На 10.11.2025 година, на празникот на Свети Арсениј Сремец, во Соборниот храм „Свети Николај“ во Сремски Карловци, беше свечено прославена славата на Карловачката богословија, која го носи името на овој голем Божји угодник – вториот архиепископ српски.
Со Светата Архијерејска Литургија началствуваше Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение со Митрополитот Сремски г. Василиј, Епископот Осечко-пољски и Барањски г. Херувим, како и со многубројно свештенство, монаштво, ѓаконство, верен народ и ученици и професори на Богословијата, предводени од ректорот, протојереј-ставрофор Јован Милановиќ.
По Литургијата беше осветен славскиот колач. Со пригодни беседи се обратија митрополитите Василиј и Петар, кои зборуваа за духовниот живот, за значењето на Свети Арсениј Сремец во православната традиција, како и за важноста на богословските училишта за духовното воспитание и иднината на Црквата.
По богослужбата, во Богословијата беше подготвена свечена славска трпеза за сите присутни.

Историјат на Богословијата
Оваа Богословија е наследник на прочуената Карловачка богословија, која во текот на 150 години претставувала најважната установа за образование на православното свештенство во Унгарија.
Првата српска православна богословија ја основал митрополитот Стефан Стратимировиќ во 1794 година, само три години по основањето на прочуената Карловачка гимназија. Во втората половина на XIX век училиштето го достигнува својот врв под раководство на Иларион Руварац, додека меѓу позначајните професори бил Јован Живковиќ.
По укинувањето на училиштето од страна на угарските власти во 1914 година, Богословијата по Првата Светска Војна се сели во Белград, каде што подоцна прераснува во Богословски факултет. Во 1964 година повторно се возобновува во Сремски Карловци, носејќи го името на Свети Арсениј Сремец.
Зградата и нејзиното значење
Зградата на денешната Богословија, позната како Дом на Црковно-народните фондови, е подигната во 1902 година под покровителство на Патријарх Георгије Бранковиќ, по проект на архитектот Владимир Николиќ, кој оставил значаен белег во архитектурата на Сремски Карловци. Денес во овој објект се наоѓа и Архивот на Српската академија на науките и уметностите (САНУ).
Свети Арсениј Сремец – ученик на Свети Сава
Свети Арсениј Сремец бил втор архиепископ српски, најодговорен ученик и наследник на Свети Сава. Роден во Срем, се подвизувал во манастирот Жича и со благослов на својот учител во 1233 година бил поставен на архиепископскиот престол.
Тој ја подигнал црквата на Светите Апостоли во Пеќ, со што ја утврдил Пеќ како седиште на Српската Црква. Заедно со кралот Владислав се грижел за преносот на моштите на Свети Сава од Трново во Србија. Поради болест се повлекол во 1263 година, а се упокоил три години подоцна во манастирот Црнча на Лиму.
Со својот живот и дело, Свети Арсениј Сремец останува пример на верност, смирение и духовна мудрост – светилник за сите кои го следат патот на Христовата вистина.










