12 септември, 1963г.
Драга Алисон!
Гледаш – јас сум неодговорен коресподент. Го започнав писмово пред две недели, што и така беше задоцнето, а потоа повторно почнав да работам (како помошник келнер во ресторан!) и премногу се изморував, за да го завршам. Те молам, прости ми за толкавото доцнење на одговорот на твоето писмо.
Мислам, дека си сосема во право за тоа, дека во западните цркви нешто недостасува; мислам дека недостасува токму верата. Веќе неколку векови луѓето сè почесто го обраќаат својот поглед кон земјата и се обидуваат да ги воплотат во живот своите фантазии за среќа на земјата и комфорен живот во светот. Во таквиот свет, дури и оние, кои сеуште веруваат во друг свет, чувствуваат дека им е сè потешко да ја сочуваат својата вера; „духот на нашето време“ толку се определува со земните грижи, што човекот што верува почнува да се сомнева во сопственото здравомислие, ако продолжи да верува во она, што „сите“ го сметаат неверојатно. Но, тоа искушение е минливо, има и нешто полошо, кое ти веќе го забележа: луѓето надворешно продолжуваат да веруваат, ги извршуваат сите христијански обреди, но суштината на верата испарила. Духот на светот е толку силен и убедлив, што дејствува на нас, иако тоа не го забележуваме. Секако, светот секогаш војувал против Христијанската вера, но денес тој е многу близок до победата во својата борба. Се сеќаваш ли на страшните зборови на нашиот Господ: „Кога ќе дојде Синот Човечки, ќе најде ли вера на земјата?“ (Лк. 18, 8). Во последните времиња, на верата ѝ претстои потполно уништување. Но сепак, навидум верата ќе биде сочувана; антихристот, како што знаеме, ќе се обиде да го пародира Христос. Можеби, „светската црква“, која денес се формира со екуменистичкото движење (чиј центар, секако ќе биде во Рим), во целост ќе ги запази повеќето обреди и догми на Христијанството, но неговата суштина, вистинската вера ќе отсуствува, и затоа ќе биде само имитација на Христијанството. Сега пишувај есеј на таа тема во врска со „новото христијанство“ на папата Јован XXIII и ќе ти испратам примерок, кога (и ако) биде објавен.
Секако, православните луѓе го имаат истиот проблем, но кај нас тој, од неколку причини е малку полесен. Кај нас Христијанството е помалку апстрактно, отколку што истото ја има тенденцијата да станува во западните цркви. Кога ние се молиме, тоа го правиме пред икони, кои се цртаат со молитва, кои се осветуваат од свештеници, и ние, немоќните луѓе, можеме да гледаме директно во ликовите на светителите и така да наоѓаме голема сила и молитвена срдечност. Светителите, во посебна смисла присуствуваат на иконите, и така, ни се блиски нам, и навистина, многу од иконите се познати како чудотворни, способни да исцелуваат и запазуваат благодарение на посебното застапништво на светителите (и особено на Пресвета Богородица). Мислам, дека имаш слушнато за „иконите што плачат“ во Њу Јорк (сега, такви се најмалку три), преку нив Богомајката нè предупредува за катастрофата која ни се заканува и нè повикува кон покајание. (Една од иконите беше тука, и јас се молев пред неа, иако не видов никакви солзи. Иконата, која плаче пообилно од другите – е проста хартиена репродукција, која набабри од обилноста на солзи). Понатаму, поголемиот дел од нашата музика – не е музика на современи „композиции“ (може да се сретне и таква, и таа е многу лоша), туку древни песнопенија, составени од светители, вдахновени од Светиот Дух, кои директно го допираат срцето. Православната црква исто така ги чува древните христијански таинства и обреди, веќе одамна заборавени од Западот (такви, како разделувањето на осветен леб, помазување со елеј сабота навечер и вечерта спроти празниците, благословување на продукти во разни времиња од годината, држење на свеќи или цвеќиња на различни празници, проштален целив на почетокот на постот, празнично христосување на Пасха и т.н.), кои носат благодат, а некои ја прават содржината на празниците пожива и пореална. И Православната Црква останува верна на своите традиционални христијански обврски, особено на практиката на строг, некогаш измачувачки пост, која денес е понеопходна од секогаш, ако сакаме да ја победиме власта и искушенијата на светот.
Но, најважното – е верата, нашата непосредна врска со другиот свет, без која сè друго нема да има никакво значење. Ние самите немаме сили да ја сочуваме, и ако не беше со нас нашиот Господ, нашата вера би пресушила, како што тоа се случи во другите цркви. Но, Господ наш пребива со нас, а особено – со Руската Црква, која Тој ја избрал во нашето време со особено предназначување. (Руските светители од XIX век пророкувале за револуцијата и за предопределеното расејување на православните христијани по сите земји, пред крајот. „Руската мисија“ има духовно значење, иако комунистите шпекулираа за неа во своите сопствени сатански цели и иако, толку православен човек како Достоевски, ја интерпретираше во премногу световна смисла. ) Верата се зацврстува во искушенијата, и Руската Црква во прогонство сега живее по молитвите на милионите новомаченици, кои за православните верници се истото, што за древната Црква биле првите маченици. Всушност, мислам дека е многу веројатно ние, современите православни, кои живееме во „мирно“ и „безбедно“ време и на „мирно“ и „безбедно“ место, многу скоро да бидеме повикани да примиме маченичка смрт за верата наша. Таа можност, секако, е реална пред лицето на антихристијанскиот дух на „помирување“, кој денеска, изгледа го исполнил целиот свет и ги успива луѓето со сказните за земното и заборавно Небо.
Колку што сфатив, најблиската црква до тебе се наоѓа во Рок-Ајленд, Илиноис. Нејзината адреса е: 1110, 10-та улица, Варшава (Варшава – веројатно приградска населба на Рок-Ајленд) – за секој случај, ако отидеш таму. Има две цркви во Чикаго: храмот со архиепископот, на адреса: 2056 Н. Кедзи-булевар и параклис на 2141 В. Пирс-авенју. Има разни други православни цркви (најмногу грчки и руски) во повеќето крупни градови од Средниот Запат (неколку од нив во Канзас и Сент-Луис), кои може да се најдат во телефонските именици, но тие немаат голема духовна сила, и со големи чекори се зближуваат со католичката црква. Во нашите цркви службите секогаш се во 6 или 7 часот (траат околу два часа) во сабота навечер и во 10 наутро во недела. Сепак, според мојата претстава, ти ретко патуваш во тие градови. Кај нас во Сан-Франциско, за среќа има многу прекрасни руски цркви; мисла, Сан Франциско сега навистина е главен центар на руската миграција. Потешко е, иако е сосема можни, да се води православен живот без помош и утеха од чести посети на црквата. На пример, сестрата на мојата баба живее во Перу и неколку години живееше без црква, само еднаш годишно примајќи Света Причест, кога доаѓаше Архиепископот од Чиле. Многу од светите пустињаци исто така ретко оделе во црква, и мислам, преподобна Марија Египетска само еднаш во животот се причестила. (Го имаш прочитано нејзиното житие? Таа е прекрасна светителка; ако го немаш нејзиното житие, ќе ти го испратам). Но, ние ни далеку не сме толку силни, и нам многу повеќе ни е потребна помош.
Повторно препрочитувајќи го твоето писмо, ги гледам овие зборови: „Твојот живот сега е исполнет, имаш многу пријатели, многу повеќе ближни, отколку јас. Јас не припаѓам на вашиот круг“. Но, тоа не е така. Навистина, јас имам неколку блиски другари, но јас имам во предвид нешто друго. Духовната дружба (а сите други видови на дружба, иако во нив има многу пријатни работи, завршуваат со смртта) не бара надворешни пројави (заеднички активности или работа, заеднички круг на пријатели, чести средби и сл.), без кои световната дружба едноставно ќе исчезне. Духовната дружба има корени во Христијанската вера, се храни со молитвата еден за друг, и срдечните откровенија и секогаш се вдахновува со заедничката надеж на Царството Божјо, во кое нема да има повеќе разделби. Бог, по Својата промисла, нè разделил на земјата, но јас се молам и се надевам, и верувам дека ќе бидеме заедно, кога ќе заврши овој краток живот. Секој ден те спомнував во моите молитви, и дури кога во текот на две години не добивав од тебе писма и мислев, дека можеби никогаш повеќе нема да дојдат, ти сепак ми беше поблиска, отколку повеќето мои пријатели, кои често ги гледам. Ах, кога би биле вистински христијани, сите луѓе би ни биле свои, и би ги љубеле дури и оние кои не мразат, но сега сè што можеме е да направиме – е да ги љубиме малкумината. И ти, секако, си една од моите „малкумина“.
Подобро да завршам на ова, зашто знам, дека ти веројатно мислиш, дека сум те отфрлил. Од тогаш, откако започнав денес со ден (а сега е ноќ) да го пишувам ова писмо, јас веќе ја изгубив работата и треба да барам друга. Мене некако ме отрезнува мислата, дека со сите мои философски и занесени претензии, јас не се справив ни со работата на скромен помошник келнер. Наскоро, ќе испратам во манастирот во Њу Јорк по книги и слични работи, и ќе добијам неколку работи за тебе. Те молам, биди подобра кон мене, отколку што јас бев кон тебе, и напиши ми побрзо. И моли се за мене грешниот.
Твој брат во Христа.
p.s. При секоја опасност или тешкотија моли се (покрај на Богомајката) на свети Никола, тој – е најголем од светителите и најбрз застапник. Исто така, за исцеление моли се на светиот исцелител Пантелејмон, маченик од IV век на вселенската Црква. Јас исто така ќе му се молам за тебе и за твојот маж.
Од Зборникот на Вјачеслав Марченко