Достоинството на човечкиот живот

Ти Сам, Господи, нѐ поучи да Те величаме и Ти им даваш живот на душите наши. И како што нѐ изведе од темнината, спаси нѐ сега од вечниот оган.

По милоста Твоја, заштити ги децата на Црквата, кои се утврдиле во Тебе. Нека помош ни бидат љубовта и добрината Твои, О Господи на утрото и ноќта.
Фалете Го Едниот Себлаг, Кој поради љубовта Своја им ја откри славата на синовите човечки! Од правот земен создаде безгласно битие и му дарува душа, владетел на небесните блага.
свети Ефрем Сирин (околу 372 година)

Христос, поради Својата безгранична љубов, стана тоа што сме ние за да може да нѐ направи тоа што Он е.
Свети Иринеј (околу 202 година)

Тие што земаат средства за предизвикување насилен абортус се виновни за убиство.
Свети Климент Александриски (223 година)

Душата е здив Божји и, бидејќи е небесна, таа страда кога е измешана со тоа што е од прав. Таа е светлина заробена во пештера, но сепак божествена и неугаслива… Словото проговорило и земајќи учество во новосоздадената земја, со Своите бесмртни раце го обликувал мојот лик и му го дарувал Својот живот.
Свети Григориј Богослов (390 година)

Сите други битија Бог ги создал со збор, но само човекот го создал со Своите сопствени раце. На ист начин сега, по Негова волја, се создава плод во мајчината утроба и природата ги следи законите што Он ги поставил од самиот почеток… По Негова волја човечкото тело е создадено од земја и правот станал тело.
Блажен Теодорит (458 година)

Господ го создал човекот за да може некому да ја излие Својата љубов.
Свети Иринеј Лионски (+202)

„Царството Божјо е во вас…“ Но, под Царството на Господ Бог се подразбира милоста на Светиот Дух.
Свети Серафим Саровски (1757 – 1833)

Славата Господова е човечкото битие кое е потполно живо и животот на таквата личност се состои во созерцувањето на Бог.
Свети Иринеј Лионски (+202)

Разбери дека во себе носиш – макар и во намален облик – друга вселена; внатре во тебе постои сонце, постојат месечина и ѕвезди.
Ориген (+253)

Бог го создал човекот да биде господар на сѐ што постои на земјата, и ништо на земјата не е поголемо од човечкото битие под чија власт сѐ е потчинето.
Свети Јован Златоуст (+407)

Преземено од: http://mpc.org.mk/svetootecko-predanie.asp?id=6378