесност. Моето искуство како преобратен [во Православието] е токму спротивно од Вашето, бидејќи речиси сите луѓе што ги знам во Синодот се Руси, а во повеќето сум пронашол таков калибар на луѓе, од епископи до лаици – кои се православни во с’ржта, свесни за она што се случува денес, и подготвени да страдаат и да загинат за својата чиста вера – (до таа мера)  што просто нема зборови за тоа. Светот не знае за такви луѓе. Се разбира, повеќето од нив се познаваат со Советите[1] од прва рака, и тоа има влијание, што “слободни” православни едноставно повеќе не може да има. Постои, се разбира, проблем со јазикот, но со текот на времето, ќе се реши самиот по себе. Бев изненаден кога неодамна размислив и изброив околу триесет новообратени во црквата во Сан Франциско во последните три или четири години (без да ги бројам оние што стапуваат во брак во црквата) – во црквата каде што не постојат служби и проповеди на англиски јазик, ниту свештеник кој течно зборува англиски (сите тие зборуваат “преоден” англиски, сепак), и без било каква програма за новообратените. И речиси сите од нив успешно растат во верата. Очигледно е дека проблемот на јазикот не е на прво место, што може да се види и од фактот дека неколку од најновите преобратени доаѓаат од грчката Архиепископија и Митрополијата. Инаку за Московската Патријаршија, спротивно на општиот впечаток, нашиот Синод никогаш не ја “осудил”, чувајќи си го својот суд за идниот Серуски Собор; но ставот на Синодот е цврст: додека не дојде до ваков собор не може да има соединување или контакт со таква сомнителна црковна организација. Кога станува збор за 1920-та година, ние сѐ уште немаме речиси ништо испечатено од достапните материјали за расколот од 1927-ма, кога мнозинството беа анти-сергијанци, а “советската Црква” триумфираше, само затоа што нејзините противници беа затворани, убивани, водени во подземјето. И сега Митрополијата, заради потписот на  “патријархот”, го промени својот суд за случајот на советската Црква и го пронајде за “канонски” – бидејќи сите така кажуваат! Нашиот Синод допрва треба да ја даде својата крајна изјава по ова прашање, но секако, состојбата на Митрополијата сега стана толку сомнителна, при што е невозможен понатамошен сојуз со нив.  Духовно и теолошки, нивната насока е веќе јасна – со духот на времето; и ние ќе испечатиме неколку критики за нивните теолози за да го прикажеме сето ова во детали.

Патем, дали го знаете Јеромонах Серафим од манастирот Свети Тихон? По неговото отворено писмо кое отец Никита го објави, тој  веднаш беше разрешен од страна на епископот Кипријан (На Страстниот понеделник). Се чини дека тој се обидува да ја искористи својата монашка “понизност” и “послушност”, за да го повлече кажаното кое после сѐ, е вистина!  Молете се за него. Се надеваме дека ќе добиваме писма од Вас.

Со љубов во Христа, нашиот Спасител.

П.С. Платина е означена на повеќето мапи, верувам, околу 45 милји (70 километри) западно од Ред Блуф на автопат 36 (некои мапи покажуваат само Бегум, 5 милји (8 километри) источно, на автопатот). Тоа е област во пустина, а нашите услови се соодветно “примитивни” – две мали колиби без некакви поголеми удобства. Нашата поранешна книжарница се наоѓа во Сан Франциско. Во вакви услови ние секако не се обеспокојуваме ако имаме случајни посетители, но оние кои навистина сакаат да нѐ видат се добредојдени; така што, оној кој сака да нѐ види најдобро е да нѐ извести однапред, бидејќи понекогаш сме во Сан Франциско на неколку дена, а тоа е 100-милји (160 километри) пат во двата правци од главниот автопат, при што не можеме да дознаеме (исто така немаме телефон). Може да се организира посета за една ноќ за машки посетител. Како што можете да видите, ние “бегаме”! Ако Бог благослови дружба, се разбира, ќе има повеќе услови за посетителите во иднина. Отец Пантелејмон нè посети неколку дена во ноември минатата година, а ние дури сега ги користиме предностите од неговата дарежлива понуда да ни помогне со купување на линотип. Нашиот е толку стар што секој пат се молам на Отца кога го вклучувам! Слава на Бога за сè!

[1] Луѓе, функционери во Советскиот Сојуз

Превод: Елена Богдановска