Зошто се молиме?

Зошто се молиме?

Ваше преосвештенство, која е целта на молитвата? Зошто луѓето треба да се молат?
Во молитвата ја основаме нашата врска со Создателот, со нашиот Бог и Спасител, Исус Христос.

Без молитвата, не можеме да изградиме однос со Христос. Христос секако го одржува целиот универзиум, нè одржува нас, е дел од нашиот живот, без оглед дали ние го сакаме тоа или не. Но, за да ги отвориме нашите срца кон Христос, да ги очистиме нашите срца, за Христос да може да дојде и пребива во нив, треба да изградиме однос со него, и тој однос треба да го изградиме преку молитвата. Без молитвата, ние сме препуштени на милоста на демоните. Тие ни помагаат да правиме било што, што ќе нè задржи од молитвата, зашто знаат дека молитвата е најважниот аспект, најважната терапија која што Црквата ја нуди. Тоа и е Црквата – болница, каде што болеста на душата може да биде излечена, за срцето да може да се прочисти и да функционира правилно.
Молитвата е нешто за кое сите зборуваат, сите велат дека го прават, но е најтешкото нешто за кое можеме да одвоиме време да се молиме на Христос, и да го отвориме нашето срце кон Него. А тоа е суштински важно, зашто таму се формира нашиот однос со Христос.

– Има луѓе кои се молат, и преживуваат многу непријатни работи во животот. А има и други луѓе кои не се молат, и доживуваат пријатни работи во животот. Како да знам дека молитвата ми помага?
Ние, не секогаш го чувствуваме дејството на молитвата. Знаеме дека астрономите ги виделе ѕвездите, ни кажале за нив, и им веруваме. Исто како што им веруваме на научниците. Не ги прашуваме научниците, зашто можеме да го потврдиме она што го кажуваат. Истото е и со светителите. Светителите ни велат: дека Христос секогаш ги слуша нашите молитви, и дека нема да ни го даде она што го сакаме… Ќе ни го даде она што ни треба. Но, некогаш, она што ни треба и го сакаме е истата работа. Тоа е она што светителите го достигнале. Суштински, она што ни треба, е Христос, ни треба да имаме заедница со Него.
Тоа што го сакаме, не е секогаш добро за нас. Сакаме висока плата, добро здравје, го сакаме она што е најдобро за нашите деца, сакаме мир во светот. Сите овие работи се навистина добри, но не секогаш се она што Христос го сака за секого од нас одделно. Тој може да дозволи да страдаме. Тој може да дозволи да ни се случи страдање, затоа што, можеби е добро за нас. Да се сретнеме со тоа страдање, да се разбудиме… Којзнае која е Божјата цел. Знаеме, дека Негова цел е да нè спаси, но не знаеме како Неговиот план дејствува во нашите животи. Тој ни дозволува да имаме слободна волја, и нема да ја наруши нашата слободна волја. Тој сака да дојдеме кај Него слободно, користејќи ја нашата слободна волја да Му се предадеме. И молитвата: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!“, таа молитва, Исусовата молитва, најважната, најмоќната од сите молитви, таа молитва бара милост, и ништо друго. Зашто Господ знае што сакаме.
-Некои луѓе се молат само за време на неволја, тага.. Зошто е важно секојдневно да се молиме?
Па, затоа што сме зависници. Ние сме претерано поврзани со нашите страсти. Зависни сме од задоволствата, од егоцентризмот на нашата личност, зависни сме да трчаме по првото место. Ова е она што Отците на Црквата го нарекле страсти. Страсти кои се пројавуваат преку телото, умот, чувствата. Кога не го добиваме она што го сакаме, стануваме како мали деца. Како на пример, кога ќе се најдеме во метеж, и почнуваме да викаме по сите околу нас, освен, секако по себеси. Дури некогаш викаме и по Господ.
Страстите треба да бидат излекувани, и за тоа е потребна постојана грижа, постојана молитва. Тоа не може да се случи преку ноќ. Повеќето бебиња, уште во моментот кога се раѓаат врескаат по нивното шише, по нивното млеко. Го сакаат тоа што го сакаат, и го сакаат веднаш. Некои од нас, воопшто не созреваат, не ја надминуваат таа возраст. Молитвата е како терапија. Терапија, која треба да се применува секој ден како лек. Ако добиеме страшна болест, како рак, дали воопшто би размислиле да не ја земаме терапијата секој ден? Дали би помислиле да ја пропуштиме нашата терапија? Не ја сфаќаме толку сериозно болеста на душата. Поголемиот дел од човештвото не ја сфаќа сериозно. Но, тоа е вечна грижа. Како што Христос вели во Евангелието според Матеј „Царството небесно се зема со сила, и силните го грабаат“. А тоа значи со силата на волјата.

Интервју со епископот Теопулски, Христодул.