Господ не ја кршел волјата на учениците, и ниеден духовник не смее тоа да го прави

„Господ не ја кршел волјата на учениците, и ниеден духовник не смее тоа да го прави“.
Вистинските задачи и грешки на духовништвото, изборот на свештеник, кој е способен да стане вистински учител за човекот кој пристапува во Црквата – ретко да се најде посложена тема за разговор, од оваа. Своите неедноставни прашања „Фома“ решил да му ги постави на еден од најпознатите и најавторитетни духовници од нашето време, оптинскиот старец Илија.

– Батјушка, кажете ни, зошто му е потребно духовно раководство на човекот кој доаѓа во Црква, и во што се состои тоа?

– На духовниот живот треба да се учиме, и тоа, може да се каже, дека е најважната наука во светот, без која сето наше општество е осудено на пропаст. Погледнете, до што нè доведе безбожноста, откажувањето да се живее според заповедите. Не случајно, во средината на изминатиот век, нашиот свет беше на работ на пропаст и атомска катастрофа, имено во тие години, кога на телевизија ветуваа дека наскоро „ќе го покажат и последниот поп“. И сега тероризмот, сатанската омраза, деградацијата на нашите села – сето тоа има еден корен, кој произлегува од разрушувањето на таа преемственост во духовниот опит, без кого не можеме да живееме нормално. Тоа не само што го оттурнува човекот од спасението во вечниот живот, но и го разрушува нашиот моментален социјален живот.
Задачата пак, на духовното учителство се состои имено во тоа, де се востанови и зацврсти традицијата на предание, чување и умножување на духовниот опит. За важноста на тоа служење зборува барем тоа, што во Евангелието самиот Господ Го именуваат Учител. Зашто самиот Тој ни дал пример: Спасителот одел по Палестина со учениците од крај до крај, и постапувал како и другите учители од тоа време не само во Израел, но и во Атина, и на Исток. Со тоа, Христос ни покажал, дека за духовното образование не е неопходен топол кабинет, можеме д а поучуваме и на голи карпи. Најважно е – што учиме и како.

starec ilija

Христијанството дава јасен одговор на тоа. Нашата вера, богатството на нашиот духовен живот се заработува најпрвин со дирекниот однос со Бога, то ест, молитвата, преку која човек ја зацврстува својата вера, и без која, по зборовите на Теофан Затворник, кој бил ректор на Петербургската духовна академија, теоретското знаење и образование не вредат многу. Но истовремено, тоа не го одрекува значењето на знаењето кое исто така претставува неопходен дел од духовниот живот, кој човек во никој случај не смее да го пренебрегне. Зошто денеска имаме толку многу проблеми, вклучувајќи и во духовниот живот, во барањето на духовник? Сета трагедија се состои во отсуството на православно воспитување, знаење во областа на богословието. Ако детето од мало има барем малку поим за тоа, што е духовниот живот, што е верата, би успеал да одбегне многу грешки.
Да се учиме на духовен живот значи да ги соединуваме молитвата и образованието. И секако, пред сè, треба да се знае, дека духовникот не може за пет-десет минути да му даде на човек она, што во нормалниот духовен живот тој требало да го добива со години. Зашто често, доаѓајќи во Црква, човек мисли дека веднаш ќе стане свет, добивајќи од Бога посебни духовни дарови. Но, тоа не се случува.
Молитвата, обраќањето кон Бога треба да бидат соединети со образование, здобивањео со знаења и промени во секојдневниот живот на човекот.
И имено тие промени треба да ги насочува духовникот, но самиот тој малку ќе му даде на човекот, ако тој не е подготвен да прими. Духовникот може нешто да објасни, но, како што е кажано во евангелската приказна, сејачот сее, а потоа доаѓаат врапци и гаврани, ги кловаат зрната и човекот пак останува празен. Човекот и неговиот духовник треба да соработуваат еден со друг. Само тогаш ќе може да се зборува за вистински духовен раст на човекот.

– Се смета, дека духовникот треба да го научи човекот да размислува самостојно, самостојно да расне духовно. Сепак, многу луѓе претпочитуваат едноставно целосно да му се доверат на свештеникот, и да се советуваат со него дури и за тоа, какви чевли да купат. Многумина го осудуваат таквото откажување од својата волја на мирјанинот. Тоа навистина е неправилно?

– Човекот треба да ја зачува својата волја и сам да донесува одлуки. Затоа што само човекот сам може да направи решителен избор во својата душа.
Зарем Господ не би можел да го избави Јуда од предавството? Секако дека би можел. Но, зошто тогаш не го направил тоа? Затоа што, тоа можело да се направи само со насилство. А принудувањето на човекот, за Бога, за светоста Божја е недопустливо. Принуденото добро, не може да биде добро. Бидејќи, зошто се распна Спасителот? Тој можеше цел свет да го направи идеален и без тоа, да не останат никакви пороци на земјата, и човекот од ништо да нема потреба, од никакви армии и службеници. Но, Господ можел да го направи тоа само принудно, скршувајќи ја слободната волја на луѓето. И Тој не го направил тоа, оставајќи им на луѓето можност самостојно да избираат меѓу доброто и злото.
Нашиот социјален живот му дава на човекот готови знаења, култура, готов опит, но како да се користи со тоа, човекот одлучува сам. Исто така и во духовниот живот. Господ ни дава, преку својата искупителна мисија, преку крстот, можност да ги победуваме своите слабости, да се бориме со ѓаволот. Но да ја искористиме таа можност ние можеме само по своја волја. Господ го создал за нас светот, ги создал законите по кои што живееме, ни дал вода, храна, сè што е неопходно за нас. Но, како имено да живееме во овој свет, е условено најпрвин од нашата волја, нашиот труд и знаења. И затоа е важно, животот да се гради врз запазувањето на Божјите одредби и врз слободниот човечки избор.

– А ако духовникот јавно ја крши човечката волја, не се обидува да поучува, туку да наредува?

– Тогаш тоа не е духовник. А и што има да се зборува за тоа, сè е кажано во Евангелието. Погледнете како дејствувал Спасителот. Како дејствувале апостолите. Така треба да дејствува и духовникот. А ако тој не постапува според Писмото, не ги следи евангелските заповеди, и се обидува да принуди… како тогаш може да биде духовен учител на христијанинот?
Секако, треба да се побудува човекот кон тоа да се измени, треба да се исправува и насочува, но истовремено никако не смееме да ја потиснуваме личноста.

starec ilija1

– Некои луѓе принципиелно бараат духовник во манастирите, и дури не ни погледнуваат во храмот кој се наоѓа до нивниот дом…

– И тоа не е правилно, кога човекот бара некаде зад мориња, мислејќи дека таму ќе биде подобро. Старец Силуан вели, дека ако човек му верува на духовникот, Господ преку него му отркива мудрост, независно од тоа, колку духовникот е мудар, образован, или опитен. Тука е потребна поголема доверба од оној кој проси од Господ. Ако има доверба кон Бога, благодатта Божја открива она, што му е неопходно на оној кој прашува.

– Најмногу, стремежот кон манастирите кај новообратениот човек е поврзан со тоа, што патот на монахот се смета поправилен, поспасителен, а животот на мирјанинот се претставува како еден вид „половичен“.

– Животот на монахот и мирјанинот, секако, сериозно се разликуваат. Тоа се два различни патишта, но тие подеднакво водат кон главната цел на човечкиот живот: спасение на душите и соединување со Бога.
Ако човек замине во манастир, тој потполно го посветува својот живот на спасение на душата. Неговиот живот се состои од молитва и послушание, кои треба да бидат неизоставен дел од животот на било кој монах. Е тука, улогата на духовниот раководител, степенот на потчинување кон него треба да биде значително повисоко.
Но, и животот на мирјанинот исто така е потчинет на истата цел на спасението. Разликата е само во тоа, што кај мирјанинот таа е обременета со други обврски: згрижување на семејството, воспитување на децата, и со други важни богоугодни грижи. Покрај тоа, во животот на човекот кој не се оддалечил од светот, се сретнуваат и маса други световни искушенија. Но, тоа не е само излишна опасност, но и уште една можност, затоа што, преодолевајќи ги тие искушенија, човекот придобива бесценет духовен опит.
Важно е да помниме, дека Господ знае кому, какви искушенија да му испрати. Не постои човек, кој не може да се спаси. Затоа, избирајќи го својот пат, треба да помниме, дека како патот на монахот, така и патот на мирјанинот се еднакво спасителни, и важно е изборот да го направиме осмислено, без брзање, излегувајќи од своите внатрешни приоритети. И да постапиме соодветно својата совест, според Божјата правда.

-Но, што да прави човекот, кој тукушто дошол во Црква и го бара својот духовник? Како да го направи вистинскиот избор?

– Важно е да помниме, дека нашиот свет лежи во зло, дека сите ние сме грешни после паѓањето на Адам, и тука, секој човек, секој духовник има свои гревови. Совршен идеал никогаш нема.
Навистина, има луѓе со огромно знаење и духовен опит, кај кои што може да се отиде под духовно раководство. Сепак, треба да избираме внимателно, разбирајќи, дека дури и многу добриот духовник, од некои причини може да не ви одовара лично вам. Дури многу образован и опитен духовник може да не ви одговара, од чисто некакви човечки критериуми, и ќе ви биде тешко да ги изградите своите односи. Затоа важно е да се земе во предвид сè, а меѓу другото и човечката приемчивост.
Освен тоа, би сакал и да напомнам што велел Теофан Затворни за почетокот на духовниот живот на човекот. Што е Царството Небесно? Тоа е богоопштење, чистота на душата и благодат Божја. Да се очисти од своите гревови и лично да се обрати кон Бога – е главното, за што човек доаѓа во Црквата. И ако човекот се научи на покајание, на промена на душата и молитва, тогаш тој ќе може да живее со секој духовник, сам да дејствува, самостојно да прави избор кон доброто, да се стреми кон него. Ако не се научил на тоа – ниеден духовник нема да му помогне.
Важно е, исто така, во својата доверба кон човекот, да не забораваме самостојно да го проценуваме она што се случува. Неопходно е да се споредуваат зборовите на духовникот со зборовите на Евангелието, со учењето на Отците на Црквата, со нејзините соборни решенија кои е важно да ги изучуваме и разбираме. Никаков авторитет на духовникот не може да ги прекрива.
И секако, човекот кој дошол во Црква, треба непрестајно да се моли, зашто општењето со Бога – тоа и е најглавното, кон кое што се стреми секој христијанин.

* * *
Свети Игнатиј (Брјанчанинов) (XIX в.): „Секој духовен наставник е должен душите да ги приведува кон Него (Христос), а не кон себеси… Наставникот, како великиот и смирен Крстител, нека стои од страна, нека се признава за ништо, радувајќи се на своето смалување пред учениците, кое ќе биде признак на нивното духовно преуспевање… Чувајте се од пристрасност кон наставниците. Многумина не се запазиле и паднале заедно со наставниците во мрежата на ѓаволот… Пристрасноста, од љубениот човек прави идол: од жртвите принесувани на тој идол, Бог се одвраќа со гнев… И залудно се губи животот, загинуваат добрите дела. И ти, наставнику, запази се од гревовниот почеток! Не заменувај ѝ го Бог со себе, на душата која дошла кај тебе. Следи го примерот на светиот Претеча“.

* * *
Преподобен Симеон Нов Богослов (Xв.): „Со молитви и солзи умоли го Бога да ти испрати бестрасен и свет раководител. Исто така и сам истражувај ги Божествените Писанија, особено практичните творби на Светите Отци, за споредувајќи го со нив она, што те учи учителот и претстојателот, да можеш да го видиш него, како во огледало и да го споредиш, и она што е во согласност со Божествените Писанија да го примиш во себе и да го задржуваш во мислите, а лажното и туѓото да го препознаваш и отфрлаш, за да не се опрелестиш. Зашто знај, дека во овие денови има многу опрелестувачи и лажни учители“.

* * *
Преподобен Јован Лествичник (VI в.): „Кога ние… сакаме… нашето спасение да му го довериме на друг, уште пред нашето стапнување на тој пат, ако имаме барем малку расудување и проникливост, треба да гледаме, испитуваме, и така да речеме, да го искушаме кормиларот, за да не паднеме наместо на кормилар, на обичен веслач, наместо на лекар – на болен, наместо на бестрасен човек, на заробен од страсти, наместо во пристаниште – во пештера, и така да најдеме готова погибел“.

* * *
Свети Макариј Велики (IV-V в.): „Се среќаваат души, кои станале причасници на Божествената благодат… заедно со тоа, заради недостаток на практичен опит, се наоѓаат како во детство, во многу недоволна состојба… која е потребна и се добива со вистинско подвижништво. (…) Во манастирите, за таквите старци се употребува изреката: „Свет, но неискусен“, и потребна е внимателност во советувањето со нив… за да не се доверуваме стрмоглаво и лекомислено на поуките на таквите старци“.

Схиархимандрит Илија Ноздрин
За Фома.Ru Разговарал Алексеј Соколов. 13. Ноември, 2010г.