Ќе се спасат ли добрите луѓе надвор од Црквата?

Навистина, ќе се спасат ли добрите луѓе надвор од Црквата? Ме ангажираа да одговорам брзо и уникатно на тоа прашање, бидејќи во него има еден проблем. Работата е дека, всушност, оној кој прашува, се има предвид себеси и ако Вие кажете да, тој веднаш ќе воздивне со олеснување.

Па, јас сум си сосема добар човек и најверојатно со мене сè ќе биде во ред. А да се покајам, да верувам, да си поставам ред во својот живот и да учествувам во црковниот живот не е потребно. Тоа може – без мене.
Лошото е што надежта дека ќе се спасам, зашто сум добар човек е целосна лага. Таа не треба да се дава на никого. Но да почнеме по ред.
Што мислиме кога зборуваме за спасението? Во главите на многу луѓе се поставува слика, според која во зависност од резултатите од Страшниот суд, некои ќе ги постават во еден особено добро средено одморалиште, а другите ќе ги испратат во логор со многу строг режим – засекогаш. Да се спасиш значи некако да се ослободиш од логорот и да влезеш во санаториумот.
Но вистинската слика е друга – Христос доаѓа да го спаси народот Свој од неговите гревови (Матеј 1, 21). Гревот не е нешто што Ви се заканува однадвор, тоа е она што Ве убива одвнатре. Еден познат рок-музичар, долгогодишен наркоман, кој кон крајот на својот живот се обраќа кон Бога, напишал книга за своето искуство со многу значаен наслов Спаси ме од самиот мене. Непријателите, кои нè уништуваат во времето и од вечноста, сме ние самите. Бесовите се разбира, се обидуваат да ни помогнат во тоа, но со сигурност немаше да имаат за што да се фатат, ако ние не им дававме можност. Тоа привлекува внимание кога станува збор за некој наркоман и можеби не е толку забележително во други случаи, но луѓето секогаш си се најлошите уништувачи, а Христос доаѓа да ги спаси луѓето од она во кое тие се претвориле.
Беспредметно е луѓето да бидат пуштени во одморалиште – тие ќе го претворат во пекол. На пример, во времињата на меѓунационалните конфликти луѓето ја претвориле земјата во пекол, дури и најубавата и расцветана земја, со најубави плодови и со најразбрануваното море.
Што прави Бог со такви луѓе од другата страна на смртта? А што би можело воопшто да се направи со нив? Он поставил предел, граница, која тие веќе не можат да ја преминат, го создал Големиот јаз меѓу спасените и паднатите, па адот никогаш да не може да го надвладее рајот. Неговиот гнев – тоа е Неговата љубов, кога поставил предел на неизлеченото зло.
Обично тоа е разбирливо, кога зборуваме за какви било исклучително зли и упорни во злото луѓе, кои ги отфрлиле сите обиди да бидат спасени, но ние како да не сме такви. Пуштете нè во рајот и таму ќе си направиме максимум најобична светска заедница. Но ситниот егоизам и разјадливост, кои се типични за заедниците можат да имаат само две насоки на развој – или целосно ќе бидат искоренети, како и секој грев, или целосно ќе нè совладаат. Како и субјектот заболен од рак – или третманот ќе го убие, или ракот ќе го убие човекот.
За себе самиот, прашањето: ќе се спасат ли добрите луѓе нема смисла. Ова е исто како да прашаме дали ќе оздрават здравите луѓе. Нас и тоа не ни е неопходно. Спасение од гревот, осудата и од повредата им е потребна на грешниците, виновните и повредените. На добрите луѓе тоа не е потребно. Со нив си е сè во ред. Христос не дошол кај добрите луѓе, Он дошол само кај лошите. Сосема е непотребно да умреш за гревовите на добрите, да дадеш прошка за невините и да се повикаш на благодатната помош во борбата против пороците на непорочните. Ако Вие сте еден од нив, затворете ја таа страница. Евангелието нема однос кон Вас и не може да има, тоа е за грешните. (Всушност како воопшто се покажавте на оваа страшна планета? Како хаварија со вселенски брод ли?)
Лошото е во тоа што луѓето кои се ужасно лоши и повредени, уште додека живеат, веќе се сместени во пеколот, но тие се гледаат себеси како добри. Дури и еден од најужасните масовни убијци во историјата, Пол Пот, којшто истребил најмалку една четвртина од населението на земјата, вели во едно интервју: Совеста ми е чиста … Да, сме правеле определени грешки, но тоа беше под принуда. Немавме друг избор. Бевме должни да се заштитиме од Виетнамците, кои сакаа да ја уништат Камбоџа. Брејвик, кој е од современите, исто така, не се смета себеси за лош човек. Обичните луѓе, не злодејците, можат да се измачуваат со своите очигледно лоши постапки и да се повнимателни во својот ум за својата добрина. Светите се ужаснуваат од бездната на својата грешност и се вчудовидуваат од величието на Божјата милост.
Јас не се трудам да судам за тоа дали Христос воопшто ќе спаси некого надвор од Црквата – не го знам тоа, коешто не го знам. Можам сигурно да кажам друго: ако Вие сте тој добар човек кој ќе се спаси надвор од Црквата, Вие многу сериозно грешите. Ние со Вас – и јас не помалку од Вас – имаме потреба од тоа да го признаеме својот грев и очајната потреба да се покориме на Исус Христос, да припаднеме кон Него, со надеж дека ќе влеземе во Неговата Црква. Тогаш ние, сиромашните грешници, несомнено ќе добиеме вечно спасение.

автор: Сергеј Худиев

превел: Петар М. Петковски,
студент на теологија при ПБФ „Свети Климент Охридски“ – Скопје

Извор: списание „Фома“ http://dveri.bg/component/com_content/Itemid,100789/catid,67/id,16693/view,article/