Ликот на пријателот – Св. Нектариј Егински

Пријателството е љубов на здрава душа спрема здрава душа. Пријателството, како излив на здрава душа, е свето, чисто, честито, верно, постојано, искрено, отворено, вистинито и вечно.

Пријателството е добродетел, затоа што се основа на моралот и чистото живеење на здравата душа, затоа што се спојува и со самата добродетел и станува нејзин љубеник, ја прегрнува и со неа останува до века. Пријателството како добродетел се привлекува со слични и се потпира на сродни добродетели. Пријателството е врска помеѓу две слични души. Пријателството е страст на разумната душа, која со силна љубов ги спојува пријателите и која има порив со копнеж да го спои она што по природа е разделено. Пријателството има постојан и непроменлив морал. Пријателството е морална сладост, која ја радува душата. Пријателството секогаш трпи и страда и слуша. Аристотел рекол: „Пријателството е една душа во две тела“. Пријателството е посилно од роднинска љубов, бидејќи роднинската љубов е поради нуджност, а пријателството по произволност. Пријателството наоѓа благочестие спрема светињите на пријателот, чистота во живеењето, чесност во моралот, вера во карактерот, постојаност во одлуките, искреност во зборовите и слобода да говори што е исправно, корисно и вистинито. Пријателството е основа на благосостојбата на двајца добри луѓе на земјата, бидејќи единствено меѓу добри луѓе може да се развие вистинско пријателство. Платон вели: „Пријателството е согласност околу доброто и праведното, еднакво настроение во животот, едномислие во настроението и делувањето, љубезна согласност околу заедничкиот живот, заедница во доброто делување и страдање“.

Има три вида на пријателство: по добродетел, по взаемност и по навика, а најдобро е по добродетел, бидејќи во добродетелта љубовта е силна.

Ликот на пријателот

Пријателот е добар човек, со здрава душа, мисли исправно, ја сака добродетелта, има беспрекорен морал, верен е во љубовта, искрен на зборови, има постојана душа, искрен советник е, отворен е, вистинољубив и правдољубив. Пријателот е слика и прилика на својот пријател и до крајност чувствителен го чувствува душевното расположение на својот пријател и страда со душевното страдање на својот пријател. Уште пред пријателот да му се исповеда, тој го претекнува и ита во негова помош уште пред тој и да му побара помош и подготвено се предава и му помага ако е во опасност. Пријателите на неговиот пријател се и негови пријатели. Го брани својот пријател и се подложува на опасност заради него. Во неговото тело обитава душата на пријателот. Тој е добар советник, секогаш го зборува она што е најдобро и се труди за честа и името на својот пријател. Светињите на пријателот се и негови светињи. Вистинскиот пријател е моќна заштита и кој го нашол него, нашол ризница. Пријателот е најголема среќа. Добриот пријател е непроценлива вредност, подрагоцена од секакво богатство. На неговата убавина нема рамна. Пријателот и во несреќите и во радостите останува ист. Вистинскиот пријател ги фали вредностите што се достојни за пофалба и отворено го куди она што е за кудење.

Еврипид вели: „Вистинските пријатели немаат ништо свое, туку имотот им е заеднички“. Ништо не е подобро од вистински пријател. Неговото советување делува посилно од секој лек на страдалната душа и напатеното срце на пријателот. Неговите зборови се животен лек. Добриот пријател може да има благодатно дејство и на душата и на телото на пријателот. Добриот пријател прима на себе сè што му недостига на пријателот и го милува најмногу она што добро се прави, а оној кој греши, најмногу го исправува. Пријателот станува разум, чувство и око за пријателот. Пријателот е олицетворение на добродетелта. Никој кој мрази не е пријател. Григориј Богослов вели: „Верниот пријател е богатство со душа, затворена градина и запечатен бунар, што се отвора во вистински час и од кој се црпи, а пријатели ги нарекувам добрите и убави и оние со кои сме соединети според добродетелта.“

За неискрениот пријател

Неискрениот пријател е човек користољубив, немил, се преправа, себичен, лицемерен и носи само лик на пријателство за да го искористи тоа. Лаже кога вели дека е пријател и го сокрива лукавството преправајќи се дека е верен. Го повикува на помош пријателот, а самиот одбива да му помогне, наоѓајќи илјада изговори. Пријател е само во успесите на пријателот, а во неуспесите се одрекува од него. Се сеќава на него кога тој е во благосостојба и се распрашува за него кога е далеку, а кога е среќен му посакува среќа, кога е здрав – здравје, кога е славен – слава и богати дарови му праќа додека е богат и прави сè за да го покаже своето пријателство; а брзо го заборава ако се случи некаква несреќа, па и не прашува за него и не се сеќава на него ниту кога се соседи. Го избегнува и колне, му префрла за глупавоста во неуспехот, кога е болен го заборава и не му ни приоѓа кога е несреќен, се одвраќа од него ако е жалосен, кога е понижен го презира, кога е осиромашен се трга од него, кога е во оскудица – не му помага и кога умира – не го жали. Таков е неискрениот пријател.

За лукавиот, лош и подмукол пријател

Лукавиот пријател е некорисен и опасен човек. Тој во својата душа нема ништо здраво, во неа нема ништо свето и ништо честито, безверен е, превртлив, лукав и подмукол. Не знае за искреност, а на јазикот носи лукавство и лага. Мисли лукаво, а во срцето свое чувствува подлост. Неговите зборови се благи, а намерите превртливи. Со зборови покажува пријателство, а тајно прави сплетки против својот верен пријател. За пријателот раширува лоши приказни и светилката на лукавството ја пали со зло. Гледа во далечина и мисли на гадости, додека со устата мрмори погани нешта. Тој е извор за покор на својот пријател. Пред очите на пријателот устата му е слатка и со зборови ќе му искаже похвала, додека подоцна не ги промени приказните и своите зборови со цел многумина да соблазни.

Пријателството на злиот човек е пострашно од непријателство, бидејќи од тоа можеш да се сочуваш, а од ова – не. Лукавиот пријател е ненаситен, ниту целиот пријател да го изеде, не би се наситил. Бесрамен е, бидејќи додека прави пакости и го поткопува домот на оној кој е сигурен во неговото пријателство, не му е срам на усните да го носи чесното име на пријателството и да се претставува како пријател пред оној кого страсно го мрази. Неблагоутробен е, бидејќи утробата на лукавиот пријател не се трогнува. Она што е ’рѓата за железото, тоа е за пријателот пријателството на оној што мрази, бидејќи тоа го јаде не мртвиот, туку живиот пријател.

Извор: ВРЛИНЕ ОСЕЋАЈНОГ ДЕЛА ДУШЕ – Св. Нектарије Егински

преземено од http://maranata0.wordpress.com/2013/09/23/%D0%B7%D0%B0-%D0%BF%D1%80%D0%B8%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B5%D0%BB%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE%D1%82%D0%BE-%D1%81%D0%B2-%D0%BD%D0%B5%D0%BA%D0%B0%D1%82%D1%80%D0%B8%D1%98-%D0%B5%D0%B3%D0%B8%D0%BD%D1%81%D0%BA/#more-2645