Mало повечерие со Акатист кон Пресвета Богородица

На 06.03.2020 г., во првиот петок од Великиот пост, Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Зоран Димовски, Атанас Лажовски, Николче Димовски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Мало повечерие со читање на првата статија од Акатистот кон Пресвета Богородица, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

По отслужувањето на првата статија од Акатистот кон Мајката Божја, Пресвета Богородица, Митрополитот г. Петар, кон верниот народ се обрати со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Чудотворна икона на Мајката Божја, Пресвета Богородица, во хрмот Рождество на Пресвета Богородица
Чудотворна икона на Мајката Божја, во хрмот Рождество на Пресвета Богородица

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Браќа и сестри, како што е познато, нашата Света Православна Црква, навечер во петоците од првите пет седмици  во Велигденскиот пост, служи посебна служба кон Мајката Божја, која се именува со „Акатист на Пресвета Богородица“.

Зборот „Акатист“, доаѓа од грчкиот збор „Аκάθισο“ што значи неседење, односно оваа служба која се служи, се служи со посебно внимание и со постојано стоење на нозе, оддавајќи и чест на Пресвета Богородица, за чудото што се случило во Цариград, кога во 627 година, Цариград бил нападнат од незнабожечки народи, од Аварите и Персијците, кои и се заканувале на оваа христијанска престолнина дека ќе ја уништат. Па така, народот немајќи никакво друго решение за да го спаси градот, единствената надеж ја полагал на Мајката Божја, Пресвета Богородица, таа преку нејзиното застапништво, преку нејзините молитви кон нејзиниот Син и наш Бог, Спасителот наш Господ Исус Христос, да испроси спасение за народот и да го заштити царскиот град Цариград, од опсадата на непријателите.

Каганот на Аварите Бајан, се заканувал и велел дека ќе го уништи градот, дека од него ќе остане само пепел, ако царот заедно со народот не се предаде и ако не се откажат од верата во распнатиот наш Спасител, Господа Исуса Христа, од нашата Света Православна Христијанска Вера.

Ете, наоѓајќи се во ваква тешка состојба, народот и се обратил на Мајката Божја, Пресвета Богородица, откако претходно го замолиле патријархот Сергиј, да организира литија или здружено одење по улиците и Светите места низ градот, откако претходно биле земени реликвиите на Пресвета Богородица, односно нејзината риза и нејзиниот појас, кои биле ставени во еден ковчег во црквата Влахерна, кој била посветена на Пресвета Богородица.

Со таа Литија што ја направиле, кога дошле кај морето, тогаш патријархот со краиштата од ризата и од појасот на Пресвета Богородица, бркнал во морето и наеднаш во морето настанала силна бура од која сите бродови на непријателите потонале, а оние што успеале да се спасат, тргнале во бегство, па така, градот и народот се спасил, преку заштитата на Мајката Божја, Пресвета Богородица. Потоа народот заедно со свештенослужителите, патријархот, царот и со сите власти, ја наполниле црквата „Пресвета Богородица“ именувана Влахерна и се молеле на Мајката Божја, Пресвета Богородица и испеале дваесет и пет песни, кои се основата на песните од Акатистот што ги пееме на Акатистите, во првите четири петоци, а во петтиот петок, сите песни ги преповторуваме и ги пееме, зашто основата од тие песни што биле испеани во црквата „Пресвета Богородица“ именувана Влахерна, била земена, за потоа првиот ѓакон на Вселенската Патријаршија, Георгиј Писидиски, да го оформи и да го уреди Светиот Акатист, што ние денеска го служиме, а кој е посветен на Пресвета Богородица.

Во песните и молитвите, ние слушнавме како се обраќаме до ангелот предстојател, кој и соопштил на Пресвета Богородица за радосната вест, за раѓањето на Спасителот наш Господа Исуса Христа од Пресвета Богородица.

Токму во овие денови на Велигденскиот Пост, кога и ние сме нападнати и опсадени од сатаната со неговите ангели (демоните), слично како што и Цариград бил опсаден од непријателите, односно од Персијанците и Аварите, (ние) немаме друга помошничка, заштитничка и војвотка, освен Мајката Божја, Пресвета Богородица, како најблиска до нејзиниот Син и наш Бог, Спасителот наш Господ Исус Христос, зашто е кажано дека молитвите на Мајката Божја, пред Престолот на нејзиниот Син, можат многу да помогнат.

Па ете, токму затоа и ние се обраќаме кон Мајката Божја, во овие денови на постот, за да се заштитиме од соблазните на овој свет, односно од грешните мисли, што ни ги упатува сатаната со неговите ангели (демоните), од грешните чувства, похоти и страсти, кои како бура ги напаѓаат нашите тела, од желбите за телесни уживања, јадења, прејадувања, опивања и од сè што е соблазнително, односно од она што го гледаме со очите околу нас и на телевизиите и насекаде во светот, од искушенијата што ги имаме во семејствата, поради тоа што некој од семејството ни се оддал на некој порок, на пијанство, на блуд или на било што и да е лошо, а денеска младите, толку многу ги обзела дрогата, што на ништо друго и не мислат, освен на тие телесни задоволства и зависности, кои се дело на сатаната.

Токму затоа, во овие тешки денови на искушенија, во кои ние се наоѓаме, друго решение немаме, освен со молитва да и се обраќаме на Мајката Божја, Пресвета Богородица.

Денес децата уште од најмали нозе се изложени на искушенија, на она што го слушаат и го гледаат на телевизиите, а оние поголемите се веќе зависници и робови на телефоните и на социјалните мрежи, каде што можат да гледаат и да слушаат сè и сешто. Нам ни се соопштуваат повеќе лаги, како тие да се нешто најдобро и најкорисно во денешно време. Лагата стана вистина, а вистината почна да се смета за нешто што е недостојно. Сè е испревртено до таму, браќа и сестри, слично како во времето на потопот, кога Ное укажувал за гревовната состојба на светот дека ќе дојде потопот, но никој не му верувал на тоа, но кога дошол потопот, било доцна. Може да се рече дека денешната состојба е слична со гревовната состојба на градовите Содома и Гомора, кога Лот го молел Господа, ако е можно да не ги уништува овие два града, зашто народот се оддал на најголемите гревовни состојби, на неморал, на блуд, односно на неприроден блуд, како што денеска дури и закони за тоа се носат дека можело да се земаат, маж со маж и жена со жена, па и деца да посвојуваат и.т.н.

Ете, денешната состојба е слична на онаа на Содомјаните, кога  Лот го молел Господа да не ги уништува градовите Содом и Гомор, ако во нив има сто праведници. Господ му рекол на Лот: „Не ако има педесет, нема да ги уништам“, а потоа работата дошла дури и до десет, но кога и десет немало, тогаш следувала казната.

Денеска од Содома и Гомора го имаме Мртвото море, во кое ништо не живее, како доказ за гревовната состојба на тие два града, браќа и сестри.

Па ете, да извлечеме поука или наравоучение од гревовните состојби, од не молењето на Бога, од не обраќањето на луѓето на правиот и вистинскиот пат, од непокајувањето за нашите гревови, од неисповедувањето кај нашите свештеници, од нашето непоправање, од неоткажувањето од нашите лаги, кои постојано ги кажуваме и сметаме дека тоа не е ништо, од клеветењето на нашите блиски, па и на секој човек, од измамите, од разбојништвата и од сè што се случува денес.

Што значи, светот лежи во зло, браќа и сестри, а спасение ни нема, освен да се обратиме кон Мајката Божја, Пресвета Богородица, по нејзините молитви Господ да нè запази од секакво зло и од секакво искушение. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар