За Велигден со Ангелите – старец Ефрем од Аризона (Филотејски)

За време на Великиот Пост влегуваме во неговата велика духовна арена. Светиот или Велики Пост е време за созерцание, каење, солзи, себеизменување, време за нова фаза во духовниот живот.

Како грижлива мајка грижејќи се за своето дете, така нам Црквата ни го одредува ова време на Пост посветено на борба за да им помогне на своите деца да бидат посилни во борбата, да се исчистат, да се доближат до Бога и да се најдат достојни за славењето на големиот ден на светото Воскресение – Велигден.
Христијаните, посебно монасите, отсекогаш ѝ посветувале внимание на оваа духовна арена и ја сметаат за света, бидејќи тоа е период што предвидува и духовни и телесни борби. Тука се борбите како постењето, бдеењето, борбата за прочистување и борбата за исполнување на сопствените духовни должности кои во овој период се многу побројни отколку во кој било друг период во годината. Во овој период луѓето чувствуваат духовна дефрагментација и повеќе посветуваат внимание на гласот на нивната совест за да го исправат тоа што можеби го запоставиле и за да се издигнат духовно. Црквата ни помага со покајнички молитви и служби, како и со поучувања за да нѐ подготви за борбата за прочистување на душата. Исто така тука е и Литургијата на претходно осветените дарови која е премногу корисна. Херувимската песна која се пее за време на оваа Литургија е исполнета со духовност, созерцание и присуство на ангелите. Токму поради ова треба да одиме на вакви литургии за време на Великиот Пост и да се каеме за нашите гревови. Ние кога ги примаме Телото и Крвта Христова, мора да сме беспрекорни, со очистено тело и душа за Божествената благодат да има ефект врз нас. Поради ова, мора да живееме богоугоден живот. И во собите наши и во црквата мора да го полеваме лицето со солзи за да си ја измиеме душата и да бидеме достојни да се причестиме. Неизбежно, ѓаволот нѐ искушува, мене повеќе од кого било друг. Што значи дека често се случува да не можеме да се миеме со солзи и да имаме лоши мисли. Лошите мисли и грешните слики што доаѓаат со нив мора да ги отфрлиме што е можно побрзо, пред да нѐ надвладеат. А кога имаме изопачени мисли или кога душата наша е ладна кон некого од нашите браќа, да не му пристапуваме на Бога Кој е полн со љубов, Кој е толку чист и свет. За време на Великиот Пост, во текот на секоја служба, да се молиме со молитвата на Свети Ефрем Сирин: „Господи и Владико на мојот живот, дух на празност, униние, властољубие и празнословие не давај ми. Дух на целомудрие, смиреноумие, трпение и љубов даруј на мене, грешниот слуга Твој. Да, Господи, дај ми да ги согледам моите согрешенија, и да не го осудувам ближниот свој, зашто благословен Си во вековите на вековите. Амин“. Со овие зборови, светителот сака да ни помогне, да ни стане јасно дека покрај другите доблести, треба посебно да се посветиме на последната работа, на себецензурата и на неосудувањето на браќата наши и да сфатиме дека без љубовта кон ближниот нема никакви шанси за постигнување ни најмал напредок во процесот на духовното прочистување. Доколку не им посветуваме внимание на мислите наши, на зборовите и на срцето наше, нема да имаме никаква корист од постењето. Постењето е корисно кога ќе се комбинира со љубов кон ближниот и тогаш кога нема да ги осудуваме и критикуваме другите. Кога наместо да ги критикуваме ближните, се критикуваме себеси, тогаш сме обележани со љубовта кон другите и љубовта кон душата наша, грижата за прочистување и исполнувањето на суштинската заповед – љубењето на Бога и на нашите ближни. Љубовта кон Бога и кон ближните се двете најголеми доблести кои се столбови на целата духовна структура бидејќи ако не ги поседуваме нив, не можеме да ги имаме ни другите работи. „ И ние ја познаваме љубовта, која Бог ја има кон нас, и поверувавме во тоа дека е Бог љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него.“ (1. Јов. 4, 16)
Друго нешто, кое е потребно да се трудиме да го исполнуваме што е можно повеќе, е молитвата. Треба да се молиме во името на Христа без да пропуштиме ни еден миг и да го трошиме времето залудно. Додека бдееме во собата наша, треба да вложиме што е можно повеќе напор и не треба да дозволиме уморот да нѐ надвладее, ни негрижата ниту па мрзеливоста. Треба да го правиме тоа своеволно и да се посветиме духовно. Кога ќе се разбудиме, прво нешто што треба да направиме е да се молиме, да ги посветиме сите мисли на Бога. В црква треба да одиме спремни за да имаме корист од нашето присуство во духовната арена. Покрај ова, постењето заедно со телесниот подвиг ни помага во поглед на барање прошка за гревовите наши. „Еве, види ги понизноста моја и подвигот и прости ми ги гревовите.“ Кога вложуваме, се трудиме околу постот, се молиме на колена, се трудиме со срцето и умот, ваквиот Божји подвиг е свет и Бог го наградува ваквиот подвиг бидејќи со ова луѓето стануваат достојни за венецот на слава и чест. Демоните премногу се плашат од постот бидејќи ги победува. „Таквите (демони) нема да се поразат со ништо друго освен со молитва и пост“, рече Бог (Мат. 17, 21). Токму поради ова, светите отци секоја задача дадена од Бога ја започнуваат со пост. Тие сметаат дека постот е многу моќен и дека Светиот Дух не бдее над луѓето кога тие се сити, со полн стомак. И секој Христијанин кој сака да се исчисти, мора да започне од основата, од постењето, молитвата и бдеењето. Кога ќе ги спојат овие три работи, тогаш луѓето имаат постигнато значаен напредок. Порано, отците имале свет обичај. Ноќта кога Постот започнувал, тие ги напуштале манастирите и оделе во пустина каде живееле како испосници сѐ до Лазарова Сабота кога се враќале за во недела заедно да го слават празникот Цветници. За јадење некои земале само основни намирници, други пак јаделе само зелени растенија за пожестоко да се борат во пустината. Потоа сите денови од Великата недела ги поминувале заедно в црква, јадејќи парче сув леб и неколку ореви на ден. Благословени сме што познававме аскети кои Великиот Пост го минуваа во постење и духовна борба. Нашиот покоен старец, Старецот Јосиф, пештерскиот жител ( живееше во пештери, каде и го запознав) постеше строг пост за време на Великиот Пост. И, секако, ни го наметна и нам. Од понеделник до петок, пет дена неделно не се јадеше друга храна освен грст брашно од кое со вода правевме тесто. И толку беше. Мала порција на секои дваесет и четири часа. А истовремено работевме напорно, денски носевме тежок товар на рамења, а навечер правевме стотици метании и поминувавме многу часови во молитва. И сѐ ова беше за да се исчисти внатрешноста, да се биде подостоен во очите на Бога, за да се има смелост пред Бога и да можеме да се молиме за сиот свет. Бидејќи на светот, на луѓето секаде низ светот, потребни им се молитвите на светиите, посебно од аскетите. Свети Антониј Велики се молеше за целиот свет.

y9nGfprkp9s

Се подразбира дека треба да постиме само доколку можеме, со благоразумност бидејќи сите сме различни. „ Ако она што е добро не се направи како што треба, тогаш тоа не е добро.“ Со други зборови, ако не правиме добро со добри методи, правилно и онолку колку што треба, туку ако го правиме тоа неблагоразумно, тогаш тоа повеќе ќе наштети отколку што ќе помогне. Постењето е неопходно, добро е, но повеќе служи како средство, а не како цел. Тоа средство помага за доаѓање до целта која е понизноста. Затоа е потребно сѐ да се прави во согласност со блавословот даден од духовникот, некој просветлен од Светиот Дух. Духовникот твој ќе ти каже како да постиш, кога да се причестуваш, како да се бориш со непријателот, што и како треба да правиш. И тогаш со благословот од духовникот твој ќе можеш да ги решиш сите проблеми. Не треба да правиме повеќе од она што е соодветно, треба да сме умерени во секој поглед бидејќи неумереноста е крајно некорисна. Па така постењето е свето, но служи само како средство. Треба да го прилагодиме онака како што ќе нѐ посоветува духовникот и онолку колку што ни дозволуваат нашите психосоматски сили, сѐ додека имаме добра волја. Како што вели Василиј Велики „ Луѓето се толку различни меѓу себе во поглед на издржливоста колку што се различни железото и тревата.“
Света Синклитија се разболи од болест на грлото пред да умре. Нејзното благословено грло што секогаш кажуваше Божји зборови, имаше внатрешно воспаление. Устата нејзина спасила многумина. Ѓаволот побара дозвола да ја искушува и Бог дозволи. Реата предизвикана од нејзиното месо што скапувало, станала толку неподнослива што на сестрите им предизвикала големи тешкотии кога ѝ помагале. Тие прскале со јаки парфеми за да се обидат да ѝ дадат барем малку мир за време на нејзиното боледување. Кога устата ѝ била здрава, говорела и им помагала на многумина, но кога светицата се разболела почнала да проповеда уште посилно. Како можеше уста што молчи и скапува да проповеда? Светителката нечујно го покажа трпението свое и издржливоста за време на Божјото искушение. Вложи невиден напор за да се справи со ѓаволското нетрпение, жалење, мачење и ѝ се спротивстави на болеста. Зошто не ѝ беше потребен пост? Поради ова, болестите се нарекуваат неумислен аскетизам. Некој боледува од рак, друг од дијабетес, трет има други здравствени проблеми. Како ќе се исчистат ваквите луѓе? Како ќе ја видат светлината Божја? Само со трпение и благодарност кон Бога. Тоа ќе надомести за непостењето бидејќи не можат да постат поради болеста. Всушност, борбата многу често е десет пати потешка од постењето.
Во времетраење на Великиот Пост треба да се бориме да се очистиме. Во аскетската традиција се споменуваат пустиножителите кои цел живот го поминале во пустина со напорно работење, со мачење, со пост, со солзи, спиеле на земја и се лишувале од секакво задоволство. И од сиот тој напор, како и од борбата на душата со разни нечисти мисли произлегува светоста нивна. Така секој Христијанин кој е монах и сака да се прочисти има право да вложува голем напор и да не е лишен од ваквата награда. Чистотата носи поголема смелост пред очите на Бога бидејќи и Тој самиот е чист, и Мајката Божја е чиста, и Свети Јован Теолог имал девствен живот, како и многу други светители. Убавината на црквата е заснована врз чистотата и беспрекорноста. Кога срцето ни е чисто и беспрекорно тогаш ќе зрачи со љубов. Но ако во срцето имаме нечистотија тогаш нечистотија и ќе се пренесува од него. Да се бориме за чистота во внатрешноста на срцата наши за да бидеме чисти и достојни во очите Божји. Има многу примери низ црковната историја за “обични“ луѓе (се мисли на оние кои не биле монаси) кои станале достојни пред Бога и станале велики луѓе. Таков пример е Ава Пафнутиј ( од Древниот Египет, наречен уште Божјиот човек), надарен аскет, кој еднаш се молел пред Бога и рекол:
– Господе, со кого ме стави Ти рамо до рамо? Кој друг ги има истите доблести?
И чул глас кој му кажал:
– Во Александрија има еден сиромашен човек, чевлар, тој е во еден подрум. Ти си доблесен исто колку што е и тој.
– Но јас бев пустиножител сиот мој живот, и велиш сум ист како и еден мирјанин, еден оженет човек?
– Да, еднакви сте.
Следниот ден, светителот си ги собрал работите, си ја зел торбата, зел сув леб и заминал за Александрија. Отишол во градот, го нашол човекот и го прашал:
– Што правиш тука брате?
– Што да направам оче? Грешник сум, најлошата личност во светот.
– Може ли да разговараме?
– Се разбира.
– Која доблест се обидуваш да ја стекнеш?
– Доблест? Јас? Јас живеам земски живот и многу грешам. А ти, ти имаш многу доблести.
– Не, ти правиш нешто.
– Не правам ништо.
– Бог ми кажа, затоа не лажи ме. Додека се молев Тој ми кажа дека јас и ти ги имаме истите доблести. Мора да има нешто во тебе.
– Прости оче. Ако она што јас го правам се смета за нешто, тогаш ќе ти кажам што правам. Се оженив и ѝ реков на жена ми „Ако ме сакаш тогаш ќе живееме разделени, како брат и сестра и ќе се трудиме да си ги осветиме душите. Ја прашав дали се согласува и се согласи. Од тој ден живееме во чистота и девственост.“
Во пустината, благословениот Ава Пафнутиј проба да се исчисти живеејќи аскетски живот воздржувајќи се, а од голема помош му беа условите во кои живееше. Другиот човек живееше “земски живот“, оженет, се соочуваше со сите предизвици на земскиот живот и со Божја помош успеа да стане светител. И неговата борба беше потешка од онаа на пустиножителот која во очите на Бога докажа дека тој е голем човек. Потоа се случи нешто што беше поврзано со чевларот. Еден ден, еден христијанин беше кај Ава Пафнутиј и му рече: „ Оче, се скарав со свештеник и не знам како тој изреагира, дали ме проколна или ме опцу, но тој почина а не си простивме. Што да правам сега?“
– Јас не можам никако да ти помогнам, но има еден свет човек кај кого ќе одиш, и тој ќе ти помогне. Оди во Александрија, во еден подрум има еден чевлар. Кажи му дека јас те испратив, кажи му што те мачи и ќе ти помогне.
Христијанинот му рече:
– Господе Боже. Пустиножител не може да ми помогне, а мирјанин може?
Но поради почитта кон пустиножителот, тој направи како што му беше речено. Чевларот му рече да почека да се стемни и тогаш го одведе во црквата в град. Чевларот пак му рече да почека и застана пред големата врата, се прекрсти и вратата се отвори. Внатрешноста на црквата беше осветлена и се слушаше рајска музика. Чевларот тогаш му рече на човекот:
– Оди таму и погледни го хорот лево и десно. Ќе го видиш свештеникот.
Човекот влезе, го виде свештеникот во хорот лево и прими прошка. Гледате ли што може да направи аскетскиот подвиг? Што може да направи борбата на душата? Што направи мирјанинот па си ја очисти душата? Кога ѝ рече на жена му да живеат како брат и сестра, дали тоа беше крај на нивниот брак? Не, тие заедно постеа и бдееја, правеа метании и го читаа Евангелието. Читаа светоотечки книги, одеа в црква, се исповедаа, се причестуваа, се ослободуваа од злите мисли и неуморно се бореа. И така постанаа светии на земјата. Ова е доказ дека дури и на земјата, кога христијаните се борат со добра волја, Божјата милост не ги напушта, не исклучува никого. Но ние како оправдување го користиме тоа што кажуваме дека живееме на земјата, не можеме да се бориме. Дозволуваме копнежот да нѐ надвладее. Што треба да правиме? Да се бориме со телото и со душата. Со други зборови, да си ги контролираме мислите. Мислите ни носат грешни фантазии, слики, лица, идоли и сцени. Мора да се ослободиме од нив со молитвата „ Господе Исусе Христе, сине Божји, помилуј ме мене грешниот.“ Кога умот внимава и не ги прифаќа таквите мисли и ја има Божјата сила, името Христово, тогаш секој непријател на душата наша ќе биде убиен, небитно дали е тоа ѓаволот, дали се гнасни фантазии или одбивни мисли. Ако вака се грижиме за душата, умот и срцето тогаш нашата внатрешност ќе остане чиста и беспрекорна.

31

Да се бориме силно и наградата ќе биде голема. Никој не добива милост ако не се потруди. Ако земјоделецот не се грижи за посевите тогаш нема да има принос. Кога нашиот пост е зајакнат, опкружен и здружен со молитва, читање теолошки книги, будност, одење в црква, исповед, Причест, чинење добродетелство – посебно помагање на сиромашните, тогаш убавината на подготовките на душата за дочекување на Великата недела е целосна. Тогаш посилно ќе ја почувствуваме Христовата Светост и Светото Страдање бидејќи срцата ќе ни омекнат, ќе се изменат и ќе сознаат колку голема е љубовта Божја кон човештвото. Тогаш во нас ќе го почувствуваме Светото Воскресение, ќе го славиме на начин достоен за Бога и ќе го славиме Велигден заедно со ангелите. Амин.

[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=bstzBfDoM98[/youtube]

Превод од англиски (на превод од грчки): Марија Трифуновска