Евхаристија

„Тајната над светите тајни“ на Православната Црква е светата Евхаристија. Таа е срцевината на Црквата, нејзината основа, темел без кој не може ни да се замисли постоењето на Црквата. Евхаристијата е една од Светите тајни на Црквата. За раните христијани, поимот „Црква“ (έκκλισία) означува како што е познато собир.

И собирот е евхаристиски: На него, како негов завршеток и остварување, се врши „вечерата Господова“ т.е евхаристиското прекршување на лебот. Во посланието до Коринтјаните, свети апостол Павле ги прекорува коринтјаните кои се собрале на едно место, а не ја јадат вечерата Господова (1.Кор. 11,20).
Во богословието, кое обично се нарекува „школско“ (кое првенствено израснало од западното сфаќање на методите и природата на теологијата) воопшто не се говори за врската на собирот, Евхаристија и Црква. Тоа школско сфаќање, Евхаристија ја гледа како една од светите тајни, но не како „тајна на собирањето- собирот“.
Тајната Евхаристија со својата таинственост и недостижност ги надминува сите останати тајни, затоа што на верните им ја открива целата благодат на Спасителот. Во останатите свети тајни се дава посебен дар на благодатта според суштината на тајната, а во оваа тајна ни се нуди самиот Спасител, Господ Исус Христос, Воплотеното Слово, Втората Личност од Света Троица. Оваа тајна има разни називи: евхаристија, вечера Господова, трпеза Господова, чаша на благословот, леб Господов, тело Христово итн. (1. Кор. 11, 24 и 20, 10, 21 и 16).
Тајната Евхаристија Спасителот ја востановил на Тајната вечера: „ И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови и рече: Земете, јадете, ова е Моето тело. И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: Пијте од неа сите; зашто ова е мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за опростување на гревовите“ (Мат. 26, 26-28). Истата вечер кога бил предаден на крсни страдања и смрт, ја завршил старозаветната пасха, која била праобраз на новозаветната и ја основал новозаветната, бескрвна, вистинска, која ќе се извршува во Негов спомен до крајот на светот.
Оваа света тајна има видлива и невидлива страна.
Видливата страна на тајната Евхаристија се материјата, формулата и дејството. Материја за тајната се леб и вино. Лебот мора да биде чист пченичен и квасен, затоа што на таков леб Христос и ја востановил оваа света тајна и Црквата отсекогаш таков употребувала. Виното мора да биде црвено или црно од грозје, затоа што на такво вино и самиот Спасител ја востановил тајната (Мат. 16, 29) и затоа што тоа најдобро ја претставува Христовата крв. Виното мора да биде измешано со вода, затоа што од Христовото прободено ребро истекле крв и вода (Јован 19, 34) и затоа што самиот Спасител, според преданието, употребил вино измешано со вода, што било и обичај во Палестина.
Претворањето на даровите се случува по призивот на Светиот Дух (епиклеза), односно, молитвата кон Бог Отец да го испрати Светиот Дух. Моментот на претворање (транссупстанција) кога вршителот на Светата литургија, благословувајќи ги крстообразно лебот и виното, ги изговара зборовите: „И сотвори убо хлеб сеј… А јеже в чаши сеј… Преложив Духом твојим Свјатим“.
Невидливата страна на тајната е вистинското, а не символично претворање на лебот и виното во вистинско тело и крв Христови со силата и дејството на Светиот Дух. Навистина, ние и по претворањето гледаме леб и вино, но во суштина тоа се вистинските тело и крв на Господ Исус Христос, само во вид на леб и вино. Оваа вистина ја потврдил самиот Спасител (Јован 6, 51-54), апостолите, вселенските и помесните собори и светите отци.
Претворањето е можно затоа што Бог е семожен. Кога можел да го создаде светот „ ни од што“, може и материјата да ја измени. Ова го потврдуваат и Неговите чуда, а посебно претворањето на водата во вино. Можноста за претворање и природно се докажува со тоа што во нашето тело храната и пиењето се претвораат во крв.
Аристотел, во своето дефинирање на начинот на постоењето на природните работи, ги сведува на десет и ги нарекува категории. Тоа се следните категории: суштина, количина, квалитет, однос, место, време, положба, особина, дејство и трпение. Тајната на Божјата Евхаристија ги надминува сите овие типови и затоа со право може да се нарече чудо над чудата. А еве и докази. Таа е чудо по суштина затоа што светите дарови додека пред благословувањето беа по својата природа леб и вино, после благословувањето и осветувањето стануваат вистински тело и крв Христови. Чудо е по количина, затоа што Христовото тело е цело во осветениот леб и исто така е цело во секоја честица. Чудо е и по квалитет, затоа што ние со чулата регистрираме леб и вино, но јадеме и пиеме тело и крв Христови. Чудо е и во односот, затоа што во Божјата Евхаристија постои самиот Син, кого што во времето го родила Марија Дева, меѓутоа, најпосле, Тој не се раѓа од татко или мајка, туку се извршува во тајната, така што со преиначување, односно со претворањето на лебот и виното во Негово тело, веќе не е син во однос кон мајка или татко. Чудо е и по место затоа што самиот Исус Христос е и на Небо и на земја, исто така Тој самиот е и нашиот свет жртвеник. Чудо е и по времето, затоа што телото Христово е непропадливо и бесмртно и крвта Христова е извор на бесмртност и вечен живот. Чудо е по положба, затоа што се верува дека во Светата Литургија Исус е положен во јасли, роден, потоа на крст исправен како оној којшто страда, којшто воскреснува и се воздигнува на небо, се вознесе и седи од десната страна на Отецот, како Син и Бог. Чудо е по особина, затоа што телото и крта Господови по надворешните обележја се во вид на леб и вино. Чудо е по дејство, затоа што причестувањето со пречистите тајни ги допира чулата, но го осветува духот. И на крајот, чудо е по трпение, затоа што светиот леб се прекршува, но, како тело Христово, не се разделува. Тоа се јади како тело Христово, но не се дојадува. Оттаму Божјата Евхаристија со обзир на тоа дека ги надминува сите граници, или категории, низ кои се пројавуваат законите на природата е најголемо чудо од сите чуда. Исто така, е и највисоко, бидејќи го надминува секое сфаќање. Големината на ова чудо може да се сфати, ако земеме во обзир едно друго чудо. Имено, Спасителовото раѓање од Дева е чудо, затоа што ние не можеме да разбереме на кој начин вечниот Бог се раѓа од жена во времето, поимаме дека се раѓа, бидејќи го гледаме како совршен човек. Тој, имено, надминува многу граници или многу категории, но има и некои по кои ние го забележуваме. Во тајната на светата причест се крие не само божји род, туку и човечки. Така Божјата евхаристија е тајна над тајните, во секоја смисла таинствена, која ги надминува сите граници на природното знаење. Со оваа тајна Бог ни се покажа како Оној кој што има моќ, сеголема сила на својата Божја семоќност и како Оној кој што е мудар, со сеголема висина на Божјото седобротољубие.
Ова е тајната на Божјата Евхаристија. Покажувајќи ја нејзината големина и вредност, веднаш преминуваме на укажување на начинот со којшто треба да приоѓаме кон светата причест.
Постојат луѓе кои „постат за да се причестат“, но, тоа го прават само од други побуди, но, не од верски. Па, така најчесто застапено е постењето за слабеење т.е сфаќањето на причесната како период кога човекот може да ослабне телесно. Таквото сфаќање го имаме кај номиналните христијани, кои што, за жал, се во поголем број, кои сите празници како Велигден- Воскресение Христово, Божиќ- Рождество Христово и другите празници ги имаат како традиција, адет, како нешто што останало од старите и исто така, истоветување на верата со националната припадност- јас сум македонец, тогаш сум православен. Но, да не должиме да се вратиме на темата.
Оваа тајна е наменета за сите луѓе од сите возрасти. Значи, од доенчиња до старци. Ова било практикувано уште од почетокот на Црквата и така останало. Нормално, на бебињата се дава врз основа на верата на родителите или на кумот, додека на возрасните врз основа на нивната подготвеност да ја примат оваа света тајна. Тоа се постигнува со пост, молитва, покајание- преумување и испитување на совеста и со исповед пред свештеник. Значи, неопходно е постојано очистување од гревот и подготвување за оваа света тајна, затоа што редовното соединување со телото и крвта на нашиот Господ Исус Христос е целта на нашиот живот, овде на земјата. Св. Ап. Павле вели: „Човекот да се испита самиот себе и потао да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово“ (1. Кор. 11, 28-29).
Поради извонредноста на светата тајна Евхаристија, Црквата му придава особено, со ништо споредливо значење за за спасението на човекот. Надвор од Евхаристијата нема спасение, ниту обожение, ниту вистинска вера, нити воскреснување во вечноста: „Ако не го јадете Телото на Синот Човечки и не ја пиете Крвта Негова, не ќе имате живот во себе. Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јован 6. 53-54). Од таа причина, Светите Отци ги советувале верните никогаш да не ја одбегнуваат Евхаристијата и колку е можно почесто причестување. Преподобен Нил (IV в.) вели: „Воздржувај се од сè што е плотско и секој ден причестувај се од Божествената Вечера, зашто на тој начин Христовото тело станува наше“. Според 8-то Апостолско правило, тие што подолго време неоправдано не се причестиле, беа отфрлани од Црквата: „Верните што не пребиваат во светото општење, треба да се отфрлат (изопштат) како предизвикувачи на неред во Црквата“. Не само во ранохристијанскиот период, туку и подоцна, повеќе светии повикуваа на често причестување. Практиката на ретко причестување, само за големите празници или за време на четирите пости или еднаш годишно се појавува со постепеното ослабување на духот на евхаристиското благочестие, кои едни почнале да го одбегнуваат причестувањето поради чувството на сопствена недостојност, додека за другите, причестувањето станало формалност, „верска обврска“ што мора да се исполнува. Но, каде е овде верата? Сите овие групи на луѓе припаѓаат во таканаречените номинални христијани.
Причестувањето треба да биде на празен стомак, зашто телото треба претходно да биде очистено со пост. Според свети Генадиј, патријарх Константинополски, „тој што го кани царот во својот дом, претходно ќе си ја исчисти куќата; така и ти, доколку сакаш да Го примиш Бога во својот телесен дом, должен си претходно своето тело да го осветиш со пост“. Причестувањето на празен стомак е стара традиција што потекнува од времето кога Литургијата престана да биде продолжение на агапата (вечерата на љубовта) и стана свечена богослужба што се врши во утринските часови.
Надминувањето на онтолоската нужност и исклучителност што во себе ја носи биолошката ипостас,содржат искуство што го нуди Евхаристјата (причеста). Кога ќе се разбере во нејзиното вистинско и изворно значење, а не онака како што се случи да биде третирана дури во православието под влијание на западниот схоластицизам, евхаристијата, пред се, е собрание (σινακσις), заедница, еден сплет на односи во кои човекот „постои“ на начин различен од биолошкиот, како член на едно тело што ја надминува секоја исклучителност на биолошката или социјалната форма. Евхаристијата е единствениот историски простор на човековото постоење каде изразите „браќа“, „отец“, итн. Ја отфрлаат својата биолошка исклучителност и објавуваат однос на слободна и соборна љубов.
Кога зборуваме за Евхаристијата, ние всушност зборуваме за Црквата. А за Црквата можеме да зборуваме само ако за неа мислиме како за жива реалност, т.е. како за собрана на Вечерата Господова, на вечерата на Царството, на Евхаристијата. Според св. Јован Златоуст „Тајната на Црквата и Тајната на Евхаристијата сосема се совпаѓаат“. Во Евхаристијата светот го исполнува своето вистинско предназначување, преобразувајќи сè во неа и станувајќи Тело христово, т.е. Црква.
Единствениот начин на кој може опитно и благодатно да се спознае природата и суштината на Црквата е сопричесноста со нејзиниот живот. Тоа енов живот, живот во Светиот Дух. Тој дејствува од почетокот врз воплотената Божја икономија преку целиот живот на Христос на земјата до Вознесението и Педестница. Црквата е заедница (κοινωνία) и полнота (το πλήρομα) на и во Светиот Дух, и со тоа се сврзува и посебното дејство на Светиот Дух во икономијата на спасението (во икономијата на Црквата).
Изразот „надвор од Црквата нема спасение“ има пред сè евхаристиска смисла: solus Christianus – nullus Christianus, осамениот (самиот) христијанин не е христијанин. Кога Евхаристијата се извршува заедно со епископот, во секое евхаристиско собрание присуствува целата „католичка“ (вселенска) полнота. Без евхаристијата не би постоела Црквата. „Црквата ја прави Евхаристијата и Евхаристијата – Црквата“- вели Пергамскиот митрополит Јован Зизјулас.
Од досега кажаното може да се заклучи дека Евхаристијата која ни е дадена од Христос Спасителот, за наше спасение и осветување, е неопходна во животот на секој православен христијанин од сите времиња. Нема спасение надвор од Црквата, а спасението го имаме со соединувањето со телото и крвта на Христос.

Семинарска работа по предметот Современо Богословие на XX век

на Александар Маргулевски, студент на ПБФ „Свети Климент Охридски“