„Јас те поставив како стража над домот Израилев“ – Беседа на свети Јован Шангајски на востоличувањето

 

Ваше Блаженство и Високопреосвештени архипастири!

„И им рече: „Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе” (Матеј 4, 19). Рече Господ, повикувајќи ги своите први апостоли. Во раното детство не мислев дека и мене ќе ми биде упатен овој повик, иако уште од првите денови кога почнував да се спознавам, сакав да ѝ служам на вистината и правдата. Родителите го разгореа копнежот во мене да стојам неотстапно на страната на вистината, а мојата душа ја напојуваа со примери на оние што ги даваат своите животи за неа, борејќи се против цареви, кога тие станувале гонители на спасоносната вера, и за цареви, кога тие станувале носители и заштитници на побожноста.

На почетокот лошо го имав одредено својот пат по кој треба да одам. Кога потпораснав, мислав да се посветам на воена или граѓанска служба – на својата татковина, која тогаш беше бедем и пазителка на вистинската побожност. Стапив во училиште, кое е посветено на едно од славните страници во историјата на Русија[1], но во тоа време почувствував дека треба да изберам друг пат. Во ова особено ми помогна општењето со нашиот вероучител[2] и со ректорот на Богословијата. А на денот на завршувањето на средното училиште, на катедрата во градот во кој требаше да се здобијам со вишо образование, дојде нов архиереј[3], кој засекогаш остана водач на мојот духовен живот.

Изучувајќи ги световните науки, се задлабочував сѐ повеќе и повеќе во изучувањето на духовниот живот. Манастирот во кој живееше архипастирот сѐ повеќе и повеќе ме привлекуваше, во однос на местото каде што ги изучував световните науки, како и местото на мојата служба.

Распадот на државната моќ на нашата татковина засекогаш ме убеди во минливоста на овоземниот свет и слабоста на човечката суета, како и во тоа единствено да ѝ се посветам на службата на Бога. Но, службата на Бога, која силно ја повикуваше мојата душа „да се одрече од себеси, да го земе крстот свој и да врви по Христа“ (види: Матеј 16, 24), воедно ми наложуваше и внатрешна неопходност да станам ловец на луѓе. Зашто и тогаш, кога конечно не беше прекината надворешната врска со светот, ме привлекуваше жедта за стекнување богословско знаење во училиштето[4], чијшто покровител беше свети Сава, за потоа да појдам по патот што тој го покажа.

Сега, од устите на архипастирите на Црквата сум повикан да примам архипастирска служба. Знаејќи ја својата грешност, не можам ни да помислам дека сум достоен за овој чин, туку се плашам да не се отповикам на повикот, слушајќи ги зборовите Господови кои Он му ги упати на Петар, кој згреши, но кој, исто така, се каеше: „Ако Ме љубиш, паси ги овците Мои“. Свети Јован Златоуст, толкувајќи го ова место од Евангелието вели дека Господ како знак на љубовта кон Него не бараше други подвизи, туку токму и особено подвигот на пастирствувањето. А зошто  пастирската служба е толку голема во очите на Господа? – Затоа што пастирите, според зборовите на апостолот Павле се „Божји помошници“ (1. Кор. 3). Христос дојде на земјата за да го обнови искривениот образ Божји во човекот, да ги повика луѓето во заедница и единство со Бога, да ја уништи раскинатоста меѓу луѓето, да ги соедини во еден нов човек, кој со една уста и едно срце ќе Го прослави својот Создател. Должноста на секој пастир е токму тоа, да ги доведува луѓето до тоа единство, да ги препородува и осветува. А има ли нешто повозвишено од препородувањето во Божјо создание? Можеме ли да дадеме поголема помош од помошта во подготвувањето за вечен живот? Многу е тешко да се одговори на оваа должност – принудени сме да се бориме со расипаниот грев, човечката природа. Често се наидува на неразбирање, а понекогаш и свесно противење и омраза од оние што ги љубиш и за кои се грижиш. Потребна е огромна пожртвуваност од страна на пастирот и преголема љубов кон неговата паства. Потребно е секогаш да биде подготвен сѐ да поднесе заради нејзина полза, и секоја овца мора да најде место во неговото срце. Кон секоја тој употребува соодветен лек – согласно особините на карактерот и околностите.

Ако се толку тешки и комплицирани должностите на обичниот пастир и е толку голема одговорноста за оние што ги чува, што тогаш да кажеме за архипастирот? Навистина нему му се упатени зборовите Господови: „Сине човечки, Јас те поставив како стража над домот Израилев“ (Ез. 3, 17).

Архипастирот е одговорен не само за овците од своето стадо доверено од Бога, туку и за нивните пастири. Тој ќе одговара за секој грешник кого навреме не го вразумил, за секој кој одел по патот на правдата, но застранил. Тој треба да боледува со болестите на своите овци и на тој начин да ги лекува, слично на Врховниот Пастир Христос: „А преку Неговите рани ние се излекувавме“ (Иса 53, 5). Тој нема свој личен живот – целиот треба да биде предаден на спасението на човечките души и нивното водење во Небесното Царство. Треба да биде подготвен да ги поднесе сите навреди, гонења, дури и самата смрт заради вистината – да пие од чашата Христова и да се крсти со Неговото крштение (види: Матеј 20, 33). Да се грижи не само за оние што доаѓаат при него, туку и самиот да ги бара и да ги приведува заблудените овци кон своето стадо, носејќи ги на рамениците; да го проповеда Христовото учење на оние што не знаат – сеќавајќи се на Господовите зборови: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Марко 16, 15). А бидејќи проземен со сознание за вселенската Црква, треба да се грижи не само за оние што му се непосредно предадени, туку мора да внимава со духовното око и над целата вселенска Христова Црква, да сака просветување на сите народи и успех во вистинската вера, бидејќи во Црквата нема „ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен“, туку сите се подеднакво возљубени деца на Небесниот Отец.

Кога се грижи за спасението на луѓето, треба да се прилагодува на нивните сфаќања – за секој да го придобие, следејќи го во тоа апостолот Павле, за да може како него да каже: „На Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците“ (1. Кор. 9, 20-22). Кога се грижиме за спасението на човечките души не треба да забораваме дека луѓето имаат и телени потреби, кои многу видно се покажуваат. Не може Евангелието да се проповеда без пројавување на љубовта преку дела. Но, сепак, треба да се внимава грижата за телесните потреби да не го привлече целото внимание на пастирот, и тие да не одат за сметка на грижата за духовните потреби, сеќавајќи се на зборовите на апостолот: „Не е добро ние да го оставиме словото Божјо и да се грижиме околу трпезите“ (Дела 6, 2). Сѐ треба да е насочено кон тоа да се придобие Царството Божјо и да се исполни Евангелието Христово. Вистинското христијанство не се состои во апстрактни размислувања и учења, туку се овоплотува во животот. А во овоземниот живот се подготвуваме за вечниот живот. Врз човековиот духовен живот влијаат околностите и случувањата во овоземниот живот. Луѓето кои се со силен карактер ги победуваат влијанијата од околината што ги опкружува, додека пак, послабите им подлегнуваат. Затоа е потребно да се создаваат погодни околности, колку што е можно, во кои би можело поголем број луѓе духовно да се изградуваат. Пастирот не треба да се изолира од учествувањето во духовниот живот, туку да учествува во него како носител на Христовиот закон и како претставник на Црквата. Свештенослужителот никако не смее да стане обичен политички или општествен работник, не смее да го заборави значењето на својата служба и нејзината цел. Царството Христово „не е од овој свет“ (Јован 18, 36) и Христос не основа овоземно царство. Пастирот може, иако не станува политички водач и не се вплеткува во политички расправи, да фрли духовна светлина врз појавите во општествениот живот. Архипастирот треба да знае секому да му открие духовен совет: и на монахот – пустиник, кој ја очистува својата душа од помисли; и на царот, кој управува со државата; и на обичниот граѓанин. (…)

Заради исполнување на оваа задача, Архиерејскиот Синод на Руската Задгранична Црква ме испраќа во земјата од каде се раѓа сонцето, но на која ѝ е потребно просветлување со зраците на Сонцето на Правдата.

Ја чувствувам својата немоќ; но се покорувам на изборот, не заради честа и власта, туку единствено од послушност кон црковните власти, како и кон мојот духовен раководител, а целиот се предавам себеси на служба на Црквата.

Го молам Господ Бог да ми помогне и да ме зајакне за да се борам за вистината до смртта.

Во овој голем час за мене се молам за оние што ме воспитуваа и ме надградуваа со своите поуки и пример, се молам за оние, меѓу кои досега беше мојата црковна служба, за младината што ја воспитував, за мојата идна паства, за целата вселенска Црква, за земјата руска која страда. Се надевам во молитвите и заштитата на мноштвото небесни заштитници на христијаните.

Ве молам и Вас, светители Божји, а мислено и мојот архипастир Преосветениот Епископ Виктор, да се помолите за мене и да ми го предадете благословот Божји.

[1] Петровски полтавски кадетски корпус.

[2] Протоереј Сергиј Четвериков.

[3] Подоцна архиепископ Варлам.

[4] Богословскиот факултет на Белградскиот универзитет.