Божикна Посланица, 2016-то Лето Господово

+ ПЕТАР

ПО МИЛОСТА БОЖЈА, МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ,

НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА, ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО РАДОСНИОТ ПОЗДРАВ

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

 

“Ништо не е поважно од Божик!

Зошто? Затоа што Бог слезе на овој

свет. А каде беше дотогаш? – Ние Го

имавме избркано со нашите гревови“.

(отец Јустин)

 

Возљубени чеда во Христа Богомладенецот!

 

Денес Синот Божји – Син на Дева станува! Во пелени е повиен и во јасли е положен. Од ангели е славен и воспеван, од пастирите е посетен; од мудреците е даруван. Денес е сè поинаку: денес Бог му го дарува на светот она што е над светот, ѝ го дава на природата Натприродното; го праќа ангелот кај Јосиф и кај Марија, ги праќа ангелите да пеат кај пастирите; ѕвездата се движи по небото поинауку од сите ѕвезди; мудреците доаѓаат од кај јазичниците; земјата нуди пештера. И никој не е вознемирен.

Денес е исполнувањето на времето. Она што патријарсите со голем копнеж го очекуваа, а пророците го претскажаа, и праведниците посакуваа да го видат, се исполни на овој ден: Бог ни се покажа во тело на земјата и со луѓето поживеа (Св. Јован Златоуст).

Затоа возљубени, да се радуваме и да се веселиме:

Христос се роди!

Возљубени празникољубци!

                Името на Богомладенецот е Исус, што значи Спасител. “Он ќе го спаси народот Свој од неговите гревови“ (Мт. 1, 21). Он ќе биде наречен: Чудесен Советник, Бог Силен, Отец Вечен, Кнез на мирот (Ис. 9, 60). Името Му е Емануил – што значи: Со нас е Бог! (Мт. 1, 23).

Затоа и пораката на денешниот празник е: Бог стана човек за да ни соопшти дека не сме сами.

Ете, Исус Христос доаѓа да го подигне човекот – првото создание уништено преку гревот. Воплотувањето на Христа е основа – темел на нашето повторно создавање. Затоа, Свети Јован Богослов вели: “Никој не се искачил на небото освен Оној Кој слезе од небото, Синот Човечки, Кој е на небото“ (Јн. 3, 13). А слегува на земјата, за да го издигне човекот на небесата.

Денес, Бог ни се покажува како роб и служител Кој не поминува рамнодушно крај нашите страдања. На овој ден разбираме и учиме дека Бог нè гледа нас во моментите на нашите страданија и нè поткрепува. Он ги понесе нашите слабости.

Кога ќе го сфатиме тоа, и кога ќе почнеме да го живееме тоа, ќе почнеме да не се плашиме од ништо друго, туку само од нашата гордост и од нашиот грев, кој нè разделува од Бога и нè поделува едни со други.

 

Возљубени чеда во Новородениот Спасител!

 

На овој ден Бог нè учи дека, да се живее на овој свет, значи да се учи да се љуби. Да се споделува љубовта која Он ни ја дарува со испраќањето на Својот Единороден Син – зашто “Бог толку го возљуби светот, што го даде Својот Единороден Син” (1 Јн. 3, 16).

Да го љубиме целото создание, кое самиот Бог Го љуби. Кога ќе се научиме да го љубиме нашиот брат како некој што од Бога е возљубен, нема да љубиме повеќе посесивно, ниту од интерес, ниту лицемерно. И сигурно, нема да мразиме.

Бог од љубов нè створи.

Затоа, доколку се запрашаме: Кој е најголемиот дар што Бог ни го дал, со цела убеденост ќе речеме – животот? Но, не само поради тоа што, сега можеме да се радуваме на убавините на овој свет, што можеме да си ги исполнуваме нашите убави желби, туку и заради тоа што, после ова постоење тука, нè очекува вечниот живот.

Животот е Божја тајна. Најголемата радост на светот е дарувањето живот. Затоа, во овој контекст ќе речеме: колку премудро Бог го устроил тоа. Раѓањето е дадено во првиот благослов Божји, кога Бог го створил човекот: “Раѓајте и множете се”. Во овој благослов, кој истовремено е и заповед, стои, не само да раѓаме, туку и да се множиме. А ние, денес, не само што не раѓаме, туку и убиваме – ги убиваме зачнатите во утроба, ги абортираме. И не само што не се множиме, туку и се намалуваме. Знаејќи дека најголема радост на светот е дарувањето на живот, не смееме ниту да помислиме, а уште повеќе да го спречуваме зачнувањето на животот во утробите на мајките со контрацептивни или со какви и да било други средства, освен со договорено девствено воздржување на брачните другари, поради возвишени духовни цели.

Ја ползуваме приликата на честитање на празникот на Светлото Рождество Христово, да потсетиме, освен на убавите мигови, на преполните храмови со верници од сите возрасти, а особено мајки со дечиња, и на она што е најголем проблем на Црквата Христова и на целото општество – чедоморството, односно абортусот.

Абортусот е најголемиот грев на денешницата и најголемото зло на планетава, а особено – во нашата Татковина. Факт е, наталитетот и сликата во училиштата, која е присутна и во селата, и во градовите: празни, или полупразни училишта, па и градови и села. Ниту една војна и ниту една болест не успеала и нема да успее, да сотре толку многу народ на земјава. И ниту еден друг грев не фрлил толку души во бездната на адот.

“Сметам дека овој грев, е еден од најтешките гревови” (о. Арсениј П.). Абортусот – чедоубиството е убиство во вистинска смисла на зборот, имајќи го предвид фактот, дека животот започнува уште во првиот миг на зачнувањето. Зачнатото има душа боголика уште од првиот момент. Но, ова убиство – детеубиство, е најтежок вид на убиство: тое е убиство со умисла; убиство на своето чедо; убиство на немоќното; убиство на некој што никому грев не направил… Еден факт треба да се разбере: мајката која го носи во утробата, нема право над неговиот живот, или поточно речено – нема право да му го одземе животот. На детето, без дискусија, му припаѓа слободата да се роди и да расте слободно, без друг господар над себе, освен Бога.

 

Возљубени чеда на нашата Света Црква!

 

Последиците од овој голем грев – абортусот, се многу:

Мајката го има чувството на виновност, макар најчесто потиснувајќи го, но нејзината совест никогаш нема да ја поштеди. Да знаете дека, во нашата душа, Бог поставил неуморен судија и постојан чувар: совеста. Потрезвен судија од неа, меѓу луѓето не постои. Овој судија, никој не може да го подмити, ни да го замае, ниту да го заплаши со никакви закони; абортусот е драма во вистинска смисла на зборот – ваквата смрт на зачнатото дете, до длабочините ја повредува душата на мајката, дотаму, што дури и да се случи да не предизвика свесно страдање, тој – абортусот, длабоко ѝ ја ранува чувствителноста, оставајќи рани во потсвеста, и тоа засекогаш;

Нарушување, освен на душевното, и на телесното здравје;

Последиците се неминовни и за социјалните и за општествените структури:

Имено, молчејќи и стоејќи рамнодушно пред овој грев, се развива еден пасивен став кон човечките трагедии;

Исчезнување на принципот и на готовноста за заштитување на децата и на немоќните;

Емоционална рамнодушност кон злосторството и кон насилството;

Противречност меѓу личните убедувања и постапките, односно делата;

Медицината е присилена да биде сервилна на паднатиот морал, макар да нема никакво оправдание за тоа.

Последиците и за демографската слика се погубни:

Стареење на населението, кое повлекува зголемување на економскиот товар на младата популација; значи, поради фетоцидот (абортусот) расте нетрпеливоста и непријателството меѓу членовите на општеството;

Геноцид – изумирање на нацијата;

Зголемување на тензиите меѓу народите кое резултира со војна за превласт на територии, токму поради создадената нерамнотежа на процентуалниот удел на националностите во државата ( зарем не е очигледна последнава констатација во нашата Татковина?).

Но, кој е излезот од сето ова? Кој е лекот? – Покајанието, кое значи признавање на гревот, и барање прошка, но и преумување – поправање и неповторување на гревот и правење добродетели, спротивни на овој грев, помагање на деца, одвраќање на мајките од овој смртен грев, посвојување на деца и.т.н.

Жените кои абортирале, мажите кои се согласиле на овој акт и сите други лица кои се соучесници во истиот, треба да бидат пастирски згрижени од Светата Црква: со запознавање на тежината на овој грев, со начинот за избавување од неговиот товар – преку покајание и исповед, а при сето тоа, со уверување во милоста Божја. Оние што доаѓаат безнадежни, не треба да ги обесхрабруваме. Не постои грев кој што Бог нема да го прости, освен хула на Светиот Дух. Но, првиот услов е човекот, да не се враќа на гревовите кои претходно ги правел. Да не ја губиме надежта, затоа што губењето на надежта е последниот грев. Ако ние, кои сме лоши умееме да им даваме на своите чеда добри дарови, колку повеќе нашиот Отец Небесен ќе ни даде добра нам, кои Му бараме? (Мт. 7, 11).

Светата Црква, мајката ја смета и виновна, но уште повеќе ја смета за жртва, за која се моли и ја чека, за да ја прими во своите преградки, олеснувајќи ѝ ги духовните и душевните рани, помагајќи ѝ да започне нов живот. Светата Црква Христова, во својата молитва за жената која го направила овој грев, го нема за главна тема нејзиното осудување, туку го има за тема и за прозба, односно барање пред Бога, будењето на нејзината совест и поттикнувањето на покајание, за да добие прошка од Бога. Оваа молитва, го има паралелно, тоналитетот на покајание со тоналитетот на сочувствување, сострадателност со неа – тоналитет на грижа за чувство на болка и слабост, духовна, душевна и телесна.

 

Возљубени чеда во Господа!

 

Да ги прославиме радосните ангелски зборови: “Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја, и да Му принесеме на Богомладенецот Христа, како вистински духовни мудреци, добри дела – духовно злато, ливан и смирна.

Да се радуваме, да се усовршуваме, да се утешуваме едни со други, да бидеме едномислени, живеејќи во мир, и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со нас (2 Кор. 13, 11).

“Кој го сака животот и сака да види добри денови, нека го пази јазикот свој од зло, и усните негови да не зборуваат лаги. Нека одбегнува зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него” (1 Петр. 3, 10-11).

Честит Божик и благословено Новото 2016 лето Господово.

 

Христос се роди!

 

Ваш постојанен молитвеник пред

Христа Богомладенецот

Митрополит Преспанско-пелагониски и

Администратор Австралиско-новозеландски

 

Божик 2015/2016 год.                                                                                   +Петар