Света преподобна Параскева (Петка) – Света Архиерејска Литургија во Битола

На 27.10.2025 г., кога го празнувавме споменот на преподобната Параскева (Петка), Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Златко Костовски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Петка“, во Битола.

На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Бидете будни и внимавајте, зашто не знаете кога ќе дојде Господарот“!

Овие зборови од денешното Свето литургиско Евангелие, во кое се зборува за петте мудри и петте неразумни девојки, се однесуваат токму на денешната светителка — преподобната мајка наша Параскева, Света Петка.

Таа се родила во првата половина, односно во средината на XI век. Била подвижничка и постничка во Ерусалимската пустина. Родена од благочестиви и богати родители, имала брат по име Евтимиј, кој подоцна станал епископ. По смртта на своите родители, копнејќи по пустински и богоугоден живот, заминала најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што го поминала целиот свој живот во пост, молитва и смирение.

Две години пред крајот на нејзиниот живот, слушнала глас од небесен ангел кој ѝ соопштил дека треба да се врати во својот роден крај, за таму да го заврши својот земен пат. Така и постапила — се вратила во својата татковина и по две години го предала својот дух во рацете на Бога.

А земјата го прими она што е од земја создадено — нејзиното тело, но тоа не беше обично тело, туку свето и благодатно. Како што вели светиот апостол Павле: „Не знаете ли дека телата ваши се храмови на Светиот Дух?“

Нашите тела не се создадени за нечистите духови, туку за Светиот Дух — за благодатта Божја. Таа благодат обилно се вселила во нејзиното свето тело и го осветила. Нејзините свети мошти, нејзиното нетлено тело, се потврда дека во неа живеел Светиот Дух — Духот на Божјата благодат.

Да се навратиме на евангелската парабола за петте мудри и петте неразумни девојки. И едните и другите го сочувале своето телесно девство — живееле честито и достојно, не дозволиле телото да им биде осквернето. Но мудрите девојки, покрај тоа што телесно се сочувале, не дозволиле и духовно да се осквернат.

Тие не дозволиле во нивните умови да влегуваат грешни мисли. Зашто кога човек ќе прифати една грешна мисла и почне да се занимава со неа, веќе прави духовен грев. Овие мудри девојки не примале такви мисли во умот, ниту ги складирале во срцето свое.

За разлика од нив, неразумните девојки, иако имале телесна чистота, немале духовна чистота. Затоа во нив не можел да се всели Светиот Дух, ниту да станат храм на светата благодат и божествените енергии кои излегуваат од несоздадената Божја светлина!

Мудрите девојки ги подготвиле своите светилници, секогаш држејќи ги запалени со светлината на верата и љубовта. Тие постојано бделе над своите умови; нивната совест секогаш била будна и чиста. Никогаш не дозволиле грешна мисла да се вгнезди во нивниот ум.

Зашто, кога една грешна мисла ќе се прими, таа со тек на време станува помисла, а од помислата се создава фантазија, која слегува во срцето и таму се претвора во желба. Таа желба потоа раѓа грешни чувства, похоти и страсти, кои човекот го наведуваат кон грешни дела.

Затоа, браќа и сестри, во денешното свето Евангелие се вели дека „на полноќ дојде Женикот“ — Господарот. А кој е тој Господар? Тоа е Христос, Спасителот наш, Кој ќе дојде да им суди на живите и на мртвите.

И тогаш секој од нас ќе биде суден не според тоа што сме сакале да направиме, туку според тоа што навистина сме направиле во животот свој.

Кога човекот ќе го напушти овој свет и ќе премине во оној — кога душата ќе се оддели од телото — тогаш настапува смртта. Но за праведните таа смрт е само премин кон вечниот живот во Бога, а за оние што не се очистиле, станува вечна оддалеченост од Него.

Но тоа, браќа и сестри, не значи дека човекот целосно умира, бидејќи човекот е создаден како дихотомично суштество — составен од две природи: од тело и од душа.

Душата е таа што живее во телото, што го проникнува секој негов дел, секоја пора, и му дава живот и сила за да функционира. Кога душата ќе се одвои од телото, тогаш телото станува безживотно и се враќа во земјата од која е создадено.

А душата оди пред Бога за да даде одговор за сè што направила во животот. По нашата смрт, човекот добива времен суд и привремено свое обитување — до Второто Христово Доаѓање.

Ако сме живееле добро, правеле добри дела, и живееле во согласност со учењето на нашата Света Црква, со Светото Писмо, со Светото Предание и со учењето на Светите Отци и Светите Канони — тогаш влегуваме во времениот, несконечниот и вечниот рај.

А оние што тоа не го направиле, особено оние што умреле без вера во вечниот живот, без вера во воскресението на мртвите, како што исповедаме во Символот на Верата — „Го чекам воскресение на мртвите и живот во идниот век“ — тие не можат да се населат во Царството Небесно.

Затоа, да бидеме будни и да внимаваме на сè што правиме: дали примаме грешни мисли во нашите умови, дали се занимаваме со помисли и фантазии, дали тие мисли се спуштаат во срцето и стануваат грешни желби, чувства, похоти и страсти, кои потоа раѓаат грешни дела.

Браќа и сестри, во денешното свето Евангелие се вели: „На полноќ пристигна Господарот“.

Тогаш лудите девојки, гледајќи ги мудрите како ги запалиле своите светилници и се грижат постојано да не дозволат во нивните умови да влегуваат грешни мисли, кои се претвораат во помисли и фантазии, и да не допуштаат во срцата нивни да се раѓаат грешни желби, чувства, похоти и страсти — разбраа дека токму со таква духовна будност човекот го чува присуството на Светиот Дух во себе.

Мудрите девојки, со чистотата на срцето и умот, го сочувале огнот на верата, дозволувајќи Светиот Дух изобилно да се всели во нивните души и тела, правејќи ги нивните тела вистински храмови на Светиот Дух.

А лудите девојки, кои се грижеле само за телесното девство, но не и за духовното, во последниот момент рекле: „Дајте ни и нам од вашето масло, од вашата светлина, од Божјиот Дух, од благодатта Божја, за да ги запалиме нашите светилници, зашто еве — доаѓа Господарот!“

Но мудрите им рекле: „Не, да не се случи и вам и нам да не ни биде доволно; одете кај трговците и купете си.“

И додека тие отишле да купат, пристигнал Господарот, и мудрите пет девојки влегле во свадбената одаја — што значи, во Царството Небесно. Кога пак дошле неразумните, вратата веќе била затворена. Тие тропале и викале: „Господи, Господи, отвори ни!“ Но Господарот им рекол: „Навистина ви велам — не ве познавам.“

И така, браќа и сестри, тие останале надвор, не влегле во Царството Небесно.

Затоа, и ние што доаѓаме во Црквата Божја, што присуствуваме на Божествените литургии, треба да се запрашаме:
Дали навистина се каеме за нашите гревови?
Дали одиме кај нашиот духовник, кај парохискиот свештеник, и искрено се исповедаме?
Дали ги слушаме и прифаќаме неговите совети, трудeјќи се да се поправиме и да живееме вистински духовен живот?
Дали се подготвуваме достојно за Светата Тајна — за причестувањето со Телото и Крвта Христови, без кои нема живот вечен?

Ако го правиме сето тоа, тогаш и ние се подготвуваме како мудрите девојки, по примерот на денешната славеничка — Светата преподобна мајка Параскева, која уште од својата младост го оставила светот и се повлекла во пустината, каде што целиот свој живот го поминала во пост, молитва и непрестајни солзи за своите и за гревовите на целиот свет. Ете, такви треба да бидеме!

Имаме пример, браќа и сестри, во денешната славеничка — преподобната мајка наша Параскева – Света Петка.

Ниту еден од нас не може да каже: „Јас тоа не можам да го направам.“
Зашто колкумина големи грешници, кои паднале во најтешки, па дури и смртни гревови, по своето обраќање кон Христа, се преобразиле и станале светители.

Пример за тоа е Светиот апостол Павле. Тој, пред да стане христијанин, ги гонил христијаните и бил присутен при убиството со каменување на Светиот архиѓакон Стефан. Со ревност тргнал кон Дамас за да ги убива следбениците Христови, но на патот го осветлила силна небесна светлина и го соборила од коњот.

Во таа светлина тој Го видел и Го препознал Христа, нашиот Бог и Спасител, за Кого во Символот на Верата исповедаме дека е „Светлина од Светлина, Бог вистински од Бога вистински.“

Тогаш Павле прашал: „Кој си Ти, Господи?“ — а Христос му одговорил: „Јас сум Исус Христос, Кого ти Го гониш.“
Со тоа Господ му покажал дека гонејќи ги христијаните, всушност Го гонил Самиот Христос.

Господ го ослепил и му заповедал да оди во Дамаск, на улицата Права, кај првосвештеникот Ананија, каде што апостолот се исповедал и бил крстен. Потоа, по тригодишно подвизување во Арапската пустина, станал апостол Христов и ревносен проповедник на Евангелието.

Самиот тој ќе рече: „Повеќе од сите апостоли се потрудив, но не јас, туку благодатта Божја што е во мене.“

И токму таа благодат Божја — која пребиваше во апостол Павле, во сите праведници и подвижници, — пребивала и во нашата денешна славеничка, Света Петка.

Благодатта Божја што ја исполнила ја направила светилник на светлината Христова, и нејзиното тело станало вистински храм на Светиот Дух.
Затоа таа и сите што ја примиле благодатта Божја изобилно, со живот по верата, станале светители и угодници Божји. Амин!