Собор на Пресвета Богородица во Прилеп

НА 08.01.2015 год, на празникот Собор на Пресвета Богородица, митрополитот Преспанско-Пелагониски Петар, отслужи божествена Литургија во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп.

P1110151

Денес е Божик, денес Бог се раѓа како човек! Зошто? Има само две вистини, браќа и сестри: да ни каже што е Единствениот Вистински Бог и да ни каже што е единствениот вистински човек. Зашто ние луѓето не само што не знаеме што е Бог туку и не знаеме што е човекот. Погледни се себеси, ѕирни во својата душа, какво чудо во тебе!
Погледни го своето око, ѕирни во него; погледни во срцето свое, дали го познаваш? Колку малку знаеш, колку малку се познаваш себеси. Човеку, не се познаваш ни себеси, ни Бога! Што знаеш тогаш? Што има околу тебе освен мрак и темнина?
А денес, денес се раѓа Бог да им го открие на луѓето Единствениот Вистински Бог во сите светови. А луѓето? Луѓето се заблуделе во темнина, во мрак, во незнаење. Луѓето, а околу нив безброј лажни богови! Што сè луѓето не прогласиле за бог, не знаејќи за Единствениот Вистински Бог? Што сè луѓето денес не прогласуваат за бог, не знаејќи за Единствениот Вистински Бог, и не сакајќи го Единствениот Вистински Бог, Господ Христос? Колку лажни богови се предлагаат самите себеси на местото на Единствениот Вистински Бог? Погледнете, о, па Европа станала изложба на лажни богови, изопачени, наказни, ужасни.
Денес, денес се раѓа Единствениот Бог, се раѓа како Човек, се раѓа за тебе, човекот, да ти го направи попристапен Единствениот Вистински Бог. Тој се соединува со тебе толку блиско што ти се дава сиот Себеси, што сиот Себеси ти се кажува, да не луташ веќе од еден лажен бог до друг, да не се двоумиш одејќи од гроб до гроб, и да не му леташ од прегратка во прегратка на проклетиот ѓавол, туку да Го почитуваш и славиш Единствениот Вистински Бог.
Денес, денес се раѓа Вечниот Бог, но со Него се раѓа и Вечната Вистина. Се раѓа како Човек, човеку, зошто? Да ја стори вечната Вистина пристапна за тебе, да не ја обожуваш веќе лагата, да не живееш веќе за лагата во овој свет, туку да знаеш што е Вистината, што е Вечната Вистина, и со неа да живееш. Ти си создаден заради Него, човеку! Бог стана Човек, како Вечна Вистина, Тој стана Човек за ти да ја сознаеш и примиш во себе сета Вечна Вистина Божја, Сецелиот Бог! Каква почест, какво богатство! Бог станува човек, станува ти, човеку, за да ти се даде сиот Себеси, на вистинско место да ти ја даде Вечната Вистина.
Денес Тој се раѓа како Човек, Тој, Вечната Правда за ти, човеку, да осетиш што е Вечна Правда и за да знаеш што е таа. За таа да стане твоја. Зашто сè што има Господ станувајќи Човек, станува заради тоа тебе да ти даде сè, човеку! И ти, кој се гушиш во човечките неправди, во неправдите на земјата, ете, доживеа Бог, Кој е вечна Правда, да стане Човек, и Вечната Правда да ти биде толку блиска. И ти самиот на Бога да Му бидеш близок, да ти биде блиско твоето срце до Него, (Тој да ти е поблизок) од срцето твое.
Денес се раѓа Вечниот Живот како Човек. Кога Бог се раѓа како Човек, Вечниот Живот се раѓа со Него. Зарем во Бога може да има смрт? Не! Бог е сиот Живот, Бескраен и Бесконечен. Станува човек за ти, човеку, кој, ете, си пропаднал во безброј смрти, да почувствуваш што е Живот Вечен. Колку голема тајна, колку голема милост! Луѓето имаат едно парче живот на земјата, опколено од сите страни со смрт. Од сите страни си опколен со смрт. Каков е твојот живот? Што е твојот живот? Твојот живот е мала свеќичка во мракот на смртта, и тој гние. Само нека дувне малиот ветер на смртта и отиде твојата свеќичка во мрак. Што е, тогаш, ако не љубов тоа што Господ, Вечниот Живот, стана Човек за тебе, човеку, да ти подари Вечен Живот? Какво богатство, каков сјај, каква среќа, какво блаженство! И Тој, Вечната Љубов, Вечната Радост станува Човек. Сето тоа станува твое, и ти, беден човеку, од раѓањето на Господ Христос, од Божик веќе можеш да почувствуваш каква вистинска радост е Вечната Радост, каква вистинска љубов е Вечната Љубов, Љубов која не престанува, Љубов која не знае за прекршување, за несреќа, за љубомора, Љубов света и божествена. Сето тоа Господ ни го дава нам.
А другата вистина, заради која Господ стана човек, е да ни каже што е тоа вистински и единствен вистински човек. Зашто човекот не е грев, човекот не е зло, човекот не е ѓавол, човекот не е смрт, човекот не е ни ѕвезда, ни сонце, ни цвет; човекот е сосема нешто друго. Човекот е велика и света тајна Божја, човекот е икона Божја во овој свет, лик Божји во овој свет. Твојата душа, мојата душа, душата човечка, ете, тоа е ликот Божји, иконата Божја, тоа е вистинскиот Човек. Господ дојде да ни го открие тој човек, боголикиот човек, тој вечен човек, и мој и твој; тој вечен човек кој е над секоја смрт, над секое зло, над секој грев, над секој пекол, над секој ѓавол. Така, само преку Господ Христос, ние луѓето знаеме што е вистински човек. Јас само преку Него се знам себеси. И ти обиди се: прашај се кој си, што си? Нема да ја дознаеш својата тајна, нема да дознаеш кој си ти, Јоване, и кој си ти, Петре, кој си ти, Милоше, ако не се споиш со Господ Христос преку вера во Него, ако не Му се поклониш, ако не клекнеш со сето свое битие пред Него и не Му се предадеш, ако не поверуваш во Него како Богочовек. Ете, се роди како Богочовек за тебе, човекот, да те покаже на тебе самиот: кој си, што си, и зошто си на овој свет? Така, две велики, најсвети и најголеми тајни на Бог и човекот укажуваат на Богочовекот Господ Христос. Станувајќи Богочовек, ја кажа сета тајна за Бога, но ја кажа и сета тајна за човекот.
Но зошто Благиот Господ се роди како Човек, а не како некоја убава темјанушка, а не како убава роза, а не како прекрасна ластовица, а не како сина ѕвезда, а не како прекрасен ангел, туку како човек? Зошто? Затоа што човекот Му згреши на Бога, а гревот го сомле човекот, а гревот го собори бесмртникот Божји, гревот ја унакажа Божјата икона, ја распарчи, ја искина. Човекот сиот потона во болест, несреќа, неволји, неприлики. Господ стана Човек за да го истера гревот од човекот; стана човек за тоа човекот да не биде и понатаму расадник на грев во овој свет. Ни птиците, ни билките, ни животните не знаеле што е грев, ниту страдале од грев, додека човекот не го вовел гревот во овој свет. Поради човекот и со човекот сè создадено воздивнува и тажи: воздивнуваат јагнињата што луѓето ги колат; воздивнуваат добрите кротки телиња, зашто луѓето ги изнамачиле; воздивнуваат сите животни кои му служат на човекот; воздивнува сè што живее. Гревот, отровот на гревот, ете, се разли по сите созданија и секое создание воздивнува и тагува со нас, вели свети апостол Павле; со нас, грешните, зашто ние преку гревот ја внесовме тагата и несреќата, болката и јадот, болеста и смртта. Безгрешниот Господ станува Човек за таа најстрашна болка, себолката на гревот, да ја искорне од човекот, да го ослободи човекот од него, од таа најголема стравотија.
Зошто Господ стана Човек, а не птица, а не цвет, а не ангел, а не животно, ниту ѕвер? Господ стана Човек, зашто несреќниот човек ја внесе смртта во овој свет. Смрт немало додека човекот со својот грев не ја внел смртта во овој свет. А што е смртта, сите знаеме. Тоа најдобро го знаат родителите кои раѓаат деца, а децата умираат. Тоа најдобро го знаат децата чии родители умираат. Тоа го знае секој човек. Ах, мака над маките, болка над болките, стравотија над стравотиите, смрт! А таа смрт во овој свет ја внел човекот. Затоа Господ стана Човек, за да го обесмрти човекот. Каков срам за човекот, каков јад, каков ужас дека тој ја внесе смртта во овој свет, смртта – својот најголем непријател. Тој Бесмртниот, Единствениот Бесмртен, станува Човек за да му даде бесмртност на човечкиот род, за да ја разлее бесмртноста по човечкото битие.
A човекот во овој свет стана централа на смртта. Затоа Тој стана Човек за да ја разори централата на смртта, за човекот веќе да не умира, за човекот да стане вечно битие, вечен човек; да се обнови во човекот иконата Божја, да се исполни човекот со Божествени сили, најпрво преку Бесмртниот Господ Христос, со верата во Него, верата во Воскреснатиот Господ Христос, Кој се роди како Човек, страдаше, беше погребан, воскресна и ја победи смртта заради тебе, заради мене. За да ја уништи централата на смртта, да ја разлее великата тајна Божествена сила на бесмртноста по сета човечка природа; за ние, верувајќи во Господ Христос, да воскреснеме од секоја смрт, да ја победиме секоја смрт и да си осигураме Живот Вечен со Него Единствениот Бесмртен и Вечен Победител на смртта, Господ Христос.
Зошто Господ стана Човек, а не Ангел, не Архангел, не Херувим? Затоа што човекот го воведе ѓаволот во овој свет, ѓаволот! Затоа Господ стана Човек! Зашто кој можеше да го победи ѓаволот во овој свет, кој освен Бог? Никој! А несреќниот човек, преку гревот стана дом, живеалиште на ѓаволот. Сетете се на приказната на Спасителот во која се кажува како во еден човек бил ѓаволот, па излегол од него. Тоа значи дека човекот се покајал и го истерал ѓаволот од себе. Но, ослободувајќи се од ѓаволот, тој повторно се предадал на мрзеливост и ѓаволот лутајќи по светот, по сите други созданија, никаде не нашол толку пријатно место како тоа во човекот. Зашто на човекот му е дадена икона Божја, а ѓаволот е сиот предаден на тоа да Му се потсмева на Бога и на Божјата икона. И рече ѓаволот: Одам да се вратам во својот дом. Ѓаволот го нарекува човекот свој дом. Да се вратам во својот дом! И навистина, вели Спасителот, зеде седум духови, полоши од себе, и се врати кај човекот и влезе во него. Ете што стана човекот преку гревот и со гревот, ете што значи да не се љуби Бог, ете што значи да се има љубов за гревот. Таа љубов ја внесува смртта во човекот преку ѓаволот, и не еден, туку безброј ѓаволи. И затоа Господ стана Човек, за од човекот да го истера ѓаволот.
Тој Бог стана Човек за човекот, човечката душа, која е бескрајна, зашто е Божја, зашто е боголика, да ја исполни со Божествени сили. Во Светото Евангелие пишува дека во Господ Христос живее сета полнота на Божеството телесно. Сета полнота на Божеството живее во телото човечко, за таа полнота, се вели понатаму во Светото Евангелие, да стане моја и твоја, и за со таа полнота на Божеството да се исполниме и ти и јас. Ете, тоа е целта заради која Господ дојде во овој свет и стана Човек, тоа е целта Божја: да го исполни човекот со Божествени сили, да го исполни со Бога, и со тоа да го истисне од човекот и да истера сè што е ѓавол, сè што е грев, сè што е смрт. Затоа Господ, браќа, се роди на овој свет како Човек.
Затоа ние толку необично весело го прославуваме Божик, особено Онаа Која ни Го роди, Пресветата Богомајка, Сечистата и Пречиста, единствено Неа Која во овој страшен пекол на гревот, смртта и ѓаволот остана без грев. Со Својот свет живот, со Своите подвизи и можеби никогаш не направила грев. А истапи како претставничка на грешниот род човечки, како Онаа Која е, исто, потомок на Адам и Ева, грешните прародители наши, со сето гревовно наследство, а како Богородица се освети и раѓајќи Го Господ Христос нè спаси. Таа, Пресветата Богомајка! Затоа е повозвишена од сите Херувими и Серафими, затоа е пославна од секое битие, Таа Која ја славиме како „почесна од Херувимите и пославна од Серафимите“.
Денес, втор ден Божик е Нејзиниот ден. Таа, особено преку чудесниот Господ, и не знаејќи всушност до крај Кого ќе Го роди, ете, Таа прва се исполни Себеси со Бога. Прва ја почувствува таа вистина: што значи Господ Христос, што значи тоа кога Бог станува Човек. Во Неа Бог стана Човек. Таа Го роди како Богочовек, и прва ја доживеа сета полнота на Божеството, прва го доживеа сиот Рај, сите блаженства, сите богатства кои Бог му ги донесува на светот, го доживеа сето Евангелие на Господ Христос, го доживеа сиот Вечен Живот, сета Вечна Вистина, сета Вечна Правда. Таа после Господ Христос е олицетворение на Вечната Правда, олицетворение на Вечната Љубов, олицетворение на Вечниот Живот.
Затоа, затоа Таа е секогаш посредничка меѓу нас и Господ Чудесниот Син Нејзин, а Бог наш. Посредничка Која ни испросува од Него сè што Тој како Бог му дава на човекот, ни испросува Живот Вечен, Вистина Вечна, Правда Вечна, Љубов Вечна, Радост Вечна, сè што Нејзиниот Чудесен Син, Господ наш, раѓајќи се на овој свет како Богочовек, му го принесува на светот. Затоа ние православните така необично воодушевено Ја славиме, и според црковните песни и химни изгледа како повеќе Неа да Ја славиме отколку Самиот Господ. Зашто ни е поблиска, зашто Таа ги знае нашите неволји и маки. Таа знае што значи да се биде подвластен на гревовите, на смртта и ѓаволите, на страстите на овој свет. Затоа ние православните секогаш со вера Ѝ пристапуваме.
Затоа денес Ја славиме Првата после Господ Христос Богочовекот, Неа Која ни Го роди Него, Вистинскиот Бог, Господ Христос, како Богородица. Го роди Него, Го роди по тело, и Тој станувајќи Човек, станувајќи тело, ја основа Црквата Своја, која е Неговото тело. Така, Пресветата Богомајка, всушност, раѓајќи Го Него, ни ја даде Црквата Христова, таа најголема чудотворка во сите светови, што ни го дава сето она што Господ Христос ни го донесе: ни дава Вечен Живот, Вечна Правда, Вечна Љубов, Вечна Вистина, Вечен Човек. Не лажен човек, не лажни богови, туку вечнот човек и бесмртен, и така на секого од нас ни осигурува бесмртност и Живот Вечен.
Нејзе, на Нејзиниот Чудесен Син, слава и пофалба за сите дарови, вечните дарови кои ни ги дарува нам, бедните луѓе, ни ги дарува заради нашата вера, ни ги дарува заради нашата желба, ни ги дарува заради нашата молитва, ни ги дарува заради нашето смирување пред Неа и Нејзиниот Чудесен Син. Нека Таа секогаш нè води и раководи по сите патишта на нашиот живот, и нека нè воведе во Царството Небесно, каде што Таа на престолот на славата заедно со Синот Свој царува и владее.

Христос се роди! Навистина се роди!

Aва Јустин Поповиќ (Беседа на Собор на Пресвета Богородица)

P1110057

P1110059

P1110064

P1110070

P1110083

P1110091

P1110105

P1110139

P1110156

P1110158

P1110173

P1110174

P1110176

P1110184

P1110191

P1110204