Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 43-то

5ти/18ти мај, 1970г.

Света Ирина

Почитувани Крег и Сузан,

Христос воскресна!

Ве молам простете ми за ваквото доцнење на одоговорот – само што навистина има премногу да се сработи! Им пишав на Владимир и Силвија, со молба да се разјасни несреќниот и непотребен конфликт помеѓу вас. Се чини дека тие се страшно емотивни! Се молам ова да е веќе разрешено.

Сега за вашите прашања:

Вашиот син (кое е неговото име?), доколку тој, како што претпоставувам е крстен (исто така треба да го приложите и неговиот сертификат за крштение) ќе добие Миропомазание, а потоа може (и се охрабруваат да биде, колку што е можно, почесто) да се причестува без исповед до седумгодишна возраст, а потоа мора да оди на исповед секој пат – што е, се разбира многу важно на таа возраст, при што овој христијански принцип го засакува детето уште од рана возраст. До седмата година, исто така, добро е детето да го набљудува црковниот пост, особено постот пред причест, бидејќи постот не се бара од него пред тоа, мудро е да се започне со рана подготовка, со тоа што ќе му го намалите вообичаениот појадок во деновите кога тој треба да се причести, итн. Самите ќе процените колку можете да очекувате од вашето сопствено дете. Општата православна пракса за исповедта се разликува, верувам, од општата католичка пракса, со тоа што е помалку легалистичка и формална. Ги имаме истите седум големи гревови, но за разлика од големите гревови се истакнува постојаната грешност во малите работи, без разлика дали со збор, дело, или мисла. Исто така, човек треба да е свесен за овие работи и да ги исповеда, така што нема да се наголемат. Не треба да се оди и во непотребни детали за околностите и слично, освен ако имате одредени прашања во врска со тоа; ќе видите дека локалните свештеници се навикнати на прилично општа исповед, при што посебно е важно да се споменат некои големи гревови, и искрено да се покаете за сите ваши гревови и слабости пред Бога, големи и мали, и да не оставате никаква тежина на душата. Особено е важно да не се задржи непријателство кон никого, и вообичаено е да се измоли взаемно простување со најближните (обично од семејството), пред добивање Света Причест. (Вообичаен одговор е: “Бог ни прости, прости ми и ти мене.”) Што се однесува за првата исповед, сигурен сум дека ќе биде доволно да се спомнат накратко и општо некои од поголемите гревови од минатото, а потоа особено некои поголеми гревови од вашата последна католичка исповед. За темата, контрола на раѓањето, Православната Црква е, секако, не повеќе “либерална” од католичката, и било каков вид на контрола при општењето, т.е., при зачнување деца, е строго осуден како смртен грев. Секако, “пилулата” спаѓа во оваа категорија. “Мудроста” на човекот е една работа, а Божјиот закон е друга. Воздржување за време на деновите за пост, е дел од истиот подвиг или самоодрекување што го дополнува постот од храна. Брачната љубов не се смета како поголемо “зло” од јадењето месо или јајца, но нашиот живот тука е подготовка за вечен живот, каде што “не постои ниту брак, ниту се мажат и женат”, каде што има бескраен празник без земна храна, а приготвувањето на патот кон Царството е скротување на телото преку духот. Свети Павле зборува за мажите и жените кои се воздржуваат едни од други (I Кор 7: 5.), а ова се толкува и се однесува особено на подготовката за Светата Причест, но и за другите периоди на пост. Жените, исто така во своите “нечисти” периоди не треба да влегуваат во црквата. Минатата година, кога една жена во ваква состојба беше на Велигден, архиепископот Антониј ѝ рече дека може да влезе во црквата и да застане назад, без бакнување икони, без земање нафора, и се разбира без причестување.[1] Се надевам дека сето ова не ве обесхрабри. Мислам дека ќе разберете, дека тоа не доаѓа од некаков обид да се создадат невозможни барања од луѓето, туку од голема почит за Божјите работи и потребата за нашата чистота во пристапот кон овие работи.

Вистина е дека црковниот ден започнува со Вечерна богослужба, на зајдисонце, но тоа е универзално прифатен обичај во Руската Црква, за да постат од полноќ до полноќ. Што се однесува до “нетолерантниот” став на нашиот Синод кон останатите православни цркви: пред неколку години една католичка девојка беше примена во нашата Црква, и таа ми кажа за големата разлика помеѓу страшните изјави за еретици, отпадници, итн, и универзалниот пристап на љубов кој таа секогаш го пронаоѓа кога разговара со нашето свештенството и верниците. Не гледам никаков конфликт во ова. За да се сочува вистината мора да се каже веднаш на оние кои се одалечиле од неа, со цел да се заштити паствата, и ако е можно, да ги просветли оние што грешат. Но, за секоја душа Црквата ги отвора своите богатства, само ако ја слушате вистината и го прифатите нејзиното учење, кое доаѓа од Светиот Дух, а не од “толкување” по свое. Во однос на оние Православни Цркви кои отпаѓаат од вистината, треба да се биде уште погласен – за нивните лидери, кои знаејќи го Православието, свесно се одделуваат од него и се обидува да ја водат паствата со нив. Но, во сите мои контакти со поборниците за Православието во нашата Црква, јас можам точно да кажам дека секој еден од нив е со вистинска христијанска љубов кон оние кои се во заблуда; и тие ќе бидат првите што ќе го прифатат патријархот Атинагора и другите, ако се покајат за своите грешки и се вратат во Православието. Спротивниот впечаток, верувам, доаѓа главно од критиката на оние, чија идеја за Црквата е многу нејасна и кои заради тоа ги обвинуваат нашите бранители на православието за “недостаток на љубов”, кога тие со право го напаѓаат отпадништвото. Ситуацијата на Православната Црква, за жал, не се подобрува, а делата на Митрополијата за конечно обединување со Советската црква го прави општењето со нив невозможно. Може да имаме сочувство за членовите кои страдаат во Москвската црква, но непобитни се доказите дека лидерите на оваа црква се обидуваат да ја дискредитирааат и уништат Православната Црква во интерес на триумфот на комунизмот и не можеме, а да не зборуваме против нив.

Но, дури и тука не ги судиме, туку само се обидуваме да ги побиеме нивните лаги и се обидуваме да им помогнеме на оние кои ги гонат и затвараат во СССР. Се надевам дека не ве исплашив многу за “медитацијата.” Секако дека нема ништо лошо во читањето на Светото Писмо и размислувањето за него. Би било уште подобро да се читаат, исто така, коментари на Светото Писмо како што се толкувањата на Свети Јован Златоуст, кои ги има целосно на англиски јазик (серија Ирдман). Јас секако се молам и Му благодарам на Бога што успешно се борите со унијатското искушение. Слушнав за многу католици кои доаѓаат во духовен ќорсокак таму, така што дури и ако не бев православен, јас би ве советувал да останете понастрана од тоа. Мнозинството католици се жалат што конечно сфатија дека тие се само „марионети“ кои го следат Православието, без да бидат православни, и во исто време, тие го губат својот идентитет како католици и се чувствуваат дека не се ниту православни, ниту католици, наоѓајќи се во некоја чудна неизвесност, при што на крајот стануваат православни, враќајќи се кон “западен” католицизам, или полошо. Не го знам точното време на службите во Форт Рос, но по обичај, може да се смета дека на таков празник Литургијата започнува околу 10 часот изутрина. Секако можете да поканите кого сакате да биде сведок на вашето воведување во Црквата. Се надевам дека одговорив на вашите прашања за некое време, но не двоумете се да побарате повеќе одговори. Учењето за православната вера е доживотна задача, а вие одвај ќе ја допрете површината кога ќе пристапите кон Црквата. Но, вие ги имате основите, и веќе може да пливате во водите на црковната благодат.

Верувам во вашите молитви.

Со љубов во Христа, нашиот Спасител.

 

[1] Постојат различни традиции по повод овие прашања, затоа што истите се од пастирски, а не од канонски карактер. Подробна статија од Сестра Васа Ларин на оваа тема, може да прочитате на следниот линк:
http://mistagogia.mk/sestra-vasa-ritualna-nechistotija-1/ (заб. ред).

 

Превод: Елена Богдановска