Радувај се, света Ксенија, брза помошничке и молитвеничке за нашите души!

„Кој ме познава мене, да ја спомне душата моја, за спасение на душата своја“

91-411x600

Света Ксенија Петербургска, уште додека била жива, па до ден денеска се почитува како брза помошничка и чудотворка. Заради спасението и љубовта кон ближните, таа зела врз себе подвиг да изгледа безумна. За своите трудови, молитви, пост, туѓинување и претрпување на потсмевањата со смирение, блажената добила од Бога дар на прозорливост и чудотворство. Нејзината капела на Смоленските гробишта била изградена, од благодарностите за извршените чуда по нејзиното молитвено застапништво.
На Помесниот собор, на Руската Православна Црква во јуни, 1988 година, блажената Ксенија Петербургска беше вброена во хорот на светителите.
Света Ксенија се родила меѓу 1719 и 1730 година, и својот спасителен подвиг го носела во Петербург. Мажот на Ксенија, бил псалтот од хорот на царскиот храм, Андреј Феодорович Петров. За детството и младоста на блажената ништо не се знае, народниот спомен го зачувал само она, што е поврзано со почетокот на подвигот на јуродивоста на Ксенија – ненадејната смрт на маж ѝ, кој умрел без христијанско покајание.
Потресена од тој настан, 26 годишната вдовица решила да започне најтежок христијански подвиг – да изгледа како безумна, за, принесувајќи го како жртва на Бога најдрагоценото што го има човекот – разумот, да го измоли Создателот за помилување на ненадејно починатиот сопруг. Ксенија се откажала од сите богатства на светот, се одрекла од дворјанскиот чин и богатството, и уште повеќе – од самата себеси. Таа го оставила своето име, и примајќи го името на сопругот, под неговото име го поминала својот крстоносен пат, принесувајќи го на олтарот Божји дарот на сеспасителната љубов кон ближниот.
Кога на денот на погребот на мажот ѝ, Ксенија ја облекла на себе неговата облека: кожув, палто, пантоли и капа, и во тој костум отишла да го испрати до гробот, роднините на мажот и пријателите на Ксенија помислиле, дека смртта на Андреј Феодорович ја помрачила нејзината свест. Тие многу ја сожалувале. Ксенија пак, не губејќи го разумот, ги тешела велејќи: „Андреј Феодорович не умре, туку се воплоти во мене, Ксенија, која одамна умре“. Така започнало нејзиното скитање по улиците на Петербург.

54

Домот, кој останал после смртта на сопругот, таа решила да ѝ го подари на Параскева Антонова, која кај нив изнајмувала соба, имотот свој да го раздаде на бедните, а парите да ги однесе во црква за покој на душата на „Божјата слугинка Ксенија“.
Дознавајќи за таквата одлука, роднините на мажот поддале молба до началниците, за умрениот Андреј Феодорович, барајќи да не ѝ дозволат на Ксенија во безумството, да го раздаде својот имот. Сепак, после соодветната истрага била донесена одлука, дека таа е сосема здрава и има право да располага со својот имот.
После тоа, блажената Ксенија раздала сè што имала, и само во костумот на мажот ѝ излегла на улица, започнувајќи го своето подвижничко туѓинување. По цели денови шетала таа по Петербург, зиме и лете, во жеги и мразови, подложувајќи се на секакви напади и потсмевања. Нејзиниот чуден костум и неразбирливи зборови, нејзината кротост и незлобливост давале повод на злите луѓе, особено на невоспитаните момчиња да се исмеваат над неа. Но, блажена Ксенија, непрестајно молејќи се, безропотно го носела својот спасителен подвиг.
Во тоа време спаѓа и почетокот на изградбата на новата камена црква на Смоленските гробишта. Подигнатата градба веќе била многу висока, и ѕидарите најпрвин требало да ги креваат циглите на скелиња, па дури потоа да ги ѕидаат. Блажената Ксенија решила тајно да им помогне. По цели ноќи, во без оглед на времето, таа ги искачувала циглите и ги редела на скелињата. Наутро, работниците само се чуделе на она што се случило. На крај, решиле да дознаат кој е нивниот невидлив помошник, и доаѓајќи ноќе на местото на градбата, виделе дека тоа била познатата на сиот Петербург, „безумната“ Ксенија.
Малку – по малку, најчувствителните христијани почнале да забележуваат дека Ксенија не е некоја глупава просјачка, туку дека во неа има нешто особено. Милостињата која ѝ ја нуделе, не ја земала од секого, туку само од добри и срдечни луѓе. Секогаш, земајќи само копејка , таа веднаш ја давала на сиромаси како неа.
Откако облеката на мажот ѝ од времето се распаднала, таа почнала да се облекува и зима и лето во бедни партали, а на босите, испукани нозе од мразот, носела искинати чизми. Многумина ѝ нуделе топла облека и чевли, но блажената не се согласувала да земе ништо, и постојано се облекувала или во црвено палто и зелена сукња, или во зелено палто и црвена сукња.
Дење, Ксенија како безумна шетала по градот, а ноќе, криејќи се од очите на луѓето, излегувала надвор од градот, в поле, и таму стоела на молитва, наизменично правејќи поклони на сите четири страни на светот. Во полето, по нејзините зборови, Бижјото присуство било „повеќе забележливо“.
Наскоро, оние кои ја опкружувале почнале да обрнуваат внимание на тоа, дека во нејзините зборови и постапки се крие длабока смисла. Забележувале, дека ако Ксенија барала нешто, тоа било знак дека доаѓа некоја неволја или мака за оној, кого го прашала, и обратно, ако некому нешто давала, оној што го примал тоа, за скоро време го очекувала ненадејна радост.
Подоцна, кога блажената започнале да ја почитуваат како прозорлива, требало само да се појави на улиците и пазарите во градот, и секој што ја знаел ѝ ги нудел своите услуги. Сите со ред го молеле „Андреј Феодорович“ да земе нешто или да проба нешто од нивната роба, зашто се знаело дека, ако земе нешто Ксенија од газдата, неговата трговија станувала многу посреќна.
Мајките, гледајќи ја Ксенија, брзале кон неа со своите деца просејќи да ги благослови или смао да ги погали децата по главите, убедени дека само еден допир од блажената ќе го исцели.
Со своето големо смирение, и подвигот на духовна и телесна сиромаштија, љубов кон ближните и молитва, Ксенија го стекнала благодатниот дар на прозорливост. Со тој свој дар, на многумина им помогнала во устројувањето на животот и душевното спасение.
Познат е случајот, кога блажената Ксенија се погрижила за доброто и спасението на сеуште неродениот младенец. Дошла таа еднаш кај старата познаница Параскева Антоновна, на која ѝ го подарила својот дом, и ѝ рекла: „Ти си седиш тука, и броиш овци, а не знаеш дека Бог ти испрати син! Оди побрзо на Смоленските гробишта!“ Параскева била многу збунета од тој непријатен настан, но сепак ја послушала блажената и отишла. На самите гробишта, таа видела толпа народ, и кога се приближила, дознала дека некој возач удрил бремена жена. Таму, на земјата жената родила машко дете, а самата починала. Сите се обидувале да дознаат, која е таа жена и кои се нејзини роднини, но не успеале во тоа. Гледајќи во тоа што се случило Божја рака, Параскева го зела момчето со себе, го посиновила и го воспитала во сета строгост на христијанскиот живот. Нејзиниот син, до длабока старост ја гледал својата мајка и многу ја почитувал. Параскева пак, Му благодарела на Бога и на слугинката Божја Ксенија за наредбата да го земе детето на воспитување.
Блажена Ксенија се подвизувала во подвигот на јуродивоста околу 45 години. Може да се каже, дека таа се претставила пред Господ во самиот почеток на деветнаесеттиот век.
Светата угодничка Божја била погребена на Смоленските гробишта во Петербург, каде своевремено помагала да се изгради црквата во чест на Смоленската икона на Мајката Божја.
Од денот на смртта на блажената поминаа околу два века, и сепак, чудата кои се случуваат по молитвите на угодничката не секнуваат, и народниот спомен за неа не исчезнува.
Во 1902 година, над гробот на блажена Ксенија изградиле нова капела со мермерен иконостас и надгробна плоча. Таа секогаш била отворена за панихиди, и никаде не се служеле повеќе панихиди, отколку на гробот на блажената Ксенија.
Во денешно време, капелата е реновирана и повторно е отворена за поклонение и молитва.
По молитвите на блажената Ксенија, да им ја даде Господ Својата милост и благослов на сите кои со вера и љубов прибегнуваат кон нејзиното небесно застапништво. Амин!

Тропар на св. Ксенија, глас 7.
Откако ја возљуби осиромаштеноста Христова, од бесмртната трпеза сега се насладуваш. Со привидно безумство, го изобличи безумството на светот, со крсно смирение силата Божја си ја примила. Затоа дар на чудотворна помош стекна, блажена Ксение, моли Го Христа Бога да нè избави од секое зло, преку покајание.
Кондак, глас 3.
Денеска светло ликува градот на светиот Петар, зашто множество страдалници наоѓаат утеха, на твоите молитви надевајќи се, Ксение себлажена, зашто ти си овој град, пофалба и утврдување.

IMG_1082

IMG_1083

IMG_1085

IMG_1093

IMG_1095

IMG_1097

IMG_1103

IMG_1112

IMG_1116

YouTube Preview Image