До браќата

Еднаш, некои богомолци брзале да стигнат на празник во голем манастир. Меѓу нив имало еден слеп и еден хром, кои со голем труд се движеле напред, но наеднаш сосема запреле.

На патот течела река. Мост преку неа немало, но насекаде имало големи камења, по кои што луѓето лесно преминувале на другиот брег.
Што да се прави? Хромиот, без нозе не можел да прескокнува од камен на камен, а слепиот не гледал каде да ја постави ногата. Мислеле, мислеле, и на крај решиле. Слепиот го подигнал хромиот на плеќи, заменувајќи му ги нозете, а хромиот му кажувал на слепиот каде да оди, заменувајќи му ги очите. Така тие ја преминале реката и успеале да го продолжат патот кон манастирот.
Тешко му е на човекот да ги помине злото и неправдата кон Божјиот христијански живот. Но, сè ќе успееме, ако си помагаме еден на друг, како хромиот и слепиот.