Духовни поглавја – 2

16.
Го чекам воскресението на мртвите и животот на идниот век. Што означува овој последен член во Симболот на Верата? Не можеме да ја издржиме мислата за вечниот живот, освен ако самата вечност не навлезе во нашиот живот.

17.
Бог не ја создаде смртта. Ако Бог, како што тоа го вели Христос, е навистина Бог на Авраам и на Исаак и на Јаков, тогаш тие не се мртви. За Бог сите се живи.
18.
Униние етимолошки означува отсуство на грижа за спасение. Освен некои, безмалку ретки исклучоци, сето човештво живее во состојба на униние. Луѓето станаа небрежни за своето спасение. Не го бараат божествениот живот. Се ограничуваат во облиците на телесниот живот, во секојдневните потреби, во страстите на светот и во компромисните дела. Сепак, Бог нè создаде ни од што, според Неговиот образ и подобие. Ако ова откровение е вистинско, отсуството на грижа за спасение не е ништо друго освен смрт на личноста.
19.
Безнадежноста е загуба на свеста дека Бог сака да ни даде вечен живот. Светот живее во безнадежност. Луѓето самите себе се имаат осудено на смрт. Треба да се бориме гради в гради со унинието.
20.
Животот на светот е устроен околу неколку човечки страсти, а духовниот живот се наоѓа на периферијата. Должни сме да направиме пресврт во ваквата состојба на нештата, да го поставиме духовниот живот во срцето на нашиот живот.
21.
Мудроста на овој свет не може да го спаси светот. Собранијата, владите, многусложените организации на најразвиените современи држави на земјата се немоќни. Човештвото страда бескрајно. Единствен излез е да ја најдеме мудроста внатре во нас, решението да не живееме согласно со идеите на овој свет, туку да Го следиме Христос.
22.
Како можеме да го најдеме својот пат? Според Евангелието, Христос е нашиот пат.
23.
Важно е сознанието, свеста за тоа дека Христос е Бог. Кој Го љуби, ќе биде вечно до Него, таму каде што е Он.
24.
Каде е нашиот дух? Ако сакаме да сме со Христос, со Словото Божјо, на Кого Отецот од почетокот Му го даде сето она што постои во вечноста, треба да Го гледаме како Богочовек. Ако Го созерцаме како Бог, Он е совршен Бог. Ако Го гледаме како човек, Он е совршен Човек. Мудроста, смирението, животот, вечната светлина – сè е во Него.
25.
Секој чекор во нашиот живот е неделив од основните догми на нашата вера.
26.
Како што Христос во Гетсиманската градина и на Голгота непрестајно живееше со мислата за Отецот, и ние сме должни секој миг да живееме со мислата за Бог, но повеќе за Христос отколку за Отецот, бидејќи низ Синот доаѓаме кон Отецот. Во пракса, животот станува Христоцентричен.
27.
Единственото нешто што нè привлекува е Христос, Неговата личност. И должни сме да Го живееме Христос како мерило на секое естество, божествено и човечко. Во Христос Го имаме својот Бог Создател. Во Христос го имаме примерот, откровението на Божјиот План за човекот. Христовата љубов секогаш треба да ги исполнува нашите срца. Во Бог не живееме со интелектуално размислување; Бог ни се открива преку Своите енергии. Го живееме Христос како наш личен живот, а не како некој кого ќе го познаеме надворешно.
28.
Христос рече: Јас Сум патот. Ако е Он патот, должни сме да Го следиме не надворешно, туку внатрешно. И, да помниме дека на Голгота и во Гетсиманската градина се бореше против сите. Сам!
29.
Понекогаш, кога Христовата љубов нè допира, ја чувствуваме вечноста. Тоа не можеме да го сфатиме со разумот. Бог дејствува на Негов, својствен начин, кој е недофатлив за логиката. Во нашиот христијански живот не треба да се потпираме единствено на својот разум.
30.
Постојат надворешни показатели што ни овозможуваат да пресметаме на која оддалеченост се наоѓаме од Бог: го следиме ли словото на Евангелието; го достигнавме ли совршенството, односно љубовта за целиот свет, без да правиме разлика помеѓу непријателите и пријателите?

Старец Софрониј Сахаров